Стратешки форум за зајакнување на локалните организации во застапувањето за родова еднаквост
декември 27, 2022
Во рамки на проектот „Зајакнување на локалните организации за застапување за родова еднаквост“ поддржан од акцијата „Унапредување на родовата еднаквост во процесот на пристапување во ЕУ“, финансиран од Европската унија и Шведската агенција за меѓународен развој и соработка, на 26 декември, 2022 година се одржа стратешки форум за родова еднаквост.
Идејата за овој проект потекнала од секојдневната работа на Хелсиншкиот комитет, особено во областа на бесплатната правна помош. Во случаите кога реакцијата и постапката треба да се итни, како во случаите на родово базирано насилство, а странката живее надвор од Скопје, се јавува потребата од соработка со организациите кои работат на локално ниво, со цел странката да добие што побрза и посоодветна помош и поддршка.
„Хелсиншкиот комитет членува во повеќе мрежи, како што се Платформата за родова еднаквост или Националната мрежа за спречување на насилство врз жени и семејно насилство каде што членуваат и поголеми и помали организаци. Кога велам помали, не мислам дека се помалку значајни, но со помал капацитет на човечки ресурси, буџет, или број на проекти и всушност она што го добивавме како фидбек од овие организации е тоа дека не се доволно видливи, немаат можност да аплицираат на проекти бидејќи донаторите секогаш имаат прилично високи критериуми во однос на годишниот обрт на организацијата, капацитетот, или искуство со претходни проекти. Локалните организации имаат автентична експертиза и се прилагодуваат на потребите на својата заедница и затоа една од нашите цели беше да воспоставиме и одржиме соработка со повеќе организациии, без разлика дали неформална или формална, со што ќе го поддржиме развивањето на нивните капацитети“, рече Бојана Јовановска, проектна координаторка во Хелсиншкиот комитет.
По повикот биле избрани седум организации. „Свесни за потребата од зајакнување на локалните организации го конструиравме овој проект, со цел да ги зајакнеме капацитете на овие помали организации и за нивна поголема видливост. Почнавме со мапирање на локалните организаци на почетокот на 2022 година. Од пријавените избравме 7 организации: „Исчекор“ Валандово – здружение кое работи во областа на човекови права, РОТА Штип – Ромска асоцијација за еднакви права, ЕСИ НЕЛИС Скопје – здружение за европска социјална инклузија на слепи лица и лицата со попреченост, Женска акција Радовиш – Асоцијација за унапредување на статусот на жената во Македонија, Организација на жените Св.Николе – здружение за организација на жените на општина Св.Николе, РАЗМ ЛУЛУДИ – Ромска асоцијација за жени и млади, ЕПЛ ТРИ – здружение за напредок, поддршка и одржлив развој на жени“, рече Славица Анастасовска , правна советничка во Хелсиншкиот комитет за човекови права.
На форумот, проф. Ангелина Станојоска ги презентираше резултатите од извештајот кој беше изработен преку интервјуирање на локалните организации, како придонес за изработка на извештајот во сенка до Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените. Според извештајот, најчестите проблеми со кои се соочуваат жените во локалните средини се вработувањето и здравствената заштита. Генералниот заклучок од извештајот, како што рече Станојоска, е дека жените имаат најмногу проблеми околу процесот на вработување, пред сè жените од руралните средини и во случаите на попреченост. Потоа е пристапот до здравствената заштита, пред сè на жените Ромки. На трето место е вклученоста во јавниот и политичкиот живот, учеството во донесувањето на одлуки и пристапот до информации.
Потоа следуваше дискусија со учесниците и менторките кои присуствуваа на форумот. Разговорот го модерираше Јовановска, која ги постави прашањата за досегашните придобивки на учесниците во проектот и кои се потребите во иднина во насока на зголемуање на капацитетите, видливоста и ресурсите на локалните организации.
Овој проект е поддржан од ЕУ и Шведската агенција за меѓународен развој и соработка. Содржината на оваа објава е единствена одговорност на Хелсиншки комитет за човекови права и не ги отсликува ставовите на Европската Унија или Шведската агенција за меѓународен развој и соработка.