ОЈО Велес итно да ја смени одлуката во случајот на Пале Илоска и да го искористи институтот нужна одбрана
февруари 4, 2022
Реакција на граѓанските организации членки на Платформата за родова еднаквост , Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство и Мрежата за заштита од дискриминација против одлуката на ОЈО Велес
Граѓанските организации остро реагираат на одлуката од страна на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Велес, кое по спроведената истражна постапка, донесе одлука да поднесе обвинителен предлог против 23-годишна велешанка за кривично дело – Убиство на миг од член 125 од Кривичниот законик (КЗ)[1].
Имено, целокупниот случај од извршување на убиството до поднесување на обвинителниот предлог, бележи низа пропусти од страна на институциите, кои во прв план се надлежни да постапуваат во вакви ситуации. Имено, институциите уште од самиот почеток не го применуваат принципот на должно внимание, поточно кон сега обвинетата, постапуваат како со лице за кое постои основано сомнение дека извршило кривично дело, а не како лице – жртва кое се нашло во неизбежна борба за заштита на сопствениот живот.
Воедно би сакале да нагласиме дека во духот на Истанбулската конвенција, а и во согласност со нашата легислатива сите релевантни институции кои треба или требало да постапат во овој случај се должни да го применат принципот на должно внимание.
Пале Илоска е жена жртва на насилство од страна на нејзиниот интимен партнер, кој со својот насилен карактер и авторитет ја држи во константен страв за нејзиниот живот. Дополнително на ова, институциите го игнорираат и фактот што таа била првата која се јавила на 193 и повикала амбулантно возило, па оттука наместо да и биде обезбедена заштита и тоа првично психолошка помош, ОЈО донесува заклучок дека постојат индиции кои укажуваат дека обвинетата би се дала во бегство за да ја избегне кривичната санкција, па поднесува предлог до судот за изрекување на мерка – куќен притвор. Понатаму, во текот на истражната постапка, куќниот притвор е продолжен за уште 30 дена. Траењето на ограничувањата на личната слобода на човекот, треба да бидат сведени на најкратко нужно време, па нејасно е зошто е определена и продолжена ваква мерка која е несоодветна, престрога и не постојат никакви основи кој ја оправдуваат. Согласно чл. 164 од ЗКП за определување на куќен притвор треба да постојат услови за определување на мерка притвор. Следствено на ова, за да може да се донесе ваква строга мерка треба да постојат определени услови како на пример да се крие, да постои основан страв да дека ќе ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, вештаците, соучесниците или прикривачите .
Од горенаведеното произлегува дека во конкретниов случај не се исполнети овие услови, па со тоа доколку ОЈО Велес смета дека е потребно изрекување на мерки за водење на постапката, му стојат на располагање алтернативните мерки како што се – одземање на патна исправа, одземање на возачка дозвола, обврска за јавување на определено службено лице во суд и слично.
Важно да се напомене е дека ОЈО Велес од самиот почеток погрешно ја води истражната постапка, поточно во конкретниов случај не постои никако кривично дело кое е сторено од страна на Пале Илоска, односно врз истата е направен обид за убиство од страна на сега починатиот Александар и со тоа таа е жртва која се обидела да си го спаси сопствениот живот. Поточно, во критичниот момент е развиен страв за сопственото здравје и живот, кој кулминирал кога Александар почнал да ја дави. Обвинетата делувала исклучиво во нужна одбрана, со цел да го заштити својот живот. Дополнително на ова, ОЈО Велес не го зема предвид фактот дека таа била нападната од службено лице кое претходно било во два наврати во судир со законот, па наместо да ги примени посебни посебните права на ранливи категории на жртви кој им припаѓаат согласно чл.54 од ЗКП, од каде јасно произлегува дека се работи за посебно чувствителна жртва, ОЈО Велес поднесува предлог за привилегирано убиство и со тоа смета дека е задоволена правдата. Пале Илоска е жртва која се борела за здив, која била физички малтретирана и претепана во критичниот момент и директно и бил загрозен животот, па оттука постојат јасни индиции дека не е сторено кривично дело согласно чл.125 од КЗ „убиство во миг”, туку во овој случај станува збор за примена на институтот „нужна одбрана” согласно чл.9 од КЗ. Имено институтот на нужна одбрана е составен од два дела – напад и одбрана. Во конкретниот случај одбраната била преземена во истиот момент кога бил и нападот и таа е сразмерна на нападот, не се пречекорени границите на одбраната, па со што се исполнети елементите на самиот институт – нужна одбрана, кој не дозволува лицето да биде гонето за кривично дело. Нужната одбрана ги отфрла елементите на кривичното дело, поточно ја исклучува противправноста, ја исклучува вината и доведува ослободување од казна. Согласно предходно наведеното, Основниот јавен обвинител не постапил по чл. 288 од ЗКП и со тоа не донесол Решение за отфрлање на кривичната пријава.
Па оттука, бараме сега обвинетата Пале Илоска да биде ослободена за кривичен прогон, односно ОЈО Велес да го повлече обвинителниот предлог и судот да донесе одбивателна пресуда. На крај како понатака ќе постапат правосудните органи во овој случај несомнено ќе го одрази и нивото на општествена свест, а ќе зависи понатамошното охрабрување на жртвите за пријавување на насилство врз жените и семејно насилство.
…
[1] https://jorm.gov.mk/obvinenie-za-ubistvo-na-mig-vo-veles/