Посебен извештај: Собрание на РМ, 24 декември 2012

февруари 7, 2013

Хелсиншкиот комитет, согласно својата мисија и визија за мониторинг на состојбите со човековите права во РМ, одблиску ги набљудуваше протестите на 24 декември 2012 година пред Собранието на РМ. Покрај документирање на протестите, претставници на Комитетот беа во можност да проследат и дел од случувањата во зградата на Собранието, пред и за време на одржувањето на Четириесет и деветтата седница, на која една од точките на дневниот ред беше Дополнетиот предлог на Буџетот на Република Македонија за 2013 година. Со цел за непристрасно и објективно информирање на јавноста, како и за подготовка на соодветни препораки за надминување на настанатата политичка криза, Комитетот го подготви овој посебен извештај врз основа на:

• Сведоштва на претставници на Хелсиншкиот комитет и изготвениот фото и видео материјал за време на непосредното набљудување

• Сведоштва на пратениците од опозицијата поднесени во вид на претставка доставена до Хелсиншкиот комитет на 28 декември 2012 г.

• Утврдување на повреди на уставните, законските и подзаконските одредби кои се однесуваат на организацијата на државната власт, со особен осврт на надлежностите и работата на Собранието

• Процедурални забелешки за работата на собраниските работни тела утврдени од нивните извештаи по Предлог – Буџетот на РМ за 2013 година и

• Стенографските белешки од Четириесет и деветтата седница на Собранието на РМ, одржана на 24 декември 2012 година