Се одржа Марш за женски права под слоганот „Ќе преживеат ли жените овде?“

март 9, 2023

На 8 март, по повод Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените, во 18 часот,  на Плоштадот Филип II, започна овогодинешниот Марш за женски права, под слоганот: „Ќе преживеат ли жените овде?“. 

Маршот, организиран од Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права, мобилизираше стотици присутни кои протестираа против случувањата во нашата земја и колективната негрижа кон жените и девојките во секој поглед.

Читајќи го прогласот кој ја пренесува пораката на овој ден, активистките потенцираа дека да се биде жена во Македонија значи да се будиш секое утро во страв и да се прашуваш како и дали ќе го преживееш тој ден, а прашањата се многубројни и се нижат за секоја жена.

„Да се биде жена во Македонија значи да се прашуваш дали ќе има место во градинка за да го оставиш своето дете, дали ќе стигнеш до работното место со нередовниот јавен превоз, и дали притоа интимниот простор ќе ти го нарушат машки ликови што те допираат по задник, правдајќи се дека е многу гужва, дали ќе те отпуштат од работа бидејќи си бремена, дали на интервјуто за работа ќе треба да одговараш прашања за брачната состојба, дали ќе ја добиеш работата бидејќи имаш мало дете, дали ќе излезеш на крај со приходите со кои едвај се купува храна и се плаќаат сметки, дали ќе те отпуштат ако станеш дел од синдикат за да бараш подобри услови или ако пријавиш сексуално вознемирување на работно место. Да се биде жена значи да прифаќаш краткотрајна работа (работа на црно, *под маса*), без ресурси за стабилна кариера, без социјална заштита и регулација.“ – се вели во прогласот прочитан од активистките.

„Да се биде девојка во Македонија значи да се прашуваш дали ќе го преживееш ова возење со такси без таксистот да те вознемирува, дали ќе добиваш секакви коментари, пораки и закани на социјалните мрежи, дали твои фотографии ќе бидат користени како порнографија, дали ќе имаш пристап до гинеколог и бесплатно ПАП тестирање, дали ќе ја преживееш следната рутинска лекарска интервенција, дали ќе го преживееш пораѓањето… Да се биде жена во Македонија значи да се прашуваш дали ќе го преживееш секојдневното насилство од партнерот кое веќе си пробала да го пријавиш, но институциите кои треба да те заштитат само направиле записник и не постапиле и не те заштитиле.“ – продолжија активистките.

По краткото обраќање, присутните маршираа по рутата која застана на неколку клучни точки, а маршот заврши во паркот „Жена борец“, каде активистките ги прочитаа и нивните барања:

  • Системска превенција и заштита од сексуалното вознемирување, насилството врз жените и семејното насилство
  • Спроведување на правда и одговорност за насилниците
  • Законска рамка која ќе ги заштити и ќе им овозможи на жените да работат без да треба да избираат меѓу семејството и работното место
  • Здравствен систем кој нема да е лотарија со 50/50 шанси за преживување
  • Медиуми кои осудуваат наместо да пропагираат насилство
  • Жени во политика кои не се само симболични во нивната вклученост
  • На жените им требаат осветлени и безбедни улици, редовен јавен превоз, чисти болници, пристап до сервиси/услуги и засолништа од насилство
  • Заедница која ќе ги прифати и заштити кога се жртви на насилство, а нема да ги отфрли и стигматизира
  • Пристап до образовни и професионални можности, кои раскрстиле со родовите стереотипи и традиционални закоравени улоги
  • Конечно, на жените им треба слобода, еднаквост, солидарност, емпатија, разбирање и систем на вредност на кој може да се потпрат и да бидат активни чинител во него. Пораката е јасна, неопходен е крај на колективната негрижа, а активистките се надеваат дека следниот Марш за женски права нема да биде под слоган со црно сценарио, но останува да видиме дали ќе се воведат суштински промени кои ќе овозможат да се подобри положбата на жените во нашата земја.

Фото: Ванчо Џамбаски

Платформа за родова еднаквост