Поделената медиумска јавност: Јазикот како граница на разделба на јавната дебата
ноември 2, 2026

Северна Македонија повеќе од три децении се обидува да изгради демократско и мултиетничко општество во кое различните заедници не само што живеат заедно, туку и комуницираат, се разбираат и учествуваат во заеднички јавни дебати. Но, како функционира овој важен аспект денес?
Преку институциите ја гледаме дебатата која е речиси целосно политичка, или поточно партиска. Политичките договори се или фалени или критикувани, а реакциите на нив остануваат речиси исклучиво етнички или емотивни. На социјалните мрежи често се оди до крајности, каде што се користат и најтешките форми на говор на омраза.
Вистинската дебата изостанува. Или воопшто не се гледа, или не успева да исплива над бучавата која е вулгарна и агресивна. Потоа сите се враќаат во своите сигурни средини, а реакциите продолжуваат во истиот правец, така што дебатата сè повеќе се дели и етнички и јазично.
Во Северна Македонија постојат два релативно одвоени медиумски простора – еден на македонски и еден на албански јазик. Иако формално функционираат во иста држава, тие честопати обработуваат различни теми, создаваат различни агенди и формираат различни перцепции за истите политички и општествени процеси. Последицата е што граѓаните кои живеат во иста држава имаат различно разбирање за реалноста околу себе, а веќе речиси и да нема обиди да се разбере другиот.
Оваа поделба не е само лична перцепција. Таа е забележана и во истражувањата на медиумскиот простор. Анализата „Sell Out, Tune Out, Get Out, or Freak Out?“, подготвена од Democratization Policy Council и Центарот за европски стратегии – Eurothink, во посебното поглавје „Media and Social Media in North Macedonia“, од авторките Магдалена Лембовска и Ајше Мехмети, укажува дека македонскојазичната и албанскојазичната публика се движат во два значително различни информативни екосистеми.
Во извештајот се наведува дека македонскиот и албанскиот јазик создаваат два одделни информативни простора. Разликата е толку изразена што истражувачкиот тим морал да ангажира двајца истражувачи, секој задолжен за следење на еден од јазичните простори. И мониторингот на медиумите бил организиран како следење на две фактички одделни информативни сфери. Авторките посочуваат и дека значаен дел од етничките Албанци следат медиуми и содржини на социјалните мрежи од Албанија и Косово.
Во извештајот оваа состојба е опишана со констатацијата дека македонскиот и албанскиот јазик „foster two distinct information ecosystems“, односно создаваат два одделни информативни екосистеми. Иако истражувањето се однесува на медиумскиот простор во 2020 година и е претежно квалитативно, неговиот наод е важен: поделбата на информативната реалност е препознаена и документирана, а не е само впечаток на оние што ја следат јавната дебата.
Слична, уште подиректна констатација содржи и истражувањето „Mapping Digital Media: Macedonia“, објавено во 2012 година во рамки на проектот на Open Society Foundations. Во него се наведува дека етничките Македонци и етничките Албанци се поделени според јазикот, создавајќи две медиумски публики со мало меѓусебно преклопување.
Особено е значаен наодот дека „While most Albanians are able to follow Macedonian-language media (if they wish to do so), the opposite is not true.“ Односно, според ова истражување, повеќето Албанци можат да ги следат медиумите на македонски јазик, доколку сакаат, додека обратното не важи во иста мера. Извештајот забележува и дека албанските медиуми посветуваат значително внимание на случувањата во Косово и Албанија, а дел од албанската публика се информира и преку медиуми од овие две земји.
Иако станува збор за истражување од 2012 година, тоа е важна историска поткрепа за асиметријата во јазичното следење на медиумите. Воедно, треба да се има предвид дека ниту ова истражување, ниту поновите анализи не даваат доволно актуелни и прецизни бројки за тоа колкав дел од едната публика редовно ги следи медиумите на другиот јазик.
Најновото национално истражување на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) за мислењата и ставовите на јавноста во врска со медиумите е спроведено од 27 декември 2025 до 25 јануари 2026 година. Опфаќа 1.200 испитаници на возраст од 14 години нагоре, а примерокот е структуриран според етничка припадност, возраст, пол, регион и тип на населено место. Во него 63,3 проценти од испитаниците се Македонци, а 26,1 процент се Албанци.
Истражувањето дава и податоци за следењето дебатни и политички емисии. Меѓу испитаниците кои ја следат оваа програмска категорија, најчесто се наведуваат Канал 5, со 54,6 проценти, Алфа и Телма со по 26,2 проценти, 24 Вести со 21,8 проценти и Алсат-М со 17,9 проценти. Во листата се појавуваат и ТВ21, МРТ 1, МРТ 2 и Top Channel.
Овие податоци покажуваат дека во медиумските навики на граѓаните се присутни телевизии од различни јазични медиумски простори. Но, бидејќи објавените резултати не даваат доволно јасна споредба по етничка припадност, од нив не може да се заклучи колкав дел од македонската публика следи албански медиуми и обратно. Токму ова е една од празнините во истражувањето на медиумската публика во земјата.
Проблемот е и во тоа што немаме доволно податоци за познавањето на јазикот на другата заедница. Пописот од 2021 година не го мери директно познавањето на втор јазик, туку, меѓу другото, јазикот што вообичаено се зборува во домаќинството и мајчиниот јазик. Според податоците на Државниот завод за статистика, албанскиот јазик вообичаено се зборува во домаќинствата на 444.026 жители, а македонскиот во домаќинствата на 1.145.327 жители. Овие бројки, сепак, не ни кажуваат колку Македонци го разбираат или го зборуваат албанскиот јазик, ниту колку Албанци го познаваат македонскиот.
Затоа, иако постои широко прифатено мислење дека значителен дел од албанската публика може да ги следи медиумите на македонски јазик, а обратната практика е помалку застапена, за оваа асиметрија сè уште недостигаат понови и репрезентативни статистички податоци. Но, токму истражувањата на Eurothink и Open Society Foundations укажуваат дека станува збор за реална разлика во начинот на кој функционираат двата информативни простора.
Перцепциите, па дури и потребите на другиот, не можат да се отфрлат без да се разбере причинско-последичната врска. Зошто е стигнато до одреден став, реакција или перцепција? Овие базични прашања речиси и не постојат кога станува збор за другиот.
Секако, оваа поделба не е нова. Таа постоеше и во минатото, но во последните години станува сè поизразена. Причините се повеќеслојни. Од една страна, медиумите се ориентирани кон сопствената публика и логично ги следат интересите на заедницата на која ѝ се обраќаат.
И тие малку мејнстрим медиуми кои некогаш градеа мостови меѓу заедниците, денес сè помалку го прават тоа, делумно поради финансиски тешкотии, а делумно поради промена на нивните вредности и приоритети.
ТВ Алсат, приватна национална телевизија на албански јазик, уште од почетокот на своето постоење емитуваше вести и на македонски јазик. Сепак, пред две години оваа практика беше прекината. Со тоа исчезна и една од ретките можности македонската публика директно да се информира за темите што се важни за албанската јавност, како и за дебатите што се водат во неа.
Од друга страна, со развојот на дигиталните медиуми и социјалните мрежи, публиката сè повеќе се затвора во сопствени информативни меури, следејќи содржини што го потврдуваат нејзиниот постоечки поглед на светот.
Меѓу себе комуницираат најагресивните „војници“ на социјалните мрежи, а дебатата речиси секогаш е реакција на реакција, на реакцијата на реакцијата, наместо разговор за суштината.
Во ваков контекст, јазикот станува не само средство за комуникација, туку и граница што ги разделува граѓаните. Особено е интересен фактот дека голем дел од албанската публика во Северна Македонија го разбира македонскиот јазик и редовно консумира содржини произведени на македонски јазик. Причините за тоа се историски и практични. Македонскиот јазик долго време беше доминантен во институциите, образованието, јавниот живот и медиумите. Поради тоа, многу Албанци имаат способност да ги следат дебатите што се водат на македонски јазик, како што потврдуваат и наведените студии.
Ситуацијата е посложена кога станува збор за македонската публика и нејзиното следење на медиумите на албански јазик. Истражувањето на Open Society Foundations од 2012 година укажува дека оваа размена не е симетрична, но денес немаме доволно податоци за точно да утврдиме колкав дел од македонските граѓани го разбираат албанскиот јазик или редовно следат медиуми на албански. Сепак, фактот дека постојат два одделни информативни екосистеми значи дека голем дел од содржините и дебатите што се одвиваат во едниот простор не стигнуваат до другиот.
Како резултат на тоа, голем дел од јавната дебата што се одвива во албанскиот медиумски простор може да остане невидлива за македонската јавност. Темите што се дискутираат, критиките што се упатуваат кон политичарите, ставовите на аналитичарите и реакциите на граѓаните ретко стигнуваат до македонските медиуми во нивната оригинална форма.
Она што македонската публика најчесто го консумира се политички ставови врз кои се надоврзуваат реакции и остри препукувања, а не суштински разговор.
Најчесто, информациите за случувањата во албанскиот политички и општествен простор до македонската публика доаѓаат посредно. Наместо преку директно следење на дебатата, тие се пренесуваат преку делумни изјави на политичари, партиски реакции или селективни медиумски извештаи. На тој начин, комплексните дискусии се сведуваат на неколку политички пораки и етнички препукувања, а јавноста останува без поширок контекст.
Да го земеме како пример прашањето за јазикот. Зошто за Албанците употребата на албанскиот јазик претставува важно политичко прашање?
Мал број помлади Македонци знаат дека реакциите околу ова барање произлегуваат од фактот што одредени права постоеле, а потоа биле укинати.
Јас сум од генерацијата на која, без никакво предупредување, ѝ беше забранета наставата на албански јазик во средното образование. Значи, право кое постоело беше укинато. Тоа се случи на крајот од деведесеттите години. Затоа, голем дел од првичните реакции за етничките барања имаат историски контекст и се поврзани со враќање на права што некогаш постоеле.
Албанците имаат свидетелства издадени од институциите на оваа држава само на албански јазик, потоа на албански и македонски, а во одреден период само на македонски.
Со овој текст не ми е цел да поттикнам дебата за јазикот, туку да дадам пример за тоа колку е важен контекстот при разбирањето на барањата, реакциите и ставовите поврзани со употребата на албанскиот јазик.
Или, поточно кажано, како Македонец може да се биде и за и против одредени политики поврзани со употребата на албанскиот јазик, но не смее ставовите да се градат без да се познава контекстот.
Често дебатите, ако воопшто може така да се наречат, во дигиталниот свет се водат врз основа на реакции, а не врз основа на суштината или контекстот.
Ова создава сериозен проблем во разбирањето на политичките процеси. Македонската публика често добива впечаток дека ставовите на Албанците се насочени против неа, а притоа не ги гледа реакциите што постојат кон самите албански политичари. Така се создава илузија дека ставовите на албанските политички партии се идентични со ставовите на албанската јавност.
Но, како и во секое демократско општество, постои голема разлика помеѓу политичките елити и граѓаните. Во албанските медиуми редовно се водат жестоки дебати за корупцијата, владеењето на правото, образованието, локалната самоуправа, економскиот развој и одговорноста на политичарите. Овие критики често се многу поостри отколку што се претставуваат во македонските медиуми.
Кога македонската публика нема пристап до овие дебати, се создава искривена слика за приоритетите и размислувањата на албанската заедница. Наместо реално разбирање, се развиваат претпоставки. Наместо аргументи, се создаваат стереотипи. Наместо комуникација, се продлабочува недовербата.
Особено проблематично е тоа што многу прашања што ги засегаат Албанците не успеваат да станат дел од пошироката државна дебата. Теми поврзани со образованието на албански јазик, локалниот економски развој во општините со мнозинско албанско население, застапеноста во институциите или културните политики често остануваат ограничени на албанскиот медиумски простор. Од перспектива на македонската публика, овие теми речиси и да не постојат.
Но, оваа слика не е здрава за самата држава. Не би требало важните општествени чинители да не знаат кои се дебатите на еден значаен дел од општеството. Одбивањето да се разбере реалноста им оди во прилог само на политичките партии кои сакаат да имаат ексклузивитет врз одредени прашања и да се претставуваат како единствени кои можат да ги решат.
Истовремено, во албанските медиуми внимателно се следат политичките процеси што доминираат во македонската јавност. Албанската публика знае што се дискутира на македонските телевизии, кои се главните политички конфликти и кои се ставовите на македонските политички лидери. Ова создава асиметрична ситуација во која една заедница знае многу повеќе за другата отколку обратно.
Повторно ќе истакнам дека во ниту еден момент не сакам да наметнам идеја за униформност во ставовите или во начинот на кој се гледаат општествените и политичките процеси. Но, она што сакам да го подвлечам е дека тие процеси не смеат да се градат врз предрасуди и незнаење.
Како новинар, често сум бил во ситуација да цитирам изјава на албански политичар дадена на албански јазик во одреден медиум, а македонски политичар да ми одговори: „Не знам, не сум слушнал таква изјава.“ Потоа дебатата продолжува врз ставови кои повеќе не кореспондираат со реалноста.
Последиците од оваа асиметрија се видливи во секојдневниот политички живот. Кога ќе се појави чувствително прашање поврзано со меѓуетничките односи, реакциите често се базираат на претходно формирани перцепции, а не на реално познавање на аргументите на другата страна.
Социјалните мрежи дополнително го засилуваат овој процес. Алгоритмите ги наградуваат содржините што предизвикуваат емоции, конфликти и поларизација. Наместо да ги поврзуваат различните јавности, тие често ги затвораат во уште помали информативни кругови.
Ова има директно влијание врз квалитетот на демократијата. Демократските општества функционираат најдобро кога граѓаните учествуваат во заедничка јавна сфера каде што можат да ги слушнат и разберат различните ставови. Во Северна Македонија, таквата заедничка сфера постои само делумно.
Сè поретко има преведени емисии или редовно пренесување на дебатите што се водат во другата јазична заедница. Македонската публика, а особено оние што носат одлуки, мора да ги следат и разберат контекстите на барањата и реакциите што доаѓаат од сите заедници.
Вистина е дека во македонскиот медиумски простор се покануваат албански експерти, аналитичари и политичари, но најчесто за да објаснат став кој веќе е формиран врз основа на предрасуди, отколку за да се стигне до суштината.
Преведувањето на содржините е можеби најбрзиот и најитниот чекор, но сепак е потребна подлабока промена во медиумските практики. Неопходни се повеќе заеднички проекти меѓу редакциите, повеќе новинарски содржини што ќе ги објаснуваат дебатите во различните заедници и повеќе простор за гласови што можат да ги премостат јазичните и културните разлики.
Вакви напори постојат, но најчесто се мали или дел од проекти финансирани од донатори, а не суштински пристап на самите редакции.
Јавниот сервис има особено важна улога во овој процес. Наместо само да произведува програма на различни јазици, тој треба да создава содржини што ќе ги поврзуваат различните публики и ќе овозможат подобро разбирање на заедничките проблеми. Истото важи и за приватните медиуми, кои мора да сфатат дека се дел од сфера која има огромно влијание врз општеството.
На крајот, прашањето не е само дали Македонците и Албанците живеат во иста држава. Прашањето е дали тие учествуваат во иста јавна дебата. Денес одговорот е само делумно позитивен.
Додека албанската публика во голема мера ја следи и разбира дебатата на македонски јазик, обратниот процес е значително послаб. Мора да се сфати дека ова создава дисбаланс и често води кон непотребни дебати и реакции. Поради тоа, многу ставови, критики, идеи и потреби на албанската заедница остануваат непознати за пошироката јавност.
Доколку оваа состојба продолжи, јазичниот јаз ќе стане уште подлабок, а со него и недовербата меѓу заедниците. Но, доколку медиумите, институциите и граѓанското општество успеат да создадат повеќе заеднички простори за комуникација, тогаш медиумската сфера може да стане мост наместо граница.
Тоа не е само медиумски предизвик, туку и едно од најважните демократски прашања за иднината на Северна Македонија.
Секако, овој напор не смее да остане само обврска и „должност“ на медиумите. Истиот напор за создавање реален дијалог, разговор и разбирање треба да го направат и институциите, универзитетите, граѓанскиот сектор и сите општествени чинители кои носат одговорност за тоа каква република и какво општество сакаме да изградиме. Општество кое можеби нема секогаш да се согласува, но ќе се разбира, или општество кое ќе остане поделено, во кое ќе владеат политичките и финансиските интереси, наместо подобриот живот на граѓаните.
Извори:
Sell Out, Tune Out, Get Out, or Freak Out? – Democratization Policy Council и Eurothink, поглавје „Media and Social Media in North Macedonia“, авторки Магдалена Лембовска и Ајше Мехмети.
Mapping Digital Media: Macedonia – Open Society Foundations, 2012.
АВМУ – Истражување на мислењето и ставовите на јавноста во врска со медиумите, 2026.
Државен завод за статистика – Попис 2021, податоци за јазикот што вообичаено се зборува во домаќинството.
Автор на текстот е Назим Рашиди, во рамки на проектот„MEdIA – Lit (Media Enhancement and Information Literacy for Democratic Engagement)“, кој е дел од програмата „Support to regional thematic networks of Civil Society Organisations (CSOs); Regional networks promoting independent pluralistic media and freedom of expression; and EU Award for Roma Integration“ (Референца: EuropeAid/179703/DH/ACT/Multi, Лот 11: Freedom of Expression and Media).


