Следење на говор на омраза на локално ниво

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија во декември 2018 година отпочна со спроведување на проектот “Следење на говор на омраза на локално ниво” финансиран од страна на Фондацијата отворено општество – Македонија. Проектот е со времетраење од 12 месеци.

Главната цел на овој проект е обезбедување на систем за следење на говорот на омраза на локално нивно. Преку спроведување на активностите ќе се обезбедат примарни податоци од терен кои ќе бидат предмет на обработка и нивно објавување во форма на квартални мониторинг извештаи. Новитет во овој концепт е тоа што опфатот ќе се прошири на детектирање и регистрирање на говор на омраза и надвор од социјалните медиуми. Целта е преку системот на следење да се детектираат и другите медиуми преку кои се шири говорот на омраза, но истовремено, да се утврди и изворот. Исто така, отоа, фокус ќе се даде и врз следењето на дискурсот помеѓу спортските навивачки групи, настаните од јавен карактер во тие општини, потоа испишувањето на графити (со таква содржина), културно-уметничките настани, итн. Целта е да се обезбеди што поголем опфат на потенцијални извори на говор на омраза и со тоа да се даде појасна слика за овој феномен.

МХК исто така предлага, врз основ на сопствената анализа, да воведе систем на предупредување (alert system) кога ќе се увидат негативни трендови и со тоа да се предложат соодветни мерки за акција кои ќе бидат составен дел од активностите кои се поврзани со комуникацијата со јавноста и застапувањето кон надлежните локални и централни институции во Република Македонија. Врз основ на сопственото искуство и експертиза МХК цени дека преку реализација на овој проект може да се детектираат изворите и формите на говор на омраза, да се утврдат трендовите и нивниот интензитет и соодветно да се подготви стратегија за нивно понатамошно адресирање пред јавноста, медиумите, институциите и другите граѓански организации кои работат на ова поле.

Донатор: ФООМ
Временска рамка: декември 2018 - декември 2019