декември 29, 2023

Невидливата врска помеѓу системската корупција и дискриминацијата

Во организација на Квир центар Скопје, на 28  декември се одржа панел дискусија на тема: Невидливата врска помеѓу системската корупција и дискриминацијата. Настанот се одржа во рамките на проектот „Човековите права во практиката“, спроведуван од Институтот за европска политика (ЕПИ), како дел од проектот „Заеднничка акција за човекови права“, финансиран од Европската унија.

На панел дискусијата учествуваа обвинителката Ленче  Ристоска, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска, Билјана Георгиевска од Советот за етика на медиумите, Давид Тасевски, извршен директор на Скопски Квир центар и претставници од Институтот за европска политика, од граѓански организации и од Собранието.

Врската помеѓу корупцијата, дискриминацијата и говорот на омраза го разорува системот и правната држава, тие се симбиотски поврзани, затоа што токму корупцијата ги зајакнува дискриминаторските структури.

Кога се оценува степенот на демократија, слобода и степенот на права на граѓаните во една држава се гледаат состојбите со ранливите групи, говорот на омраза, делата од омраза, каков е одговорот на институциите и каков е односот на власта кон граѓанскиот сектор.  Во сите овие сфери и покрај тоа што има позитивни исчекори, не е постигнат значителен напредок, затоа има потреба од мултидисциплинарен пристап во бробата против дискриминацијата и корупцијата.

„Судскиот совет треба се воздржи од дискриминација, да воведе мерит систем за да се подигне нивото на работењето за јавниот интерес, а треба да се намалат неговите дискрециони права“, рече обвинителката Ленче Ристоска.

Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, посочи дека партиските договори се причината заради која нема скоро да се донесе  Законот за родова еднаквост, Законот за матична евиденција, а нема ниту да се изгласаат независни кандидати за Комисијата за заштита и спречување на дискриминација.

Кога станува збор за говорот на омраза, досега во Република Северна Македонија има само 5 пресуди.

„Говорот на омраза не се решава само со санкционирање, тоа е феномен кој е резултат на јавното мислење кое што главно го креираат политичарите. Секако, важна е улогата на образованието. Ако најприсутниот говор на омраза е оној врз основа на етничка припадност и најголем број од сторителите и жртвите се младите тогаш треба да се влијае преку образованието, младите да учат за другите етнички заедници и нивните култури, а мора да престане и сегрегацијата на децата во етнички мешаните општини“, посочи Пировска.

Билјана Георгиевска од Советот за етика на медиумите се осврна на активностите на новоформираната  Мрежа за борба против говор на омраза во медиумите, чие формирање беше поддржано од Мисијата на ОБСЕ.

Се’ додека постои високо ниво на корумпираност, неказнивост, пазарења меѓу партиите чиј што исход не е јавниот интерес, туку личните и партиските интереси борбата со корупцијата и дискриминацијата ќе биде речиси невозможна, но во граѓанскиот сектор и во општеството во целина има доволно сила која нема да се откаже од  таа борба.