Фемицидите се производ на молкот на општеството и недовербата во институциите
август 8, 2022
Реакција на Платформата за родова еднаквост
Фемицидот на 46-годишната жена од Неготино ја дополнува поразителната статистика според која повеќе од 80% од жртвите во земјава претходно не пријавиле насилство во надлежните институции. Непријавувањето на насилството и несоодветното постапување на институциите во случаи со семејно и родово базирано насилство директно ја зголемуваат веројатноста насилството да кулминира со убиство. Фемицидот, како една од најчестите причини за прерана смрт кај жените на глобално ниво, во најголем број случаи е предизвикан од страна на лице со кое жртвата е или била во партнерски однос, како и во случајот на неготинчанката, која почина откако нејзиниот партнер брутално ја претепал.
Високиот степен на недоверба во постапувањето на надлежните институции, вклучително и полицијата, центрите за социјална работа и правосудството, значително влијае граѓаните да бидат демотивирани да го пријават насилството. На тоа се надоврзува ниската свест кај граѓаните дека секој има обврска да пријави насилство, а притоа доминантниот став е дека пријавување насилство од позиција на трето лице претставува мешање во туѓиот живот.
И покрај тоа што новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство беше донесен пред повеќе од една година, сè уште не се усвоени сите подзаконски акти и оперативни процедури неопходни за негова успешна имплементација. Фемицидот сѐ уште не е препознаен како посебно кривично дело во нашиот Кривичен законик, како потежок облик на убиство кога е сторено при вршење на семејно насилство. Сепак, најголем проблем не е легислативата, која последниве години се усогласува со меѓународните стандарди, туку нејзината несоодветна имплементација од страна на надлежните институции.
Секоја трагична смрт на жена само зашто е жена нѐ остава со горчливото сознание дека сите напори на граѓанскиот сектор за справување со овој проблем (подигнување на свеста, поддршка за жртвите на насилство и застапување за системски промени) се едноставно недоволни ако не се придружени со поширока институционална и општествена акција. Семејното и родово базираното насилство не е приватна работа.
Очекуваме дека институциите соодветно ќе ја завршат својата работа во однос на понатамошното постапување по случајот, меѓутоа она на што укажува овој и бројни други случаи е потребата институциите да започнат да работат и во рамки на својата превентивна улога за заштита од родово базирано насилство, со цел овие случаи да немаат вакви фатални завршници.