Месечен извештај за состојбата со човековите права – јануари 2019

февруари 12, 2019

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за јануари 2019 година опфаќа теми од областите: судство, дискриминација, семејно и родово базирано насилство, дела од омраза и работнички права.

СОДРЖИНА

СУДСКИ МОНИТОРИНГ

  • -Се бара кривична одговорност за ширење говор на омраза од новинарот М.Н.

ДИСКРИМИНАЦИЈА

  • -КЗД утврди директна дискриминација врз основа на религија и верско уверување
  • -Несоодветно постапување на Народниот правобранител во случај на дискриминација на трансродови лица

СЕМЕЈНО И РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

  • -Неефикасна заштита на жртви на семејно насилство

ДЕЛА ОД ОМРАЗА

  • -Регистриран инцидент од омраза сторен поради сексуална ориентација

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

  • -Недоверба на работниците во трудовиот инспекторат

СУДСКИ МОНИТОРИНГ

Се бара кривична одговорност за ширење говор на омраза од новинарот М.Н.

Хелсиншкиот Комитет и овој месец продолжи со набљудување на судските постапки кои се од значење за заштитата на човековите права во Македонија.

Во случајот Монструм заради изведување на докази добиени преку ПИМ мерки беше исклучена јавноста од главната расправа, дури и стручната јавност иако со ЗКП ( стар ЗКП чл. 282 ст. 2) судот ако ја исклучи општата јавност, сепак може да дозволи да остане стручната јавност која е гарант дека се почитуваат одредбите на постапката и правата како на обвинетите така и на жртвите/оштетените.

Во случајот „Саздовски“ на предлог на одбраната судечкиот совет определи реконструкција на кривично-правниот настан, со цел правилно да се утврди фактичката состојба.

Во месец јануари започна главната расправа во кривичниот предмет против Миленко Неделковски поради основано сомневање за сторено кривично дело по член 394-г од КЗ на РМ (Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем). Обвинетиот Миленко Неделковски се товари за ова дело затоа што летото 2018 година кога избувна смртоносниот пожар во предградие на Атина објави статус со кој ширеше говор на омраза против настраданите од Р. Грција.

ДИСКРИМИНАЦИЈА

КЗД утврди директна дискриминација врз основа на религија и верско уверување

Kомисијата за заштита од дискриминација, постапувајќи по претставка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, утврди дискриминација врз основа на религија и верско уверување врз девојка која носела хиџаб во пристап до ресторанот Портофино Остериа и Бар од Скопје.

На 14 септември 2018 година до Хелсиншкиот комитет за човекови права се обрати странка која пријави дискриминација врз основа на религија и верско уверување во пристап до ресторанот Портофино Остериа и Бар. Странката заедно со две пријателки се обидела да влезе во ресторанот Портофино Остериа и Бар, каде пристапот им бил ограничен со објаснување дека без резервација не може да бидат услужени. Во моментот кога се обиделе да влезат во ресторанот странката носела хиџаб, додека нејзините пријателки не. Лицата го напуштиле ресторанот, каде десетина минути подоцна, една од пријателките на странката се вратила во ресторанот и без никаков проблем добила маса без претходна резервација. Таа пробала да дознае зошто не ѝбилдозволенпристапво ресторанот на нејзината пријателка која носела хиџаб и дали ресторанот им забранува пристап на жени и девојки кои носат хиџаб, на што не добила одговор и си заминала.

Хелсиншкиот комитет за човекови права за овој случај поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација, а Мрежата за заштита од дискриминација ја повика Комисијата во рамките на своите овластувања да го истражи случајот. Во одговор на овие барања, Комисијата за заштита од дискриминација на 28.12.2018 донесе мислење бр. 0801-307/5, со кое утврди директна дискриминација врз основа на религија и верско уверување во пристап до добра и услуги. Комисијата, за целосно утврдување на фактичката состојба поднела барање за изјаснување до ресторанот, но не добила повратен одговор.

КЗД побара од ресторанот Портофино Остериа и Бар да ја отстрани повредата на правото на странката, во рок од 30 дена од приемот на мислењето и препораката и понатаму да не врши дејствија на дискриминација. Доколку ресторанот не постапи по препораката, односно не ја отстрани повредата на правото, Комисијата има право да покрене иницијатива пред надлежен орган за утврдување на одговорност.

Препорака: Го поздравуваме ваквото мислење на Комисијата за заштита од дискриминација и апелираме до сите правни лица кои обезбедуваат јавни добра и услуги истото да го прават без дискриминација, почитувајќи го правото на еднаквост на сите лица. Воедно ги повикуваме и охрабруваме сите лица кои се почувствувале дискриминирани по било која основа во пристапот до добра и услуги, истото да го пријават и да побараат правна помош.

Несоодветно постапување на Народниот правобранител во случај на дискриминација на трансродови лица

Во месец октомври до Народниот правобранител поднесена беше претставка против Министерството за внатрешни работи за случај на дискриминација и вознемирување од страна на гранични полициски службеници врз основа на родов идентитет. Во случајот се работи за две транс жени од Турција кои биле вознемирувани од страна на граничната полиција по нивното слетување на аеродромот во Скопје. Двете транс жени ја имаат започнато транзицијата и изгледаат како типични жени, но ознаката за пол на пасошите е „М“ поради несоодветната законска рамка во Турција која го отежнува правното признавање на родот. На аеродромот во Скопје тие се соочиле најпрво со низа прашања околу престојот и причината за посета на Македонија, а потоа полициските службеници ги викале своите колеги без никаква потреба, им ги гледале пасошите, зјапале во жените и им се смееле. Еден од службениците на едната транс жена ѝкажалдекабилвоИстанбуливидел„луѓе како неа“.

По поднесената претставка, Народниот правобранител достави известување во кое наведе дека доставил барање со укажување до Секторот за гранични работи и миграција во кое ги навел наводите од претставката и укажал на потребата надлежните служби најитно да спроведат соодветна обука на сите гранични полициски службеници во насока на нивно сензибилизирање. Народниот правобранител препорачал и преземање мерки за запознавање на сите службеници со соодветната домашна и меѓународна пракса која се однесува на забрана на вршење на дискриминација по кој било основ. Дополнително во известувањето е наведено дека од страна на МВР добиен е одговор на претставката со кој Народниот правобранител бил известен дека извршени биле регуларни проверки на патни исправи и со транс жените се постапувало учтиво, а бидејќи се работи за не совпаѓање со изгледот било направено верифицирање со друг службеник.

Согласно известувањето, Народниот правобранител не утврдил дека се повредени начелата на недискриминација и дека е сторено вознемирување врз основа на родов идентитет и само укажува за потребата од тренинзи за сензибилизација кон „овој тип на лица” и препорачува преземање на мерки за запознавање на службениците со легислативата во областа на дискриминација. Народниот правобранител не ги зема предвид наводите дека транс жените биле изложени на исмејување и недолични коментари од неколку службеници и дека не се работело само за проверка и верификација од надреден службеник како што е наведено од МВР. Имено со своето однесување, непотребните коментари, чекањето, повикувањето на колегите и исмејувањето, полициските службеници на аеродромот создале непријателска и понижувачка средина, го отежнале пристапот и го повредиле достоинството на транс жените. Со тоа што ги повикувале своите колеги за да ги видат пасошите и транс жените, го повредиле и правото на приватност и ги изложиле непотребно на исмевање кое резултирало со повреда на достоинството.

Препорака: Апелираме дека е особено важно Народниот правобранител соодветно да постапува во вакви случаи и изречно да утврдува дискриминација и вознемирување. Досегашната пракса покажува дека укажувањата за потребите од преземање на мерки не се соодветен механизам во борбата против дискриминаторско и вознемирувачко однесување и постапувања, а Народниот правобранител не мониторира дали препорачаните мерки навистина се преземаат.

СЕМЕЈНО И РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

Неефикасна заштита на жртви на семејно насилство

Во месец јануари 2019 година во Хелсиншкиот комитет за човекови права две жени пријавија дека се жртви на физичко и психичко насилство од страна на нивните брачни партнери, кое резултирало со телесни повреди, а во едниот случај освен жената, жртви на семејно насилство од страна на таткото се и нивните три малолетни деца. Една жена пријави дека е жртва на психичко насилство од страна на поранешен брачен партнер.

Претставник од Хелсиншкиот комитет придружуваше една од жртвите пред Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на град Скопје со цел пријавување на случајот и иницирање на судска постапка за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство.

Жената која пријави дека таа и нејзините три малолетни деца се жртви на семејно насилство од страна на нејзиниот брачен партнер, кој е и татко на малолетните деца, не извести дека Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на град Струмица со нејзина согласност поднел предлог за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство до надлежен суд. Хелсиншкиот комитетот согласно својата мисија и проектни активности за мониторинг, заштита и унапредување на човековите слободи и права на ден 29.01.2019 година го мониторираше судското рочиште пред Основен Суд Струмица по повод поднесениот предлог.

Иако видно од приложените докази кон предлогот за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство е неспорно дека жената и нејзините малолетни деца се жртви на континуирано психичко и физичко семејно насилство, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на град Струмица предложиле изрекување на само две привремени мерки и тоа: задолжително законско издржување на семејството и задолжително посетување соодветно советувалиште.

Предложените мерки не се доволно ефикасни, нема да придонесат до превенција и запирање на насилството ниту пак до отстранување на последиците од извршеното насилство. Исто така, од страна на Центарот во име на малолетните деца не е предложено изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство, иако според Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство Центарот треба да го стори тоа задолжително, без согласност на родител или законски застапник.

Со ваквото постапување на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на град Струмица се отвора основано сомнение за несовесно постапување на стручниот тим по конкретниот предмет, поради што Хелсиншкиот комитет реагираше до Министерството за труд и социјална политика и ќе продолжи да го следи овој случај.

Препорака: Центарот за социјална работа е една од надлежните институции кои се должни да преземат мерки за заштита на жртвите на семејно насилство. Стручните тимови при Центарот мора со должно внимание да вршат проценка на потребите за заштита на жртвите, според видот, интензитетот и контекстот на случување на насилството, а особено во случаи кога жртви се малолетни деца. Следствено на ова неопходно е предложување на ефикасни привремени мерки кои ќе допринесат до превенција и запирање на насилството како и отстранување на последиците од извршеното насилство.

ДЕЛА ОД ОМРАЗА

Регистриран инцидент од омраза сторен поради сексуална ориентација

Во месец јануари регистрирани се 17 инциденти од омраза, а после неколку години е регистриран 1 инцидент мотивиран од сексуалната ориентација на жртвата (ЛГБТИ).

Имено, во градски автобус на ЈСП бр. 5, сторителот го нападнал пријавителот единствено поради неговата сексуална ориентација (заради сите стереотипи кои се негуваат во врска со одредена сексуална ориентација). Имено напаѓачот само поради личните и физички карактеристики на пријавителот, откако прокоментирал нешто, силно со бокс го удрил во горниот дел од главата, и веднаш излегол од автобусот.

Пријавителот се здобил со повреди од ваквиот удар, црвенило, оток и нагмеченост во горната фацијална регија, поради што побарал соодветна лекарска помош.

Меѓутоа, пријавителот не пријавил веднаш по настанот од причина што немал доверба во институциите на системот, а се плашел и од понатамошна виктимизација. Сепак, после два дена од настанот жртвата го контактираше Хелсиншкиот Комитет за човекови права и беше мотивирана случајот да го пријави во полициска станица.

Придружуван од правен советник на Хелсиншкиот Комитет жртвата го пријави случајот во полициска станица.

Случајот во дневниот билтен на МВР не е квалификуван како дело сторено до омраза и никаде не е наведена сексуалната ориентација на жртвата како пристрасен мотив за сторување на тоа дело.

Препорака: Хелсиншкиот Комитет упатува препорака до надлежните органи и институции секогаш со должно внимание да постапуваат во ваквите предмети, да ги регистрираат соодветно со документирање на основот кој е мотив за сторување на дела од омраза, целосно и темелно да ги истражат случаите како навремено би се открил/ле сторителот/те и би биле казнети согласно закон. Исто така, Комитетот упатува препорака до органите на прогонот, особено до Обвинителството да продолжи да ги процесира кривичните пријави за делата од омраза сторени поради сексуална ориентација и родов идентитет во периодот 2013-2015 година, бидејќи решавањето на овие случаи и изведувањето пред суд на тие сторители ќе делува охрабрувачки за жртвите на ваков вид инциденти и ќе им се врати довербата повторно да пријавуваат вакви дела и инциденти пред надлежните органи и институции.

ГОВОР НА ОМРАЗА

Регистриран инцидент од омраза сторен поради сексуална ориентација

Во текот на месец јануари 2019 година, на порталот www.govornaomraza.mk пријавени се 65 случаи поврзани со говор на омраза.

Споредбено со 2018 година, се забележува пораст на пријавените случаи на социјалните медиуми, особено говор на омраза поради етничка припадност (или 36% од вкупниот број на пријави), сексуална ориентација, род и пол (или 34%), како и поради политика припадност (или 15%).

Зголемениот пораст исто така соодејствува со два клучни политички случувања во државата – усвојување на Уставните амандмани согласно Договорот од Преспа на 11.01.2019 година и објавувањето на Законот за употреба на јазиците кон средината на месецот. Во тој временски период регистриран е пораст врз основ на етничка и политичка припадност. Споредбено со 2018 година, се забележува зголемен број на пријави врз основ на сексуална ориентација, род и пол, кој според структурата на пријавени случаи достигна број на 1/3 од вкупниот број на пријави. Врз основ на сопственото следење на говорот на омраза за јануари, може да се утврди на слаба респонзивност од надлежните институции во сакционирање на овој феномен. Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, врз основ на анализата од 2014 до 2018, очекува зголемување на говор на омраза на социјалните медиуми, особено врз основ на етничка и/или политичка припадност во пресрет на отпочнувањето на кампањата за избор на нов претседател на државата.

Препорака: Хелсиншкиот комитет препорачува граѓаните на Република Македонија да се воздржуваат од ширење на говор на омраза по било која основа, како и да го пријавуваат таквиот говор на нашата oнлајн платформа www.govornaomraza.mk.

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

Недоверба на работниците во трудовиот инспекторат

Во текот на месец јануари, Хелсиншкиот комитет даде правна помош во 33 случаи на прекршување на работничките права и пристапот до вработување. Случаите опфатија приближно 1737 работници.

Најчестите повреди на работничките права констатирани од поднесените претставки се во врска со:

 

  • неисплатен регрес за годишен одмор;
  • непријавени работници;
  • неисплатени плати и придонеси;
  • нетрансформирање на работниот однос заснован со договор за вработување на определено време, во работен однос на неопределено време во случаи кога работникот работел подолго од пет години на исти работи кај работодавачот.

 

Овој месец, Комитетот бележи 10 пријави на неисплатен регрес за годишен одмор или исплатен регрес во износ помал од законски утврдениот, спротивно на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството.

Дел од работниците ги пријавија прекршувањата на нивните работнички права во Државниот инспекторат за труд, а во 8 случаи правниот тим на Комитетот се обрати до Инспекторатот со барање за спроведување вонреден инспекциски надзор. Од Инспекторатот во текот на месец јануари немаше одговор по поднесените пријави.

Институционалната заштита на правата од работен однос, работниците ја остваруваат преку Државниот инспекторат за труд (ДИТ). Трудовата инспекција има важна улога во заштитата на работничките права и во процесот на гарантирање доследно почитување и примена на прописите од областа на трудот. Кога на работникот ќе му биде повредено право или ќе му биде оневозможено да го оствари своето право од или во врска со работниот однос, може да поднесе барање до ДИТ. Инспекторатот треба да одговори на барањето во рок од 30 дена од денот на неговото поднесување. Ваквиот рок е несоодветен поради тоа што се работи за заштита на права од работен однос кои се директно поврзани со егзистенцијалниот статус на работниците и таквата заштита бара посебен приоритет и итност. Долгиот рок дополнително ја комплицира ситуацијата на работникот со оглед на тоа што истовремено течат и роковите од 8 дена за поднесување на приговор или барање до работодавачот во врска со сторената повреда, а потоа и рокот од 15 дена за поведување на судски спор.

Едно истражување на Хелсиншкиот комитет, покажа дека задоволството од овој вид на институционална заштита помеѓу работниците е исклучително ниска. Од спроведената анкета врз вкупно 839 испитаници, целосно незадоволство од работата на ДИТ искажале 64,2% од испитаниците, додека 12,6% од испитаниците изразиле делумно незадоволство. Заклучокот е дека трудовите инспекторати не уживаат доверба помеѓу граѓаните.

Препорака: Искуството со Државниот инспекторат за труд укажува на тоа дека судската заштита е попримамлива опција како форма на заштита поради долгите рокови за инспекциска заштита. Ваквите рокови треба да бидат скратени во согласност со начелото на итност и приоритетност, по примерот на роковите во судските постапки од работни односи.

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

Продолжува трендот на неисплаќање регрес за годишен одмор  (К15) од страна на работодавачите во текстилната индустрија 

Во текот на јануари, Хелсиншкиот комитет документираше 10 случаи во кои работодавачите од текстилната индустрија не им исплатиле регрес за годишен одмор (к15) за 2018 на своите вработени.

Согласно општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството работниците имаат право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. Кај работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, ценејќи ја економско финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна претходна консултација на ниво на гранка односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со колективниот договор.

За документираните случаи, Хелсиншкиот комитет поднесе барања за спроведување вонредни инспекциски надзори до Државниот инспекторат за труд.

Препорака:Го повикуваме Државниот инспекторат за труд да врши засилен мониторинг во процесот на исплата на регрес за годишен одмор од страна на работодавачите и навремено и ефикасно да постапува по поднесените барања за инспекциски надзор за евентуални повреди и прекршувања на работничките права поврзани со исплата на регрес за годишен одмор. Ги повикуваме и охрабруваме сите текстилни работнички и работници и понатаму да продолжат со пријавувањето на прекршувањата на работничките права.

ЗАТВОРЕНИ ИНСТИТУЦИИ

Непризнавање на родово базирано насилство како основ за право на азил

Во текот на месец јануари, до Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија со барање за бесплатна правна помош се обрати лицето Хинд Мохаммад Алболооки, барателка на азил, по потекло од Обединетите Арапски Емирати.

Во своето барање наведе дека има поднесено барање за признавање на правото на азил во Република Македонија, откако избегала од својот дом каде што била жртва на психичко и физичко семејно насилство, како и принудување на сексуални односи. Според искажаното, несомнен е стравот дека доколку г-а Алболооки се врати во својот дом ќе се соочи со смрт или лишување од слобода и сместување во специјална установа. Во постапката, Секторот за азил не го препознал родовобазираното насилство како основ за признавање на азил, одбивајќи го барањето на странката во итна постапка.

Со ратификацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулска конвенција), Република Македонија „треба да ги преземе сите потребни законодавни или други мерки за да се заштитат жените жртви на насилство, без оглед на нивниот статус односно престој, нема под ниту еден услов да бидат вратени во ниту едена земја во која нивниот живот би бил во ризик или каде што би можеле да бидат подложени на мачење или нехуман односно деградирачки третман или казнување.“.

Откако е одбиена по итна постапка, со решение од Министерството за внатрешни работи е сместена во Прифатниот центар за странци во Гази Баба, со образложение дека е опасност по јавниот ред и мир и националната безбедност. Во решението за изрекување на мерката, не се образложени причините за ограничување на слободата на движење на г-а Алболооки, освен наведување на основот „опасност по националната безбедност. Ваквото постапување е спротивно на воспоставената судска пракса на Европскиот суд за човекови права во пресудата Љатифи против Република Македонија, каде што Судот “забележува дека нема други фактички детали во поткрепа на наводите против жалителката. Судот понатаму забележува дека покрај општата изјава, органите не дале на жалителката никакво посочување на основите врз кои ги засновале своите проценки. Без дури и краток преглед на фактите кои послужиле како основа за таа проценка, жалителката не била во можност да го презентира својот случај соодветно во понатамошната постапка на судска ревизија.“

Препорака: Трендот на непризнавање на бегалци чии индивидуални околности би го оправдале статусот на бегалец, што го доведува во прашање ефективното испитување на индивидуалните околности на секое поднесено барање за азил. Согласно член 30 став 2 од Законот за меѓународна и привремена заштита, Секторот за азил има обврска поднесеното барање за признавање на азил да го разгледува посебно, земајќи ги предвид сите факти од различни извори, релевантните изјави и документација дадени од страна на барателот на правото на азил, вклучувајќи и информации за тоа дали барателот на правото на азил бил и би можел да биде изложен на прогонување или на сериозно повреди, индивидуалната состојба и личните услови во кои се наоѓа барателот и слично.