март 29, 2016

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 21.03.2016 – 27.03.2016 година

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 21.03.2016 – 27.03.2016 година.

Гевгелија

Просторни капацитети и услови

Во текот на оваа седмица, не е регистриран ниту еден бегалец во Република Македонија.

Во кампот во Винојуг, Гевгелија моменталната број на бегалци изнесува 135.

Во одреден дел од куќарките во кампот, нема електрична енергија и грејни тела, што претставува проблем во денови кога има пониски температури и дожд и во ноќните часови.

Кујната во кампот е целосно опремена и пуштена во употреба. Меѓутоа, според кажувањата на бегалците оброците кои им се делат во текот на неделата не се топли, приготвени оброци, туку храна од конзерва, која често не е доволна за сите. За разделување на храната се задолжени единствено Црвен крст, додека на останатите невладини организации им е кажано да не носат храна.

Во кампот се реорганизира просторот и објектите, со тоа што се поставени нови куќарки, а е подготвен и новоизграден објект во кој ќе се дели само нова облека.

Институционално постапување

На 21.03.2016 полицијата фатила група од 50 Авганистанци и Иранчани кои илегално ја преминале границата помеѓу селата Богородица и Селемлии. Групата била приведена во полициска станица на испрашување. Испрашувањето траело цел ден и не е познато што се случило со групата понатаму.

На 22.03.2016 година, во кампот во Гевгелија беа пренесени 45 бегалци од кампот во Табановце, со потекло од Сирија и Ирак. На сите им беше укажана хуманитарна и медицинска помош. Од страна на надлежните институции им беше одземени македонските документи.

На 26.03.2016, во кампот пристигна уште една група од 49 бегалци, сите со потекло од Сирија. Тие биле донесени со камион, откако се обиделе да побегнат од меѓу-граничниот простор во Табановце. Тие беа во лоша хигиенска и здравствена состојба. Веднаш им беше укажана медицинска и хуманитарна помош. Заедно со нив, беше пренесела и 16 годишна девојка од Нигерија, која патувала сама и се изјаснила дека сака да се врати во Грција.

Куманово

Просторни капацитети и услови

Околу кампот во Табановце се работи на поставување на обиколка со жичена ограда. Се менува и оградата која е поставена на патот од кампот кон границата со Србија.

Кујната е целосно опремена и пуштена во употреба.

Бројот на бегалците кои се во кампот изнесува околу 800, додека бројот на бегалците во меѓу-граничниот простор изнесува околу 300. Тие се наоѓаат во алармантни хигиенски услови, но одбиваат да се вратат во кампот или да бидат преместени во кампот во Гевгелија, поради страв дека ќе бидат депортирани во Грција.

Институционално постапување

Во текот на седмицата, полицијата по наредба одбиваше да пропушта активисти и волонтери кон меѓу-граничниот простор каде се сместени бегалците, наводно поради работата која се врши на оградата на патот. Пристап им беше овозможен само на УНХЦР и Црвен крст, кои беа задолжени да им носат храна на бегалците. Алармантно е тоа што за разлика од претходно, на бегалците од овој простор не им беше дозволено да се вратат во кампот во Табановце.

На 22.03.2016 година, настана физичка пресметка од посериозен карактер помеѓу авганистански групи, при што мораше да реагира ПЕП службата.

На 25.03.2016 година, поголем број бегалци од меѓу-граничниот простор беа згрижени во кампот во Табановце, а група од 50 луѓе беа пренесени во кампот во Гевгелија. Помала група на Авганистанци пробале нелегално да ја поминат српската граница, поради што биле уапсени од страна на српската полиција.

Мајка со три деца која што пријави семејно насилство во текот на минатата седмица, со посредство на Министерството за труд и социјална политика беше згрижена во безбедна куќа.

На 27.03.2016 година, околу 200 бегалци во кампот се здобија со труење со храна. Ваквата појава се должи на лошите хигиенски услови во кампот. Агенција за храна на Република Македонија, како и инспекциски екипи остварија посета во кампот со цел да утврдат од каква храна настанало труењето.

Хелсиншкиот комитет опоменува да се преземат посериозни и проактивни мерки за одржувањето на хигиената во кампот, со цел да се избегне нарушување на здравјето на сите засегнати во кампот.


„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.

Документи