декември 10, 2020

Месечен извештај за човековите права во Република Северна Македонија – ноември 2020

СОДРЖИНА

ПОЛИТИЧКООПШТЕСТВЕН КОНТЕКСТ

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

Пожарникарите се изборија за своите работнички права

Хронично болните работници оставени без системска заштита

Несигурност на работното место во најтешката здравствена и работничка криза

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

Продолжуваат прекршувањата на работничките права на текстилните работнички

ДИСКРИМИНАЦИЈА    

Апел за транспарентен и квалитетен избор на нова КЗД и Народен правобранител

РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

Непостапување на институциите во случаи на семејно насилство

-Случај во Тетово

-Случај во Кичево

ТОРТУРА И НЕХУМАНО ПОСТАПУВАЊЕ

Употреба на сила врз осудено лице

ГОВОР НА ОМРАЗА

Сè уште висок број пријави врз основ на етничка припадност

ПОЛИТИЧКО-ОПШТЕСТВЕН КОНТЕКСТ 

Хелсиншкиот комитет продолжи со мониторинг на мерките на Владата, особено во контекст на почитување на темелните права во рамки на Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права. Хелсиншкиот комитет во својот извештај за август дава осврт на следниве области: работнички права, текстилни работнички, дискриминација, родово базирано насилство, тортура и нехумано постапување и говор на омраза.

Согласно со извештајот на Европската комисија, напредокот на земјава во ноември беше потврден и од Европскиот парламент. Се нотира дека правната рамка за заштита на темелните права е во најголема мера согласно со европските стандарди.

Преговарачката рамка за пристапување која беше претставена од германското претседателство за преговори помеѓу Унијата и Северна Македонија констатира дека клучен предуслов за членство се „стабилни институции кои ја гарантираат демократијата, владеењето на правото, човековите права, како и почитување и заштита на правата на немнозинските заедници.“ Имајќи ја предвид севкупната ревизија на процесот за пристапување во делот на политичките поглавја, процесот на преговори ќе започне и ќе заврши со првиот фундаментален кластер (имено и Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права). Исто така, Комисијата нагласува дека од огромна важност за земјата е унапредување на спроведувањето на легислативата против говорот на омраза и акцискиот план за спроведување на Истанбулската конвенција. Говорот на омраза сè уште претставува клучен предизвик за државата во наредниот период, имајќи го предвид трендот од над 100 пријави месечно од почетокот на пандемијата во март годинава.

Предлогот на Преговарачка рамка има за цел да овозможи доволно време и ресурси за воспоставување на неопходната правна инфраструктура за примена на правото на ЕУ и градење досие на успешност во спроведувањето на преземените реформи пред затворање на преговорите и потпишување Договор за пристапување во Унијата. Сепак, и покрај инсистирањето на германското претседателство и интензивните преговори помеѓу делегациите од Република Северна Македонија и Република Бугарија, на 16 ноември Советот на Европската Унија не постигна едногласност за почеток на преговорите и одржување на првата меѓувладина конференција во декември. И покрај инсистирањето за вклучување на барањата на Бугарија во преговарачката рамка, сепак, останатите земји членки едногласно го отфрлија ова барање. Европската Унија, претставена од германското претседателство, потенцираше дека билатералните прашања треба да се чуваат надвор од преговарачката рамка. 

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

21 пријава, засегнати 70 работници

 71 % жени 29 % мажи

Пожарникарите се изборија за своите работнички права

Откако минатиот месец се одржаа протести на пожарникарите, коишто бараа нивната плата да биде усогласена со законски предвиденото ниво, Град Скопје ја извести јавноста дека е постигнато привремено решение на овој проблем. Имено, додатокот на плата од 20 отсто поради видот и природата на работите што ги извршуваат професионалните пожарникари, предвиден со Законот за пожарникарството и потврден со судски пресуди, ќе биде исплатен врз основа на измени во правилникот за плати. Врз основа на изменетиот правилник веќе од декември ќе биде усогласена основната плата на пожарникарите, а ова привремено решение ќе важи сè додека во Собранието не се донесе долгорочно законско решение за регулирање на ова прашање.

На овој начин дополнително ќе се избегне и водењето судски постапки за неисплатените додатоци на плата, а Град Скопје нема да биде оптоварен со исплаќање долгови, камати, судски и адвокатски трошоци и трошоци за извршители.

Хронично болните работници оставени без системска заштита

Работниците со одредени здравствени состојби и хронични заболувања се вратија на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи во септември, кога Владата одлучи дека оваа мерка престанува да важи. Стапката на новодијагностицирани лица достигнува 364 на 100.000 жители за период од една недела, а за истиот период, во 27,8 отсто од епидемиолошки истражените случаи било утврдено присуство на хронични здравствени состојби. Ова значи дека престанокот на важноста на оваа мерка ги остави хронично болните работници без системска заштита во еден од најкритичните моменти на пандемијата.

Во оваа насока, и Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари достави конкретни предлози за справување со кризата и го дадоа својот придонес кон олеснување на процесот на носење нови мерки и препораки за превенција од коронавирусот. Помеѓу овие, беше даден предлог повторно да се ослободат хронично болните работници од работа и извршување на работните задачи. Покрај ветувањата на Владата дека ќе продолжи да ги презема сите потребни мерки за заштита на сите работници и нивните работни места, јавноста не е известена дали ова конкретно прашање се разгледува.

Несигурност на работното место во најтешката здравствена криза 

На 31 октомври на четириесетина медицински сестри, кои повеќе од две години работеле во ЈЗУ Здравствен дом Скопје, им престанал работниот однос, поради тоа што изминал рокот за кој биле склучени нивните договори за вработување на определено време. За продолжување на нивните договори била потребна согласност од Фондот за здравствено осигурување како надлежна институција за донесување и одобрување на буџетот за ангажман на медицински кадар. Само еден ден откако на 23 ноември на социјалните мрежи беше споделена сторијата на медицинските сестри на кои им истекле договорите на определено време, поради што не одат на работа, Фондот даде согласност за продолжување на договорите.

Авторка: Арбнора Мемети

Во 2018 година дури 25,8 отсто од вкупниот број вработени имале склучено договори на определено време, што значи дека денес повеќе од секој четврти работник во Македонија е ангажиран преку ваков вид договор. За здравствените работници чии договори на определено време истекуваат за време на економска криза од овие размери, ова претставува значителен удар по нив, како една од најранливите категории работници. Тие се борат на првата борбена линија против коронавирусот, лишени од еден од столбовите на работничките права – сигурноста на работното место.

Новиот Закон за работните односи, кој треба да се најде во собраниска процедура на почетокот на 2021 година, предвидува дека договор за вработување на определено време ќе може да се склучи, со прекин или без прекин, најмногу до три години. Ова претставува намалување на сегашната граница каде горната граница е поставена на пет години. Дополнително, новиот Закон предвидува дека договорот за вработување на определено време е исклучок и дека со таков вид договор не можат да бидат вработени повеќе од 20 отсто од вкупниот број вработени кај работодавачот. Покрај тоа што и рокот од три години е премногу долг и ги држи работниците во незавидна положба, речиси двојното намалување е позитивна промена во заштитата на работничките права.

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

Продолжуваат прекршувањата на работничките права на текстилните работнички

Во ноември Хелсиншкиот комитет регистрираше 88 случаи на прекршување на работничките права на текстилните работнички и поднесе четири барања за вонреден инспекциски надзор во текстилни фабрики за прекршувања на работничките права на текстилните работнички. Во еден од случаите станува збор за неисплатени плати. Имено, работодавачот не им исплатил на работниците плати за јули, август, септември и ноември. Во два од случаите станува збор за неисплаќање минимална плата согласно со закон. Работодавачите во овие случаи на вработените им исплаќале пониски плати од законски утврдената минимална плата за септември и октомври. Во последниот случај, работодавачот склучил договори за вработување со своите вработени на скратено работно време од 4 часа, а вработените работеле полно работно време од 8 часа. Хелсиншкиот комитет за сите наведени случаи иницираше постапки за вонреден инспекциски надзор пред Државниот инспекторат за труд.

ЗАКЛУЧОК: Текстилните работнички и понатаму остануваат една од најранливите категории граѓани чии работнички права се најподложни на прекршување за време на пандемијата предизвикана од КОВИД-19.

ПРЕПОРАКА:          Апелираме Државниот трудов инспекторат навремено и ефикасно да постапува по поднесените барања за инспекциски надзор, почитувајќи ги законските рокови за постапување и известување на подносителот на барањето од Законот за инспекциски надзор.

ДИСКРИМИНАЦИЈА 

Апел за транспарентен и квалитетен избор на нова КЗД и Народен правобранител

Мрежата за заштита од дискриминација на 17 ноември побара од Собранието на Република Северна Македонија итно да ги започне постапките за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и избор на нов Народен правобранител.

Притоа, Мрежата апелираше за транспарентен избор на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, но и да се внимава на квалитетот на избраните кандидати. Во барањето до Собранието се нагласува потребата од избор на професионални и независни кандидати/ки, кои на ниту еден начин не се поврзани со политичките партии. Притоа, етничката припадност не смее да биде единствен критериум, особено нејзиното тесно разбирање како распределба на позициите помеѓу Македонците и Албанците. Неопходно е да се води сметка за родовата еднаквост и да се вклучат претставници на маргинализираните заедници (Роми, лица со попреченост, ЛГБТИ и други).

Што се однесува на изборот на нов Народен правобранител, Мрежата за заштита од дискриминација посочи дека Собранието при изборот треба да води сметка идниот омбудсман да биде лице кое ќе ги надмине долгогодишните идентификувани проблеми на институцијата, а кои се однесуваат на недостатокот на рамномерна распределба на финансиски и човечки ресурси, степен на стручност и компетентност на значаен дел од кадарот на институцијата, јавно објавените меѓучовечки конфликти и мобинг во институцијата и пополнување на празните работни места согласно со Правилникот за систематизација во стручната служба, во тимот на Националниот превентивен механизам, во посебните одделенија и во канцелариите на Народниот правобранител.

РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

Непостапување на институциите во случаи на семејно насилство

Случај во Тетово

Хелсиншкиот комитет за човекови права преку текст објавен на медиумот СДК.мк на 19 ноември доби информација за непостапување на полициски службеници по пријава за семејно насилство. Според првичните информации, се работи за случај на семејно насилство во Тетово кој неколкупати бил пријавуван во полиција. Жртвата била подложена на насилство од страна на нејзиниот сопруг, во форма на вербално и невербално заплашување, силување, принуда, демнење, физички напади, одземање на месечна заработка итн., додека како индиректни жртви се јавуваат и нивните малолетни деца кои најчесто се сведоци на силувањето и генерално на физичкото насилство. Во текот на седмицата пред овој последен инцидент, било утврдено дека насилникот е позитивен на вирусот Ковид-19. На 17 ноември околу 22:00 часот кога жртвата била физички нападната од сопругот, случајот веднаш го пријавила во полиција. Одговорот од надлежната полициска станица во Тетово бил: „Не можеме да преземеме интервенција во конкретниот случај, бидејќи сторителот е позитивен на Ковид-19“. Додека насилникот ја малтретирал пред нивните деца, полициските службеници ѝ се јавувале по телефон на жртвата која била во опасност, за дежурните службеници да слушаат што се случува „во живо“ во куќата. Полициските службеници иако знаеле и биле свесни дека животот и здравјето на жртвата се ставени под сериозен ризик, тие свесно одлучиле да не интервенираат во домот поради тоа што насилникот бил позитивен на вирусот Ковид-19. Дополнително, во одговорот од Министерството за внатрешни работи се вели дека Секторот за внатрешни работи – Тетово располага со заштитна опрема за вирусот Ковид-19 и дека истата полициските службеници ја употребуваат според направена проценка.

Во случаи кога семејното насилство останува непријавено или пак релевантните институции, како Министерството за внатрешни работи, на жртвата не ѝ ја обезбедуваат соодветната заштита, се зголемува веројатноста дека насилството ќе резултира со фемицид. Оттука, недозволиво е полициските службеници кои треба да бидат во првите борбени редови за заштита на жртвите од семејно насилство, да не ја носат потребната заштитна опрема за вирусот Ковид-19 и со тоа несовесно постапување да ги повредат човековите права на жртвите ставајќи ги нивните животи во опасност.

Во конкретниот случај, полициските службеници грубо ги повредиле одредбите од Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство каде во членот 29 е предвидено дека: „Полицискиот службеник секогаш кога има пријава за семејно насилство, а заради отстранување на непосредна и сериозна опасност по животот и физичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство, должен е да излезе на местото на настанот и да изготви полициски извештај веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од интервенцијата на настанот“. Во истиот член во ставот 2 е предвидено дека „Полицискиот службеник во случаи на семејно насилство, при преземањето на полициските работи и примената на полициските овластувања, оперативно-технички и превентивни мерки утврдени со Законот за полиција, секогаш прави проценка на ризикот по животот и телесниот интегритет на жртвата и на ризикот од повторување на насилството, со цел за заштита на жртвата, преку соодветно управување со ризикот.“

На 20 ноември Хелсиншкиот комитет за човекови права поднесе кривична пријава до Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против полициските службеници од Полициската станица Тетово за сторено кривично дело „Несовесно работење во службата“ од член 353-в став 2 од Кривичниот законик. Хелсиншкиот комитет предложи, по претходно спроведена темелна истрага, прибавување на потребните материјални и вербални докази и утврдување на целокупната фактичка состојба, Основното јавно обвинителство да поднесе обвинение до надлежен суд против пријавените полициски службеници од ПС Тетово за сторено кривично дело со предлог обвинетите да бидат прогласени за виновни и казнети со примарна казна која ќе има специјална, но и генерална превенција во иднина полициските службеници да не вршат вакви и слични кривични дела.

Случај во Кичево

Хелсиншкиот комитет за човекови права на 10 ноември преку медиумот ТВ 21, доби сознание за семејно насилство, вршено врз женско лице од Кичево од страна на нејзиниот брачен партнер од село Љуботен, Скопје. Комитетот стапи во контакт со адвокатот на жртвата од кој добивме информации за случајот и нè извести дека од страна на Министерството за внатрешни работи се поведени две кривични постапки пред Основното јавно обвинителство – Кичево против насилникот. Кривичните постапки се однесуваат за кривичните дела од член 130 став 2 и член 149 од Кривичниот законик. Дополнително, добивме информација дека Министерството за внатрешни работи води истрага за уште три дела за семејно насилство сторени од страна на насилникот врз жртвата и нејзиното семејство. Меѓутоа, иако против насилникот се поведени две кривични постапки за семејно насилство до надлежното обвинителство, се водат истраги во рамки на Министерството за уште три други дела поврзани со семејно насилство, а на 16 ноември од страна на Основниот суд ‒ Кичево против насилникот се изречени и привремени мерки за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, осомничениот сè уште слободно се шетал, доаѓал пред станот на жртвата, се заканувал и продолжил да се однесува насилнички. Животот на жртвата, нејзиното малолетното дете и животите на членовите на нејзиното семејство се секојдневно ставени под огромен ризик.

Имајќи предвид дека ненавремената реакција на институциите може да доведе до фатални последици кај жртвите, Хелсиншкиот комитет на 17 ноември до Основното јавно обвинителство – Кичево поднесе барање за постапување, со цел да се спречи понатамошното насилство и да се овозможи заштита на жртвата и нејзиното семејство. Имајќи предвид дека Основното јавно обвинителство има една од клучните улоги во оваа постапка за заштита на жртвата и нејзиното семејство, потребно е брзо, ефикасно и ефективно спроведување на постапките и поведување обвиненија пред надлежен суд, за насилникот да биде прогласен за виновен и санкциониран за неговите дела од страна на судот. Она што е неопходно, сè до правосилно завршување на овие постапки, а со цел заштита на безбедноста и здравјето на жртвата и нејзиното семејство, како и непречено водење на кривичните постапки, е обезбедување на негово присуство односно поднесување на предлог до судот за изрекување на мерка притвор против насилникот.

На 16 ноември Хелсиншкиот комитет ангажираше и судски монитор на судењето во Кичево на кое беа изречени привремени мерки за превенција, спречување и заштита од семејно насилство за жртвата. Комитетот ќе го следи понатамошното имплементирање на мерките од решението и кривичните постапки.

ТОРТУРА И НЕХУМАНО ПОСТАПУВАЊЕ

 Употреба на сила врз осудено лице

Осудено лице кое издржува казна затвор во КПУ Затвор ‒ Прилеп се обрати до Хелсиншкиот комитет за човекови права поради, како што наведува тој, претрпена тортура и нехумано постапување од страна на командир вработен во установата.

Имено, на 13 ноември  осуденото лице во својство на обвинет присуствувал на судско рочиште. По завршување на судското рочиште, на пат кон негово спроведување во КПУ Затвор ‒ Прилеп, тој бил физички нападнат од страна на командирот кој го придружувал. Истиот ден, околу 22:00 часот, осуденото лице било однесено во ЈЗУ Општа болница – Прилеп каде му била пружена здравствена заштита, и било констатирано дека има видливи повреди во вид на модрило на задниот дел од ’рбетот и модрило во пределот на левиот лакотен зглоб.

За да се увериме дали овој случај е уште еден во низата на пречекорување на овластувањата на припадниците на затворската полиција со примена на прекумерна сила која не е ниту оправдана ниту пропорционална, веднаш побаравме информации од Управата за извршување на санкции и Националниот превентивен механизам при Народниот правобранител од каде сè уште сме во очекување на одговор.

Силата која ја употребуваат полициските службеници и припадниците на затворската полиција треба секогаш да биде неопходна, оправдана, сразмерна и пропорционална. Апсолутно е забрането секаков вид мачење, сурово и друго нечовечко постапување со примена на сила и средства на присилба. Секое вакво постапување претставува тортура, нехуман и деградирачки третман кој треба најстрого да се санкционира.

ГОВОР НА ОМРАЗА 

Сè уште висок број пријави врз основ на етничка припадност

Хелсиншкиот комитет за човекови права во ноември 2020 година, слично како и за изминатиот период, продолжи да нотира висок број случаи со говор на омраза на социјалните медиуми. Особено истакнуваме дека говорот на омраза врз основ на етничка припадност е во постојан пораст и забележа рекорден број пријави, односно 57 % од сите регистрирани случаи се на овој основ. Хелсиншкиот комитет, по повод Меѓународниот ден на толеранцијата на 16 ноември 2020 година, објави серија јавни апели кон надлежните институции за активно дејствување на терен и на социјалните медиуми.

Пораката на Комитетот е дека живееме во дел од светот кој многупати во минатото се соочил со уништувачките последици на нетолеранцијата и нејзините продукти: омразата и насилството. Затоа, секогаш и секаде мора да се повторува дека толеранцијата е клучна за одржување на мирот и за економскиот и социјалниот напредок на сите луѓе, а тоа особено се однесува на општествата кои се мултиетнички и мултикултурни. Од друга страна, не смее да се игнорира социјалната нееднаквост, дискриминацијата и говорот и делата од омраза, кои произлегуваат токму од нетолерантност однос кон другите и различните.

За жал, периодов сме сведоци на пораст на екстремниот национализам и дискриминацијата по разни основи кои жилаво опстојуваат и покрај свесноста за штетата и уназадувањето кое тие го предизвикуваат. Исто така, врз основ на нашата анализа, повторуваме дека најмладата популација (18 – 26 години) е најмногу изложена на манипулации и дезинформации и честопати е најактивна категорија која употребува говор на омраза на социјалните медиуми.

Комитетот верификуваше вкупно 112 пријави за ноември 2020 година, што претставува зголемување за 10 % во споредба со претходниот месец. Негативната реторика овој месец ескалираше на социјалните медиуми што придонесе за високиот број пријави за говор на омраза.

 

 

Хелсиншкиот комитет за човекови права ја повикува Владата на Република Северна Македонија, особено Министерството за внатрешни работи, итно да преземат мерки што се во нивна надлежност за санкционирање на овој феномен – односно поинтензивна работа со граѓанските организации и јавна кампања за дополнителна едукација на граѓаните.

Што се однесува на длабинските промени кои се неопходни за да се спречат негативните трендови на омраза, ги повторуваме нашите заложби за суштински реформи во образовниот процес, културата и јавната комуникација, а пред сè во начинот на кој надлежните институции го третираат говорот на омраза и неговите последици.

Реакциите на јавноста кои беа верификувани од Хелсиншкиот комитет се достапни на: http://www.govornaomraza.mk/reports/.

Документи