Мајки на деца до тригодишна возраст без согласност работат ноќна и прекувремена работа

декември 30, 2020

Неколку работнички од Велес, кои имаат деца до едногодишна возраст, се обратија до Хелсиншкиот комитет бидејќи вршат прекувремена работа и работат ноќе, а дел од нив, кои имаат деца до тригодишна возраст, вршат работа ноќе со писмена согласност дадена под принуда.

Работничките, кои се мајки на деца со возраст до три години, се во работен однос кај работодавачот со склучени договори за вработување на определено време. Тие од страна на работодавачот биле уценувани дека доколку не потпишат писмена согласност со која се согласуваат да работат прекувремена и ноќна работа, нивните договори нема да бидат продолжени. Под страв дека дека ќе останат без средства за егзистенција во период на пандемија, работничките ги потпишале согласностите. Работодавачот знаел дека тие стравуваат да не го изгубат своето работно место и знаел дека со нивните потписи тешко би се докажало пред трудовиот инспекторат и обвинителството дека тие не се согласни да работат ноќна и прекувремена работа поради што ја злоупотребил нивната положба во своја корист, а на нивна огромна штета. Тој не само што ги принудил да работат ваков начин на работа, тој не им ја исплатил ниту прекувремената работа за што се утврдени неправилности од страна на Државниот инспекторат за труд, по пријава од Хелсиншкиот комитет.

Законот за работните односи предвидува посебна заштита за време на бременост и родителство во врска со ноќната и прекувремената работа. Имено, за време на бременост или со дете до една година возраст, работничката не смее да врши прекувремена работа или да работи ноќе (член 164, став 1). На работничката која има дете од една до три години возраст, може да ѝ се наложи да врши прекувремена работа или работа ноќе, само по нејзина претходна писмена согласност (164, став 2). Писмената согласност од страна на работничките мора да биде дадена слободно и своеволно без принуда и закана.

Ваквиот начин на постапување на работодавачот, кој буквално ги принудил работничките да работат ноќна и прекувремена работа, претставува кривично дело против работните односи и се повредуваат одредбите за ноќна и прекувремена работа,  за што е предвидена парична казна или казна затвор до една година..

#трудбездискриминација

Оваа објава е дел од проектот на Хелсиншкиот комитет за човекови права, поддржан од Реактор – Истражување во акција, Мрежата на жени на Косово (Kosovo Women’s Network), и нивните партнери во проектот „Унапредување на работничките права на жените“. Овој проект е финансиран од Европската Унија и ко-финансиран од Шведската агенција за меѓународен развој и соработка (СИДА). Содржината на оваа објава е единствена одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права и не ги одразува ставовите на Европската Унија или СИДА.

 

 

2