Што открива истражувањето за виктимизација поради криминал од омраза на мисијата на ОБСЕ во Скопје

декември 13, 2023

На промоцијата на Извештајот од истражувањето за виктимизација поради криминал од омраза, на мисијата на ОБСЕ во Скопје во соработка со Европска комисија, која се одржа на 12 декември, се обрати Омер Ал-Катиб, шеф на одделението за владеење на право и човекови права од мисијата на ОБСЕ во Скопје, кој нагласи дека се работи за исклучително значајно истражување што особено ќе помогне во иднина за борбата против говорот и делата од омраза. Авторот на истражувањето, Пол Игански од Велика Британија ги презентираше резултатите и ја објасни методологијата на овој извештај, кој опфатил 1614 испитаници од 67 општини во земјата.

Истражувањето претставува сеопфатен преглед на виктимизацијата поради криминал од омраза во Северна Македонија и нејзините ефекти, како и идентификување на степенот на непријавување на инцидентите од омраза. Истражуван е спектар од различни заедници со мнозински и малцински социјален идентитет врз основа на етничка припадност, религија, сексуална ориентација, попреченост и политички уверувања. Извештајот нуди сведоштва со цел да се разработат делотворни мерки што однесуваат на проблемот и борбата против него, како и водење на политики и стратегија од страна на националните и локалните власти и кои што ќе ги поддржуваат организациите на граѓанското општество во нивната работа на застапување.

Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права истакна дека криминалот од омраза е многу сериозен феномен, затоа што нема ефект само врз жртвата, туку и врз заедницата, односно врз групата кон која припаѓа жртвата што понатаму предизвикува недостаток на самодоверба, страв, вознемиреност, панични напади итн. Сето тоа Хелсиншкиот комитет го констатирал во текот во случаите каде имало можност да се разговара со жртвата.

„Она што е исклучително тешко кај нас е што  делата и говорот од омраза ретко се пријавуваат, под претпоставка дека жртвите не веруваат дека нивните пријави ќе добијат позитивна разрешница и со самото тоа се скусува можноста да се говори во јавноста за случаите на криминал од омраза, поради тоа јавноста не е свесна колку овој феномен е поразителен за демократијата и за човековите права во целина. Во земји каде што има различности, особено треба да се води сметка за криминалот од омраза. За жал, во Македонија многу мал дел од овие дела завршуваат со соодветната квалификација, најчесто ако станува збор за тешка телесна повреда, делото се води како насилство. Секој може да се вклучи на нашата платформа што секојдневно ја водиме, но луѓето понекогаш не се ни свесни дека тоа што им се случило е мотивирано од омраза заради тоа што се различни. Според тоа, ние мора да ги проверуваме податоците, од медиумите, од другите граѓански организации за да го верификуваме како криминал од омраза мора да бидат усогласени и со податоците од МВР“, рече Пировска.

Во 2022 година, Хелсиншкиот комитет имал регистрирано 160 дела или инциденти од омраза. 26 од регистрираните случаи имале јасни пристрасни индикатори, додека останатите инциденти имале одредени индикатори, но Хелсиншкиот комитет не бил во состојба да потврди дали навистина станува збор за дела од омраза. Најголемиот дел од жртвите не се одлучиле да пријават. Најчесто припадниците на ЛГБТИ заедницата се тие кои директно го регистираат криминалот или инцидентот од омраза на платформата на Хелсиншкиот комитет. Но тие повеќе од другите граѓани не се одлучуваат за пријавување со оглед на нивното негативно искуство со полицијата и со судовите. Позитовен исчекор  се два случаи кои имаат позитивна завршница и кои беа соодветно квалификувани.

Во нашето општество не се сфаќа дека говорот на омраза води директно до дела од омраза, а најголем пример за тоа се случувањата во парламентот на 27 април. Омразата врз основа на политичка припадност доведе до тешки кривични дела. Но и понатаму органите на прогонот и судските органи не го сфаќаат сериозно феноменот на говор од омраза кој продуцира дела од омраза. Сепак борбат против овие појави не можат да ја водат само органите на прогонот, тоа е интересорска работа каде голема улога има образовниот систем. Најчести жртви и сторители се на инцидентите и делата од омраза се малолетните или младите луѓе. Во мешаните етнички средини децата се сегрегирани, има општини каде децата од различни етнички групи посетуваат настава во различни термини само да не дојдат во допир што не придонесува за намалување на јазот, недовербата, стравот, дискриминацијата, стереотипите и предрасудите кон оние што имаат поинаква етничка и национална припадност. Апелите дека треба да се смени нешто во образовниот систем не вродуваат со исход, бидејќи зависи од политичкиот момент.

Што се однесува на родово базираното насилство и фемицидите треба да се регистирираат, што  досега не е направено досега.

„Особено за случаите што завршиле со смртни околности забележителен  е понижувачкиот однос кон жртвите само заради тоа што се жени, зато што во нашето општество се’ уште се смета дека е нормално жената да не е во рамноправна положба со мажот. Македонија е мала земја а имаме многу фемициди и мислам дека треба поинаков пристап и кон ова прашање, што ќе го смени односот на јавноста и на општеството кон овие на случаи“, истакна Пировска.