Македонија треба да биде општество еднакво за сите! СТОП за омразата и насилството кон жените и различноста

јуни 28, 2023

Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација остро го осудуваат повикот за протест на Македонската православна црква (МПЦ-ОА), закажан за 29 јуни со единствена цел да се направи јавен притисок кон повлекување на предлог-законите за родова еднаквост и за матична евиденција од собраниска процедура.

Мешањето на Црквата во овие предлог-законски решенија со кои се продолжува вековната борба за еднаквост на жените во Македонија и се решаваат сегашните проблеми со неефективниот систем за унапредување на родовата еднаквост во земјава, не претставува ништо друго освен директен упад во секуларноста на државата и непочитување на Уставот, а пред сѐ на жените во земјава и непрепознавање на нивните реални животни ситуации.

Граѓаните и граѓанките на нашата земја треба да знаат дека со донесувањето на овие закони ќе се подобрат граѓанските права и ќе се унапреди еднаквоста на жените и на родово маргинализираните групи на сограѓани. Тоа се наши граѓани и граѓанки кои, за жал и спротивно на општото уверување, сѐ уште не можат да ги остварат своите фундаментални права подеднакво како и мнозинството граѓани.

Притоа, сакаме да потенцираме дека тоа што жените и родово маргинализираните групи на граѓани во Македонија ќе можат да ги уживаат своите човекови права и слободи – кои, патем, им следуваат! – на никаков начин не им наштетува на останатите граѓани и
семејствата ниту, пак, на општеството во целина. Со овие закони, на лицата кои се чувствуваат поразлично од својот пол им се гарантира правото на самоопределување, а на жените им се овозможува да имаат подобар, побезбеден и попросперитетен живот на сите полиња преку унапредување на институционалните механизми. Без вакви закони, ЕУ ќе биде уште подалеку, демократијата уште позагрозена, а живеењето во Македонија небезбедно за половина од нејзиното население.

Лажни и манипулативни се тврдењата дека овие закони се закана на македонската традиција, за нашите деца и семејства или, пак, дека со нив се оспорува правото на религија и вероисповед. МПЦ не само што калкулира со статистичките податоци за бројот на верници во државата и дрско си ја самододелува улогата на нивни претставник за политички прашања, туку и манипулира со тврдења дека овие предлог-закони продолжувале „во скратена форма за сите собраниски филтри“. Вистината е дека Законот за матична евиденција е во редовна постапка, а оној за родова еднаквост воопшто не е во собраниска процедура. Иако е често користена стратегија, сеењето на страв не носи никому ништо добро. напротив, ја засилува омразата и создава плодна почва за насилство.

Наместо сите ние, како граѓани и граѓанки во оваа држава, да тежнееме кон градење на општество каде што сите ќе
можат вистински да ги остваруваат своите права, со повикот за протест МПЦ дополнително го поларизира граѓанството, замижувајќи пред последиците што ваквите дејствија е многу веројатно да ги имаат по животите и безбедноста на жените и родово различните луѓе, како и пред борбата за подобар живот на жените и на сите маргинализирани групи.

Токму затоа, ги повикуваме граѓаните и граѓанките да не наседнуваат на манипулативните обиди на МПЦ и на некои други само навидум загрижени групи и здруженија кои неосновано тврдат дека овие законски решенија се закана за овдешната
традиција и вера. Ја повикуваме и Владата да ја потенцира посветеноста на своите политики за унапредување на родовата еднаквост и за заштита на основното право на живот на родово различните луѓе. Децата, жените и сите оние кои се различни по свој род и родов идентитет не бараат ништо повеќе освен своите основните права – за да можат да живеат исполнето,
безбедно и во социјална благосостојба и за да можат да придонесуваат кон градењето
демократско општество.

Ако сакаме да имаме општество вистински еднакво за сите, тогаш во Македонија не смее да има место за омраза и насилство. Токму затоа, ги повикуваме сите коишто ги делат овие ставови со нас, да ја поддржат реакцијата тука.