Злосторствата од омраза мора секогаш да се гонат по службена должност

ноември 7, 2020

Oткако на социјалната мрежа Фејсбук примил сериозни закани по неговиот живот поради тоа што е припадник на ЛГБТИ заедницата и затоа што во коментари ги бранел правата и слободите на припадниците на оваа заедница, на 30 октомври, лицето Д.П. се обрати до Хелсиншкиот комитет за човекови права со барање за бесплатна правна помош. Од содржината на заканите кои ги добил, се согледува дека заканувачот во минатото, не само вербално, туку и физички напаѓал и малтретирал членови на маргинализирани заедници. Тимот на Хелсиншкиот комитет, заедно со жртвата, достави кривична пријава во Полициската станица „Центар“ – ПС „Беко“ врз основа на член 144 од Кривичнот Законик за кривичното дело „Загрозување на сигурноста“, со посебен акцент на ставот 2 како квалификаторен облик на ова дело сторено од омраза.

Наместо обезбедените докази да бидат сами по себе основ полициските службеници да постапат по кривичната пријава (на начин што ќе контактираат надлежен обвинител и инспектор од компјутерски криминал), присутните полициски службеници си зедоа улога на обвинител, толкувајќи го законот на своја рака, тврдејќи дека пријавата треба да се заведе како обична поплака, а жртвата натаму со приватна тужба да бара судска заштита. Ваквиот волунтаризам на полициските службеници не е новост. Напротив, при пријавувување на низа кривични дела од омраза, поведението на полициските службеници е истоветно, дрско и непрофесионално. Сепак, со тоа што жртвата беше упорна и беше придружувана во полициската станица од правен советник, се издејствува кривичното дело да се гони по службена должност.