СОСТОЈБАТА СО ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА – МЕСЕЧЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА МАЈ 2025

јуни 30, 2025

Во текот на мај, Платформата за родова еднаквост ја изрази својата силна поддршка за Иницијативата на жени од Шуто Оризари и нивната реакција во однос на последниот случај на фемицид во кој трагично беше одземен уште еден живот на жена. Овој случај не претставуваше изолиран инцидент, туку уште една потврда за длабоките системски пропусти и институционалното занемарување што години наназад ги изложува жените на ризик.

Платформата упати апел до сите надлежни институции – полицијата, центрите за социјална работа,
обвинителството и судството – итно да го преиспитаат своето постапување, да преземат одговорност и да обезбедат навремена, координирана и сензитивна заштита за сите жени што се соочуваат со родово базирано и семејно насилство.

Платформата на граѓански организации за борба против корупција јавно реагираше поради сериозни пропусти во транспарентноста на процесот на преговарање и склучување на меѓудржавниот договор помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата
на Обединетото Кралство, во јавноста познат како „Договор Влада со Влада“.

Платформата оцени дека иако Владата има обврска за транспарентност при трошење на средствата од ваквите договори, тоа не ја исклучува обврската за транспарентност во самиот процес на преговарање и усвојување на договорите.
.