Новиот Закон против насилство врз жените и семејното насилство е позитивен чекор, институциите да се подготват за негова доследна примена
ноември 25, 2020
16 дена активизам против родово базирано насилство е годишна меѓународна кампања што започнува на 25 ноември, Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените и трае до 10 декември, Денот на човековите права. Координирана од Центарот за женско глобално лидерство, кампањата се користи како стратегија за организирање на поединци и организации ширум светот, кои се активни на полето на спречување и елиминирање на насилството врз жените и девојчињата. Годинава, Северна Македонија го одбележува овој ден со наговестувањата за промени, кои треба да ги донесе новиот Закон против насилство врз жените и семејното насилство. Ние ќе инсистираме на негова целосна примена на терен, за да се спречат идни случаи на убиства на жени поради непостапување на полицијата, за да запре двојното малтретирање на жртвите во социјалните центри и судовите и за да им се даде целосна поддршка.
Справувањето со пандемијата на Ковид-19 значеше и повлекување во домовите како превентивна мерка за заштита на јавното здравје. Со оглед на тоа што домот генерално претставува едно од најнебезбедните места за жените, ранливоста на жените беше значително зголемена за време на рестриктивните мерки. На глобално ниво, ова предизвика алармантно зголемување на веќе постоечката пандемија на насилство врз жените, што беше забележано и во извештајот на Генералниот секретар на ООН. Хелсиншкиот комитет за човекови права од самиот почеток апелираше сите релевантни институции соодветно и навремено да постапуваат по пријавите за семејно и родово базирано насилство, за да се спречат фаталните последици кои може да ги предизвика насилството, особено во домот. Она што беше од особена важност овој период, е овозможувањето поддршка и охрабрување на жртвите за да го пријават насилството.
Искуството покажува дека еден од најсериозните проблеми е токму непријавувањето од страна на жртвите, што е резултат на недовербата во институциите, неказнувањето на насилниците, но и стравот и срамот, а честопати и непрепознавање на насилството од страна на самите жртви. Според Министерството за внатрешни работи, за време на пандемијата е евидентиран намален број на кривични дела, но зголемен број на поплаки поврзани со семејното насилство. Значаен дел од поплаките имаат елементи на кривични дела и преземените дејствија на МВР за заштита на жртвите во случај на поплака не придонесуваат за надминување на проблемот. Од почетокот на годинава Хелсиншкиот комитет регистрираше 23 случаи на семејно и родово базирано насилство, за кои беше обезбедена бесплатна правна помош. Во споредба со претходните години, ова не укажува на постоење тренд на пораст на пријавите, што неминовно повторно упатува на ниското ниво на доверба во постапувањето на институциите по ова прашање.
И оваа година не изостанаа случаите на фемицид, односно убиствата на жена затоа што е жена. Со последниот случај на фемицидот во Гостивар се потврди дека најчестата причина поради која физичкото насилство резултира во убиство е несериозниот пристап на институциите кон родово базираното насилство. Несоодветното постапување по пријавите очекувано ја потхранува недовербата. Исто така, фемицидот сè уште не е препознаен во нашето законодавство како посебно кривично дело и покрај тоа што тоа претставува најтешка форма на насилство врз жената и е една од водечките причини за прерана смрт кај жените на глобално ниво.
Она што треба да значи позитивно придвижување во борбата против насилството врз жените и девојчињата е најавата за усвојување на новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, како дел од обврските на државата прифатени со ратификацијата на Истанбулската конвенција во декември 2017 година. Овој Закон беше предвидено да се донесе до крајот на 2019 година, меѓутоа заради закажување на предвремените парламентарни избори не беше ставен на гласање во Собранието, а со кризата предизвикана од пандемијата неговото донесување дополнително се одолжи. Хелсиншкиот комитет со свои претставнички учествуваше во подготовката на ова законско решение, кое за прв пат го препознава семејното насилство како родово базирано насилство и ги прецизира дејствијата и мерките кои што треба да ги преземе државата за превенција и заштита, но и за реинтерграција на жртвите преку обезбедување на систем за поддршка, вклучително и економско јакнење. Она што се очекува со донесувањето на овој закон е значително подобрување на институционалната и сеопфатна поддршка на жртвите на родово базирано насилство.
Ние ќе продолжиме да ја следиме работата на институциите, чија должност и обврска е не само да ги казнуваат насилниците, туку и да креираат политики кои на сите жени, без разлика на нивниот етникум, класа, работен и семеен статус, родов идентитет и сексуална определба, ќе им овозможат да живеат безбедно и слободно. Воедно, и ние како граѓани и граѓанки имаме обврска да се бориме против родово базираното насилство кое е сеприсутно, но и против сите пракси кои перпетуираат родови предрасуди, стереотипи и двојна виктимизација.