Блупринт групата повикува на внимателно постапување при утврдувањето одговорност на претседателката на Врховен суд на Република Северна Македонија

декември 29, 2023

По одржаната денешна јавна седница за поведување постапка за утврдување одговорност на претседателката на Врховниот суд на РСМ, Блупринт групата за реформи во правосудството повикува на внимателно постапување од страна на Судскиот совет на РСМ и доследно почитување на Уставот, конвенциите, законите и востановените добри практики при водење на оваа постапка.

Загрижува постапувањето на Советот за поведување постапка за утврдување одговорност на претседателката на Врховниот суд на РСМ каде како основ за утврдување на одговорност во оваа постапка е наведено неприсуството на претседателот на Врховниот суд на седниците на Судскиот совет, како и недоаѓање на состанок откако од нејзина страна беа изнесени наводи за притисоци врз Врховниот суд. Не загрижуваат и денешните наоди изнесени на седницата согласно кои претседателката не го почитува Законот за Судски совет, а истата не била повикувана на седниците во законски определениот рок од седум дена токму во временски период за кој се повикува на одговорност за недоаѓање на седниците. Дополнително, беше побарано од истата да приложи дополнителна документација со која ќе го оправда своето отсуство.

Имено, укажуваме до Судскиот совет на РСМ дека треба доследно да се следат основите наведени во барањето за утврдување на одговорност на претседателката на Врховниот суд на РСМ, а да се воздржи од вметнување дополнителни наводи кои не се наведени во барањето.

Имено, согласно уставната поставеност на Судскиот совет, претседателот на Врховниот суд и министерот за правда се членови по функција без право на глас поради што и нивното присуство не е од суштинско значење за работата на седниците на Судскиот совет, во смисол на донесување на одлуки.

Од друга страна, кога станува збор за членовите по функција, треба да се имаат предвид и препораките на Советот на Европа и Европската Унија кои укажуваат дека токму отсуството на овие членови од седниците може да се толкува како добра практика, бидејќи со тоа се намалува можноста за влијание врз Советот. Дополнително, улогата на претседателката на Врховниот суд на РСМ е посуштинска и позначајна во рамките на организација на работата на Врховниот суд и останатите судови во РСМ.

Дополнително, мора да потенцираме дека загрижувачки е што расправата на комисијата се одржa на 29.12.2023 година, односно на последниот работен ден од годината, непосредно пред новогодишните и божиќните празници. Ваквото постапување предизвикува потенцијален ризик од намалено вниманието на домашната јавност и меѓународните претставници за следење на седницата која е од исклучително значење за понатамошните состојби во правосудниот сектор, имајќи предвид дека станува збор за постапка која се води против претседател на највисокиот суд во државата.

Ваквата состојба е уште позагрижувачка доколку се земе предвид целокупниот контекст во кој се случува ваквата постапка. Во извештајот на ЕК за РСМ за 2023 година, во делот за правосудството, се наведува дека „Постои сериозна загриженост за несоодветно надворешно влијание на работата на Судскиот совет и судството.“ Токму оваа констатација го опфаќа и актуелното постапување на Судскиот совет во конкретниот случај.

Оттаму, Блупринт групата упатува апел за исклучително внимателно, транспарентно и доследно постапување на Судскиот совет во оваа постапка, чие спроведување мора да биде засновано исклучиво на прифатените процесни и материјални одредби за добро владеење и независност на судството како и да се има предвид праксата на Европскиот суд за човековите права која беше презентирана на самата седница. Овие последици пред се ќе бидат посебно отежителни за судиите и погубни за целото судство, поради тоа што ќе се зголеми притисокот од тоа дека истите можат да бидат дисциплински процесуирани и за банални работи како во конкретниот случај. Треба да се има во предвид досегашната пракса на ССРСМ за не покренување на одговорност на претседатели на ВСРСМ во слични или исти ситуации кога не присуствувале на седниците на ССРСМ години наназад.

Блупринт група за реформи во правосудството:

–              Македонско здружение на млади правници (МЗМП)

–              Институт за европска политика (ЕПИ)

–              Институт за човекови права (ИЧП)

–              Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС)

–              Хелсиншки комитет за човекови права

–              Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)

Лице за контакт:

Ивана Петковска, Коалиција сите за правично судење

ipetkovska@all4fairtrials.org.mk