ноември 24, 2020

Јовановска: и медиумите ќе треба поодговорно да известуваат за насилството врз жените и семејното насилство

Опис

Предлог – законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство кој е во собраниска процедура содржи одредби кои би требало значително да го намалат овој вид насилство.

„Она што треба да се очекува од овој закон, кој требаше да биде донесен уште на крајот на 2019 година, е значително да се подобри институционалната грижа а и сеопфатната грижа за жртвите на родово базираното насилство. Она што е новитет во овој закон за разлика од претходно е воведувањето на нови дефиниции за овој вид насилство кои претходно не беа опфатени, како самиот термин родово базирано насилство, неконсензуално сексуално насилство, а предвидена е и поддршка на различни категории ранливи жени како жртвите на насилство поради сексуална ориентација и родов идентитет, Ромки, жени кориснички на дроги.

Значаен новитет е постапувањето на институциите со должно внимание, со оглед на тоа што најголемиот проблем е непријавувањето на жртвите, што кај нас изнесува само 2 отсто во однос на Европа каде изнесува 14 отсто. А една од причините за ниската стапка на пријавување е недовербата во институциите, односно недоволната сензибилизираност на службените лица што постапуваат во случај на насилство“, вели за Утрински брифинг, Бојана Јовановска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Исто така, жртвите на насилство ќе можат да покренуваат граѓански тужби за непостапување на институциите, а предлог законот предвидува да се води документација и евиденција што досега не беше случај. Според Јовановска некои од медиумите се’ уште не известуваат одговорно за родово базираното насилство, туку сензационалистички, а според новиот закон тие ќе ја имаат клучната улога во делот за превенција на овие појави, како и за елиминирањето на родовата нееднаквост и родовите стереотипи.