Месечен извештај за човековите права во Република Северна Македонија февруари 2020
март 31, 2020
СОДРЖИНА
РАБОТНИЧКИ ПРАВА
- Бремените работнички уживаат посебна заштита согласно со трудовото законодавство
- Протести на поранешните вработени на „Охис“
ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ
- Бавно постапување на Државниот инспекторат за труд
ДИСКРИМИНАЦИЈА
- Дискриминација врз основа на етничка припадност и боја на кожа
- Продолжува трендот на дискриминација на бремени работнички врз основа на пол, род и личен статус
РОДОВА ЕДНАКВОСТ
- Двојна виктимизација на малолетни жртви
ГОВОР НА ОМРАЗА
- Месечен извештај во пресрет на парламентарните избори
февруари 2020
РАБОТНИЧКИ ПРАВА
Бремените работнички уживаат посебна заштита согласно со трудовото законодавство
Во февруари, Хелсиншкиот комитет за човекови права даде правна помош во 16 случаи на прекршувања на работничките права. Комитетот ги информираше работниците и им даде правни совети за:
- Постапката за заштита од вознемирување на работно место;
- Спогодбено раскинување на договорот за вработување;
- Повредите на работното место;
- Неисплатени плати и придонеси;
- Случаите во кои работникот може да биде прераспределен на друго работно место;
- Непријавена и неплатена прекувремена работа и
- Роковите во постапката во споровите од работните односи и можноста за поднесување барање за заштита на правото на судење во разумен рок до Врховниот суд.
Дополнително, во текот на овој месец, еден работодавач нѐ контактираше со барање за информации за плаќање придонеси од социјалното осигурување на работник кој го користи своето право на неплатено родителско отсуство.
- Бремените работнички уживаат посебна заштита
Хелсиншкиот комитет регистрираше случај на отказ на бремена работничка додека користела боледување
Имено, станува збор за работничка која непосредно откако го информирала работодавачот дека е бремена ѝ бил откажан договорот за вработување. Работодавачот ѝ го врачил отказот на работничката додека таа го користела правото на боледување, со образложение дека неоправдано отсуствувала од работа во претходниот период. Спротивно на Законот за работните односи,[1] работодавачот го направил ова без претходно да ѝ достави предупредување на работничката за подобрување на работењето или, пак, да поведе дисциплинска постапка против неа.
Работничката се обрати во Хелсиншкиот комитет со барање за бесплатна правна помош. Претставници на Комитетот ја придружуваа работничката во Државниот инспекторат за труд, каде што таа го пријави ова прекршување на нејзините работнички права. По извршениот инспекциски надзор, Инспекторатот со решение му наложил на работодавачот да ја поништи одлуката за отказ и да ја врати работничката на работа. Веднаш потоа таа добила одлука за поништување на отказот и била вратена на работното место.
Бремените работнички уживаат посебна заштита со македонското трудово законодавство и работодавачот не смее да ѝ го откаже договорот за вработување на работничката за време на бременоста. Работодавачот би можел да го откаже нејзиниот договор само доколку таа сторила потешки прекршувања на договорните обврски и единствено по претходно добиена согласност од синдикатот или од Државниот инспекторат за труд.
Овие дејствија на работодавачот претставуваат директна дискриминација врз работничката на основа на нејзиниот пол и лично својство и се забранети со Законот за работните односи и Законот за спречување и заштита од дискриминација.[2]
- Протести на поранешните вработени во „Охис“
На 11 февруари, групата поранешни работници од „Охис“ продолжи да протестира поради 24 неисплатени плати и придонеси.[3] Во текот на овој месец, се одржаа три протести во постојана придружба на претставници од Хелсиншкиот комитет, кои го набљудуваат секој протест на групата во знак на поддршка и ги придружуваат членовите на иницијативниот одбор пред надлежните институции.
ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ
Бавно постапување на Државниот инспекторат за труд
Хелсиншкиот комитет на крајот на февруари доби две известувања од Државниот инспекторат за труд за иницирани постапки за вонреден инспекциски надзор во две текстилни конфекции од Делчево од декември 2019 година. Предмет на двата вонредни инспекциски надзори беа неисплаќања на додатоци на плата за прекувремена работа и минат труд и недавања на пресметки на плати од страна на двата работодавачи. Во еден од случаите Инспекторатот утврди неправилности и прекршувања на работничките права на работниците од страна од работодавачот и му наложи да ги отстрани констатираните недостатоци, а во другиот случај Инспекторатот не утврдил прекршување на работничките права.
Препорака: Со оглед на фактот што во двата случаи утврдувањето на фактичката состојба може да се направи со преглед на внатрешната документација на работодавачите, сметаме дека времетраењето на постапките на Инспекторатот од два месеци е премногу и трае непотребно долго. Апелираме во вакви случаи Државниот инспекторат за труд побрзо да постапува по добиените иницијативи за вонреден инспекциски надзор со цел навремена и ефикасна заштита на работничките права на текстилните работнички.
ДИСКРИМИНАЦИЈА
Дискриминација врз основа на етничка припадност и боја на кожа
Хелсиншкиот комитет документира случај на дискриминација врз основа на етничка припадност и боја на кожа на лице од ромска етничка припадност во пристап до јавен превоз. Настанот се случил кога странката се обидела да се качи во автобус и била турната од едно лице. Странката му рекла на лицето дека нема потреба од турканици, на што лицето возвратило со пцовка. Странката на тоа реагирала и му кажала на човекот да не се однесува така. Откако влегле во автобусот, непознатиот човек седнал до двајца контролори од Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) кои го прашувале нешто. Едниот контролор станал и од целиот автобус ѝ побарал билет само на странката. Странката прашала зошто само нему му бараат билет, а не и на другите. Контролорот одговорил дека така сака. Странката му објаснила дека ова е дискриминација и дека тој е студент и има годишен билет. Потоа го предупредил контролорот дека ќе се јави во полиција. Додека странката телефонски го пријавувала настанот во полиција, следувале низа закани од страна на контролорите дека ќе го удрат. Викале по него и насилно се однесувале. Го фатиле за рака и насилно го турнале надвор, при што паднал телефонот на странката. За цело ова време странката разговарала на телефон со полицискиот службеник. Тој насилно бил симнат на автобуската станица во Гази Баба. Откако го симнале на станицата, исто така насилно му го одзеле билетот. Го провериле и се увериле дека имал годишен билет и потоа билетот му го фрлиле на земја. Странката им рекла дека тоа ќе го слика и ќе го каже во полиција. Еден од контролорите запалил цигара и се заканил дека ќе му ја изгаси на челото. Пред да заминат му се заканиле со зборовите дека не знае со кого си има работа.
Овој случај уште еднаш ги потврдува предрасудите, стереотипите, стигмата и дискриминацијата со кои се соочува ромската заедница во сите сфери на општеството и кои влијаат на натамошна маргинализација на Ромите.
Хелсиншкиот комитет овој случај го пријави кај Народниот правобранител, Комисијата за заштита од дискриминација и Град Скопје, барајќи да се испита случајот, да се утврди одговорност, да се санкционираат контролорите и да се преземат чекори за превенција од вакви инциденти во иднина. Хелсиншкиот комитет за овој случај ќе поднесе и кривична пријава против непознати сторители за сторено кривично дело Расна и друга дискриминација, согласно со чл. 417 од Кривичниот законик.
Препорака: Државата мора вистински, а не само декларативно да ја приоретизира превенцијата и заштитата од дискриминација. Немањето функционална Комисија за спречување и заштита од дискриминација го ограничува пристапот до правда на граѓаните во заштита од дискриминација и овозможува појава на повторена дискриминација во вакви случаи.
Продолжува трендот на дискриминација на бремени работнички врз основа на пол, род и личен статус
Хелсиншкиот комитет во февруари регистрираше 3 нови случаи на дискриминација на бремени работнички врз основа на пол, род и личен статус во работни односи. Во два од регистрираните случаи на бремените работнички не им биле продолжени договорите за вработување на определено време, а за нивните позиции биле отворени нови огласи во кои се барале работници/работнички со исти квалификации како нивните. Во останатиот случај на бремена работничка незаконски ѝ бил прекинат работниот однос, веднаш по известувањето на работодавачот дека е бремена.
Ваквите случаи покажуваат еден повеќегодишен тренд на системска дискриминација на бремените работнички врз основа на пол, род и личен статус и покажуваат апсолутна нефукнционалност на заштитните механизми од дискриминација и повреда на работничките права во ваквите случаи.
Препорака: Оваа негативна пракса уште повеќе говори за итната потреба од измена и дополнување на Законот за работните односи во насока на хармонизација на домашното трудово законодавство со европското трудово законодавство и меѓународните договори. Транспонираноста на директивите на Европската Унија и конвенциите на Меѓународната организација во Законот за работните односи ќе овозможат подобра заштита на работничките права на бремените работнички.
РОДОВА ЕДНАКВОСТ
Двојна виктимизација на малолетни жртви
Хелсиншкиот комитет реагираше за начинот на кој иницијално беше презентиран во јавноста случајот за малолетно девојче во поодмината бременост кое беше посетено од страна на вонредниот инспекциски надзор на МТСП во малиот групен дом во Берово. За единаесетгодишното девојче, на кое му било обезбедено интервентно сместување во мал групен дом од страна на ЦСР Кочани заради заштита во кризна состојба, во јавноста беа откриени доверливи податоци, вклучително и локацијата каде се наоѓа лицето, што претставува кршење на одредбите за доверливост на корисниците на услуги од социјална заштита, со што дополнително се виктимизираше малолетна жртва. Имајќи предвид дека случајот веќе бил пријавен во полиција и била поднесена соодветна кривична пријава, од исклучителна важност е малолетното лице да биде безбедно згрижено и понатаму и да се превенира какво било натамошно изложување на ризик. Во духот на Истанбулската конвенција и Конвенцијата за правата на детето, МТСП треба да постапува во најдобар интерес на детето, кое во случајов е жртва и да изготви соодветен индивидуален план за понатамошно постапување во случајот. Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе продолжи да го следи постапувањето на надлежните органи по овој случај, вклучувајќи го Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство.
ГОВОР НА ОМРАЗА
Месечен извештај во пресрет на парламентарните избори
Овој извештај се однесува за јануари и февруари, имајќи го предвид отпочнувањето на втората фаза од следење на говорот на омраза на социјалните медиуми преку засилен мониторинг од страна на Хелсиншкиот комитет. Колку за илустрација, за истиот временски период во 2019 година, кога беа донесени уставните измени за промена на уставното име, прегласувањето на Законот за употреба на јазиците, како и автобуската незгода на автопатот Скопје – Гостивар, биле регистрирани 119 случаи, додека во истиот временски период за 2020 регистрирани се 140 случаи.
Дијаграм: Говор на омраза на социјалните медиуми за јануари и февруари, 2020 година.
Најголем број од пријавите (или 64 %) се однесуваат на две категории, и тоа етничка припадност и сексуална ориентација и родов идентитет (32 %). Овие податоци се некарактеристично високи за овој период од годината. Хелсиншкиот комитет, согласно на својата анализа на пристигнатите пријави, предупредува за зголемен говор на омраза кон ромската заедница, инциденти кои беа проследени и од јавноста која го осуди несоодветниот и дискриминаторски однос кон жртвите.
За инцидентите кои беа регистрирани во овој период, Хелсиншкиот комитет реагираше во надлежните институции. Исто така, се нотира драстично зголемен говор на омраза поради сексуална ориентација и родов идентитет како реакција на јавната кампања „Дискриминацијата завршува со мене!“ на Мрежата за заштита од дискриминација. Едно од трите промотивни видеа се однесува на унапредување на правата и заштита на ЛГБТИ-заедницата што предизвика говор на омраза на социјалните медиуми, употреба на дискриминаторски јазик и омаловажување.
Трета категорија по бројност на регистрирани пријави е говор на омраза поради политичка припадност (или 19 %) која е забележана во јануари и е во контекст на распуштањето на Собранието на Република Северна Македонија и донесувањето на пакетот закони заклучно со 19 февруари 2020.
Хелсиншкиот комитет, врз основа на својата анализа, предупредува на зголемување на говорот на омраза, особено по распуштањето на Собранието и почетокот на политичката кампања во пресрет на предвремените парламентарни избори. Овој тренд може да се констатира врз основа на мониторингот на говорот на омраза за време на претседателските избори во 2019 година, кога за време на кампањата доминираше говор на омраза на етничка и политичка основа. Соодветно на ова, Хелсиншкиот комитет за човекови права ги повикува граѓаните да пријавуваат говор на омраза на социјалните медиуми на платформата www.govornaomraza.mk или директно во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи.
[1] Закон за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/05, 106/08, 161/08, 114/09, 130/09, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/19).
[2] Закон за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/2019).
[3] Станува збор за голем број работници кои биле вработени во различни делови на „Охис“. Генерално, групата од околу 11000 поранешни работници се дели на три дела во однос на нивните побарувања: 1) работници на кои „Охис“ им должи 8 неисплатени плати без придонеси; 2) работници на кои „Охис“ им должи 8 неисплатени плати без придонеси и 16 неисплатени плати заедно со придонесите за тие плати и 3) работници на кои „Охис“ им должи 24 неисплатени плати заедно со придонесите за тие плати.