Пријави корупција!

Во пресрет на Меѓународниот ден на борбата против корупцијата, 9-ти Декември, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија денеска ја промовираше интернет платформата prijavikorupcija.mk на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Студентите и професорите имаа можност директно да се информираат и да ја тестираат платформата на штандови поставени во факултетите во кампусот на УКИМ.

Претседателот на Управниот одбор на Хелсиншкиот комитет, проф. Гордан Калајџиев посочи дека Комитетот котира многу добро во анкетите на јавното мислење за невладиниот сектор и дека целта е оваа доверба од граѓаните да се искористи и за нивен бенефит и за државните интереси. ,, Врз основа на позитивните искуства на Хелсиншкиот комитет од пријавување на дела од омраза преку интернет, и оваа платформа е осмислена како мост или алатка каде што граѓаните ќе можат безбедно и со доверба да пријават корупција, било да се жртви, сведоци или од друга страна да имаат информација’’ – изјави Калајџиев и нагласи дека Хелсиншкиот комитет ќе обезбеди анонимно и безбедно пријавување, како и бесплатна правна помош во случаите каде што тоа е потребно.

Платформата prijavikorupcija.mk претставува безбеден простор за пријавување на сите случаи кои содржат елементи на коруптивно кривично дело. Освен ова, платформата на корисниците им овозможува да се информираат за корупцијата и нејзините елементи, ги информира граѓаните за нивните права како жртви или сведоци на корупција, но и за обврските за пријавување до надлежните институции.

Интернет платформата prijavikorupcija.mk е изработена со финансиска поддршка од Амбасадата на САД во Република Македонија.