септември 6, 2016

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 29.08.2016– 04.09.2016 година

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 29.08.2016 – 04.09.2016 година.

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци во текот на седмицата изнесува 127, не земајќи ги предвид бегалците кои беа затекнати по илегални патишта и вратени кон Грција.

На 29.08.2016 година, посета оствари делегација на УНХЦР, која разговараше со бегалците.

Во кујната во кампот се поставени два електрични шпорети наменети за бегалците сами да си приготвуваат храна.

Еден дел од куќарките во кои се сместени бегалците се размонтирани, со цел на нивно место да се постават нови.

Институционално постапување

На 30.08.2016, во кампот се донесени 7 бегалци кои биле фатени на автобуската станица во Гевгелија, со цел да купат автобуски карти за Скопје. Бегалците, со потекло од Алжир и Либија, подоцна се пренесени во полициската станица во Гевгелија. Наредниот ден, во кампот повторно се донесени осум бегалци со потекло од Авганистан и се сместени во приемниот шатор. Иако службените лица инсистираа да ги пренесат кон Грција, бегалците побараа да бидат однесени во Прифатниот центар Визбегово каде што според нив, има сместено нивни блиски роднини.

Во текот на истиот ден, два камиони на АРМ со бегалци пристигнаа во кампот, меѓутоа тие не беа сместени во кампот туку веднаш беа вратени кон непозната локација.

Куманово 

Просторни капацитети и услови

Во текот на оваа седмица, бројот на бегалци во кампот се движи околу 70, но точната бројка е невозможно да се утврди поради нерегистрираните бегалци кои секојдневно доаѓаат и заминуваат.

Хигиената во кампот е на загрижувачко ниво. Веќе е регистрирана појавата на заразни болести (шуга).

Хелсиншкиот комитет строго апелира да се преземат мерки за одржување на хигиената во кампот, со цел да се превенира ширењето на заразни болести и да се спречат негативни последици по здравјето на бегалците.

Институционално постапување

Односот на вработените кон бегалците во кампот е значително влошен. Во неколку наврати се забележани полициски службеници кои се однесуваат непочитувачки кон бегалците, ги навредуваат и исмејуваат.

Хелсиншкиот комитет најостро го осудува ваквото однесување и ги опоменува службените лица да се воздржат од деградирачки третман на бегалците со кој се нарушуваат нивните основни човекови права.

На 01.09.2016 година, полициски службеници ги регистрираа и фотографираа сите бегалци кои се присутни во кампот.

Во текот на оваа седмица, во полициската станица Сопот беа фaтени повеќе од 300 бегалци во три групи, кои или престојуваат во околните села или се фатени од страна на српската полиција, во обид нелегално да ја поминат границата кон Србија. Не постојат информации како се постапило со нив по приведувањето.

Еден бегалец бил избркан со употреба на сила од страна на полицаец од просториите на Црвен Крст, каде што се обратил да побара медицински средства за својата ќерка препишани од лекар.

Хелсиншкиот комитет опоменува дека полициското однесување мора да биде оправдано и соодветно, а не да се злоупотребува службената положба и да се применува незаконска сила врз бегалците. Дополнително, здравствената заштита мора да биде непречено овозможена во секое време.

На 02.09.2016 година, на едно семејство од Палестина со две малолетни деца кое пристигна во кампот му беше забранет влез од страна на службени лица. Семејството беше во тешка состојба, изморени и со видливи рани по телото. По интервенција на Хелсиншкиот комитет, семејството е примено во кампот, каде што остана 3 дена, по што беше депортирано во Грција.

Состојбата во Прифатните центри во Република Македонија 

Бројот на бегалци во прифатните центри е недостапен.

Нерегуларна миграција 

Во овој период, Министерството за внатрешни работи регистрирало два кривично- правни настани поврзани со мигрантите на 01.09.2016 година. Во едниот од нив, во населба Доброшане е затекнато напуштено возило со 39 бегалци, од кои 21 од нив се малолетни. Во другиот случај, во близина на Демир Капија е затекнат еден мигрант со потекло од Мароко.

Документи