[Галерија] „Ќе преживеат ли жените овде“ – стотици граѓани на марш за женски права во Скопје
март 8, 2023
Со извици „Денес протест, утре штрајк“, „Во фабрика слуги, во Собрание дами“, „Сакаме права, не тава“, „Кој се плаши од женски права“ и „Ти не си сама“, стотици граѓани попладнево се приклучија на осмомартовскот Марш за женски права во центарот на Скопје.
На маршот насловен „Ќе преживеат ли жените овде“, кој се одвиваше од плоштадот „Филип Втори“ кај Старата скопска чаршија, потоа кон Владата, па заврши во паркот „Жена борец“, граѓаните испратија бројни пораки до властите и побараа почитување на женските права и унапредување на родовата еднаквост.
Младата Надица Банишка која беше дел од денешниот протест рече дека во 2023 година, жените и девојките во државата ги мачат прашања кои ја прикажуваат реалната слика со родовата нееднаквост во земјата. Таа додаде дека на жените ги мачат и прашања кои прикажуваат колку никој не мисли на женската благосостојба, повеќеслојната и системска дискриминација, газењето на човековите права, насилството, сиромаштијата и општата апатичност да се признае јасно и гласно.
Банишка посочи дека жените во Македонија ниту се еднакви, ниту слободни, а ниту безбедни.
„Во 2023 година, жените се соочени се политики кои не ги препознаваат нивните потреби, со институции кои не ги заштитуваат, и механизми кои се слепи кон потребите за напредување на родовата еднаквост, колективна негрижа за тоа како и дали ќе преживеат жените овде“, рече Банишка.
Таа истакна дека 8 март е еднаш во годината, а маршот денеска рече дека е нивниот крик против колективната негрижа, додавајќи дека ова се проблеми со кои жените живеат секој ден.
„Оставени сами на себе, жените се жртви на системот во кој колективната негрижа е носечки мотив. На жените и девојките им треба системска превенција и заштита од сексуално вознемирување, насилство врз жените и семејно насилство, спроведување на правда и одговорност за насилниците, законска рамка која ќе ги заштити и ќе им овозможи на жените да работат, без да треба да избирaат меѓу семејството и работното место, здравствен систем кој нема да е лотарија со 50-50 шанси за преживување. Медиуми кои осудуваат насилство наместо да пропагираат насилство, жени во политики кои не се само симболични во нивната вклученост. На жените им требаат осветлени и безбедни улици, редовен јавен превоз, чисти болници, пристап до сервиси и услуги и засолништа од насилство, заедница која ќе ги прифати, заштити кога ќе се жртви на насилство, а нема да ги отфрли и стигматизира. Пристап до образование и професионални можности кои раскрстиле со родовите стереотипи, и традиционалните закоравени улоги“, нагласи Банишка.
Новинарката Елизабета Дамјаноска Спасеновска зборуваше за бремените жени во работен однос, за што посочи дека во изминатите години на осмомартовските маршови малку се зборувало.
„Во 21-от век, дали сте свесни, колку многу млади жени остануваат без работа, во истиот момент кога ќе соопштат дека очекуваат принова. За да биде потрагично ова што го зборувам, тоа особено им го овозможува Законот за работни односи со кој е дозволено во период од 5 години да се пролонгира добивање решение на неопределено. Тоа пак, од друга страна на газдите им овозможува на газдите, раскинување на договорот во било кое време, без да сносат било какви последици. Би сакала да ги замолам парламентарците, наместо да организираат осмомартовски маршови, ги молам маршовите да ги остават на нас. Ние ќе ги организираме за да ја кренеме свеста кај населението, на нив не е да организираат маршови, на нив е да седнат во Собрание и да го сработат тоа за кое што се платени“, рече Дамјаноска Спасеновска.
Таа побара конечно да се изгласаат измените во Законот за работни односи, коишто, како што рече, долго се ветуваат, а со кои нема да се чека 5 години за да се добие решение за вработување.
„Пет години кај еден работодавец, пет кај друг, пет кај трет, нашата младост заминува, додека тие нас ни даваат да потпишуваме договори по три месеци. Законот да предвиди одредба дека по известување за бременоста, договорот за вработување на определено време, мора да се продолжи до завршување на породилното отсуство“, додаде Дамјаноска Спасеновска.
Активистката Соња Хаџи Николов пак, од организацијата „Акција здруженска“ посочи дека овој марш треба да го посветат на сите жени што немаат пристап ниту до основни инфраструктурни услови за нормален и пристоен живот.
„И жените надвор од Скопје, не сме само ние тука во Скопје, и ние денеска сакаме да го кренеме гласот за сите жени во цела Македонија, бидејќи Македонија моментално е во фаза на иселување заради немање основни услови за живот на жените. Институциите само треба да си ја бркаат својата работа, закони има, треба само да почнат да ги почитуваат, имаме администрација која не работи и судство кое што не е функционално, единствено што треба во оваа држава е да се почитуваат законите, бидејќи имаме многу закони и тоа е она што го бараме ние“, рече Хаџи Николов.
Платформата за родова еднаквост традиционално веќе неколку години го организира осмомартовскиот марш во Скопје со кој се бара унапредување на женските права и поголема родова еднаквост.
Овогодишниот марш, како што посочија претходно организаторите е протестен одраз на случувањата во земјава и колективната негрижа кон жените и девојките во секој поглед – од растечките стапки на насилство, фемицидите, секојдневни социјални и здравствени неправди и економска несигурност, до високата сиромаштија која особено ги погодува жените.