Месечен извештај – септември 2015

октомври 16, 2015

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за септември 2015 година ги опфаќа темите: Неука одлука на Основниот суд Скопје 1 Скопје; Граѓанска иницијатива за усвојување на Закон за амнестија; Неетичко одбивање на лекарите од Југоисточниот регион да лекуваат бегалци; Удирање шлаканица од страна на полициски службеник е деградирачки третман; Случај  Трикратно убиство во Кавадарци; Препораки до Македонија за прекршувањето на правата на Ромите.

Месечниот извештај може да го преземете на следниов линк 

НЕУКА ОДЛУКА НА ОСНОВНИОТ СУД СКОПЈЕ 1 СКОПЈЕ

Хелсиншкиот комитет е фрапиран од злоупотребата на постапката од страна на судијата на претходната постапка кој по барање на адвокатот Никола Додевски, донел решение со кое го уважил барањето за издвојување на докази – снимки од телефонски разговори и транскрипти од предметите на ОЈО оформени по кривична пријава на СДСМ. Според судијата, тие докази треба да се издвојат затоа што биле незаконски прибавени и не можат да се користат ниту врз нив да се заснова судска одлука. Имено, судијата на незаконски начин се вмешал во работата на јавното обвинителство и донел противправно решение кое не може да предизвика правна последица и како такво мора да биде обжалено од ОЈО Скопје и преиначено од страна на Апелациониот суд во Скопје. Имено, одредбите на кои се повикува судијата (ЗКП: чл. 93 – Издвојување на доказ во врска со чл. 12, ст. 2 – Законитост на доказите) се однесуваат само во случај кога случајот е влезен во формална истражна постапка. Имајќи предвид дека списите ги барал судот од обвинителството, јасно е дека обвинителството не донело решение за покренување на истражна постапка ниту барало носење на било каква судска одлука. Оваа шестмесечна неактивност на ОЈО претставува уште еден индикатор за несериозноста на правосудните органи и отвора сомнеж за нивна можна координација за избегнување на законските обврски.

Имајќи предвид дека кривичните пријави се наоѓаат во предистражна постапка (голем дел од пријавените лица сè уште не се испитани), судијата на претходната постапка воопшто немал надлежност да постапува во тој дел од постапката која според чл. 289 ЗКП е тајна. Надлежноста на судијата на претходната постапка отпочнува во истражната постапка (чл. 294 ЗКП), а единствен исклучок од ова правило е судската контрола на законитоста при работењето на истражните органи (чл. 290). Меѓутоа ниту барањето на адвокатот, ниту решението на судијата не се однесуваат на незаконско постапување на  обвинителството туку на издвојување на наводно незаконски прибавени докази од страна на трето лице. Дали доказите се прибавени законски или не судот може да утврдува само во истражна или судска, но не и во предистражна постапка (чл. 294 ЗКП). Потврда на ова е и фактот што одредбата врз основа на која судијата го донел решението може да биде донесено по предлог на „странките“, а осомничените во овој дел од постапката сè уште го немаат статусот на „странка“.

Според тоа, судијата ниту имал овластување да ги бара списите од обвинителството, ниту да ги издвои и задржи доказите. Јасно видлива е намерата решението да стане правосилно и да се изигра чл. 14 од Уставот според кој никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука. На овој начин судството ќе го поништи политичкиот договор за именување на Специјалниот јавен обвинител чија основна цел – истражување на наводите за тешки кривични дела сторени од страна на највисоките претставници на власта ќе стане беспредметна. Со тоа сериозно ќе бидат загрозени препораката за отпочнување на преговори со ЕУ и владеењето на правото во Македонија.

ГРАЃАНСКА ИНИЦИЈАТИВА ЗА УСВОЈУВАЊЕ НА ЗАКОН ЗА АМНЕСТИЈА

Во текот на месец септември отпочна собирањето на 10.000 потписи од граѓани за покренување на граѓанска иницијатива за усвојување на Закон за амнестија. Предлогот на закон предвидува ослободување од извршување на 40% од казната затвор за сите правосилно осудени лица, целосно ослободување на лицата кои за прв пат се осудени на казна затвор до шест месеци, ослободување на 50% од изречената казна од шест до дванаесет месеци и целосно ослободување на осудени лица кои навршиле 75 години од животот.

Последниот Закон за амнестија на правосилно осудени лица во Република Македонија беше усвоен во 1999 година („Службен весник на РМ“ бр. 6/99), односно пред повеќе од 16 години. Во регионот на Западниот Балкан закони за амнестија на генералната затворска популација беа донесени во Србија (2012), Косово и Црна Гора (2013). Во зависност од државата, тие закони се однесуваа на ослободување на 25% од затворската казна, а не се однесуваа на одредени кривични дела како што се на пример потешки форми на убиство, производство и пуштање во промет на опојни дроги, кривични дела поврзани со сексуална злоупотреба, организиран криминал и корупција и кривични дела содржани во меѓународното хуманитарно право.

Имајќи го предвид долгиот период од последниот Закон за амнестија, големата пренатрупаност во затворите и непочитувањето на основните човекови права на осудените лица, Хелсиншкиот комитет изразува поддршка за донесување на Закон за амнестија. Сепак, сметаме дека за усвојување на ваков закон неопходна е поширока јавна расправа во која мора да бидат вклучени сите засегнати страни, вклучително и државни, научни и граѓански институции и организации. Јавната расправа треба да биде организирана во насока на изнаоѓање на најсоодветниот модалитет за амнестија, процена на ризиците од можното зголемување на рецидивизмот, но и утврдување на причините за пренатрупаноста, нефункционалната политика за ресоцијализација и подобрување на условите во кои се издржува казната затвор.

НЕЕТИЧКО ОДБИВАЊЕ НА ЛЕКАРИТЕ ОД ЈУГОИСТОЧНИОТ РЕГИОН ДА ЛЕКУВААТ БЕГАЛЦИ

Во текот на месец август, 23 од вкупно 25 приватни здравствени ординации од општините  Гевгелија, Валандово, Дојран и Богданци преку петиција потпишана од лекари го известија Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) дека нема да ја почитуваат наредбата за дежурства во амбулантата за мигранти лоцирана во просториите на полициската станица на Железничка станица во Гевгелија, издадена по електронски пат од ФЗОМ. Преку петицијата,лекарите наведуваат дека не прифаќаат дежурства во амбулантите бидејќи немале таква законска или договорна обврска. Според нив, во т.н. адаптирана амбуланта немало основни услови за обезбедување медицинска услуга, апарати, медицинска опрема, потрошен санитетски материјал итн. Лекарите таму немале материјални и безбедносни услови ниту заштитни средства поради што можело да дојде до загрозување на нивното и здравјето на нивните пациенти и семејства. Според ординациите, јавни здравствени установи се тие кои можат да обезбедат посеопфатна медицинска помош и заштита.

Во врска со петицијата, Министерството за здравство и ФЗОМ изјавија дека наредбата за дежурства е донесена со цел да предвиди превентивен распоред на дежурства, но таа се однесува единствено на распоред кој не е операционализиран и спроведен. Според овие две институции, наредбата се однесува на хипотетичка ситуација и би била задолжителна само во случај на потешко загрозување на здравјето на мигрантите и бегалците.

Хелсиншкиот комитет би сакал да потсети дека сите лекари во Република Македонија се обврзани да постапуваат според Хипокритовата заклетва, преточена во лекарската заклетва содржана во Декларацијата од Женева од 1948 година. Според овие заклетви, лекарите својот живот го ставаат во служба на хуманоста и својата професија ја извршуваат совесно и достоинствено. Во вршењето на должноста кон болните лекарите не смеат да имаат никакви предрасуди во однос на возраста, болеста или попреченоста, етничката припадност, полот, верата, националноста,расата, политичката припадност, расата, сексуалната ориентација или социјалниот статус. Комитетот ги повикува и Министерството за здравство и ФЗОМ на граничните премини да обезбедат соодветни услови за лекување на бегалците кои транзитираат низ државата, како и поширок спектар на здравствени услуги, вклучително и болничко лекување, особено за ранливите категории со посебни потреби.

УДИРАЊЕ ШЛАКАНИЦА ОД СТРАНА НА ПОЛИЦИСКИ СЛУЖБЕНИК Е ДЕГРАДИРАЧКИ ТРЕТМАН

Кон крајот на месец септември, 2015 година, Европскиот суд за човекови права со својата одлука во случајот Бојид против Белгија,* потврди дека удирањето шлаканица од страна на полициски службеник претставува повреда на заштитата од тортура гарантирана во член 3 на Европската конвенција за човекови права.

Во случајот станува збор за третманот кон двајца браќа од страна на полициски службеници, кои им удриле шлаканица во полициската станица каде требало да дадат изјави. И во двата случаи, лицата добиле медицински потврди за модринки на лицето здобиени од шлаканица.

Во донесената одлука Големиот судски совет се повикал на приницпите на Европскиот суд за човекови права потенцирајќи дека лицето лишено од слобода е во особено ранлива состојба, и е под контрола на надлежните државни органи кои се должни за негова заштита. Доколку повреда настане за тоа време, обврска е на државата да докаже како настанала таа повреда. Судот особено потенцира дека било која примена на физичка сила од страна на полициски службеници, која не била строго неопходна, го повредува човековото достоинство на лица лишени од слобода или во судир со полициски службеници, и истата ќе се смета дека го повредува правото од членот 3 од Конвенцијата, иако не постоела јасна намера да се понижи или дестабилизира личноста.  Судот се повикува на принципите утврдени во случајот Тајрер против Велика Британија**  (иако таму станува збор за „деградирачка казна“) каде што утврдува дека и покрај тоа што жалителот нема претрпено долготрајна физичка последица, токму третирањето како објект во рацете на државни органи ја повредува суштината на членот 3, а тоа е човековото достоинство и физичкиот интегритет.

Случајот е од особено значење бидејќи утврдува три важни принципи, и тоа дека полицијата не смее да употребува нелегитимна и прекумерна сила и да потпаѓа на провокации, второ, не секогаш е неопходна умислата за заштита на гаранциите од членот 3 и дека човековото достоинство и физичкиот интегритет мора да бидат апсолутно почитувани од страна на државните органи.

Сметаме дека ваквата одлука е особено важна и за Република Македонија, доколку се земат  предвид големиот број на пријави за прекумерна употреба на сила и деградирачки третман од страна на полициски службеници. Досегашната пракса покажува дека обвинителството не истражува случаи на тортура, особено кога се работи за полициски службеници.*** Од овие причини препорачуваме полициските службеници да ги почитуваат уставно загарантираните права на луѓето во однос на забраната од тортура и почитувањето на физичкиот и моралниот интегритет, а обвинителството да ги почитува ставовите и праксата на Европскиот суд за човекови права и ефективно да истражува пријави за тортура и деградирачки третман од страна на полициски службеници.

СЛУЧАЈ „ТРИКРАТНО УБИСТВО ВО КАВАДАРЦИ“

Кон крајот на 2014 година јавноста беше известена за повеќекратното убиство во Кавадарци на членови на семејство на жена – жртва на семејно насилство, извршено со употреба на огнено оружје од страна на нејзиниот поранешен сопруг. И во овој случај надлежните институции не и овозможија заштита на жртвата од насилството кое таа и членовите на нејзиното семејство го трпеле подолг временски период од нејзиниот поранешен сопруг.

Поради неефикасното и несовесно работење на институциите во конкретниот случај, јавното обвинителство поведе истрага против полициските службеници и вработените во Центарот за социјални работи, кои постапувале во случајот.

Судскиот процес против полициските службеници е завршен и лицата се осудени за несовесно работење во службата поради тоа што не му го одзеле огненото оружје на поранешниот сопруг, за кое немал посебна дозвола. На лицата им е изречена условна осуда на начин што им е утврдена казна затвор во траење од 6 месеци, која нема да се изврши ако обвинетите во рок од 1 година по правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело. Во оваа постапка жртвата не била повикана да учествува, иако е оштетена од несовесното работење на полициските злужбеници и токму таа го поднела барањето за одземање на оружјето на лицето до полицијата, а поради постојани напади врз неа како негова сопруга и членовите на нејзиното семејство. Впрочем, таа не била известена за постапката против осудените, а за судската одлука се информирала преку медиумите.Со употреба на ова оружје биле убиени членови на нејзиното семејство. Поради ова, жртвата е оштетена од непостапувањето и несовесното работење на полициските службеници, кои и нанеле големо емотивно страдање кога пропуштиле да го одземат оружјето.

Поради ограничување на правото да учествува во постапката како жртва, односно оштетена, како и поради фактот што полициските службеници требало да бидат гонети за потешко кривично дело, Хелсиншкиот комитет и обезбеди правна помош на жртвата за поднесување на Барање на заштита на законитоста, кое беше доставено до Јавниот обвинител на РМ. Со ова, жртвата бара укинивање на наведената одлука и повторување на постапката во која таа ќе биде вклучена, а полициските службеници ќе бидат гонети за Злоупотреба на службената положба и овластување, поради потешко прекршување на правата на друг. Фактот што жртвата не е вклучена во постапката, која беше итно завршена и тоа за полесно кривично дело од она за кое полициските службеници треба да бидат гонети, остава сомнеж во намерата на јавното обвинителство и судовите да ја утврдат и санкционираат реалната одговорност на полициските службеници.

Во својот одговор Јавниот обвинител на Република Македонија ја извести жртвата дека барањето за заштита на законитоста е несновано, а со оглед на тоа дека немало повреда на законот или меѓународен договор ратификуван согласно со Уставот на Република Македонија.

Од добиениот одоговор, може да се извлече заклучок, со кој се потврдуваат сомнежите дека Јавното обвинителство и судовите не успеале да ја утврдат и санкционираат реалната одговорност на полициските службеници. Ваквото постапување од страна на Јавното обвинителство на Република Македонија, односно фактот што жртвата не била вклучена во судскиот процес против полициските службеници за нивното непостапување по барањето на жртвата за одземање на оружје, претставува грубо кршење на правата на жртвата, со што се потврдува неефикасната заштита која постои кон жените кои се жртви на семејно насилство.

Сметаме дека вклучувањето на жртвите на семејно насилство како оштетени во судските постапки против полициски службеници кои не постапиле согласно законот е неопходно доколку  сакаме да зборуваме за ефикасна заштита на жртвите на семејно насилство. Од овие причини препорачуваме во иднина јавното обвинителство особено да го земе предвид фактот дека жртвите се оштетени и од несовесното работење на овластените лица за обезбедување на заштита во случаи на семејно насилство.

ПРЕПОРАКИ ДО МАКЕДОНИЈА ЗА ПРЕКРШУВАЊЕТО НА ПРАВАТА НА РОМИТЕ

Комитетот за елиминација на расна дискриминација (КЕРД) на 11 и 12 Август 2015 година ја одржа 87-та сесија на која беше разгледуван и периодичниот извештај на Република Македонија за почитувањето и остварувањето на правата загарантирани со Конвенцијата за елиминација на сите форми на расна дискриминација, ратификувана од страна на Република Македонија.

Мрежата за заштита од дискриминација, во која членка е и Хелсиншкиот комитет, заедно со здружението на граѓани Реактор – Истражување во акција до КЕРД поднесе Извештај во сенка, во кој беа посочени проблемите со кои се уште се соочува ромската етничка заедница во Република Македонија, а особено слободата на движење, сегрегацијата во образованието, социјалниот статус на Ромите, невработеноста и правото на домување, непоседувањето на лична документација, како и проблемот со здравствената заштита на Ромите кои се корисници на дроги, но и жените Ромки. Мрежата во поднесениот извештај даде и препораки за надминување на идентификуваните проблеми, кои во голем дел се прифатени од страна на Комитетот и се предложени до државата во заклучните согледувања.

Според заклучните согледувања на Комитетот за елиминација на расна дискриминација на Обединетите нации очигледно е дека државата не успева да ја подобри состојбата на Ромите како припадници на најмаргинализираната етничка заедница во Република Македонија. Комитетот посочува на ограничување на основни слободи и права и нивна неефикасна заштита, особено во делот на слободата на движење на Ромите, непоседувањето на лични документи, ситуацијата со децата Роми на улица и сеграгцијата во образованието.

Во однос на слободата на движење, Комитетот посочува дека е загрижен за случаите на расно профилирање на Ромите кои сакаат да ја напуштат државата и препорачува државата во целост да го почитува правото на граѓаните слободно да ја напуштат и да се вратат во државата, но и да преземе соодветни мерки со кои ќе се спречи испрашување, но и апсење поради етничката припадност на личноста. Загриженост околу ова прашање неодамна изрази и Комитетот за човекови права на Обединетите нации кој препорача државата да го почитува правото на секое лице да ја напушти која и да е земја, вклучувајќи ја и својата. Во делот на сегрегацијата на Ромите во образованието, Комитетот посочува дека е загрижен за информациите за одбивањето Ромите да се запишат во одредени училишта, особено во Битола, за само-сегрегацијата која постои кај децата Роми, но и за високиот процент на деца Роми кои се вклучени во специјалните училишта во државата. Во оваа насока, Комитетот препорачува државата да спречи секаква дискриминација кон учениците од Ромската етничка заедница во пристапот до соодветно образование.

Во однос на ситуацијата со децата Роми кои живеат на улица, децата Роми кои се корисници на дроги и децата Роми кои немаат документи и не можат по никаков основ да ги остваруваат,  Комитетот изразува особена загриженост и препорачува државата да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на правата на овие деца.

Комитетот изразува загриженост и за проблемот со домувањето на Ромите и за лошиот социјален статус, констатирајќи дека ромската етничка заедница е најизложена на сиромаштија, невработеност и социјална исклученост.

Поради сето ова, Мрежата за заштита од дискриминација, вклучително и Хелсиншкиот комитет, бараат Владата на Република Македонија да ја почитува Конвенцијата за елиминација на сите форми на расна дискриминација и да преземе итни мерки за спроведување на препораките на Комитетот за елиминација на расна дискриминација.


* Целосната одлука можете да ја прочитате на следниот линк https://hudoc.echr.coe.int/eng#{“display”:[“0″],”languageisocode”:[“ENG”],”appno”:[“23380/09″],”itemid”:[“001-157670”]}

** Целосната одлука можете да ја прочитате на следниот линк https://hudoc.echr.coe.int/eng?i=001-57587#{“itemid”:[“001-57587”]}