Правни механизми за заштита од дискриминација
декември 26, 2016
Хелсиншкиот комитет за човекови права го спроведува проектот „Поддршка од граѓанското општество кон политиките за социјална кохезија и различностите”, кој е поддржан од страна на Британската амбасада во Скопје. Целта на овој проект е да се подобрат политиките и практиките за социјалната кохезија и да се подобри пристапот до правда, социјална заштита, здравство, образование и квалитетот на живот за ранливите групи преку стратешко застапување во случаи на дискриминација. Преку овој проект сакаме да им дадеме глас на невидливите во нашето општество, маргинализираните и социјално исклучените групи и заедници.Пристапот до правда, особено во случаи на дискримианција е скоро невозможен за ранливите групи во нашето општество кои често се наоѓаат и во социјален ризик. Поради ова, сакаме да им дадеме поддршка на граѓаните кои од различни причини се оневозможени да ги остварат или заштитат своите права.
Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, Комисијата за заштита од дискриминација е самостоен и независен орган кој постапува по претставки за дискриминација и дава мислења и препораки за конкретните случаи на дискриминација. Секое лице кое смета дека претрпело дискриминација може да поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација во рок од три месеци од денот кога била сторена дискриминацијата или најдоцна една година од дознавањето за актот на дискриминација, без обврска за плаќање такса или друг надоместок. Претставката може да се поднесе писмено, усмено на записник и електронски. Образецот за електронско поднесување на претставката може да го најдете тука.
Согласно Законот за Народен правобранител, Народниот правобранител постапува во случаи на дискриминација кога истата е извршена од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања. Претставката за покренување на постапка се поднесува писмено, усно на записникили електронски. Подносителот на претставката е ослободен од плаќање такси за постапката пред Народниот правобранител. Образецот за електронско поднесување на претставката може да го најдете тука.
Доколку ви е потребна бесплатна правна помош за иницирање на постапки за заштита од дискриминација пополнете го барањето за бесплатна правна помош и испратете го на helkom@mhc.org.mkили контактирајте не на 02/3119-073 или 078/252-812.
За дополнителни информации посетете ја нашата веб страна.