Подобрување на отчетноста и транспарентноста на полицијата

јули 5, 2024

На панел дискусијата на тема „Транспарентност во работата на полицијата во Република Северна Македонија“, организирана на 4 јули од Центарот за европски стратегии – Евротинк, учествуваше Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, која се задржа на неколку клучни теми, вклучувајќи ја потребата од надворешен контролен механизам во кој би учествувале граѓанските организации.

Со измените на законот за Народен правобранител во 2018 година, според кои  Народниот правобранител заедно со граѓанските организации и ОЈО на ГООК ќе бидат заеднички надворешен контролен механизам, но до денес – тој механизам не профункционира.

Таа ја презентираше состојбата со претставките за преиспитување на повредите на човековите права.  Во 2021 година, Хелсиншкиот комитет добил информации за 63 претставки, во 7 од тие случаи, внатрешна конторла покренала дисциплински постапки шротив службеници на МВР за употреба на прекумерна сила. Во 2022 година имало 49 претставки за прекумерна употреба на сила од кои само во 4 случаи биле покренати кривични пријави против 6 полициски службеници. Во 2023 година, имало 62 претставки, 12 дисциплински постапки од кои 1 завршена постапка со изречена дисциплинска мерка.

„Од 9 барања што сме ги поднеле  како Хелсиншки комитет во изминатата година за 5 се’ уште немаме добиено никаква информација, при што и кога сме добиле одговор дека не е констатирана повреда на човековите права, содржината на тие известувања често е многу слична и без образложение за фактичката состојба“, истакна Пировска.

Со самиот факт дека Секторот за внатрешна контрола одговара директно пред министерот, не може да се очекува целосна независнот и непристрасност. Не случајно во различни земји има разни модели за надворешна контрола.  Од друга страна, Народниот правобранител не е доволно присутен во јавноста и заради тоа граѓаните немаат информации за неговите надлежности и не се охрабрени да поднесуваат претставки.

Пировска порача дека во периодот што следи ќе се види каква политичка волја ќе покаже новата власт и се надева дека ќе се продолжи со соработката.