Трет квартален извештај за работата на АВМУ и АЕК

октомври 6, 2017

Во рамките на проектот „Мониторинг на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на регулаторните тела за медиумите – PROformance Watch“, од страна на Евротинк – Центар за европски стратегии, НВО Инфоцентар, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права, беше презентиран третиот мониторинг извештај за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

Третиот квартален извештај  се однесува на периодот април – јуни 2017 година и е подготвен врз основа на „Мониторинг-матрицата за работата на АВМУ и АЕК“,1 креирана во консултација со двете регулаторни тела и објавена во јануари 2017 година. Методологијата која е изработена за потребите на овој мониторинг ги зема предвид спецификите на двете регулаторни тела и ја следи нивната работа од аспект на транспарентноста и отчетноста, ефикасноста и независноста, перформансите и заштитата на јавниот интерес.

Во извештајот, меѓу другото, се укажува на нецелосност на информациите достапни на интернет-страницата на АЕК, но и на прашањето за донациите на Агенцијата.

Во однос на работата на Агенцијата за медиуми, извештајот заклучува дека таа го одржува солидното ниво на транспарентност и отчетност. Но дека и во овој квартал се наметнува како исклучително важно и клучно прашање, потребата од целосна политичко-партиска независност на АВМУ. Исто така, во извештајот е нотирано постоењето на разлики во препознавање на говорот на омраза меѓу АВМУ, Основното јавно обвинителство и Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД), како во случајот со прилозите на ТВ „Сител“ за време на парламентарните избори 2016 година, при што она што е говор на омраза за АВМУ, за КЗД претставува само политичка кампања.


Програмата „PROformance Watch“ во чии рамки беше објавен овој извештај се реализира во периодот септември 2016 – март 2018 година и е поддржана од Британската амбасада во Република Македонија.