Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 18.04.2016 – 24.04.2016 година

април 28, 2016

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 18.04.2016 – 24.04.2016 година.

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови

Во почетокот на седмицата, бројот на бегалци во кампот беше 135, но до крајот на седмицата тој се намали за 10тина. 10те бегалци со потекло од Иран кои беа сместени во надворешниот шатор пред кампот се преместија во кампот.

На семејство од Авганистан, кое помина неколку ноќи надвор поради присуство на стаорци во куќарката во која беа сместени им се понуди друга куќарка откако се заминаа две фамилии од кампот.

Од шаторите е украден еден плазма телевизор. Случајот е пријавен кај надлежните институции во кампот.

Институционално постапување 

На 19.04.2016 на бегалците им се дадоа вакцини против детска парализа (полио).

Ситуацијата во кампот генерално се одвива мирно.

Продолжуваат поплаките меѓу бегалците во врска со храната, која најчесто е недоволна и со лош квалитет. Во изолиран случај, дури на бегалците им се подели расипана супа, од претходната вечер. Единствено на 24.04.2016, се забележа значително подобар оброк кој им беше поделен на бегалците од страна на Каритас.

Во кампот се забележува потреба за рекреација и активности на бегалците кои секој ден го поминуваат таму.

Куманово 

Просторни капацитети и услови 

На почеток на седмицата, во кампот имаше 787 бегалци. Бројот на бегалци во кампот секојдневно се намалува, поради што до крајот на седмицата тој стигна до околу 650 бегалци што претставува помалку од половина од бројката кога се затворија границите.

Се тампонира просторот пред кујната и Црвен крст, а во најава е и поставување на дополнителни тушеви.

Институционално постапување 

На 23.04.2016 година, на бегалците им се даде вакцина против детска парализа (полио). Сите од нив беа заинтересирани и доброволно ја примија вакцината.

Бегалците и понатаму се жалат на лошата исхрана во кампот. Воедно, поплаки се примени и за недостаток на летна облека за бегалците, земајќи ги во предвид покачените температури. Тие располагаат единствено со зимска, топла облека додека полесна облека се уште не им е поделена.

Нерегуларна миграција 

Во текот на месец април, 2016 година, според официјалниот билтен на Министерството за внатрешни работи, регистрирани се 8 кривично правни настани поврзани со илегалната миграција и криумчарење мигранти, како и 1 случај на разбојништво во кој жртва беше бегалец од Сирија. Криумчари на мигранти биле затекнати од страна на полицијата во околината Гевгелија и Куманово, односно кај селата Ваксинце, Удово или кај Демир Капија, како и по автопатот Гевгелија – Скопје и Куманово- Табановце. Во 8те случаи, 6 криумчари биле приведени, додека 6 се дале во бегство. Бројот на бегалци кои биле затекнати како жртви на криумчарите изнесува 144, а различните групи се со потекло од Авганистан, Пакистан, Сирија и Ирак. По спроведената постапка за утврдување на околностите на случајот, мигрантите најчесто се однесени во прифатниот центар за странци.


„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.