септември 17, 2019

Месечен извештај за состојбата со човековите права – август 2019

СОДРЖИНА

СЕМЕЈНО И РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

  • Деца сведоци на насилни семејни односи се жртви на семејно насилство

ЗАТВОРЕНИ ИНСТИТУЦИИ

  • Злоупотреба на мерката притвор во кривичните постапки

ГОВОР НА ОМРАЗА

  • Случајот „Рекет“ како повод за говор на омраза на социјалните медиуми

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

  • Заштита на работниците при работа во услови на топлотен бран

ДИСКРИМИНАЦИЈА

  • Дискриминирачки награден фонд во првенство во тенис

ПРАВА НА лица со попреченост

  • Децата со попреченост имаат право на поддршка за рамноправно учество во образовниот процес

АВГУСТ 2019

СЕМЕЈНО И РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

ДЕЦАТА СВЕДОЦИ НА НАСИЛНИ СЕМЕЈНИ ОДНОСИ СЕ ЖРТВИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

Во текот на месец август до Хелсиншкиот комитет за човекови права се обратија четири жртви на семејно насилство со барање за бесплатна правна помош.

Во сите случаи станува збор за жртви кои подолго време се изложени на физичко и/или психичко насилство во домот, од страна на нивните брачни, вонбрачни партнери или родители. Дополнителни потешкотии за преземање чекори се забележуваат кај жртвите на семејно насилство кои се родители на малолетни деца, кои често се сведоци на насилството.

Две од жртвите го имаа пријавено насилството во полиција и центар за социјална работа, а две од жртвите се обратија до Хелсиншкиот комитет со цел да добијат информации на кој начин можат да го пријават насилството и кои чекори треба да ги преземат за нивна заштита.

При постапување по случаите, Хелсиншкиот комитет за човекови права регистрира пропусти во работата на Центарот за социјална работа. Имено, една од жртвите долги години го трпи насилството од брачниот партнер, кое и многу пати го има пријавувано. Поради неподносливата ситуација морала да го напушти домот по што нејзините четири малолетни деца останале кај нивниот татко кој е и сторител на насилството, а од тогаш се обидува да најде начин за да оствари контакт со децата.

Центарот за социјална работа со нејзина согласност, поднел предлог за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство до надлежен суд кој донел решение со кое се изрекуваат привремените мерки.

Иако стручниот тим од Центарот за социјална работа поднел предлог до надлежен суд, тој сторил и низа пропусти во постапувањето, па така не ја информирал жртвата за нејзиното право да биде сместена во Сигурна куќа. Стручниот тим имајќи го предвид фактот дека нејзиниот живот, здравје и безбедност биле крајно загрозени не направил соодветна проценка на ризик.

Дополнително, согласно член 10 од Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство дете е жртва кога трпи директно насилство, кога е присутно на насилни односи помеѓу членовите на неговото семејство или кога живее во средина во која има насилни односи. Во ваков случај Центарот има обврска да се грижи за интересите на децата и да ги заштити од семејно насилство, а согласно проценката на ризик, да го ограничи или забрани личните односи и непосредните контакти со сторителот на насилството. Во конкретниот случај, Центарот со непридржување кон овие законски одредби ги повредил правата за заштита на децата кои се оставени на ризик од виктимизација и ревиктимизација од страна на нивниот татко со кого моментално живеат.

Хелсиншкиот комитет за човекови права за овие пропусти поднесе барање за спроведување на вонреден инспекциски надзор до Секторот за инспекциски надзор во социјална заштита при Министерството за труд и социјална политика.

Препорака:  Децата се многу често сведоци на насилство сторено во семејството, што исто така ги прави жртви на насилство. Настанот на кој биле сведоци или жртви има долготрајни последици во нивниот понатамошен раст и развој и формирање на нивните личности. Надлежните институции, а особено полицијата и центарот за социјална работа, имаат обврска во постапките во кои децата се директни жртви или сведоци на насилство да постапуваат со должно внимание, а со цел нивна заштита.

ЗАТВОРЕНИ ИНСТИТУЦИИ

ЗЛОУПОТРЕБА НА МЕРКАТА ПРИТВОР ВО КРИВИЧНИТЕ ПОСТАПКИ

Хелсиншкиот комитет за човекови права во рамките на својата мисија и визија ги следи состојбите во затворените институции во поглед на заштитата на човековите права на лицата кои што се лишени од слобода.

До Хелсиншкиот комитет за човекови права во месец август пристигна претставка за лице кое издржува мерка притвор повеќе од три месеци во лоша здравствена состојба во КПУ Затвор Скопје, без соодветна медицинска грижа и терапија која е потребна за неговата состојба. Во претставката е наведено дека лицето извршило оперативен зафат на коленото, при што изготвен е и вешт наод и мислење. Во овој наод е утврдено дека во установата каде што ја издржува мерката притвор не постојат услови за негова рехабилитација и соодветна нега постоперативно. Притоа ништо не било земено во предвид при одлучувањето за продолжување на мерката притвор со што пост-оперативното заздравување на лицето било доведено во прашање. Како последица од операцијата, лицето се движи со патерици, а поради несоодветните услови во КПУ Затвор Скопје, при обавување на хигиенски потреби паднал и се здобил со повреди, по што бил пренесен на преглед во здравствена установа и повторно вратен во КПУ Затвор Скопје. Одбраната до судот има поднесено предлог за укинување на мерката притвор и замена на истата со куќен притвор и понудена гаранција од 103.000 евра во денарска противвредност, по кој што предлог повеќе од 4 месеци нема конечна одлука. Во прилог на претставката беа доставени жалбите и решенијата по предлог за продолжување на мерката притвор. Од увидот на истите, може да се утврди дека сите четири решенија се формални и непоткрепени со докази за наводите во нив, дотолку повеќе секое решение е всушност препис на претходното.

Ваквата пракса е евидентирана и при посетите на казнено поправните установи,  каде што претставниците регистрираа повеќе случаи на употреба на мерката притвор во услови кога постојат услови за определување на други мерки согласно Законот за кривична постапка. Особено проблематичен феномен кој што беше забележан, е неотстапувањето од мерката притвор од страна на судот, односно негова замена со други мерки на обезбедување, во услови кога лицето се наоѓа во тешка здравствена состојба. Во посетата на КПУ Затвор Прилеп, Хелсиншкиот комитет регистрираше два случаи каде што лица во тешка здравствена состојба и покрај укажувањата на затворската управа дека не постојат услови за нивно соодветно лекување во установата, надлежниот суд не отстапуваше во примената на мерката притвор.

Со притворот се обезбедува присуство на обвинетиот и успешно водење на кривичната постапка, но воедно притворот е најтешката мерка бидејќи со неа се ограничува правото на слобода на човекот. Мерката притвор претставува мерка на процесна присилба со која поради непречено водење на кривичната постапка се навлегува во правото на слобода и сигурност на индивидуата. Траењето на притворот мора да биде сведено на најкратко нужно време, да се користи како мерка на претпазливост во исклучителни ситуации, а не како репресивен механизам и казна. Во таа насока, Хелсиншкиот комитет ја повторува препораката и ги повикува Судовите при изрекување на мерката притвор сериозно и со должно внимание да ги земат во предвид насоките и препораките дадени од страна на Европскиот Суд за човекови права.

ГОВОР НА ОМРАЗА

СЛУЧАЈОТ „РЕКЕТ“ КАКО ПОВОД ЗА ГОВОР НА ОМРАЗА НА СОЦИЈАЛНИТЕ МЕДИУМИ

Во текот на август, на порталот www.govornaomraza.mk беа верификувани 45 пријави за говор на омраза на социјалните медиуми. Најголем број, односно 37% од пријавите се однесуваа на говор на омраза поради сексуална ориентација и родов идентитет. 18 пријави, или 29% од вкупниот број, се однесуваа на пол и род, додека 16% и 14% се однесуваа на говор на омраза поради етничка припадност и политичка припадност.

Тоа што беше регистрирано од страна на тимот на Хелсиншкиот комитет за човекови права беше зголемен тренд на говор на омраза на социјалните медиуми поврзано со прославата на Денот на Републиката – Илинден, особено во контекст на заедничката прослава со Република Бугарија. Исто така беа евидентирани повици за јавен линч на јавни личности. Трендот на говор на омраза врз основ на сексуална ориентација и родов идентитет, односно пол и род, продолжи и во август што се должи на случајот “Рекет”.

РАБОТНИЧКИ ПРАВА 

ЗАШТИТА НА РАБОТНИЦИТЕ ПРИ РАБОТА ВО УСЛОВИ НА ТОПЛОТЕН БРАН

Во текот на месец август, Хелсиншкиот комитет за човекови права регистрираше 8 случаи на прекршување на работничките права и пристапот до вработување. Случаите опфатија приближно 74 работници.

Комитетот ги информираше и советуваше работниците во врска со:

  • Обврската на работодавачот да води посебна евиденција за прекувремена работа, да го извести подрачниот државен инспектор на трудот за прекувремената работа, како и обврската на работодавачот да им исплати соодветен додаток на плата за прекувремената работа;
  • Усно откажување на договор за вработување, спротивно на одредбата од член 74 од Законот за работните односи, која предвидува дека отказот на договорот за вработување задолжително се изрекува во писмена форма;
  • Постапката за заштита од вознемирување на работно место и
  • Препораките за заштита на работниците при работа во услови на топлотен бран.

Имајќи го предвид прогласувањето на портокалова фаза на територијата на целата држава до 14ти август оваа година, работодавачите имаа обврска да ги преземат сите мерки со цел да спречат негативни последици врз здравјето на работниците кои се изложени на високи температури. Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови препорачува ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се – бремените жени и лицата на возраст над 60 години. Планот предвидува спроведување на мерки за заштита на лицата изложени на топлина на работните места. Дополнително, сите правни субјекти што вршат работи на отворено, а особено градежните работници, требаше да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот.

Хелсиншкиот комитет за човекови права, на 09.08.2019 година, се обрати до Државниот инспекторат за труд и го информираше дека некои работодавачи не ги почитуваат дадените препораки. Истиот ден, Комитетот регистрираше случај каде работници вршеа градежни активности во периодот околу 13:00 часот. Поради тоа, Комитетот побара Државниот инспекторат за труд да ги зголеми своите теренски контроли во овој период, со цел утврдување и казнување на неправилностите.

Работници изведуваат градежни активности во општина Кисела Вода

09.08.2019 година во периодот околу 13.00 часот

Препорака: Топлотниот стрес претставува сериозна закана за животот и здравјето на работниците. Оттука, неопходно е во периодот на портокалова фаза, да се спроведуваат проверки на соодветноста на вентилацијата и климатизацијата на работните места, да се обезбеди минимум една климатизирана просторија каде вработените можат да се разладуваат во текот на работата и да има почести паузи во текот на работата, со доволно разладени течности за пиење. Хелсиншкиот комитет препорачува, во услови на високи температури, значително да се намали интензитетот на работа и нормите во производството, да не се дозволува прекувремена работа и да има прекин на работата при потреба.

Трудовата инспекција има важна улога во заштитата на работничките права и во процесот на гарантирање доследно почитување и примена на прописите од областа на трудот. Имајќи го ова предвид, потребно е Државниот инспекторат за труд да ги зголеми своите теренски контроли во летниот период и да застане на страната на работниците.

ДИСКРИМИНАЦИЈА 

дискриминИРАЧКИ НАГРАДЕН ФОНД ВО ПРВЕНСТВО ВО ТЕНИС

Хелсиншкиот комитет на социјалните мрежи забележа јавен оглас за настанот Отворено првенство на Северна Македонија во тенис – сениори и сениорки кој ќе се одржува од 28.08.2019 – 01.09.2019 година во Велес. На објавата за настанот споделен е и наградниот фонд кој е предвиден за сениорите и сениорките кои ќе освојат некое од првите четири места. Предвидениот награден фонд за трето место за сениори изнесува 6.000 денари, а за сениорки 3.000 денари, за второ место за сениори 12.000 денари, а за сениорки 6.000 денари, додека за прво место за сениори изнесува 24.000 денари, а за сениорки 12.000 денари. Според ова евидентно е дека наградниор фонд за сениори изнесува двојно повеќе од фондот предвиден за сениорки за сите три највисоко рангирани места.

Ваквиот награден фонд е дискриминирачки по основ на пол и род и тоа од неколку причини. Директната дискриминација врз основа на пол се однесува токму на двојно поголемиот фонд предвиден за мажи од оној предвиден за жени, додека дискриминацијата врз основа на род се однесува на претпоставката за спортот како сфера во која поголемо учество имаат мажите, односно како типично родово машка активност. Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за еднакви можности на жените и мажите, забранета е дискриминација врз основа на пол и род во форма на разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа. Со предвидениот награден фонд, организаторот врши директна дискриминација врз овие две основи, целосно непочитувајќи ги принципите на еднакво учество во спортско натпреварување за мажи и жени.

Хелсиншкиот комитет упати јавна реакција до организаторот на турнирот и Општината Велес, која се јавува како поддржувач на турнирот да го повлечат и ревидираат наградниот фонд за Отвореното првенство на Северна Македонија во тенис – сениори и сениорки во насока на утврдување на еднаков награден фонд за мажи и жени. На ваквата реакција организаторот достави одговор до Хелсиншкиот комитет, информирајќи го дека ги прифаќа изразените забелешки и дека наградниот фонд ќе биде ревидиран. Сепак и ревидираниот награден фонд претставува индиректна дискриминација врз основа на пол и род, бидејќи висината на истиот зависи од пријавениот број на учесници и учеснички на турнирот.

Препорака:  Апелираме до организаторите на спортските манифестации во иднина да креираат родово сензитивни  и недискриминирачки наградни фондови, со кои ќе поттикнат еднакво учество во спортот на мажите и жените.

ПРАВА НА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ 

ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ИМААТ ПРАВО НА ПОДДРШКА ЗА РАМНОПРАВНО УЧЕСТВО ВО ОБРАЗОВНИОТ ПРОЦЕС

Хелсиншкиот комитет за човекови права, во текот на месец август, регистрираше случај пријавен од родител на дете кое заради отстапувања во психичкиот развој е ставено во категорија на деца со аутистичен спектар на нарушувања. Детето оваа учебна година ќе започне да посетува редовна настава во основно училиште во општината Центар.

Имено, во постапката на запишување на детето во училиштето, родителите биле повикани на разговор со педагогот и дефектологот, со цел да се направи прелиминарно тестирање на детето. На родителите им бил даден формулар за прием во прво одделение, во кој е наведено дека детето има потреба од придружба за следење на наставата. Дополнително, им било објаснето дека Општината ќе го обезбеди придружникот на нивното дете. Две недели пред почетокот на учебната година, училиштето ги информирало родителите дека општината донела одлука за обезбедување на еден придружник за дете кое имало посериозни потешкотии и ги советувале нив и останатите родители на деца со попречености, да ангажираат придружници за своите деца со сопствени средства..

За поддршка на учењето за учениците со попреченост, согласно членот 19 од нашиот Закон за основното образование, основното училиште обезбедува: образовен асистент, личен асистент, соодветна стручна поддршка од центар за поддршка на учењето, инклузивен тим и асистивна технологија по препорака на стручното тело за проценка и во согласност со индивидуалниот образовен план или модифицираната програма.

Имајќи го ова предвид, Комитетот се обрати до општината со барање за информации за начинот на кој се обезбедува поддршката во учењето на учениците со попреченост; дали бројот на ангажирани образовни и лични асистенти е соодветен на бројот на ученици со попреченост кои следат настава во училиштата; и, дали со постоечките кадри (образовни и лични асистенти) се остварува целта на инклузивното образование, односно, максималното развивање на потенцијалите и обезбедување еднакви образовни можности за сите деца.

Препорака: Основното образование е институционално, кадровски и содржински организирано на начин кој поддржува инклузија на сите деца во редовното основно образование. Инклузивното образование е процес кој ги зема предвид различните индивидуални потреби за развој на учениците, давајќи еднакви можности за остварување на основните човекови права за развој и квалитетно образование. Инклузивното образование вклучува промени и прилагодувања на наставната содржина, пристапот, структурите и стратегиите, за учениците со попреченост, со заедничка визија и убедување дека државата има обврска да обезбеди образование за сите деца.

Хелсиншкиот комитет за човекови права апелира општините и основните училишта да ја почитуваат својата обврска за обезбедување на инклузивно образование, предвидена со законите и меѓународните договори[1]. Особено, потенцираме дека државата има обврска да го приспособува целокупниот процес на настава и учење кон потребите и способностите на секое дете, со цел максимално да се развијат потенцијалите и да се обезбедат еднакви образовни можности за сите деца. Децата со попреченост имаат право на поддршка за рамноправно учество во образовниот процес.

[1] Конвенција за правата на лицата со попреченост, Конвенција за правата на детето и Изјава на УНЕСКО за образование засновано на посебни потреби, од Саламанка

Документи