Справување со дигиталниот говор на омраза во современиот медиумски простор

мај 15, 2026

Говорот на омраза е феномен на кој меѓународните и домашните стандарди му посветуваат значително внимание, но парадоксално, останува невидлив и игнориран од државите. Користењето говор на омраза стана вообичаен начин на комуникација на интернет, особено на социјалните медиуми, каде дискриминаторските, навредливите и поларизирачките содржини лесно добиваат видливост и влијание. Честопати јавни личности и политичари се јавуваат како извор на говорот на омраза, а дел од нив политички или општествено профитираат од неговата доминација во јавниот дискурс, за сметка на ранливите групи. Во овој процес значајна улога имаат и социјалните медиуми и онлајн порталите, кои преку своите алгоритми, модели на функционирање или недостаток на ефикасна модерација, придонесуваат за одржување и ширење на таквите наративи.

Во последната деценија, онлајн говорот на омраза прерасна во едно од најзначајните прашања во областа на медиумите, човековите права и дигиталната демократија. Брзината со која содржините се шират на интернет, можноста за анонимност, како и алгоритмите кои фаворизираат сензационализам, создадоа средина во која дискриминаторските и насилните пораки лесно се нормализираат и добиваат широк досег. Ваквата состојба е тесно поврзана со брзата дигитална трансформација на медиумскиот простор, која суштински го промени начинот на кој информациите се создаваат, дистрибуираат и консумираат. Интернетот и социјалните мрежи овозможија невиден степен на комуникација, размена на информации и вклученост на граѓаните во јавната дебата. Секој корисник денес може истовремено да биде и примател и создавач на содржина, што значително ја демократизираше комуникацијата и отвори простор за поголем плурализам на мислења. Оваа дигитална трансформација истовремено создаде и сериозни предизвици поврзани со ширењето на дезинформации, говор на омраза, манипулативни содржини и поларизирачки наративи кои негативно влијаат врз демократските процеси, човековите права и општествената кохезија.

Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), преку Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ODIHR) и Претставникот за слобода на медиумите, континуирано укажува на важноста од балансиран пристап во справувањето со говорот на омраза и дезинформациите на интернет. ОБСЕ нагласува дека медиумите имаат клучна улога во препознавањето и спротивставувањето на штетните стереотипи, дискриминаторските наративи и манипулативните содржини, притоа зачувувајќи ги слободата на изразување и независноста на медиумите. Според препораките на ОБСЕ, медиумската писменост кај јавноста, саморегулацијата на медиумските платформи и поддршката на професионално и етичко новинарство претставуваат суштински механизми за градење демократска отпорност и намалување на општествената поларизација.[1]

Најчесто на мета се наоѓаат ранливите и маргинализирани групи – етничките и сексуалните малцинства, мигрантите, жените и верските заедници.[2] Интернетот функционира како моќен мултипликатор на овие појави. Социјалните мрежи им овозможуваат на корисниците лесно да пронаоѓаат групи со слични убедувања, во кои корисниците претежно се изложени на ставови што ги потврдуваат нивните претходни убедувања. Ваквите дигитални простори често придонесуваат кон радикализација, продлабочување на општествените поделби и нормализација на дискриминаторската реторика. Анализите за дигиталната комуникација покажуваат дека токму социјалните мрежи, особено Facebook и YouTube, се меѓу платформите каде најчесто се детектираат навредливи коментари со говор на омраза.[3] Особено значајна е и родовата димензија на онлајн говорот на омраза. Жените, новинарките, активистките и јавните личности сè почесто се мета на сексистички навреди, закани, вознемирување и деградирачки содржини на интернет. Ваквите напади често имаат цел да ги замолчат жените и да го ограничат нивното учество во јавниот и политичкиот живот. ОБСЕ предупредува дека онлајн насилството врз жени новинарки претставува сериозна закана за слободата на медиумите и демократското учество, поради што развива посебни насоки и механизми за следење и спречување на ваквите појави. Воедно, онлајн просторот неретко придонесува за нормализација на родови стереотипи, мизогинија (омраза кон жени) и дискриминаторски наративи кои ги продлабочуваат постојните нееднаквости во општеството.[4]

Дигитализацијата суштински го трансформираше и новинарството. Традиционалните медиуми порано функционираа со јасни уредувачки процедури, професионални стандарди и механизми за проверка на фактите. Денес, онлајн медиумите и социјалните мрежи создадоа средина во која брзината и видливоста често имаат предност пред точноста и професионалната одговорност. Редакциите стануваат помали, новинарите работат под притисок на постојана продукција на содржини, а економската зависност од проектно работење, посетеност и кликови создава поттик за сензационалистичко известување. Во вакви услови, традиционалниот модел на (не)конфликтно новинарство често дополнително ја продлабочува поларизацијата. Наместо да придонесуваат кон информирана и конструктивна јавна дебата, дел од медиумите продуцираат содржини кои се фокусираат исклучиво на конфликти, скандали и негативни настани. Сензационалистичките наслови, манипулативните рамки и отсуството на каква било политика на медиумот за отстранување на говорот на омраза, ја засилуваат атмосферата на страв, омраза и недоверба во општеството.

Како последица на ова, последниве години сè повеќе се зборува за концептот на solution-based journalism, или новинарство насочено кон решенија. односно пристап кој настојува известувањето за општествените проблеми да не се задржи исклучиво на конфликтите, скандалите и последиците, туку да вклучи и анализа на институционалните одговори, јавните политики и постојните механизми за справување со тие проблеми. Новинарството насочено кон решенија во никој случај не претставува замена за критичкото и истражувачкото новинарство, туку пристап кој се обидува да понуди поширок контекст за општествените предизвици и нивното влијание врз јавниот интерес. Концептот на новинарство насочено кон решенија во современа форма најчесто се поврзува со американските новинари David Bornstein и Tina Rosenberg, ко-основачи на Solutions Journalism Network,[5] организација основана во 2013 година која има значајна улога во развојот и популаризацијата на овој пристап во новинарството. Овој концепт се дефинира како темелно и аналитичко известување за одговорите на општествените проблеми, при што фокусот не е само на самиот проблем, туку и на тоа кои решенија постојат, дали тие функционираат, кои се нивните ограничувања и што може да се научи од нив. Овој пристап има корени и во концептите на конструктивното новинарство и јавното мислење, кои ја нагласуваат улогата на медиумите во зајакнување на јавниот интерес, демократската култура и општественото заедништво.

Во контекст на говорот на омраза, овој вид новинарство може да претставува една од алатките кои придонесуваат кон намалување на поларизацијата и поттикнување конструктивен јавен дискурс. Наместо медиумите исклучиво да ги репродуцираат и дополнително да ги засилуваат конфликтите преку постојано повторување на дискриминаторски и радикални изјави, тие можат да придонесат и кон создавање позитивни и инклузивни наративи. На пример, медиумите можат да известуваат за успешни локални иницијативи за меѓуетничка соработка, проекти за медиумска писменост, младински активизам, примери на солидарност и добри практики за справување со дезинформации и дискриминација. Овој пристап е особено важен за младите новинари и локалните медиуми. Во многу земји од Западен Балкан, локалните медиуми функционираат со ограничени ресурси и често немаат доволно поддршка за развивање истражувачко и аналитичко новинарство. Истовремено, токму локалните медиуми имаат најголем потенцијал да создаваат содржини блиски до заедницата и да отвораат теми кои директно ги засегаат граѓаните. Преку еден  ваков пристап, локалните медиуми можат да придонесат кон враќање на довербата во новинарството и кон намалување и спречување на говорот на омраза. Покрај медиумите, важна улога имаат и граѓанските организации кои работат во областа на човековите права, медиумската писменост и борбата против дискриминацијата. Граѓанските организации често се првите кои регистрираат случаи на говор на омраза,[6] обезбедуваат поддршка за жртвите и иницираат јавни кампањи за подигнување на свеста. Соработката помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор е особено значајна за создавање точни, проверени и етички медиумски содржини.

Паралелно со овие процеси, европските институции во последните години сè поактивно развиваат механизми за регулирање на онлајн содржините и справување со говорот на омраза на интернет. Државите на Европската унија денес претставуваат предводници на развојот на законски и политички рамки за регулирање на дигиталниот простор. Еден од најпознатите примери е германскиот закон – Нец ДГ/NetzDG[7], донесен во 2017 година. Со овој закон, големите социјални платформи се обврзани да отстрануваат незаконски содржини кои содржат говор на омраза во рок од 24 часа по нивното пријавување. Непочитувањето на овие обврски може да резултира со значителни финансиски санкции за платформите. Овој модел подоцна инспирираше слични регулативи и во други европски држави, како Австрија и Италија.[8]

Дополнително, Европската Унија во 2016 година го усвои Кодексот на однесување за борба против нелегалниот говор на омраза во дигиталниот простор,[9] кој воспоставува механизми за соработка помеѓу институциите на Унијата и големите технолошки компании. Кодексот предвидува компаниите да воспостават јасни правила за забрана на говор на омраза и да реагираат брзо на пријавените содржини. Кодексот беше инициран во соработка со компании како Facebook, YouTube, Twitter и Microsoft, а подоцна кон него се приклучија и други дигитални платформи. Основната цел на Кодексот е платформите побрзо и поефикасно да ги разгледуваат пријавите за содржини кои содржат говор на омраза и, доколку тие ги прекршуваат националните законодавства или правилата на платформите, навремено да ги отстранат или ограничат. Платформите се обврзуваат најголемиот дел од пријавите да ги разгледуваат во рок од 24 часа. Значајно е тоа што Кодексот ги обврзува компаниите да соработуваат со граѓански организации, институциите и експертите кои работат во областа на човековите права и заштита од дискриминација. Во рамки на Кодексот, Европската комисија редовно спроведува мониторинг и евалуација на начинот на кој компаниите постапуваат по пријавените случаи на говор на омраза. И покрај значителниот напредок кој Кодексот го предвидува и воспоставува, тој често е предмет и на критики. Дел од експертите предупредуваат дека модерирањето на содржините од страна на приватни компании отвора прашања поврзани со транспарентноста, слободата на изразување и можноста за прекумерно отстранување содржини.[10] Дополнително, постои загриженост дека алгоритмите и автоматизираните системи за модерација не секогаш можат прецизно да го препознаат контекстот, сатиричните содржини или јавниот интерес, што може да доведе до ограничување и на легитимни форми на изразување. Поради тоа, европските институции сè повеќе нагласуваат дека борбата против онлајн говорот на омраза мора да биде придружена и со заштита и доследно почитување на сите човекови права и слободи, на медиумската слобода и на демократскиот карактер на јавен простор.

Сепак, со текот на времето се покажа дека доброволните механизми не се секогаш доволни за справување со растечкото влијание на дигиталните платформи. Поради тоа, Европската унија во 2020 го усвои, а во 2022 стапи на сила Актот за дигитални услуги (Digital Services Act),[11] кој претставува една од најзначајните современи регулативи во областа на онлајн платформите. Овој акт воведува обврски за транспарентност, механизми за известување, проценка на ризици и поголема одговорност на интернет посредниците во однос на штетните и незаконските содржини. Истовремено, Актот настојува да воспостави рамнотежа помеѓу борбата против говорот на омраза и заштитата на слободата на изразување. Советот на Европа, исто така, разви значајни стандарди во оваа област. Препораката CM/Rec(2022)16 за борба против говорот на омраза[12] ја нагласува обврската на државите да обезбедат ефективна заштита на лицата кои се мета на говор на омраза, вклучително и во дигиталната средина. Препораката предвидува јасни механизми за пријавување, соработка со интернет посредниците и прецизно дефинирање на улогите и одговорностите на државните и приватните актери.

Во Северна Македонија, законската рамка исто така предвидува забрана за медиумски содржини кои поттикнуваат дискриминација, нетолеранција или омраза. Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги[13] предвидува дека аудио и аудиовизуелните медиумски услуги не смеат да содржат програми или видеоспотови или аудио и аудиовизуелни комерцијални комуникации што поттикнуваат или шират дискриминација, нетрпеливост, насилство или омраза врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.[14] Сепак, анализите покажуваат дека говорот на омраза постепено се префрли од традиционалните медиуми кон интернетот (дигиталните платформи) и социјалните мрежи, каде што регулаторните механизми се значително посложени.[15] Дополнителен предизвик претставува и прашањето за рамнотежата помеѓу слободата на изразување и ограничувањето на штетните содржини. Демократските општества мора внимателно да избегнат прекумерна регулација која би можела да доведе до цензура и ограничување на критичкото мислење. Затоа, европските стандарди сè повеќе се насочуваат кон комбиниран пристап кој истовремено ги штити човековите права, ја гарантира слободата на изразување и обезбедува механизми за заштита од насилство и дискриминација.

Токму тука новинарството насочено кон решенија може да биде корисна алатка. Наместо медиумите да функционираат само како пасивни преносители на конфликти и радикални ставови, тие можат активно да придонесуваат кон создавање поинклузивен јавен простор. Конструктивното известување може да помогне во намалување на стереотипите, поттикнување дијалог и зајакнување на довербата меѓу различните заедници. Особено важна е улогата на младите новинари, студентите по новинарство и независните локални медиуми. Преку обуки за професионално новинарство, медиумска писменост и иновативни дигитални алатки, тие можат да развијат капацитети за етичко и одговорно известување. Дополнително, нивната вклученост во креирање инклузивни содржини може да придонесе за создавање нови генерации медиумски професионалци кои ќе ја разбираат улогата на медиумите не само како извор на информации, туку и како важен фактор во заштитата на демократијата и човековите права.

Во современото дигитално општество, борбата против говорот на омраза бара сеопфатен и мултидимензионален пристап. Законската регулација и платформската одговорност се неопходни за ограничување на незаконските и штетни содржини, но тие сами по себе не се доволни. Подеднакво важни се медиумската писменост, професионалното новинарство, етичките стандарди и развојот на конструктивни медиумски наративи. Solution-based новинарството претставува важна можност за трансформација на медиумскиот простор во насока на поголема инклузивност, јавен интерес и демократска отпорност. Преку промовирање на конструктивни приказни, локални иницијативи и позитивни општествени примери, медиумите можат да придонесат кон намалување на поларизацијата и создавање поотпорни и поинформирани заедници. Во комбинација со европските стандарди за регулирање на онлајн содржините, овој пристап може значително да придонесе кон зајакнување на слободата на изразување, заштитата на човековите права и демократската култура во дигиталната ера.

[1] OSCE Representative on Freedom of the Media, Factsheet of the OSCE Representative on Freedom of the Media, види повеќе на https://www.osce.org/node/660114 и https://odihr.osce.org/odihr/461140.

[2] Хелсиншки комитет за човекови права, (2025), Годишен извештај за состојбата со човековите права во 2024 година. Достапно на: https://mhc.org.mk/reports/godishen-izveshtaj-za-sostojbata-so-chovekovite-prava-vo-2024-godina/

[3] Маркоски, А. (2023) Анализа на институционалниот јаз во однос на регистрирањето и обработката на говорот на омраза во Република Северна Македонија. Достапно на: https://mhc.org.mk/wp-content/uploads/2023/10/analiza_institucionalenjaz_web_disklejmer.pdf

[4] OSCE PA and RFoM present OSCE Guidelines for monitoring online violence against female journalists at a joint web dialogue

[5] Види повеќе на: Solutions Journalism Network

[6] Directorate-General for Neighbourhood and Enlargement Negotiations, (2024), North Macedonia Report 2024, достапно на https://enlargement.ec.europa.eu/north-macedonia-report-2024_en.

[7] Netzwerkdurchsetzungsgesetz (NetzDG) – Network Enforcement Act, усвоен во 2017, на сила од 1 јануари 2018.

[8] Михајлова-Стратилати, Е. (2023) Анализа на законската рамка на Северна Македонија за регулирање на говорот на омраза. Достапно на https://mhc.org.mk/publications/analiza-na-zakonskata-ramka-na-severna-makedonija-za-reguliranje-na-govorot-na-omraza/

[9] https://digital-strategy.ec.europa.eu/en/library/code-conduct-countering-illegal-hate-speech-online

[10] Psychogiopoulou, Evangelia. The Fight Against Digital Hate Speech: Disentangling the EU’s Regulatory Approach and Hurdles, German Law Journal, 2024

[11] https://digital-strategy.ec.europa.eu/en/policies/digital-services-act

[12]  Препораката CM/Rec(2022)16 за борба против говорот на омраза усвоена од Комитетот на Министри на СоЕ на 20 мај 2022

[13] Закон за aудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр. 184/13, 13/14, 44/14, 101/14, 132/14, 142/16, 132/17, 168/18, 248/18 и 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 42/20, 77/21, 154/23, 55/24, 193/24 и 247/25)

[14] Ibid, Член 48 став 2.

[15] Маркоски, А. (2023).

 

 

Авторка на текстот е Неда Петковска, во рамки на проектот„MEdIA – Lit (Media Enhancement and Information Literacy for Democratic Engagement)“, кој е дел од програмата „Support to regional thematic networks of Civil Society Organisations (CSOs); Regional networks promoting independent pluralistic media and freedom of expression; and EU Award for Roma Integration“ (Референца: EuropeAid/179703/DH/ACT/Multi, Лот 11: Freedom of Expression and Media).