СОСТОЈБАТА СО ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА – МЕСЕЧЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА ФЕВРУАРИ 2025
април 25, 2025

Содржина:
- Вовед
- Говор на омраза
- Дела од омраза
- Родово базирано насилство и семејно насилство
- Затворени институции
- Бесплатна правна помош
Во февруари 2025 година, во јавноста се отворија прашања што се однесуваат на областа на човековите права.
Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација изразија сериозна загриженост поради предложените измени на Законот за полиција. Овие измени се чекор назад
во заштитата на жртвите на родово базирано и семејно насилство и се косат со Истанбулската конвенција и со домашното законодавство.
Клучните промени предвидуваа одземање на службеното оружје од полициски службеник само по спроведена внатрешна постапка во МВР, наместо веднаш по известување за насилство, и укинување на обврската за задолжителен психолошки и психијатриски преглед на службеници обвинети за насилство.
Овие измени сериозно ја загрозуваат безбедноста на жртвите, особено кога сторителот е припадник на полицијата. Како резултат на реакциите од граѓанскиот сектор, измените беа повлечени од страна на Владата и Министерството за внатрешни работи.
Дополнително, во текот на месецот, Платформата за родова еднаквост реагираше на засилени случаи на мизогинија и родово базиран говор на омраза во јавната сфера, насочени кон новинарки и политичарки.
Нападите доаѓаа од јавни личности – новинари и функционери – што дополнително ги зголеми нивното влијание и штетност.
Овие случувања укажуваат на загрижувачки тренд на враќање кон патријархални и репресивни модели што ги поткопуваат родовата еднаквост и човековите права. Се бараат јасна институционална реакција, санкционирање на говорот на омраза и посилна
поддршка на жените во јавната сфера.