Црвен картон за говорот на омраза во македонскиот фудбал

април 15, 2026

Во 2025 година, македонскиот фудбал повторно се најде под лупа — не поради резултатите на теренот, туку поради она што се случува надвор од него.
Инциденти на трибините, приведувања по натпревари, дисциплински постапки од Фудбалската федерација на Македонија и казни за клубови поради однесување на навивачи повторно ја отворија старата дилема: каде завршува навивањето, а каде почнува говорот на омраза.
Во текот на сезоната беа регистрирани националистички скандирања, фрлање предмети и нарушувања на јавниот ред, што резултираше со казни и реакции од институциите. Но и покрај тоа — проблемот остана ист.

Во македонскиот фудбал, понекогаш најгласниот звук на стадионот не е голот – туку навредата од трибините. Тоа се места каде што се пее, скандира и навива, и каде што атмосферата го диктира ритамот на натпреварот. Но истовремено, токму таму се отвора и линијата што лесно се преминува – меѓу навивање и говор на омраза.
Навивачките групи се најгласниот дел од таа слика. Ама, надвор од стадионите, сепак, тие најчесто се повлечени, молчеливи, и затворени за јавноста. Навивачките групи ретко зборуваат јавно и уште поретко објаснуваат каде завршува навивањето, а каде почнува омразата. Токму затоа нивните пораки од трибините стануваат тема на политички и општествени реакции.
Говорот на омраза на македонските стадиони не е нов феномен. Тој се појавува во различни форми: етнички навреди, политички пораки, или ривалства што лесно излегуваат од спортски рамки. „Проблемот не е само во неговото постоење, туку и во неговото долготрајно повторување. Се осудува кратко, се заборава брзо и се повторува повторно.
Во обид да добиеме поширока слика за тоа колку говорот на омраза е присутен во македонскиот фудбал и како институциите се справуваат со него, се обративме буквално сегде. Одговори добивме од речиси сите. Но, не и од клубовите и навивачките групи. Токму оние кои најдиректно се дел од проблемот, избраа да молчат.
Ова отвора прашање дали проблемот се адресира или се третира како неизбежен дел од фудбалската реалност.

 

Од навреди до психолошки последици
Ива Здравковска е спортски психолог која им помага на младите и возрасните спортисти да изградат ментална сила, самодоверба и емоционална стабилност. Според неа, говорот на омраза во фудбалот ретко има една причина.
„Ривалството е природен дел од спортот. Но кога во таа емоција ќе се вмешаат предрасуди, национализам, политика, фрустрација и потреба за доминација над ‘другиот’, тогаш навивањето лесно преминува во омраза. Во толпа, човек често си дозволува да каже или направи нешто што индивидуално не би го направил. Се губи личната одговорност и се создава чувство дека групата зборува наместо мене“, објаснува Здравковска.
Токму затоа, додава, стадионите често стануваат место каде што се пренесуваат пошироките општествени поделби.
„Фудбалот често станува огледало на она што веќе постои во општеството. Ако има нетрпеливост надвор од стадионот, таа многу лесно влегува и на стадион.“
Таа вели дека говорот на омраза не останува само на трибините, туку дека тој директно влијае и врз играчите, кои често покажуваат знаци на психолошки притисок и кога не реагираат јавно.
„Кај некои се забележува повлеченост, губење фокус или пад на енергијата, а кај други лутина и импулсивна реакција. Навредите насочени кон идентитетот оставаат силен емоционален ефект, дури и кога не се покажува веднаш. Последиците можат да бидат и долгорочни. Во моментот предизвикуваат лутина, напнатост и губење концентрација. На подолг рок може да создадат анксиозност, емоционален замор и чувство на неприпадност. Кога играчот чувствува дека е прифатен, игра слободно. Кога чувствува дека е мета, игра под притисок“, вели Здравковска.
Токму затоа улогата на клубовите, тренерите и поискусните играчи е клучна.
„Во вакви ситуации играчот многу внимателно гледа кој стои до него. Поддршката од тренер, соиграч или клуб може да има силен психолошки ефект и да му даде чувство на сигурност и припадност“, објаснува Здравковска.
Но тука се отвора прашање зошто клубовите речиси никогаш јавно не зборуваат за говорот на омраза.
Иако испративме прашања до повеќе клубови, не добивме конкретни одговори за тоа како се справуваат со вакви инциденти, дали имаат интерни механизми за реакција и каква поддршка им нудат на играчите.
Здравковска предупредува дека молчењето може дополнително да ја продлабочи повредата.
„Кога клубот јавно стои зад својот играч, испраќа јасна порака дека неговото достоинство е важно. Молчењето, од друга страна, често дополнително ја продлабочува повредата.“

Омразата на трибините како одраз на поширока општествена поларизација
Дека ваквите ситуации оставаат траги и кај професионалните спортисти, потврдува и министерот за спорт Борко Ристовски, кој во текот на својата кариера и самиот бил мета на навреди и говор на омраза на трибините.
„Никој не е имун на тоа. Во моментот чувствувате лутина, неправда, понекогаш и немоќ. Но, како спортист учите да ја канализирате таа енергија – или ве крши, или ве прави посилен. Во мојот случај, ме научи на самоконтрола и одговорност, затоа што знаете дека сте пример за помладите генерации“, вели Ристовски.
Ристовски вели дека говорот на омраза не е непозната појава за професионалните спортисти и дека во текот на неговата кариера повеќепати се соочувал со навреди и провокации кои ја надминувале границата на спортската атмосфера.
„Секој спортист во одреден момент се соочува со навреди, провокации и говор на омраза кој нема допирна точка со спортот. Во текот на мојата активна спортска кариера сум се соочил со навреди и некоректни пораки, насочени и кон мене лично, но и кон клубот и репрезентацијата што сум ја претставувал. Во одредени ситуации тие навреди ја надминуваа границата на спортската критика и добиваа друга конотација“, вели Ристовски.
Тој посочува дека најопасни се ситуациите кога спортските натпревари се претвораат во простор за етнички и национални пресметки.
„Понекогаш навредите се лични, понекогаш се насочени кон клубот или репрезентацијата што ја претставувате, а има и моменти кога говорот оди во насока на национален или колективен идентитет. Тоа се најопасните ситуации, бидејќи тогаш спортот престанува да биде натпревар и станува терен на кој се демонстрираат фрустрации и омраза“, додава тој.
Ристовски признава дека ваквите ситуации оставаат последици и кај спортистите, но смета дека професионалниот спорт ги учи играчите како да се справуваат со притисокот. Според него, говорот на омраза во спортот не може да се решава само со казни и апели, туку бара поширока национална стратегија и координација помеѓу институциите.
„Борбата против говорот на омраза не може да се води изолирано, потребна е национална, координирана стратегија во која ќе бидат вклучени образовниот систем, медиумите, спортските федерации, државните институции и граѓанското општество“, нагласува Ристовски.
Тој додава дека спортот мора да биде простор за позитивни вредности, а не место каде се продлабочуваат општествените поделби.
„Спортот има огромна воспитна улога, особено кај младите, и токму затоа мора да биде промотор на позитивни вредности, а не поле за ‘лекување’ фрустрации и за лични, политички или национални пресметки“, наведува министерот.
Од Министерството за спорт велат дека веќе работат на засилување на координацијата со федерациите и клубовите за воведување на појасни механизми против говорот на омраза.
„Нашата заложба како Министерство за спорт е преку спортот да се промовираат вистинските вредности – почит, достоинство и заедништво“, порачува Ристовски.

„Навреди има речиси на секој натпревар“
За говорот на омраза на фудбалските терени сведочат и спортските коментатори. Дамјан Николовски е долгогодишен спортски новинар кој известува од македонските стадиони и е директен сведок на разни ситуациии, за кои вели дека одамна станале секојдневие.
„Во пракса, безмалку на секој натпревар постои непристојно однесување на навивачки групи или поединци на трибините. Тоа доаѓа во најразлични форми и на најразлични теми. Медиумите имаат обврска да не молчат. Никогаш не сум премолчувал кога во прашање е ваквото однесување. Нашата улога како коментатори е да ја пренесеме реалната слика до гледачот и да помогнеме во искоренување на девијантните појави. Кога се надминати границите на фер и коректно навивање, или има расизам и говор на омраза, тогаш тоа мора да биде посочено како проблем што треба да се надмине“, вели Николовски.
Сепак, напоменува дека постои и опасност со претерано внимание дополнително да се охрабрат групите што сакаат провокација.
„Секогаш треба да постои баланс, да не дозволиме инцидентите да добијат премногу на значење и со тоа да го охрабриме поединецот или групата да го повтори тоа.“
Одвреме – навреме, наместо за фудбалската игра, медиумите известуваат за натпревари со националистички пораки, навреди по етничка основа или скандирања кои одамна ја преминале границата на спортското ривалство. Дел од нив завршуваат во дисциплински извештаи, дел се санкционираат, а дел остануваат само уште една „епизода“ што се заборава по последниот свиреж.

Систем на казни без одговорност: клубовите се санкционираат, сторителите остануваат непознати
Од Фудбалската федерација на Македонија велат дека постојат официјални механизми за справување со говорот на омраза, усогласени со стандардите на УЕФА.Се применува таканареченото „правило во три чекори“ – предупредување, привремен прекин и целосен прекин на натпреварот.
„Доколку однесувањето продолжи, судијата го прекинува натпреварот и ги повлекува играчите во соблекувална. Ако нема подобрување, натпреварот може да биде целосно прекинат“, велат од ФФМ.
Според нивните податоци, во сезоната 2024/2025 биле изречени четири парични казни за националистичко скандирање и една казна со забрана за присуство на публика во траење од четири натпревари. Во сезоната 2025/2026 следувале уште пет парични казни и три натпревари без публика.
Казните се движат од 500 до 5.000 евра, а може да следуваат и затворање трибини или суспензија на стадион. Од Федерацијата велат и дека соработката со МВР е „одлична“, особено на натпревари со висок ризик.
Иако Фудбалската федерација на Македонија тврди дека постојат јасни дисциплински механизми и дека во соработка со МВР се применуваат протоколи за справување со говор на омраза, податоците од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство покажуваат поинаква слика.
МВР во пракса не регистрира идентификувани сторители ниту поднесени пријави, а обвинителството ретко отвора постапки поради недостиг на конкретни докази и идентификација. Оваа разлика меѓу институционалните тврдења и правниот епилог отвора дилема: дали системот навистина функционира координирано или одговорноста останува на ниво на клупски санкции без индивидуална кривична разврска.
Од СВР Скопје информираат дека во текот на 2025 година, при обезбедување фудбалски натпревари, не биле идентификувани ниту приведени лица за говор на омраза. Во истиот период, според МВР, нема ниту поднесени кривични или прекршочни пријави по таа основа.
„Кога има сенизитивни натпревари согласно утврдената безбедносна состојба полицијата навремено секогаш е поставена на стадионите и сите места со цел безбедно одржување на натпреварите. Полицијата при утврдување на говор на омраза при одржување на натпревари секогаш постапува според своите овластувања согласно законските основи. При утврдување на безбедносната состојба со цел изготвување на План за постапување и обезбедување на натпреварите СВР Скопје разменува/бара информации за можни ризици што можат да ја нарушат безбедноста при одржување на натпреварите“, одговорија од МВР.
Од полицијата велат дека „секогаш постапуваат согласно законските овластувања“ и дека координацијата со ФФМ е на „високо и одговорно ниво“.
Но, фактот што има дисциплински казни, а нема кривични или прекршочни постапки, отвора дилема – дали институциите навистина успеваат да ги идентификуваат поединците што шират омраза?

Пријави има, но не и епилог
Хелсиншкиот комитет со години поднесува пријави за говор на омраза на спортските натпревари. Една од неброените пријави била за натпреварот меѓу Шкендија и Карабах, кога за време на едноминутниот молк за жртвите од Кочани биле извикувани националистички пароли.
Но, според нив, ниту една од пријавите досега нема добиено позитивна јавнообвинителска одлука.
„Етничката и националната припадност се наоѓаат на врвот на регистрираниот говор на омраза. Спортските натпревари се местото каде што ескалира омразата преку скандирање и пораки што содржат говор на омраза“, велат од Комитетот.
Тие предупредуваат и на политичката димензија на проблемот.
„Политичката атмосфера на поларизација и изјавите на одредени политички лидери ги вжештуваат и ги поттикнуваат групите за ширење говор на омраза.“
Иако немаат директни докази за организирано потпалување од политички партии, од Хелсиншкиот комитет сметаат дека неосудувањето на омразата, особено во предизборни периоди, дополнително ја нормализира.

Дали обвинителството е на висина на задачата?
Од Јавното обвинителство посочуваат дека говорот на омраза и поттикнувањето насилство се дела за кои може да се постапува доколку постојат доволно докази и пријави. Сепак, во пракса ретко се отвораат постапки поврзани со навивачки инциденти на спортските натпревари.
Според обвинителството, најголем проблем е идентификацијата на сторителите, особено кога станува збор за масовни скандирања на трибините. Оттаму велат дека постапките зависат од доказите што ги доставуваат Министерството за внатрешни работи и другите надлежни институции.
„Доколку се обезбедат конкретни докази, видео материјали и идентификација на лицата, обвинителството може да постапува согласно законските надлежности“. Говорот на омраза не секогаш ги исполнува елементите на кривично дело, а за да биде кривично санкциониран истиот мора да предизвикал потешки последици на омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска или друга дискриминаторска основа, ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем или пак насилство особено на спортски терени. Обезбедувањето на спортските натпревари го врши МВР и тие се надлежни за откривање и идентификување на евентуални сторители на кривично или друго дело“, велат од ОЈО.
Од таму напоменуваат дека казните предвидени во Кривичниот законик се во функција на генерална и специјална превенција и дека членот 33 од Кривичниот законик и сега предвидува забрана за посетување спортски натпревари како можна санкција.
Критичарите, пак, сметаат дека институциите предоцна реагираат и дека токму неказнивоста создава чувство дека говорот на омраза на стадионите е дозволен. Дел од соговорниците предупредуваат дека без поостри санкции и судски разрешници, инцидентите ќе продолжат да се повторуваат.

Македонскиот наспроти европскиот систем на одговорност
Во дел од европските земји говорот на омраза на стадионите сè почесто завршува со судски постапки против поединци.
Еден од најпознатите случаи во Европа во последните години е случајот со Винисиус Жуниор, кој во Шпанија предизвика сериозна правна и институционална реакција по расистички навреди од трибините. По инцидентот на натпреварот меѓу Валенсија и Реал Мадрид во 2023 година, шпанските судови за првпат изрекоа условни затворски казни за навивачи поради расистичко однесување на стадион, заедно со забрани за присуство на спортски натпревари и парични санкции. Случајот се смета за пресвртница во европската пракса, бидејќи за првпат говорот на омраза на трибините доби јасна индивидуална кривична последица, а не само клупска или дисциплинска казна.
Во Шпанија, Германија и Обединетото Кралство постојат закони кои овозможуваат кривична одговорност за расистичко и дискриминаторско однесување, со можни условни затворски казни, парични санкции и забрани за присуство на спортски натпревари.
Шпанија, особено во последните години, се издвојува со построга судска практика, каде случаи поврзани со расистички навреди кон фудбалери доведоа до условни затворски казни и забрани за стадиони.
Во рамки на европскиот фудбал, УЕФА применува дисциплински правила и т.н. „three-step protocol“, кој овозможува предупредување, прекин и евентуален прекин на натпреварот.
Клубовите можат да бидат санкционирани со парични казни, затворање делови од трибините или играње натпревари без публика, а во посериозни случаи и со ограничувања во натпреварувањата.
Додека европските земји сè почесто се движат кон индивидуална кривична одговорност за говор на омраза, во Македонија одговорноста најчесто останува колективна.
Клубовите се казнуваат, но ретко се идентификуваат поединците што стојат зад скандирањата.
Ова создава систем во кој последиците се делат, но одговорноста останува нејасна.
Токму тука се отвора клучното прашање: дали систем кој казнува клубови, но ретко стигнува до поединци, навистина може да го намали говорот на омраза – или само го одржува како повторлива појава.
Навивањето е суштината на фудбалот, но кога трибините стануваат простор за омраза, проблемот веќе не е само спортски, туку општествен.
Институциите велат дека постојат механизми. Федерацијата казнува. Министерствата најавуваат. Другите предупредуваат.
Но без индивидуална одговорност, системот останува затворен круг на казни без резултат.
И затоа прашањето останува: дали некој навистина сака да го сопре говорот на омраза – или сите само се навикнале да живеат со него.

 

Автор: Петар Клинчарски

 

This investigative story was created with the financial support of the European Union within the Reporting Diversity Network program. Its content is the sole responsibility of the Helsinki Committee for Human Rights Skopje and does not necessarily reflect the views of the European Union or the Reporting Diversity Network (RDN).