Говорот на омраза може да ја намали излезноста на изборите

април 27, 2019

Говорот на омраза на социјалните мрежи е зголемен во кампањата за предвремените парламентарни избори. Реториката може да се заострува кон крајот на кампањата. Сепак, тоа не би им одело во корист на кандидатите, зашто со оцрнување на противникот не се добиваат нови гласови, туку може да се намали излезноста, која и без тоа е проблематична, велат аналитичарите.

Тројцата кандидати, универзитетски професори ѝ дадоа поразличен белег на претседателската кампања во која доминира академскиот речник кој јавноста, која досега беше навикната на оцрнувачка кампања, го прифати главно со позитивни реакции. Но, експертите велат дека навиките на исмејување, девалвирање, етикетирања продолжија од партиските ешалони кои се најгласни во извршувањето на својата партиска задача на социјалните мрежи.

ЗНМ бара разрешница на случаите со говор на омраза

Од Хелсиншкиот комитет, кои се вклучени во набљудувачкиот процес, забележуваат дека како и секогаш кога има изборен процес кај нас има и зголемување на бројот на случаи на говор на омраза врз основа на политичка припадност. Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет Уранија Пировска вели дека тие нотирале за 40 проценти зголемување на бројот на говор на омраза откако во јавноста беа објавени претседателските кандидати.

„Од страна на лидерите на политичките партии не забележавме говор на омраза, но од партиското членство во голем дел. И главно се насочени или кон етничката припадност или кон политичката припадност. Во случајот со Сиљановска кон нејзиниот род. Тоа се главни карактеристики со феноменот на омраза во оваа кампања. Добро е што од високите функционери од најголемите партии не беше забележан таков говор на омраза. Но, најголем проблем не е во првите ешалони на партиите, туку во вториот и третиот и во подолните ешалони во политичките партии на кои им е потребно и тоа како освестување или култура кога станува збор за комуникацијата и особено во социјалните медиуми кои станаа главен расејувач на говорот на омраза“, вели Пировска.

Во јавноста често се посочува дека социјалните мрежи се главни расејувачи на говор на омраза, но Пировска укажува дека голема улога има културата на политичките партии и дека граѓаните го прифаќаат нивниот модел на комуникација и на тој начин им се додворуваат на политичарите. Експертите сметаат дека дел од граѓаните сметаат дека со навреди кон политичките неистомисленици ја завршуваат својата партиска задача.

А дека македонското општество како да не сака да воспостави етика во комуникацијата зборува отсуството на соодветен одговор од институциите за решавање на проблемот.

Застрашувачки говор на омраза

„Индикативно е дека сè уште од страна на државата не постои соодветен одговор за решавање на овој проблем. Години наназад бараме Јавното обвинителство да започне бескомпромисна борба кога станува збор за говор на омраза, зашто како расте говорот расте и бројот на кривични дела. Кога ги испраќаме нашите претставки, одговорот од МВР е дека ги препраќаат до Јавното обвинителство, но не се знае исходот од тие постапки“, вели Пировска.

И покрај тоа што упатените претседателската кампања во првиот круг генерално ја оценија како подемократска, имаше и исклучоци и недолични префрлања. Кандидатот Стево Пендаровски за еден рекламен спот на опозицијата рече дека е на многу ниско ниво. За кандидатката Гордана Сиљановска – Давкова карактеристични беа алузиите за нејзината возраст, стил на живеење и практицирање на јога и гафовите со имињата на градовите во кои таа ја држеше кампањата.

Марко Трошановски од Институтот за демократија вели дека на почетокот од претседателската кампања имало мали отскокнувања со недолични префрлања и коментари за лични карактеристики или семејните односи на кандидатите, но оти под притисок на јавноста тоа било поправено од изборните штабови и реториката се стабилизира во понатамошниот тек. Тој забележува дека со заострувањето на кампањата јавноста можеше да види и спотови кои имаат тенденција да го оцрнат кандидатот, но дополнува дека сепак тоа е повеќе на ниво на критика, отколку на ниво на недоличен говор.

„Кандидатите генерално не беа склони кон говор на омраза. Имаше негативна кампања, но таа е дел од пропагандните техники и не беше нешто проблематично. Шовинистичките забелешки кон кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ на почетокот беа неумесни и за членови на нејзиното семејство, но говорот на омраза не беше присутен ни кај еден од кандидатите. Спотот за Пендаровски не влегува во доменот на казнива комуникација и е прашање на личен стил на комуникаторот, зборувам за законски дозволени и во тој однос кампањата беше коректна“, вели Трошановски.