СЕЕМ: Два портали го прекршија новинарскиот кодекс со написите за советничката во Министерството за финансии

октомври 17, 2019

Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите, на седницата одржана на  7 октомври 2019 година, одлучуваше околу преставките на Хелсиншкиот комитет за човекови права за вознемирување врз основа на пол и род во медиумски написи.  Во две од трите жалби утврдено е прекршување на членот 10 од Кодексот на новинарите на Македонија: ,,Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…)”.

Во одлуките на СЕЕМ  е наведено:

-Интернет- порталот Вистина.мк, со текстот насловен ,,Ана Марија има што да сподели со јавноста: Запознајте ја секси советничката на новата министерка за финансии (фото)’’ го прекрши Кодексот на новинарите на Македонија во членот 10. Комисијата заклучи дека се работи за информација која произлегува од јавниот интерес, но дека веста е обработена неетички и непрофесионално. Текстот е без автор, со сензационалистички наслов, а содржината е тенденциозна и со сериозни елементи на стереотипизација и дискриминација по полова основа. Mедиумот не одговорил на наводите и покрај барањето од СЕЕМ да се изјасни.

-Интернет порталот Лидер, со текст под наслов ,,Експлицитни фотографии: Ова е новата советничка на Нина Групер’’, исто така го прекрши членот 10 од Кодексот. На барањето за изјаснување упатено до Лидер, медиумот одговорил дека не ја прифаќа жалбата или евентуалната осуда и упатил лични квалификации на сметка на Хелсиншкиот комитет и Советот за етика.

-Во однос, пак, на текстот на порталот Експрес, насловен со ,,Министерството за финансии го доби најлибералниот кабинет во историјата (фото)’’, Комисијата на СЕЕМ ја отфрли жалбата на Хелсиншкиот комитет како неоснована, односно утврдила дека во овој случај нема прекршување на Кодексот.