октомври 16, 2020

Исклучивоста и национализмот одат рака под рака со авторитаризмот во 21. век

Д-р Огнен Вангелов Центар за истражување демократија и различност, Квинс универзитет, Канада

По демократскиот пробив по падот на комунизмот во 1989 година, мотото на речиси сите дотогаш комунистички земји од Источна Европа беше „враќање во Европа“, што значеше раскрстување со авторитарното минато и прифаќање на демократските и либералните вредности кои царуваа со западниот дел на Европа повеќе од 40 години. Воведувањето на плурализмот и парламентарната демократија со директна поддршка и надгледување на Европската Унија доведе до тоа единаесет источноевропски земји да станат членки на ЕУ заклучно со 2013 година. Балканските земји кои не станаа членки на ЕУ, вклучително и Македонија, се водеа од истите мотиви за „враќање во Европа,“ со надеж дека понатамошните реформи и демократизација ќе доведат до истата цел – конечното членство во ЕУ.

Но, веќе кон средината и крајот на 2000-тите години дел од земјите во Источна Европа почнаа да назадуваат во демократските процеси. Македонија, по добивањето на кандидатурата за членство во ЕУ во 2005 година се надеваше дека нејзиното членство во ЕУ ќе се случи во тандем со Хрватска, која во приближно истото време ја доби својата кандидатура. Но, по доаѓањето на Никола Груевски на премиерското место во 2006 година Македонија почна да оди наназад во демократските процеси, а тоа стана особено видливо по изборите во 2008 година кога Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ заедно со ДУИ добија речиси апсолутна власт во државата. Таквата апсолутна власт се случи во атмосфера на зголемени општествени тензии и подигање на националистичките чувства по грчкото вето за македонското членство во НАТО во Букурешт во 2008 година. Македонија дотогаш не беше целосно стабилна и консолидирана демократија, па можеби не беше големо изненадување таквиот ôд назад.

Но, сличен тренд на назадување во демократските процеси се појави и во земји-членки на ЕУ, како во Унгарија со доаѓањето на Виктор Орбан и неговата партија Фидес во 2010 година, како и во Полска со доаѓањето на власт на партијата Закон и правда во 2015 година. Заедничко за сите овие владејачки партии е десно-популистичката идеологија, која, наспроти идеите за „враќање кон Европа“ се свртија кон идеологиите на национална чистота, неприкосновено и суверено право во прв план да се става „нацијата“ и националните интереси, наспроти солидарноста, заедништвото со другите во Европа и суштинските либерални вредности на индивидуални, но и малцински човекови права на еднаквост и недискриминација. Ваквиот тренд во поново време е веќе очигледен и во соседна Србија, која по последните избори го зацврсти апсолутистичкото владеење слично на она во Унгарија, каде што Виктор Орбан има апсолутна власт уште од 2010 година.

Научната јавност разбирливо беше изненадена од ваквите трендови со оглед дека некои од овие земји, како Унгарија и Полска, при нивниот прием во ЕУ беа оценувани како целосно консолидирани демократски општества и нивно назадување кон авторитарно владеење беше сосем неочекувано. Политиколозите, социолозите и филозофите со право се прашуваа што е тоа што доведе до вакво назадување, кое, се чини, зафаќа корени и во други земји од ЕУ, во помал или поголем обем. Таквиот тренд не е ограничен само на земјите од Источна Европа, туку неговите карактеристики почнуваат да стануваат видливи и во некои од таканаречените „стари и развиени демократии“, а тука пред сè често се анализираат трендовите во САД под власта на Доналд Трамп и неговата администрација. Карактеристиките на владеењето на оваа администрација многу наликуваат на авторитарните владеења во Унгарија, Полска, Македонија до 2017 година, па и Србија во последните години. Научниците кои се занимаваат со овие теми со право се прашуваат дали демократскиот поредок во западниот свет е во сериозна криза и дали можеби ни се случува постепен распад на либерално-демократскиот концепт на владеење во она што традиционално се нарекува „западна цивилизација “.

Политиколозите имаат различни објаснувања за ваквиот тренд за клучните фактори кои придонесуваат кон автократизација на претходно демократизирани општества, како што се економските фактори, нееднаквоста, корупцијата, неефикасно функционирање на демократските институции итн. Клучно во сите овие анализи е дека, за разлика од претходните пропаѓања на демократски системи во Латинска Америка и на други места во светот во текот на 20. век, ослабувањето на демократските процеси и нивно конечно подривање во денешно време не е резултат на пучеви, насилно преземање власт, воени интервенции за промена на режими и слично, туку пред сè процес на постепено, но системско и систематско подривање на демократскиот процес. Таквото подривање на крајот доведува до колапс на демократскиот процес и институции и земјата, всушност, преминува во авторитарните системи на владеење. Овој процес, во науката наречен автократизација, е токму спротивност на демократизација. Основна црта во автократизацијата на ваквите земји е тоа што таа е водена од владејачките елити, при што демократскиот процес на плурализам, разумно еднакви можности за претставување пред граѓаните и освојување на власта во фер и демократска атмосфера, со тек на време престанува да постои, а политичките процеси биваат водени исклучиво од елитите на власт кои формираат хиерархиски пирамидален систем на управување, како и силна клиентелистичка база.

Но, освен фактот дека владејачките елити се тие што ја водат автократизацијата во земјата, науката поставува прашања зошто воопшто е можно да се случи владејачките елити да го автократизираат општеството (она што ЕУ го нарекува „заробена држава“) ако претходно се поставени стабилни и функционални демократски институции, како што беше тоа случајот со земјите-членки на ЕУ, Унгарија и Полска.

Кај сè поголем број политиколози и социолози почнува да преовладува заклучокот дека еден од клучните заеднички фактори во земји (и кандидатки за членство) од ЕУ како и САД е консолидацијата на политиките на ексклузивниот етнонационализам кој се манифестира на различни начини во различни земји, но неговата суштинска природа е иста. Во Унгарија тој ексклузивен етнонационализам се манифестира со отпор кон мигранти, Роми и Евреи, во некои западноевропски земји тој е главно насочен кон муслиманските мигранти, додека во САД тој се манифестира во таканаречениот „бел национализам“. За време на автократското владеење на Никола Груевски таквиот ексклузивен етнонационализам се манифестираше во преобликување на националниот наратив на Македонците и потрага по корените на нацијата во античкото минато. Се покажа дека владејачките елитите успеваат да мобилизираат доволно број поддржувачи за ваквата ексклузивна етно-национална идеологија при што, освен што елитите успеваат преку автократизација да ја зацврстат својата власт, тие успеваат и да одржуваат доволно ниво поддршка кај дел од населението за да го одржат и зацврстат владеењето.

Од таа гледна точка, ако за демократијата во 20. век најголема опасност беше комунистичката авторитарна идеологија, таа опасност во 21. век веќе евидентно доаѓа од возобновување на исклучивиот етнонационализам како основа за разбирањето на нациите. Ваквата идеологија која се служи со постојано пронаоѓање надворешни и внатрешни виновници за „маките на нацијата“ им овозможува на владејачките елити доволна доза поддршка за системски и систематски прво да го „расклатат“ демократскиот процес, а потоа и целосно да го заменат со авторитарно владеење. Истовремено, етнонационалниот концепт на „чистата“ нација во 21. век е сосем некомпатибилен со вредностите на либералната демократија (која, пак, на глобално ниво е една релативно млада појава) и може да биде и причината за нејзиното уништување доколку не се реконсолидираат демократските сили, чија основна цел ќе биде заштитата на либерално-демократските вредности како цивилизациско достигнување.