Реакции за сензационализмот и коментарите по смртта на младиот доктор

октомври 15, 2020

Реакции и објави дека се поднесени пријави до Министерството за внатрешни работи (МВР) објавија неколку здруженија по коментарите на социјалните мрежи и за начинот на известување во дел од медиумите во врска со трагичната смрт на младиот лекар Трајче Нешковски.

Тој беше и поранешен секретар на СДММ, а коментарите кои можеа да се прочитаат на социјалните мрежи беа токму во насока на неговата политичка припадност. Во медиумите, пак, се појавија објави дека возачот бил под дејство на алкохол.

СЕММ и ЗНМ: Сензационализмот е недозволив

Со заедничка реакција се огласија Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Здружението на новинари (ЗНМ) порачувајќи дека сензационализмот е недозволив во известување за лични трагедии.

„Веднаш по инцидентот во повеќе медиуми беа објавени речиси идентични содржини во кои се тврди дека возачот бил под дејство на алкохол, без да има каква било официјална потврда за тоа. Напротив, истите тие медиуми се повикаа на информации од сведоци, што подоцна се покажаа како неточни. Им укажуваме на медиумите дека сензационалистичкото известување во јавноста не смее да го замени професионалното и етичкото известување во кое е потребно да се води сметка и за последиците од трагедијата за семејството“,

велат од СЕММ и ЗНМ додавајќи дека и објавувањето на фотографии од возилото на кои се гледа регистарската таблица е спротивно од Кодексот на новинари.

Тие го осудуваат и коментарите на социјалните мрежи и го повикуваат МВР да спроведе истрага и да го утврди идентитетот на лицата кои го поттикнуваат говорот на омраза. Бараат потоа Основното јавно обвинителство да отвори предмет и да бидат санкционирани тие лице.

„Овие две институции потребно е да ја разберат сериозноста на неказнивоста на говорот на омраза во Република Северна Македонија, кој мора да престане со цел да се избегнат и делата од говор на омраза“,

велат од СЕММ и ЗНМ.

Лекарска комора: Некоректни се коментарите на социјалните мрежи

На коментарите на социјалните мрежи реагираше и Лекарската комора. Оттаму велат дека е некоректно додека нема извештаи од истрагата и обдукцијата да се објавуваат недолични постови за доктор кој изминатите месеци неуморно работеше во ковид-центрите низ државата.

„Да не заборавиме дека тој самопрегорно и пожртвувано се бореше за животите на нашите граѓани кои беа инфицирани од ковид-19 во текот на специјализацијата која ја извршуваше во ЈЗУ Клиника за пулмологија и алергологија Скопје. Партиската определба е лична работа на секој поединец и сметаме дека вакви трагедии не треба да се злоупотребуваат во партиски цели. Токму затоа апелираме до медиумите да се оградат до добивање на официјалните информации од надлежните служби на МВР и Судска медицина и воздржат од понатамошни коментари за трагедијата во која загина нашиот колега“,

рекоа од Лекарската комора.

Хелсиншки поднесе пријави до МВР

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права, пак, објавија дека за одредени изјави поврзани со смртта на младиот доктор поднеле пријава до Одделението за компјутерски криминал при МВР.

Политичката припадност, констатираат оттаму, е една од најчестите основи за говор на омраза кај нас. Говорот на омраза, додаваат, не сме да биде нормализиран, туку санкциониран.