јуни 18, 2019

Месечен извештај за состојбата со човековите права – мај 2019

Месечниот извештај за состојбата со човековите права за мај 2019 година опфаќа теми од областите: судство, дискриминација, семејно и родово базирано насилство, дела од омраза, говор на омраза, работнички права и текстилни работнички.

Месечен извештај за човековите права во Република Македонија

МАЈ 2019

СОДРЖИНА

СУДСКИ МОНИТОРИНГ

  • -Следење на тековни случаи

ДИСКРИМИНАЦИЈА

  • -КЗД утврди дискриминација врз основа на пол во оглас за вработување

СЕМЕЈНО И РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

  • -Препознавање на сите форми на семејно насилство

ДЕЛА ОД ОМРАЗА

  • -Трендот на малолетици инволвирани во инциденти сторени од омраза продолжува

ГОВОР НА ОМРАЗА

  • -Зголемен тренд на говор на омраза врз основ на сексуална ориентација и родов идентитет

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

  • -Утврдување мобинг во судска постапка

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

  • -Текстилна фабрика во Пробиштип со повеќе од 25 вработени не води електронска евиденција на работно време

ЈУНИ 2019

СУДСКИ МОНИТОРИНГ

Следење на тековни случаи

Хелсиншкиот Комитет и овој месец продолжи со набљудување на судските постапки кои се од значење за заштитата на човековите права во државава.

Овој месец продолжи доказната постапка во кривичниот предмет против Миленко Неделковски поради основано сомневање за сторено кривично дело по член 394-г од КЗ на РМ (Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем). Беа изведени дел од материјалните доказите на одбраната како и распит на обвинетиот М.Н.. Инаку, Обвинетиот Миленко Неделковски се товари за ова дело затоа што летото 2018 година кога избувна смртоносниот пожар во предградие на Атина објави статус со кој ширеше говор на омраза против настраданите од Р. Грција.

Хелсиншкиот Комитет исто така го следи и случајот на обвинетите медицински лица и вработени во ФЗО кои се обвинети за смртта на малата Тамара Димоска. Во месец мај по четврти пат продолжи сослушувањето на мајката на Тамара Димоска, Жаклина Димоска, и заврши после целосно испитување од страна на ОЈО и одбраната. За следните две рочишта беше закажан распит на сведоци на ОЈО. Судот на записник ги опомена дел од бранителите за непристојно однесување и непочитување на судот и странките и сведоците (еден од бранителите со многу висок тон се обраќаше кон судијата и непристојно се однесуваше кон ОЈО и сведоците).

Хелсиншкиот комитет исто така следеше две судења од работни односи, едното за незаконски отказ од работно место, другото за мобинг на работно место.

Комитетот подолго време го следи судењето за кривично дело на странски државјанин, кое судење трае скоро 5 години, на обвинетиот му е одземен пасошот, истиот не е во притвор, па бидејќи нема дозвола и можност за работа, живее во манастир. Причина за ваквото одолговлекување на постапката и прекршување на правото на фер судење ( судење во разумен рок) се должи на тоа што во овој предмет има повеќе сообвинети, од кои дел се недостапни или не доаѓаат на судење, а постапката за странецот сеуште не е раздвоена.

ДИСКРИМИНАЦИЈА

КЗД утврди дискриминација врз основа на пол во оглас за вработување

Постапувајќи по претставка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Комисијата за заштита од дискриминација утврди директна дискриминација врз основа на пол од страна на Олимписки базен ,,Центар’’ во Скопје кон потенцијални кандидати за добивање на работен ангажман. Претставката, која што Комитетот ја поднесе до КЗД во март годинава, се однесува на оглас за вработување, објавен на 13 март 2019 година на фејсбук страната на деловниот субјект, за две работни места – рецепционерк/ка со полно работно време и хигиеничарка со полно работно време.

Според наводите во добиеното мислење од КЗД: ,,Комисијата со Барање за изјаснување се обрати до Олимпискиот базен Центар да се произнесе по претставката. На ден 03.04.2019 година до Комисијата е доставен одговор со кој ги негираат наводите во претставката и во кој што наведуваат дека во прилог се доставени докази ППР образец и Договор за работа на работно место хигиеничар склучен со лице од машки пол. Меѓутоа, Комисијата од доставените докази не може да увиди дека не станува збор за дискриминација, односно во ППР образецот нема никаков податок за вработено лице, освен потребен број на работници. Додека, пак, наведениот договор за вработување е нецелосен, без потписи, склучен на 18 март 2019, а со важност од 1 март 2019 година.’’

Со оглед на утврдената директна дискриминација врз основ на пол во областа на работа и работните односи, односно оневозможувањето на припадниците на машкиот пол да се јават на огласот, КЗД препорачува да се поништи огласот и повторно да се објави без наведените дискриминаторски содржини. Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, дискриминаторот е должен во рок од 30 дена од приемот на препораката да постапи по истата и за тоа да ја извести Комисијата.

Препорака: Хелсиншкиот комитет продолжува со документирање и пријавување на дискриминаторски огласи за работа и ја поздравува праксата на утврдување на дискриминација во ваквите огласи од страна на КЗД. Апелираме до работодавачите да не објавуваат дискриминаторски огласи за вработување и ги повикуваме сите кои се почувствувале дискриминирани да го пријават случајот во Хелсиншкиот комитет за човекови права.

СЕМЕЈНО И РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

ПРЕПОЗНАВАЊЕ НА СИТЕ ФОРМИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

Во текот на месец мај во Хелсиншкиот комитет за човекови права две жени пријавија дека се жртви на семејно и родово базирано насилство. Жените се долгогодишни жртви на физичко и психичко семејно насилство од страна на нивните брачни партнери, кое често пати резултирало со телесни повреди.

Правниот тим на Хелсиншкиот комитет на едната жртва и даде правен совет каде да го пријави семејното насилство, и ја образложи постапката и ја информираше за можноста Хелсиншкиот комитет да ја придружува пред надлежните институции за пријавување на делото со цел заштитата на нејзиниот интегритет во постапката, помагање да се најде решение за нејзиниот случај како и обезбедување поддршка.

Другата жртва не информираше дека веќе претходно преку ЈУ Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Битола водела судска постапка за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство. Насилството и загрозувањето на сигурноста од страна на нејзиниот брачен партнер продолжило и по истекот на рокот за којшто биле изречени привремените мерки за заштита од семејно насилство, поради што жртвата повторно го пријавила случајот во полициска станица и Центарот за социјална работа. Жртвата не информираше дека од страна на службените лица вработени во Центарот за социјална работа Битола и било кажано дека поради непоседување на релевантна медицинска документација, не би можеле да поведат постапка за заштита од семејно насилство. Од причина што насилникот континуирано врши насилство врз жртвата и нејзиното потесно семејство и се заканува дека ќе нападне по нивниот живот, службените лица од Центарот за социјална работа Битола беа контактирани од страна на граѓанска организација од Битола во соработка со Хелсиншкиот комитет по што бевме информирани дека во најкус рок ќе биде поведен предлог за заштита од семејно насилство до надлежен суд.

Препорака: Семејното насилство не претставува само физичко насилство. За поведување на постапка за заштита од семејно насилство не е неопходно жртвата да поседува релевантна медицинска документација. Под семејно насилство се подразбира малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психолошко, физичко или економско насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, вклучувајќи и закани за такви дејствија спрема жртвата. Надлежните институции кои преземаат мерки за заштита на жртвите имаат должност да ја препознаваат секоја форма на семејно насилство, а особено да го имаат предвид фактот дека семејното насилство ретко се појавува само во една форма.

ДЕЛА ОД ОМРАЗА

Трендот на малолетици инволвирани во инциденти сторени од омраза продолжува

Во месец Мај 2019 регистрирани се вкупно 22 инциденти од омраза, од кои 20 се сторени поради етничка припадност, а 2 се поради политичка припадност. Најмногу инциденти се регистрирани во Скопје (19), а од поднесените кривични пријави, една е за кривично дело Ширење расистички и ксенофобичен материјал, а другата за Насилство. Трендот најголем дел од сторителите и жртвите да се деца ( лица до 18 години) и млади лица продолжува, со тоа што во последен период се бележи и значително намалување на старосната граница на инволвираните деца, особено на жртвите ( најмалото е 12 години).

Овој месец го издвојуваме случајот на насилство сторено поради етничка омраза. На 17.05.2019 година во 22.10 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Методија Андонов Ченто“ двајца малолетници на возраст од 12 и 13 години биле физички нападнати од неколку непознати лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

ГОВОР НА ОМРАЗА

Зголемен тренд на говор на омраза врз основ на сексуална ориентација и родов идентитет

Во текот на месец мај, Хелсиншкиот комитет за човекови права на платформата www.govornaomraza.mkрегистрираше 61 пријава за говор на омразана социјалните мрежи/медиуми. Од почетокот на годината, колку за споредба, кога беа регистрирани околу 40 пријави во просек месечно, во текот на мај забележан е драстично зголемен тренд на говор на омраза. Конкретно, најголем број од пријавите (или 30%) се однесуваат на говор на омраза поради сексуална ориентација и родов идентитет во период кога во Хелсиншкиот комитет се одржа прес-конференција за одржувањето на првата Парада на гордоста во јуни 2019 година. Покрај овој основ, говорот на омраза поради етничка припадност остана присутен на социјалните мрежи (или 29% од вкупниот број на пријави). По завршувањето на вториот кург на претседателските избори на 5ти мај, се бележи намалување на бројот на пријави поради политичка припадност (или 20%) и пол и род (11%) кои беа поприсутни во текот на политичката кампања во текот на месец април.

Мај, 2019 година

Врз основ на системот на следење од страна на Хелсиншкиот комитет, зголемениот број на пријави се должи и на зголемената свест на корисниците на социјални мрежи. Говорот на омраза кој драстично се зголеми со објавувањето на Парадата на гордоста е документиран и надлежните институции се информирани за овој феномен. Ги повикуваме надлежните институции ревносно да го следат зголемениот тренд и соодветно да реагираат, имајќи предвид дека очекуваме трендот да продолжи и во месец јуни.

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

УТВРДУВАЊЕ МОБИНГ ВО СУДСКА ПОСТАПКА

До Хелсиншкиот комитет за човекови права, во месец мај, се обратија шест работници со барање за бесплатна правна помош. Правниот тим на Комитетот даде правни информации и совети во однос на:

  • поведување постапка пред Државниот инспекторат за труд за непријавени работници;

распоредување на друго работно место без писмена одлука;

  • откажување на договорот за вработување од деловни причини;
  • исплата на паричен надоместок од страна на работодавачот во случај на смрт на член на семејството на работникот и
  • водење на дисциплинска постапка против работникот поради злоупотреба на боледување.

Претставничка на Хелсиншкиот комитет, во текот на овој месец, набљудуваше рочиште во постапка за заштита од вознемирување на работното место (мобинг) пред Основниот граѓански суд во Скопје. На рочиштето се сослушуваа сведоци предложени од двете страни и претставничката на Комитетот забележа дека од страна на учесниците во постапката, не се препознаваат сите однесувања кои можат да претставуваат мобинг. Имено, пошироката јавност најчесто како мобинг препознава само несоодветното однесување од страна на работодавачот кон работникот, како на пример повишување на тонот кон работникот, навредување, омаловажување и/или други однесувања кои може да бидат протолкувани како некоректен однос. Иако овие однесувања претставуваат директен напад на достоинството на работникот, мобингот во некои случаи може да се манифестира и како давање премногу или премалку работни задачи или пак оневозможување и попречување на вршењето на работните обврски на работникот со давање неосновани критики и забелешки. Во суштина, било какво континуирано однесување чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот, престанок на работниот однос или напуштање на работното место, се смета за мобинг.

Законот за заштита од вознемирување на работно место, предвидува дека во текот на судската постапка, товарот на докажување дека немало конкретно однесување кое претставува мобинг, паѓа на страната на вршителот на мобингот. Непочитувањето на оваа одредба, во постапките во работните спорови, кое често е забележано од страна на претставниците на Хелсиншкиот комитет, го загрозува обезбедувањето на ефикасен механизам за заштита од мобинг.

Препорака: Препознавањето на сите форми во кои може да се манифестира мобингот е од исклучителна важност за остварување на ефективна заштита. Со тоа кои сѐоднесувањаможатдасесместатвооваакатегоријатребадабидатзапознаенииработницитеиработодавачите, како и судиите кои одлучуваат во постапките за заштита од вознемирување на работното место.

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

Текстилна фабрика во пробиштип со повеќе од 25 вработени не води електронска евиденција на работно време

Хелсиншкиот комитет беше известен дека текстилна фабрика во Пробиштип во својство на работодавач не води електронска евиденција на работното време на своите вработени и работата што ја вршат, а притоа има повеќе од 25 вработени.

Согласно Законот за работни односни работодавачот е должен да води евиденција за полното работно време, а работодавачот кој има над 25 вработени и кај кого процесот на работа се врши на една или повеќе локации е должен на секоја локација да води електронско евидентирање на полното работно време и прекувремената работа.

Во конкретниот случај работодавачот процесот на работа го врши на две локации, при што во едната локација, лоцирана во Пробиштип има вработено повеќе од 25 вработени, а не води електронска евиденција на работното време. Како резултат на ваквиот пропуст не може да се утврди колку точно часови работат вработените, дали работат прекувремена работа и доколку ја работат дали им се исплаќа додаток за извршената прекувремена работа согласно закон.

Хелсиншкиот комитет за конкретниот случај поднесе барање за спроведување вонреден инспекциски надзор до Државниот инспекторат за труд.

Препорака: Апелираме до сите работодавачи да водат евиденција на работното време на своите вработени согласно закон. Ги повикуваме сите работнички и работници кои се соочуваат со вакви прекршувања на работничките права, истото да го пријават во Хелсиншкиот комитет.

Документи