Презентиран четвртиот мониторинг извештај за работата на АВМУ и АЕК
декември 18, 2017
На 13 декември, 2017 година Евротинк – Центар за европски стратегии, НВО Инфоцентар, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права, го презентираа четвртиот мониторинг извештај за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), во рамки на проектот „Мониторинг на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на регулаторните тела за медиумите – PROformance Watch“.
Подобрување на транспарентноста, независноста и ефикасноста, како и се уште слаба видливост на двете регулаторни тела – ова се генералните заклучоци од презентацијата на четвртиот квартален извештај кој се однесува на работата на двете регулаторни тела, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни меидиумски услуги и Агенцијата за електронски комуникации – АВМУ и на АЕК, а го опфаќа периодот јули – септември 2017 година.
Овој четврти квартален извештај покрај работата на двете регулаторни тела, се осврнува и на размислувањата на граѓаните на теми поврзани со медиумите и електронските комуникации во Македонија, до кои е дојдено преку организирање на фокус групи.
Билјана Бејкова, извршна директорка на НВО Инфо Центарот, се осврна на извештајот според кој во третиот квартал од 2017 година АЕК не забележал позначајни проомени во однос на транспарентноста и отчетноста. Информациите на трите веб страни на АЕК редовно се ажурирале, додека стагнација била забележана кај социјалните медиуми. Според Бејкова, како што веќе беше информирано во предходниот извештај, АЕК веќе ги намалил ставките за донации за над 75 милиони денари, а ја зголемил ставката за изградба на антенскиот систем на Водно за над 90 милиони денари. Во овој квартал АЕК не донел одлука за ниту една донација.
Бејкова објасни дека мониторингот покажал дека во периодот од 17-ти до 21-ви август, по добиена усна претставка од Министерството за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за труд извршил инспекциски надзор за работните односи во АЕК, при што кај три лица биле констатирани неправилности. Кај едно лице, вработено на неопределен период, со полно работно време, преку увид во електронската евиденција се констатирало дека во текот на цела 2016-та година не го евидентирал своето присуство на работа. АЕК приложиле докази дека работникот доаѓал на работа. Вториот работник не го евидентирал доаѓањето на работа од март се до моментот на инспекцискиот надзор, при што изјавил дека користел годишен одмор, но не биле дадени на увид решенија за истото. Часовите кога лицата отсуствувале од работа се наведени како часови со ефективна работа и ним им бил исплатена целосниот износ на платата.
Околу работата на АВМУ, било забележано подобрување на транспарентноста и отчетноста, а била редизајнирана и Интернет страницата на АВМУ. Она што е најактуелно околу работата на оваа Агенција се предложените законски измени за професионален ангажман на членовите на Советот како и воведување на проектот за медиумска писменост.
Според Снежана Трпевска, експерт за медиуми, она што недостасува е недоволна вклученост на други клучни институции и отсуство на генерална стратегија за медиумска писменост која ќе ги дефинира сите сфери на јавни политики. Според Трпевска, ова е само гаснење на пожари, бидејќи додека од една страна се работи на свесност и евалуирање на содржините од страна на граѓаните, од друга страна има многу медиуми со исполитизирана сопственост.
Трпевска истакна и дека ако се осврнеме на тоа што правел регулаторот не само сега туку повеќе години наназад, можеме да заклучиме дека тој не направил ништо за да се спречи политичката инструментализација, туку напротив многу придонел за тоа. Главна причина за тоа што не било направено ништо да се спречи инструментализацијата на медиумите, е фактот дека во голем дел од постоењето на самиот регулатор, ниту тој не бил независен. Според Трпевска,тоа што во тело што носи одлуки биле избрани луѓе кои не се експерти и не ја познаваат сферата или кои се директно поврзани со политичките партии и медиумската сфера придонело да се зголемат проблемите при работењето. Таа посочи и дека треба да се обезбеди континуитет, и затоа не смее на сите членови да им се прекине мандатот, туку само на поединци кои по сила на новите законски одредби ќе се најдат во ситуација на конфликт на интереси.
Горан Лазаров од Евротинк, инаку координатор на проeктот, се осврна на резултатите од фокус групите. Тој наведени дека биле спроведени три фокус групи, со 29 граѓани, од 12 градови. Притоа, било утврдено дека граѓаните генерално не ги познаваат и разликуваат надлежностите на двете агенции. Постои општа перцепција дека обете агенции се владини тела, иако тие се самостојни непрофитни регулаторни тела, додека довербата во независноста во двете агенции се наоѓа на ниско ниво.
„Најголемиот дел од учесниците не ги знаат и не ги разликуваат надлежностите на двете агенции. Често, дел од надлежностите на едната ѝ се припишуваат на другата агенција. Па така на пример на фокус групите можевме да слушнеме дека поранешното име на АЕК било Совет за радиодифузија или пак дека АЕК прави мониторинг на работата на медиумите.
Уште еден генерален заклучок е дека довербата во независноста на двете агенции е на ниско ниво. Со тоа што треба да се напомене дека според тоа што го слушнавме довербата во АВМУ е на малку повисоко ниво во однос на АЕК, но сепак и таму доминираше недовербата во независноста на нивната работа. Овде, сепак, мораме да ја земеме во предвид и високата недоверба на јавноста во најголемиот дел од институциите во Република Македонија, што понекогаш придонесува граѓаните без никакво искуство со определена институција, однапред да имаат негативни ставови за нив и за нивната работа.“– рече Лазаров во своето излагање.
На фокус групите за работата на АЕК, мнозинството граѓани рекле дека цените на мобилните и интернет услугите се превисоки. Квалитетот не е под еднакво добар во сите региони. Иако постои солидно познавање за работата на АЕК, особено околу делот за поднесување на приговори, сепак ниту еден од учесниците кои на некаков начин биле оштетени, не поднеле приговор. Малкумина кои поднеле, пак, велат дека проблемот им бил решен веднаш.
65% од учесниците го препознаа АЕК во поглед на можноста да поднесат приговор доколку не се задоволни со некоја од услугите на операторите. За разлика од АЕК, многу помал број граѓани ја препознаваат АВМУ, односно само 24%, како регулатор каде можат да пријават програма со навредлива содржина. Интересен факт за тоа е дека граѓаните ја поврзуваат работата на АВМУ само со изборите, односно дека АВМУ регулира која партија колку ќе биде застапена на секоја од телевизиите за време на изборната кампања.
На прашањето поврзано со конкуренцијата на пазарот на мобилната телефонија, доминантен е ставот дека конкуренцијата во мобилната телефонија е премала и дека е потребен влез на уште оператори. Како пример ќе посочам дека голем дел од граѓаните воопшто не се запознаени со постоењето на виртуелниот мобилен оператор Лајкамобил, кој постои на пазарот во Македонија уште од 2016 година, и сметаат дека во државата има само два мобилни оператори, рече Лазаров и додаде дека како најголем виновник за малата конкуренција на пазарот, граѓаните ги посочуваат центрите на моќ (владата/ власта), односно отсуството на политичка волја.
Во поглед на перцепцијата на граѓаните за активностите на АЕК, извештајот констатира и дека учесниците ја поврзуваат АЕК со некои градежни проекти, како што е изградбата на Панорамското тркало, како и тоа дека вработените имаат големи плати.
Ниту еден од учесниците ја нема посетено интернет-страницата на АВМУ.
Видливоста на активностите на двете агенции е слаба и тоа според препораките на извештајот е нешто на што двете агенции мора да поработата во иднина.
Според Славица Билјарска, специјалист за односи со јавност, проблемите за лошата видливост се неколку. Таа објасни дека кога се обидела да пребара на интернет „како да поднесам претставка до АВМУ?“ не успеала да дојде до никакви информации. Според неа, тоа се должи на фактот дека брошурите и главните инфромации на веб страната се ставени во ПДФ формат, кои пребарувачите не го препознаваат. Таа објасни дека постои не можност да се индексираат објавите доколку се во пдф или флеш формат. Веб страната генерално е со дискутабилен дизајн, а влезот во неа хаотичен, додека пак извештаите се преобемни и одземаат многу време. Јутјуб каналот исто така не се појавува при пребарување бидејќи недостасуваат клучни информации во полето означено како “дома“. Сепак, таа смета дека е за пофалба тоа што на страната се наведени сите контакти и сите лица кои се вработени во Агенцијата.
За видливоста на работата на АЕК, Билјарска истакна дека за неа било многу збунувачки што Агенцијата има дури три веб страници. Забележува дека регулаторот воопшто не ги користи другите канали за комуникација. За неа еден од најголемите проблеми е постоењето на контакт формулар за поднесување прашања и приговори.
Таа на обете агенции им препорача итно правење на стратегии за комуникација, но не само на хартија туку и нивна имплементација, отворање на што е можно повеќе канали за комуникација, како и овозможување начини да се дојде до луѓето кои не користат интернет.
Таа им советуваше дека итно треба да поработат на нивно препознавање во поглед на тоа кои се и што работат, особено преку поедноставување на комуникацијата. Билјарска исто така посочи дека Фејсбук-от не е само огласна табла, туку дека треба да се комуницира со граѓаните, да се одговара на нивните прашања и забелешки, бидејќи на агенциите не им се потребни реклами, туку комуникација и контакт со луѓето.
…………………………………………………………………………………………………………………………………………………………..
Програмата „PROformance Watch“ во чии рамки беше објавен овој извештај се реализира во периодот септември 2016 – март 2018 година и е поддржана од Британската амбасада во Република Македонија.