јануари 30, 2020

Осуда на расистичките и недолични навреди кон туристи од Јужна Кореја

МВР и Обвинителството трагаат по лицето кое вербално ги нападна туристите од Јужна Кореја . Претставниците на невладина организација при ОН кои дојдоа во Македонија да зборуваат за мир,толеранција и меѓусебно разбирање ја видоа темната страна на Скопје. Засега непознато лице со навреди и пцости извикувајки корона вирус, нападна азиски туристи. Од ОЈО велат:

Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет по допрен глас. Во моментов се преземаат дејствија и се издаваат наредби за да се утврди од каде потекнува видео записот и да се идентификува лицето кое е снимено како вербално ги напаѓа странските државјани.“ – велат од Основно Јавно Обвинителство.

Ксенофобија, агресија и говор на омраза, но колку државата вистински се бори со говорот на омраза и агресијата која е најприсутна кај младите? Од Хелсиншки Комитет велат дека ова не е прв случај и додека не се почне со преземање мерки, нема да има промена на состојбите и сликата која ја испраќаме надвор.

„Најчести сторители и жртви на кривичните дела инциденти од омраза се младите луѓе, тие се највеќе индоктринирани од начинот за кој што се говори за различностите во нашето општество. Мора веќе еднаш на сцена да стапи обвинителството а загрижувачки е тоа што во Македонија имаме само една пресуда за говор на омраза.“ – вели Уранија Пировска Хелсиншки Комитет.

Додека се чека потег на институциите, за срамот кој дојде од центарот на градот кој се стреми да стане европска метропола, извинувања и од највисоко ниво.

„За секој од проблемите постојат институциите и очекувам дека МВР, министерот ќе постапат брзо, ефикасно, ќе преземат мерки и ќе се преземат соодветни санкции кон секој што го нарушува интегритетот, достоинството на секој човек, без разлика дали е тоа граѓанин на Северна Македонија или е некој турист што се наоѓа во посета на Северна Македонија. Сите треба да бидеме длабоко свесни дека сите сме лицето на државата.“ – изјави Оливер Спасовски технички премиер на РСМ.

Извинување пристигна и од МНР, од таму велат дека државниот секретар денеска ги прими и им се извини на претставниците на невладината организација од Република Кореа.

Реагираше и градскиот татко – Скопје е град на солидарноста, космополитизмот и заедништвото. Шилегов на фејсбук ги повика граѓаните да бидат гостопримливи и да кажат не на расизмот.

„Го нудам моето најдлабоко извинување во името на сите добронамерни Скопјани. Во Скопје нема да толерираме вакво однесување. Ги повикувам надлежните да поведат истрага за овој инцидент бидејќи остава сериозна дамка врз угледот на градот и земјата.“ – напиша Шилегов на фејсбук.

Реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ, бараат институциите да реагираат.

„Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје најостро го осудува ксенофобичниот и расистички напад кон туристите кои се случи во центарот на градот.Тоа не е сликата за градот на солидарноста Скопје.“ – велат од Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје.

Низ светот пак веќе поединци донираат парични средства за мерки против ширење на корона вирусот.