Заштита на човековите права преку унапредување на бесплатната правна помош
декември 11, 2020
Овој документ ги обработува и презентира податоците за обезбедената бесплатна правна помош од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права за време на првата година од примената на новиот Закон за бесплатна правна помош.1 Цел на документот е да даде оценка на примената на новото законско решение низ призмата на работата на здружение кое е овластено2 да дава т.н. „примарна правна помош“. ЗБПП од 2019 година суштински го реформираше националниот систем за бесплатна правна помош, па од таа причина неопходно е следење на неговата примена во практиката.
Податоците што се предмет на анализа на овој документ се однесуваат на бесплатната правна помош дадена во периодот од започнувањето со примена на новиот ЗБПП во октомври 2019 до октомври 2020 година. Документот ги идентификува и анализира видовите правни проблеми со кои се соочиле лицата кои побарале правна помош од Хелсиншкиот комитет на човекови права, како и посебните облици правна помош кои им биле обезбедени.
Посебен фокус се посветува на идентификување и анализа на проблемите и предизвиците со кои се соочиле граѓаните во остварување на правото за пристап до правда кое меѓу другото вклучува и право на пристап до достапна, ефективна и квалитетна правна помош. Документот дава оценка на предизвиците анализирајќи ги нивните причини, дали истите се последица на законската рамка или, пак, на други фактори кои влијаат на пристапот до правда. Документот посветува особено внимание на напорите на здружението да одговори на потребите на лицата кои имаат потреба од бесплатна правна помош во услови на пандемија. Мерките за заштита од ширење на вирусот COVID-19 (пред сѐ, физичкото дистанцирање, забраната за групирање и работата од дома за хронично болните) ја усложни непосредната (лична) комуникација. Во исто време, здравствените, економските и социјалните последици од пандемијата го зголемија бројот на лица кои имаат потреба од правна помош (повреда на права од работен однос; потреба од пристап до социјална заштита; семејно и родово базирано насилство итн.).
Намената на документот е да придонесе во поттикнување на поширока јавна дебата за потребата од обезбедување пристап до квалитетна и достапна бесплатна правна помош воопшто, а особено во состојба на пандемија предизвикана од вирусот COVID-19. Наодите ќе овозможат идентификување на клучните проблеми и предизвици кои го отежнуваат пристапот до правда за граѓаните. Особено, ќе се даде првична оценка за примената на ЗБПП во првата година од примената. Врз основа на наодите, Документот ќе даде препораки за унапредување на бесплатната правна помош и пристапот до правда воопшто, како едни од клучните елементи од Поглавјето 23 во контекст на евроинтегративниот процес.