Темелните права во 2020 година: рефлексии и поглед напред
Институтот за европска политика – ЕПИ го презентираше извештајот за темелните права кој Агенцијата за темелни права на Европската унија (ФРА) го објави овој месец. Како дел од ФРАНЕТ, ЕПИ втора година по ред го изработува придонесот за Северна Македонија кон овој извештај. Покрај презентацијата на наодите, панелистите и панелистките дискутираа и за главниот тематски фокус на овој извештај – влијанието на КОВИД-19 пандемијата врз темелните права.
Настанот го отвори директорката на Институтот за европска политика – ЕПИ, Симонида Кацарска, која се осврна на соработката со ФРА и работата на извештајот. Таа го истакна значењето на статусот набљудувач во ФРА кој нашата земја го има трета година по ред и повика на користење на полниот потенцијал и можности кои овој статус ги нуди.
По неа се обрати народниот правобранител Насер Зибери кој се осврна на наодите од неговиот годишен извештај со фокус на влијанието на КОВИД-19 пандемијата врз човековите права, со посебен фокус на наодите во врска со образованието, правата на лицата со попреченост и семејното насилство. Народниот правобранител подвлече дека е клучно да се работи на изнаоѓање и одржување на баланс помеѓу ограничувањата на правата и самите права.
Министерот за правда Бојан Маричиќ се согласи со претходните говорници и говорнички дека изминатава година беше исклучително предизвикувачка за темелните права. Од неговото излагање како особено важен развој се издвојува започнувањето на процес на изготвување на Закон за вонредна состојба, кој ќе помогне за справувањето со вакви слични ситуации во иднина.
Претставникот на Агенцијата за темелни права на Европската унија, Михаил Веис, ги изложи наодите од извештајот за темелните права со фокус на влијанието на КОВИД-19 пандемијата. Тој го истакна како клучен исход од пандемијата зајакнувањето на постојните нееднаквости. Во ваквите ситуации станува клучна улогата на националните институции за човекови права, а како институции кои се соочија со особен предизвик низ целата ЕУ ги издвои институциите задолжени за заштита на личните податоци. Тој повика на поширок дијалог за наодите и мислењата на ФРА и поголемо користење на знаењето и експертизата која доаѓа од ФРА, со оглед на набљудувачкиот статус на земјава во Агенцијата.
Потоа следуваше панел со дискусија за наодите на извештајот и влијанието на КОВИД-19 пандемијата врз темелните права кој го модерираше Уранија Пировска. Прва на панелот се обрати Тања Кикерекова од Министерството за правда. Таа се задржа на паралелите помеѓу извештајот на ФРА и активностите на кои се работи во моментов во Северна Македонија. Нагласи дека извештајот на ФРА треба да служи како патоказ за понатака за во која насока треба да се движиме во врска со заштитата и промоцијата на темелните права.
По ова, кратка презентација на наодите дадоа авторките на поглавјата од извештајот. Билјана Котевска, авторка на поглавјата „Еднаквост и недискриминација“ и „Расизам, ксенофобија и нетолеранција“, го издвои (повторното) донесувањето на Законот за спречува и заштита од дискриминација и формирањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација како клучен развој за 2020 година. Таа повика на итно спроведување на постапката за избор на седми член/ка на ова тело и на реформирање на начинот на избор на членови/ки во националните институции за човекови права со цел истите да бидат помалку порозни за партиски влијанија.
Несиме Салиоска, авторка на поглавјето „Еднаквост и инклузија на Ромите/ките“, издвои осум елементи кои ја обележаа годината и тоа: нагласена социо-економска нееднаквост, расно профилирање, гетоизација на Ромите во екот на пандемијата, неземање предвид на децата Роми при планирањето на онлајн наставата, нагласен попречен пристап до сантирани услуги за Ромите, медиумска хајка против Ромите и ескалирање на здравствената криза во економска криза. Таа нагласи дека, иако некои од усвоените мерки беа позитивни, генерално имплементацијата и прилагодувањето на мерките кон специфичните ранливости на Ромите изостанаа.
Виџиленца Абази, авторка на поглавјето „Информатичко општество, приватност и заштита на податоци“, ја истакна клучната улога на оваа област во КОВИД-19 пандемијата. Таа укажа на ескалирањето на повеќегодишното таложење на проблемите за време на пандемијата и дека, иако беа направени повеќе законски зафати кои беа позитивни, дека сега мора истите да бидат пропратени со соодветна примена.
Гордана Лажетиќ, авторка на поглавјето „Правата на детето“, се надоврза на претходните излагања во поглед на сериозното влијание на пандемијата врз правото на образование на децата. Таа укажа на важноста од побрзо донесување на законите за правда на децата и за паричен надомест на жртвите на насилство.
Александра Богдановска, авторка на делот „Директива за права на жртви“, се согласи со Лажетиќ по однос на итноста од донесување на овие закони. Таа укажа на неколку позитивни примери од минатава година помеѓу кои работата на проектот за трговија со луѓе кој се работи со поддршка на Хоризонтал Фасилити на Советот на Европа.
Маја Балшиќевска, авторка на делот „Насилство врз жени“, укажа на бројните препреки за жените – жртви на насилство во пандемијата. Го нотираше генералниот застој во реформирањето на домашната законска и институционална рамка според Истанбулската конвенција давајќи конкретни примери како овој застој се манифестираше во 2020 година и повика на зајакнување на напорите за спроведување на оваа конвенција.
Елена Кочоска, авторка на поглавјето „Развои во врска со спроведувањето на Конвенцијата за права на лица со попреченост“, јасно нагласи дека за лицата со попреченост голем дел од ограничувањата со кои се соочија овој период се ограничувања со кои тие се соочуваат и во „мирнодопски“ услови. Таа ги истакна спорните институционални екипирање од аспект на попреченоста, фокусирајќи се на националното координативно тело, во кое и покрај бројните укажувања членуваат само родителски организации на лица со попреченост. Уште еден пример е и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во која, и покрај неколкуте апликанти/ки кои ги исполнуваа законските услови, не беше избрано ниту едно лице со попреченост. Според Кочоска ова се јасни знаци дека институциите не се спремни за вклучување на лицата со попреченост. Таа повика на користење на можностите кои ги нуди Конвецијата за правата на лицата со попреченост за справување со ситуации како што е КОВИД-19 пандемијата.
Извор: epi.org.mk