Месечен извештај за човековите права во Република Северна Македонија декември 2019

јануари 30, 2020

СОДРЖИНА

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

  • Работодавачот има обврска да обезбеди безбедност и здравје при работа за неговите вработени од секој аспект поврзан со работата

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

– Текстилни работнички од Делчево работеле во несоодветни здравствени и санитарни услови со необезбедени соодветни мерки за безбедност и здравје при работа

ДИСКРИМИНАЦИЈА

  • Дискриминација врз основа на пол и род во учебник по Социологија за втора година средно образование

СЕМЕЈНО И РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

  • Со соодветна заштита до превенција на фемицид

ДЕКЕМВРИ 2019

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

работодавачот има обврска да обезбеди безбедност и здравје при работа за неговите вработени од секој аспект поврзан со работата

Во декември, Хелсиншкиот комитет за човекови права регистрираше 16 случаи на прекршување на работничките права, кои опфатија приближно 522 работници. Во текот на овој месец, Комитетот даде правна помош во врска со:

  • Постапката за заштита од вознемирување на работно место;
  • Правата на работниците кога е отворена стечајна постапка кај работодавачот;
  • Неисплатени плати и придонеси;
  • Повреди на работното место;
  • Правото на регрес за годишен одмор;
  • Правото на платена прекувремена работа; и
  • Остварување на правата кај работодавачот и можноста за нивна судска заштита.
  1. Пресуда на Апелациониот суд Штип во корист на работникот

Претставник на Хелсиншкиот комитет за човекови права мониторираше работен спор за поништување на решение за отказ, кој се водеше пред Основниот граѓански суд во Свети Николе.

Имено, во текот на февруари 2019 година, градоначалникот на Општината Лозово донел решение со кое на вработена ѝ изрекол дисциплинска мерка – престанок на работен однос. Дисциплинската мерка ѝ била изречена за сторен дисциплински престап предвиден со членот 73 став 1 од Законот за административни службеници, односно поради неизвршување, несовесно и ненавремено вршење на работните задачи. Против ова решение, вработената поднела жалба до Агенцијата за администрација. Агенцијата ја одбила жалбата и го потврдила решението за престанок на работниот однос. Поради ваквата одлука, вработената повела работен спор пред надлежниот суд, со барање да се поништат решението на градоначалникот на Општината Лозово и одлуката на Агенцијата за администрација.

Основниот суд во Свети Николе со пресуда од 18.9.2019 година го уважил барањето на вработената и ги поништил двете одлуки како незаконити. Оваа пресуда на првостепениот суд е потврдена со пресуда на Апелациониот суд во Штип од 6.12.2019 година. Двата суда утврдиле дека дејствијата на вработената при нејзиното работење не ги содржат елементите за повреда на работните обврски, како потешка повреда на службената должност, и на работната дисциплина. Според судовите, вработената не му предизвикала штета на работодавачот со намера, ниту, пак, со крајно невнимание.

Дополнително, Апелациониот суд во Штип одлучил дека првостепениот суд погрешно утврдил дека работодавачот треба да ја врати тужителката на истото работно место на коешто работела дотогаш. Апелациониот суд ја преиначил пресудата во овој дел и пресудил дека тужителката треба да биде вратена на работно место кое одговара на нејзиниот степен на стручна подготовка, односно степен на образование.

  1. Физички напад од колега на работното место

Вработена во јавна здравствена установа нѐ извести дека била физички нападната од страна на нејзиниот колега на работното место. По кратка вербална расправија, тој се приближил кон неа, ја турнал на подот и ја удрил во пределот на стомакот. Истиот ден, работничката го пријавила нападот во полициска станица. Директорот на одделот каде што таа работи, нејзе и на насилникот, им изрекол дисциплинска мерка во форма на јавна опомена поради очигледна дисциплинска неуредност.

Работодавачот не го препознал овој настан како повреда на работното место и не го известил Државниот инспекторат за труд. На овој начин, постапил спротивно на одредбата од членот 36 став 1 од Законот за безбедност и здравје при работа. Одредбата предвидува дека работодавачот е должен веднаш, а најдоцна во рок од 48 часа по настанот, писмено да го извести Трудовиот инспекторат за секоја појава која претставува непосредна опасност и ја загрозува безбедноста на вработените при работа.

Работодавачот може да му го откаже договорот за вработување на работникот поради кршење на работниот ред и дисциплина со отказен рок, меѓу другото и ако работникот предизвикува неред и насилнички се однесува за време на работата. Насилничкото однесување, односно физички напад на колега, секако претставува кршење на работниот ред и дисциплина на чија основа работодавачот може и треба да му го откаже договорот за вработување на работникот.

Насилството врз жените се разбира како кршење на човековите права и форма на дискриминација врз жените. Македонија, како држава членка на Истанбулската конвенција,  има обврска да се воздржува од учествување во каков било акт на насилство врз жените и да обезбеди државните органи, функционерите, службениците, институциите и другите актери коишто дејствуваат во име на државата да постапуваат во согласност со ваквата обврска.

Поради ова, Хелсиншкиот комитет побара Државниот инспекторат за труд да спроведе вонреден инспекциски надзор и да испита дали работодавачот постапил спротивно на меѓународните стандарди и на одредбите на македонското трудово законодавство за заштита од насилство врз жените. Ова особено се однесува на обврската на работодавачот да обезбеди безбедност и здравје при работа за неговите вработени од секој аспект поврзан со работата.

Препорака: Хелсиншкиот комитет го повикува Државниот инспекторат за труд да ги презема сите соодветни инспекциски мерки во своја надлежност и да иницира кривични постапки против работодавачите кога непочитувањето на нивните обврски предизвикува сериозна штета за безбедноста и здравјето на работниците.

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

Текстилни работнички од Делчево работеле во несоодветни здравствени и санитарни услови со необезбедени соодветни мерки за безбедност и здравје при работа

Хелсиншкиот комитет за човекови права беше известен дека вработените во текстилна конфекција од Делчево работеле без соодветно затоплување во погоните за производство и дека работеле со материјали за кои е потребна опрема за лична заштита на вработените, а кои тие ги немаат. Дополнително, вработените во конфекцијата не добивале месечни пресметки на плата.

Вработените кај работодавачот неколку месеци во континуитет не добивале месечни пресметки за плата, со што тие немале сознанија колку изнесува нивната месечна плата сè додека не ја подигнат од банка, ниту пак имале какви било информации за тоа како им е пресметана истата и дали тоа е направено согласно со закон. Поради ова прекршување од страна на работодавачот, работниците немале сознанија и за тоа дали им се исплаќа и пресметува додаток за работен стаж и додаток за прекувремена работа согласно со закон и со колективен договор.

Согласно на кажувањата на вработените, во погоните за производство кај работодавачот немало соодветно затоплување. Дополнително, вработените работеле со специфични материјали, бои и опасни материи за кои е потребно да се преземат посебни мерки за заштита на безбедноста и здравјето на работниците. Во производниот процес имало и голема бучава  поради која на работниците исто така треба да им се обезбеди опрема за заштита на нивното здравје.

Согласно на ваквите сознанија, Хелсиншкиот комитет поднесе иницијатива за вонреден инспекциски надзор до Државниот инспекторат за труд, барајќи Инспекторатот да изврши вонреден инспекциски надзор и да утврди дали постојат посочените прекршувања на работнички права.

Препорака: Го повикуваме Државниот инспекторат за труд да изврши вонреден инспекциски надзор кај пријавениот работодавач и да утврди дали работодавачот им издава пресметки за плати на вработените, дали вработените работат во соодветни здравствени и санитарни услови и дали работодавачот има преземено соодветни мерки за безбедност и здравје при работа. Воедно, и понатаму ги охрабруваме текстилните работнички и работници да продолжат да ги пријавуваат прекршувањата на нивните работнички права, како прв чекор кон подобрување на состојбите.

ДИСКРИМИНАЦИЈА

дискриминација врз основа на пол и род во учебник по социологија за втора година средно образование

Во декември на социјалните мрежи циркулираше фотографија од учебник по Социологија за втора година средно образование издаден во 2002 година од авторите Нелко Стојановски, Милева Ѓуровска и Зоран Матевски, кои се универзитетски професори. Содржината на учебникот предизвика лавина од реакции кај пошироката јавност, поради повреда на правото на образование со дискриминаторска содржина на учебникот врз основа на пол и род.

Во учебникот, меѓу другото, е наведено дека доколку жената е затворена дома, таа нема можност да извршува кривични дела, а се спомнува и дека прељубата и абортусот се кривични дела што е во спротивност со Кривичниот законик на Република Северна Македонија кој регулира кои дејства претставуваат кривични дела.

Спорната содржина вели: „Ако е жената затворена во домот и нема никакви јавни улоги, таа нема можност да прави кривични дела. Жената на тој начин е заштитена од многу комуникации, одговорности, ангажмани, натпревари, конфликти и е упатена да се грижи за семејството, а со тоа помалку е изложена на влијанието на објективните криминогени фактори.“

Во продолжение на текстот стои и дека „Една жена која има желба да ги менува своите љубовни партнери, заедницата ја нарекува неморална, лесна жена.“

Со ваквиот текст се промовираат патријархалните вредности и се ограничува учеството на жената во јавната сфера, што пак претставува дискриминација врз основа на пол и род.

Истиот учебник и пред неколку години предизвика реакции кај јавноста кога се појави дел од неговата содржина која вели дека: „припадниците од повисоките слоеви ги тераат своите деца да завршат елитни училишта иако немаат економски причини за тоа и дека тие можат да ги вработат своите деца без да завршат некое особено образование“.

За овој случај Хелсиншкиот комитет иницираше постапки пред Народниот правобранител и Државниот просветен инспекторат.

Препорака: Апелираме до Министерството за образование да го повлече од употреба учебникот „Социологија“ за втора година средно образование согласно со член 26 став 2 од Законот за учебници за основно и средно образование и да започне постапка за издавање на нов учебник кој ќе ја промовира и почитува родовата рамноправност, согласно со домашните позитивни закони и меѓународните стандарди за правото на образование.

СЕМЕЈНО И РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

СО СООДВЕТНА ЗАШТИТА ДО ПРЕВЕНЦИЈА ОД ФЕМИЦИД

Во текот на месец декември три жени се обратија до Хелсиншкиот комитет за човекови права поради физичко и психичко семејно насилство од страна на брачен партнер, психичко семејно насилство од страна на поранешен партнер и дискриминација на работното место врз основа на пол и род.

Невработена мајка на девет деца се обрати до Хелсиншкиот комитет поради долгодишно физичко и психичко семејно насилство од страна на нејзиниот брачен партнер кој насилството најчесто го врши во алкохолизирана состојба. Последниот физички напад се случил пред речиси единаесет месеци кога жртвата се здобила со тешки телесни повреди, а оттогаш таа е згрижена во Шелтер-центар. Нејзиниот брачен партнер е на слобода, а моментално против него се води кривична постапка пред Основното јавно обвинителство. Тој јавно се заканил дека доколку биде осуден на казна затвор, ќе ја убие неговата сопруга.

Откако жртвата била згрижена во Шелтер-центар, сторителот на семејно насилство продолжил да живее во нивниот заеднички дом со некои од децата, од кои три се малолетни, а едното е лице со комбинирана попреченост и не е во состојба самостојно да се храни, движи, облекува и да ги извршува основните физиолошки потреби.

Во месец ноември, насилникот со нож се обидел физички да го нападне едниот син, во присуство на останатите деца и гости кои биле во домот при куќна прослава. Службени лица од Министерството за внатрешни работи веднаш изглегле на местото на настанот, а Центарот за социјална работа бил известен следниот ден. По известување на Центарот за социјална работа, трите малолетни деца биле згрижени во Шелтер-центарот заедно со мајката, синот кој таткото се обидел да го нападне се преселил во стан под кирија, а насилникот останал да живее во домот со неговото дете со попреченост.

Имајќи предвид дека станува збор за личност која е особено насилна и често во алкохолизирана состојба, Хелсиншкиот комитет за човекови права веднаш побара итно постапување на Центарот за социјална работа. Од нив беше побарано итно да излезат на самото место и да извршат увид во домот на ова семејство со цел да се утврди во кои услови живеат таткото и синот, дали таткото е способен и се грижи за детето со попреченост, каква е неговата здравствена состојба и од кои причини е дозволено ова лице да живее со неговиот татко насилник.

Препорака: Родово заснованите убиства, односно фемицидите не се случуваат ненадејно и случајно, туку претставуваат најтешка форма на насилство врз жените на кое му  претходи континуирано повеќегодишно насилство. Доколку семејното насилство остане непријавено, или пак релевантните институции не понудат соодветна заштита за жртвата, поголема е веројатноста насилството да ескалира со фемицид.