Хелсиншки комитет: Дополнувањата и измените на Кривичниот законик – чекор поблиску до усогласување со Истанбулската конвенција
февруари 16, 2023
Хелсиншкиот комитет за човекови права го поздравува донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик кое меѓу другото значи усогласување на Кривичниот законик со Истанбулската конвенција, за што граѓанските организации се застапуваат веќе две години. И покрај тоа што не беа прифатени сите предлози кои беа дадени од страна на граѓанските организации, вклучително и Хелсиншкиот комитет, за унапредување на текстот на законот, тој предвидува повеќе новини.
Измените и дополнувањата опфаќаат воведување на нови кривични дела, но и измени на постоечките. Се воведуваат полово вознемирување и демнење како нови кривични дела. Значајно е да се истакне дека кривичното дело полово вознемирување вклучува и вознемирување преку користење на електронски средства за комуникација. Со измените и дополнувањата се препознава и дефинира родово базираното насилство, а во кривичното дело убиство како квалификаторен облик се предвидува лишувањето од живот жена или девојче до 18 години, при вршење на родово-базирано насилство, што придонесува за препознавање на фемицидите како најтежок облик на родово базирано насилство. Дефиницијата за семејно насилство се дополнува со психолошко и економско насилство. Исто така, кривичното дело силување се менува во целост, како полов напад и силување, каде недостатокот на јасно изразена волја проценета во контекст на околностите на случајот е клучно обележје, а примената на сила или закана е квалификаторен облик, согласно меѓународните стандарди.
Хелсиншкиот комитет ќе продолжи да го следи постапувањето на релевантните институции согласно измените и дополнувањата и бара институциите да постапуваат со должно внимание во овие случаи. Дополнително, Хелсиншкиот комитет ќе продолжи да застапува за унапредување на содржината на Кривичниот законик и негово целосно усогласување со Истанбулската конвенција при носењето на новиот Кривичен законик, кој е во постапка.