Годишен извештај за состојбата со човековите права во 2012 година

јуни 26, 2013

Во 2012 година беа констатирани сериозни нарушувања на слободите и правата на граѓаните, како и драстични повреди на принципот на владеење на правото и правната држава. Притоа, она што особено загрижува е дека во извештајната година, регистрираните повреди на човековите права и слободи укажуваат не само на системски проблеми во функционирањето на органите и институциите, туку и на злоупотреба на нивните надлежности. Годишниот извештај претставува сублимат на анализи за констатираните состојби со човековите права во следните области: судство, законодавство, полициско постапување, лустрација, дискриминација, слобода на медиуми и слобода на изразување, затворени установи, економски и социјални права, граѓански и политички права и слободи и ЛГБТ заедница.

Хелсиншкиот комитет констатира дека на 24.12.2012 во Собранието на Република Македонија беше направен директен удар врз уставниот поредок. Имено, Комитетот изработи посебен извештај за случувањата во и пред собраниската зграда на овој ден и констатира сериозни повреди на основите принципи на правната држава и владеењето на правото. Случувањата преставуваат досега невиден застрашувачки преседан, спротивен на основните принципи на правната држава и владеењето на правото.

Во однос на состојбата во судскиот систем, Хелсиншкиот комитет за човекови права констатира дека од страна на управните органи и Управниот суд се крши правото на судење во разумен рок. Следејќи ја работата на судовите во Република Македонија,  Хелсиншкиот комитет за човекови права констатира дека судската власт е под постојано влијание на извршната власт поради што судовите не успеваат да ги заштитат правата на граѓаните, ниту пак обезбедуваат фер и правично судење во дел од постапките. Како проблем е забележана и нетранспарентност на судовите во случаите на веќе заштитени сведоци, а судовите не посветуваат должно внимание во случаите на семејно насилство.

Во делот на законодавството, овој извештај се осврнува на проблематичните точки во Законот за посебен регистар за лица осудени за педофилија, Законот за следење на комуникациитe, Законот за полиција, спроведување на Законот за заштита на сведоци и Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.

Во текот на 2012 година, Комитетот реагираше за случајот на двојно убиство во Гостивар извршено од страна на полициски службеник кој не бил на должност и за начинот на кој беше спроведена полициската истрага за петкратното убиство кај Смилковското езеро.

Процесот на лустрација и во 2012 година продолжи да се одвива надвор од рамките на донесените одлуки на Уставниот суд, но и во спротивност со даденото мислење на Венецијанската комисија во кое сосема децидно се укажува на сите оние недоследности во законот на кој укажуваше и Хелсиншкиот комитет и врз основа на што ја темелеше својата Иницијатива за испитување на уставноста на Законот за дополнителен услов за вршење јавна функција, што беше доставена до Уставниот суд во септември 2012.

Хелсиншкиот комитет за човекови права активно ја следеше состојбата со дискриминацијата во Република Македонија во текот на целата 2012 година и утврди дека и покрај тоа што изминаа две години од примената на Законот за спречување и заштита од дискриминација, сè уште не може да се зборува за ефективна заштита во делот на дискриминацијата, посебно кога станува збор за маргинализираните групи. Законот за спречување и заштита од дискриминација остана неизменет и покрај критиките од страна на стручната јавност и невладиниот сектор, посебно за деловите со кои се дозволува вработените во државната администрација да бидат членови на Комисијата за заштита од дискриминација, но и за невклучувањето на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за заштита од дискриминација. Не беше зголемен интензитетот на работа на Комисијата и нејзината видливост во јавноста ниту во 2012 година, со што граѓаните и понатаму останаа неинформирани за можностите за заштита во случај на дискриминација и за надлежностите на Комисијата за нивна заштита. Фактот што во 2012 година сè уште не постоеше ниту еден судски случај за утврдување дискриминација, ја покажува свесноста на граѓаните за механизмите на заштита од дискриминација.

Во текот на 2012 година, Хелсиншкиот комитет во неколку наврати ја изрази својата загриженост околу состојбата на полето на слободата на изразување и слободата на медиумите кои се уставно загарантирани категории во Република Македонија. Во овој контекст, медиумите, новинарите и правото на слобода на изразување и слобода на медиуми беше  под постојан мониторинг и интерес и на меѓународните организации. Имено, кога станува збор за ова право, еминентниот „Фридом Хаус“ констатира драстичен пад на Република Македонија од 20 места за разлика од минатата година. Хелсиншкиот комитет во континуитет ги следеше медиумите, социјалните мрежи и изјавите на носителите на високи јавни функции и претставници на политички партии и воедно констатира дека во текот на 2012 година, говорот на омраза бележи пораст, кој воедно резултира и со физичко насилство кое станува дел од секојдневието во Република Македонија.

Во однос на состојбата во затворените институции, Комитетот констатира дека надлежните во затворите непотребно го одложуваат процесот на лекување на осудениците и нивното испраќање на медицински третман, ситуација која е на штета на здравјето на овие лица, при што им се повредува законски гарантираното право на здравствена заштита. Во текот на годината, голем број на осудени лица кои во 2012 година го контактираа Хелсиншкиот комитет се пожалија на нефункционирањето на правните служби во казненопоправните институции. Комитетот реагираше и на незапочнувањето на реконструкцијата на затворските установи и покрај обезбедените средства поради што илјадници осуденици сè уште се сместени во супстандардни услови. Комитетот спроведе низа посети и во психијатриските установи во државата, нотирајќи ги проблемите во секојдневното функционирање.

2012 година можеме слободно да ја наречеме година на борба против социјалната неправда и остварување и заштита на економските и социјалните права. Ваквата констатација произлегува од низата протести преку кои граѓаните бараа државата да ги заштити нивните права како: потрошувачи (граѓанска иницијатива АМАН), стечајни работници (Ремонт на пруги, ОХИС и Граѓанско здружение УНИТ) и здравствени работници (штрајк на здравствените работници). Хелсиншкиот комитет за човекови права нотираше и повреди во остварувањето на правото на социјалната парична помош, како и неправилности во работењето на работата на Регулаторната комисија.

Граѓанските и политичките права во Република Македонија за 2012 година беа особено изразени преку практикување на правото на мирен протест (јавен собир), слобода на здружување и слобода на изразување од страна на неколку општествени групи, организации и неформални здруженија на граѓани. Особен интерес на Комитетот, а воедно и практика, стана набљудувањето мирни протести по барање на индивидуи и групи поради изразен страв, несогласување со полициски службеници кои го обезбедуваат правото на мирен протест, закани, уцени, ограничување на правата, притисок во форма на контрапротести и политичка дискриминација поради членство во политичка партија. Во изминатата 2012 година Хелсиншкиот комитет посведочи неколку настани кои укажуваат на сериозно мешање на државата во практицирањето на овие права од страна на граѓаните. Овој извештај се осврнува и на политичките затвореници, како и на случаи на политички притисок врз поединци поради членство во политичка партија.

И во 2012 година ЛГБТИ луѓето во Република Македонија се соочуваа со правни и социјални предрасуди, дискриминација, како и исклучително хомофобична средина, која влијае на пристапот до законодавство и правна заштита. Луѓето од оваа заедница се приморани да се приспособат на општество и средина кои се многу хомофобични и трансфобични. За Хелсиншкиот комитет е особено важно што во 2012 година ја отвори подружницата ЛГБТИ Центар за поддршка. За жал, овој центар беше цел на два насилни напади. На надлежните институции им беа дадени доказни материјали за нападите и Хелсиншкиот комитет очекува квалитетна истрага и натамошно постапување.