Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 04.07.2016 – 10.07.2016 година

јули 13, 2016

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 04.07.2016 – 10.07.2016.

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови

Вкупниот број на бегалци во кампот изнесува 133 и е непроменет од минатата седмица.

Поставени се клими во одделни куќарки во кампот во кои недостигаа клими.

Се поставува патека од бекатонски плочки во внатрешноста на цел кампот.

На 01.07.2016 година, во кампот остварија посета претставници на Народен правобранител.

Институционално постапување

Шестчлено семејство се откажало од поднесеното барање за азил, наводно поради несоодветна здравствена заштита и нега на две од нивните четири деца, кои имаат сериозни нарушувања на видот.

Во кампот повремено се носат бегалци кои се затекнуваат по илегални патишта. Така, во текот на оваа седмица вкупно 82 бегалци беа донесени во приемниот шатор, а брзо потоа беа пренесени на грчка страна. Групите беа составени од бегалци од различно потекло, односно од Сирија, Бангладеш, Авганистан, Пакистан и Мароко.

Куманово 

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци во кампот во почетокот на седмицата изнесуваше 95, но кон крајот на седмицата се намали на 76 бегалци. Сите останати бегалци во кампот се со потекло од Сирија.

Институционално постапување

Во кампот постојано пристигнуваат бегалци со потекло од различни земји, кои по краток престој во кампот го продолжуваат своето патување. Во текот на седмицата, пристигнаа тројца бегалци од Алжир, на кои откако им беше укажана хуманитарна помош, од страна на надлежните институции им беше соопштено да го напуштат кампот.

Состојба во Прифатните центри во Република Македонија 

Во Прифатниот центар за странци во Гази Баба во текот на минатата седмица се задржани 38 лица, а додека во Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово се наоѓаат 25 бегалци. Во Безбедната куќа во која се згрижуваат ранливи групи односно жени и (непридружени) деца, во моментот се згрижени 11 бегалци.

Нерегуларна миграција 

Во текот на седмицата, Министерството за внатрешни работи регистрирало само еден кривично-правен настан поврзан со криумчарење мигранти. Притоа, од две возила кои биле забележани дека превезуваат мигранти, едното не било фатено воопшто, а возачот на другото возило го напуштил возилото и не бил фатен од страна на полицијата. Во возилото кое застанало, биле затекнати 11 бегалци чие потекло не е наведено, а кои по спроведен разговор биле преместени во прифатните центри во Скопје и транзитниот центар во Гевгелија.