јануари 1, 2017

Месечeн извештај ноември – декември 2016

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за ноември-декември 2016 година ги опфаќа темите: Повреда на правото на одбрана на сиромашни; Одбиено барањето на СЈО за издавање наредба за претрес на системи на телекомуникациски оператор; Комисијата за заштита од дискриминација одбива да го препознае дискриминаторскиот говор на Миленко Неделковски; Говор на омраза во изборниот период; Ново предизборно разгорување на етнички и политички тензии; Меѓуопштинскиот центар за социјална работа постапува спротивно на одредбите од Законот за семејство и Конвенцијата за правата на детето.

ПОВРЕДА НА ПРАВОТО НА ОДБРАНА НА СИРОМАШНИ

Во текот на месец ноември, од страна на набљудувачката на Хелсиншкиот комитет за човекови права, при мониторинг на главна расправа во Основниот суд Скопје 1, беше утврдена повреда на чл.75 од Законот за кривична постапка (Службен весник на Република Македонија бр.150/2010), односно повреда на правото на одбрана на сиромашни. Имено, откако обвинетиот се повика на чл. 75 од Законот за кривична постапка, дополнително наведувајќи дека со себе носи и целокупна документација од која може да се утврди дека истиот е безимотно лице со лесна интелектуална попреченост, како и лице кое по навршувањето на 18 години и напуштањето на Домот за деца без родители е бездомник, па така и според својата имотна состојба не може да ги поднесува трошоците на одбраната, од страна на судијата Сеат Реџепагиќ му беше сугерирано дека нема потреба да се повикува на ова право, поради тоа што истото ќе доведе до обременување на постапката и нејзино одологовлекување. Гореспоменатиот судија, во повеќе наврати истакна дека самиот го наведува обвинетиот да се откаже од ова свое право, бидејќи “тоа не му е потребно” и “судот ќе донесе пресуда која ќе биде во негова корист, односно условна осуда”. Откако судијата јасно и недвосмилено во повеќе наврати му сугерираше на лицето да се откаже од своето право на бранител, обвинетиот го стори тоа. Имајќи предвид дека се работи за неука странка, а воедно и лице со интелектуална попреченост, набљудувачката на Хелсиншкиот комитет, по завршувањето на расправата го побара од судијата записникот од оддржаната расправа. Ваквото барање беше  веднаш одбиено од страна на судијата, без никакво образложение и информација кога ќе може обвинетиот  да го добие записникот.  Ваквото постапување на судијата претставува сериозна повреда на правото на одбрана на обвинетиот како странка во постапката.

Препорака:  Хелсиншкиот комитет е загрижен за пристапот на судиите кон законските одредби, како и нивниот однос кон странките во постапката. Апелираме да не се повтори ваква злоупотреба на правото на одбрана на обвинетите во постапата, посебно кога станува збор за случаи во кои тие се припадници на чувствителни групи.

OДБИЕНО БАРАЊЕТО НА СJO ЗА ИЗДАВАЊЕ НАРЕДБА ЗА ПРЕТРЕС НА СИСТЕМИ НА ТЕЛЕКОМУНИКАЦИСКИ ОПЕРАТОР

Јавното обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите соопшти дека Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 Скопје составен од судиите Владимир Панчевски како претседател на советот и судиите Дијана Груевска Илиевска и Љубинка Башевска, како членови на советот и по втор пат одби да издаде наредба за пребарување на компјутерските системи кај телекомуникацискиот оператор, потврдувајќи ја несогласноста која ја изразил судијата на претходна постапка.

Според СЈО, Судот го користи истото образложение за наводно нејасно и непрецизно барање, иако во барањето јасно е наведено дека се бараат компјутерски податоци складирани во сервери, а кои се однесуваат на записи од кои може да се утврди кои сé телефонски броеви биле предмет на следење на комуникациите.

СЈО истакнува дека дека Судот тврди дека уредите за кои е побаран претресот „се сервери кои се преносливи, односно се уреди кои можат да ја променат својата моментална локација“, без да каже на кои докази го базира ваквото становиште. Тие потсетуваат дека претходната наредба за пребарување на компјутерски системи беше одбиена токму поради нејзина наводна непрецизност околу локацијата на серверите на кои е потребно да се изврши претрес, па нејасно е зошто Судот го менува ставот околу потребата од дефинирање на локацијата каде се наоѓаат серверите.

Основниот суд Скопје 1 – Скопје оваа одлука не ја демантираше ниту пак за неа е објавено соопштение за јавност на официјалната веб страница.

Препорака:  Хелсиншкиот комитет апелира Основниот суд Скопје 1 – Скопје да не ја отежнува и попречува работата на Специјалното јавно обвинителство.

КОМИСИЈАТА ЗА ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА ОДБИВА ДА ГО ПОЗНАЕ ДИСКРИМИНАТОРСКИОТ ГОВОР НА МИЛЕНКО НЕДЕЛКОВСКИ

Хелсиншкиот комитет во рамките на Мрежата за заштита од дискриминација остро реагира на мислењето на Комисијата за заштита од дискриминација по претставката на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги поднесена против новинарот Миленко Неделковски,  за сторена дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во неговата емисија Миленко Неделковски Шоу на Канал 5 телевизија.

Мислењето на Комисијата за заштита од дискриминација покрај тоа што содржи формални недостатоци, покажува и елементарно непознавање на Законот за заштита и спречување од дискриминација и погрешно интерпретирање на неговите одредби од страна на Комисијата. Во мислењето Комисијата вели дека дискриминаторот треба да има некоја надредена позиција за да може да дискриминира одредена група. Законот за спречување и заштита од дискриминација не содржи ваква одредба, ниту пак пропишува посебни карактеристики кое едно лице треба да ги поседува за да може да биде дискриминатор. Законот е дециден во чл. 5 ст. 4 каде го дефинира дискриминаторското однесување и истото нема никаква врска со „надредена позиција“ на потенцијалниот дискриминатор.

Интересно е толкувањето на Комисијата за областите на примена на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Во даденото мислење Комисијата вели дека дискриминацијата во областа на јавното информирање и медиумите се однесува на медиумите како правни лица, но не и на новинарите кои работат на приватни проекти (?!). Ваквата констатација изгледа на несериозно и паушално толкување на законите на Република Македонија со цел пронаоѓање на аргументи за одбрана на Миленко Неделковски. Со ваквата одлука новиот состав на Комисијата поставува јасна линија за непочитување на одлуките на претходниот состав кој во две одлуки утврди дискриминаторски говор по основ на сексуална ориентација и родов идентитет, кој во себе содржеше елементи и на говор на омраза.  Во целиот текст на мислењето, Комисијата за заштита од дискриминација се обидува дискриминаторскиот говор и говорот на омраза да го подведат под “мислење на авторот” и слобода на говор, неправејќи разлика помеѓу овие поими.

Од мислењето можеме да заклучиме дека авторот, кој е еден од комисионерите во Комисијата за заштита од дискриминација, нема познавања за изворите на правото, што значат, како се користат, а со тоа ни како функционираат правните системи. Дури и авторот на мислењето да не е правник, бидејќи не сите комисионери се правници, сепак претседателот на Комисијата, Александар Даштевски е правник, и истиот го потпишал мислењето и требал да го корегира. Имено Комисијата вели дека “нема потреба од цитирање на чл. 14 од Европската конвенција за човекови права, бидејќи тој е имплементиран во нашето законодавство, особено во нашиот закон кој се смета дека содржи повисоки стандарди од тие што се предвидени во меѓународните документи”. Потсетуваме дека со Уставот на Република Македонија се пропишува дека меѓународните договори што се ратификувани со Уставот се дел од внатрешниот поредок и не може да се менуваат со закон . Од текстот на мислењето произлегува дека Комисијата смета дека не можат граѓаните да се повикуваат на одлуките на Европскиот суд за човекови права, бидејќи за разлика од Судот, Комисијата била квазисудско тело, што повторно зборува за непознавањето на изворите на правото.

Можеби најзагрижувачки е фактот што после соопштението на Мрежата за заштита од дискриминација во кое се изрази загриженост за споменатото мислење на Комисијата за заштита од дискриминација, проф. д-р Беким Кадриу, член на КЗД, испрати реакција до Мрежата со која јавно се дистанцираше од мислењето. Меѓу другото проф. д-р Кадриу нагласи дека “писмото” во однос на претставката против Миленко Неделковски било напишано и потпишано од претседателот на Комисијата, Александар Даштевски,  тоа нема форма на одлука, на мислење или на заклучок и истото не било усвоено на седница на Комисијата туку претставува израз на лична волја на претседателот. Со завршувањето на постапката на овој начин, без усвојување на мислење од Комисијата како колективно тело, претседателот на КЗД ја злоупотребил својата положба и ја узурпирал надлежноста на Комисијата.

Ваквата реакција на проф. д-р Кадриу само ги потврдува сомнежите дека Претседателот на КЗД работи спротивно на Законот за спречување и заштита од дискриминација, не ја почитува независноста загарантирана со Законот и ја користи својата положба како претседател на институција за одбрана на дискриминатори блиски до власта.

Препорака: Изразуваме сериозна загриженост за непознавањето, погрешната примена и толкување на Законот за заштита и спречување од дискриминација од страна на Комисијата за заштита од дискриминација. Апелираме Комисијата за заштита од дискриминација да почне со правилно и доследно спроведување на Законот за заштита и спречување од дискриминација и при постапувањето по поднесените претставки да се придржува до законските одредби, а не од своите субјективни толкувања.

Го повикуваме Сообранието на Република Македонија, да го разреши Александар Даштевски како претседател на КЗД, како и останатите членови кои не ги исполнуваат критериумите на независност и стручност и да организира транспарентен избор на нов состав на Комисијата, со цел оваа институција да профункционира согласно Законот и да обезбеди ефикасна заштита од дискриминација на граѓаните на Република Македонија.

ГОВОР НА ОМРАЗА ВО ИЗБОРНИОТ ПЕРИОД

Говорот на омраза претставува еден од клучните обележја на минатиот период. Земајќи ги предвид долготрајната политичка криза во која се наоѓа државата и одржаните предвремени парламентарни избори на 11 декември, 2016 година, ноември и декември беа најкритичните месеци, преплавени со говор на омраза по различни основи.

Како резултат на политичката криза и екстремно заострените реторики меѓу сите политички партии, политичката припадност е меѓу најзастапените основи за пријавените случаи на говор на омраза кој се шири и промовира во јавните простори. Диктиран од партиските пропаганди, говорот на омраза врз основа на политичка припадност, најчесто се затекнува на социјалните мрежи (Фејсбук и Твитер), а е реакција на сензационалистички и провоцирачки медиумски објави. Етничка припадност е втора најзастапена основа следствено на националистичката изборна кампања која се промовираше од одредени политички партии и присилното наметнување на меѓу-етничките односи како главна тема во изборниот период. Оттука, медиумските наслови поврзани со „федерализација на Македонија“ и „воведување на двојазичноста“ се меѓу текстовите кои провоцираат најмногу говор на омраза.

Како некои од покарактеристични примери за ширење и промовирање на говорот на омраза се издвојуваат објавувањето на посмртни плакати (некролози) на меѓународни претставници, амбасадори, притоа повикувајќи на нивна смрт. Не изостанаа и повикувањата на смрт на политичките лидери, притоа јавно презентирајќи погребни венци со нивните имиња и слики, за што Хелсиншкиот комитет поднесе соодветни пријави до надлежните институции. Непосредно по одржувањето на изборите и објавувањето на спорните изборни резултати, говор на омраза беше застапен и на протести одржани пред Државната изборна комисија, за кои Хелсиншкиот комитет јавно реагираше.[1] Истовремено, значителен навредувачки и омаловажувачки говор се користеше и кон претставници на граѓанското општество, кој често пати го пречекори прагот и премина во говор на омраза.

Според податоците на Хелсиншкиот комитет генерирани преку платформата www.govornaomraza.mk, во текот на ноември и декември се регистрирани вкупно 51 случаи на говор на омраза, со следните основи: 25 пријави на говор на омраза врз основа на политичка припадност, 23 пријави врз основа на етничка припадност и 5 пријави за говор на омраза врз основа на сексуална ориентација.

СЛУЧАЈ: ДЕМОЛИРАН МУЗЕЈОТ НА АЛБАНСКАТА АЗБУКА ВО БИТОЛА

Во ноември беше забележан настан чиј првична и очигледна цел беше да ја деградира албанската етничка заедница. Така, на денот на албанската азбука (22 ноември) беше нападнат Музејот на албанската азбука во Битола, кога во доцните вечерни часови непознати сторители го вандализирале Музејот, притоа испишувајќи текст кој содржи говор на омраза врз основ на етничка припадност, односно упатува навредливи и понижувачки пораки кон албанската етничка заедница. Ова е четврт ваков напад на Музејот. Претходниот инцидент се случи околу 10 ноември, при што на влезната врата на Музејот беше испишан кукаст крст, а првиот и вториот инцидент се случија во мај и јули 2013 година.

Од Платформата против говор на омраза, упатија повик до надлежните органи да преземат итни мерки за гонење и казнување на сторителите, вклучувајќи го Министерството за внатрешни работи, јавните обвинителства и судовите кои треба да преземат итни и неодложни мерки за гонење на говорот на омраза. Потсетуваме дека неказнивоста на ширењето и промовирањето на говор на омраза во јавниот простор претставува толеранција и оправдување на говорот на омраза.[2]

СЛУЧАЈ: ГОВОР НА ОМРАЗА НА ТЕЛЕВИЗИЈА СИТЕЛ

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, при крајот на декември, 2016 година спровела вонреден надзор врз работата на телевизија Сител, чиј предмет било известувањето на телевизијата во пред-изборната кампања. Периодот кој е опфатен со надзорот е од 2ри до 5ти декември, 2016 година и се однесува на изданија на Дневникот кој се емитува во 19 и во 23 часот. Притоа, во својот извештај Агенцијата известува дека конкретен предмет на спроведениот надзор е прекршување на член 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој изречно забранува програми со кои се поттикнува или шири дискриминација, нетрпеливост или омраза врз основа на раса, пол, религија или националност.

Она што е најзначајно од спроведениот надзор е дека Агенцијата утврдила дека ТВ Сител ширела и промовирала говор на омраза со емитувањето на серија последователни изданија на дневно-информативната емисија „Дневник“, под наслов „Двојазичноста има цена“. Имено, содржината и јазикот кој се користи во објавената програма, според Агенцијата е „наменет за наметнување на мислење, манипулирање со информации и заплашување со губење на работни места, губење на државата, тензии и војна, користење тактика на именување на професиите, градовите/општините и етничките заедници кои треба да се чувствуваат загрозено.“ Притоа, Агенцијата констатира дека изданијата содржат експлицитен говор на омраза, поттикнуваат и шират нетрпеливост, дискриминација и омраза врз основа на националност/етничка припадност. Агенцијата својот извештај и наоди ги доставила до Комисијата за заштита од дискриминација и Основното јавно обвинителство, со цел да се преземат соодветните мерки и соодветно да се казни ширењето и промовирање на говорот на омраза. Хелсиншкиот комитет го охрабрува ваквото постапување и го пофалува спроведениот надзор и констатираните состојби на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

НОВО ПРЕДИЗБОРНО РАЗГОРУВАЊЕ НА ЕТНИЧКИ И ПОЛИТИЧКИ ТЕНЗИИ

Хелсиншкиот комитет, преку порталот www.zlostorstvaodomraza.mk, од 2013 година го регистрира криминалот сторен од омраза, односно инциденти мотивирани од нетолеранција или предрсауди кон припадници на одредена група во општеството. Зголемување на бројот на ваквите инциденти особено се забележливо пред и за време на изборните циклуси. Во ноември и декември, пред, за време и по изборната кампања беа регистрирани 25 кривични дела сторени поради различната етничка и политичка припадност на жртвите. По завршетокот на изборите, односно по 14 декември  беше регистриран драстичен пад на дела сторени од омраза.

Во текот на овие два месеца инцидентите се регистрирани во Скопје (15), Кавадарци (4), Битола и Куманово (2) и Тетово и Кочани (1). 15 од инцидентите беа сторени поради различната политичка припадност или убедување, а 10 поради различната етничка припадност на жртвата и сторителот. Најголемиот број од првиот вид на инциденти вклучуваше палење на билборди со политичко предизборно рекламирање и уништување на локални штабови на политички партии. Инцидентите сторени поради етничка припадност се случуваа помеѓу младинци, вклучително и малолетни лица, во автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП), или во близина на автобуски постојки. 3 од инцидентите се случија во автобус бр. 65. Инцидентите вклучуваат каменување на автобус, групни тепачки, но и сериозни напади со ладно оружје.

Најсериозниот инцидент се случи на 6 ноевмри, во 1:00 часот по полноќ, на ул. Битпазарска, во близина на кафе барот „Стоп“. По настаната вербална расправија две 14-годишни деца тешко телесно го повредиле оштетениот 18-годишен К.С. Децата со умисла го нападнале оштетениот, го удирале со тупаници во пределот на главата и градниот кош, од кои удари оштетеното лице паднало на земја, здобивајќи тешка телесна повреда изразена во вид на контузии на главата со повреди на мозокот, крвавење и со наполнети бели дробови со течност. Од настанатите повреди животот му беше доведен во опасност. Поради сериозноста на кривичното дело, јавен обвинител побарал и притвор за двете деца, но судот не ја одредил оваа мерка, туку им ги одзел пасошите и им наредил да не го напуштаат местото на живеење.

Препорака:  Министерството за внатрешни работи да ја искористи картата од порталот на Хелсиншкиот комитет на која се мапирани „црни точки“ каде најчесто се извршуваат делата од омраза и да делува превентивно во насока на спречување на ваквите инциденти и откривање на сторителите.

МЕЃУОПШТИНСКИОТ ЦЕНТАР ЗА СОЦИЈАЛНА РАБОТА ПОСТАПУВА СПРОТИВНО НА ОДРЕДБИТЕ ОД ЗАКОНОТ ЗА СЕМЕЈСТВО И КОНВЕНЦИЈАТА ЗА ЗАШТИТА НА ПРАВАТА НА ДЕТЕТО

До Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија се обрати странка, мајка на малолетното дете на која со Решение на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје, малолетното дете времено и се одзема и се доверува на понатамошна грижа, чување и воспитување на таткото, заради заштита на здравјето, правата и интересите на детето. Ова решение е од времен карактер и ќе важи до настанување на изменети околности.

Против таткото се покренати две кривични постапки за сторено кривично дело од чл. 202 ст. 1 од Кривичниот законик – Неплаќање издршка,  од кои едната е завршена со правосилна судска пресуда со која таткото  е осуден на условна осуда, така што му се утврдува казна затвор во траење од 3 месеци и истовремено се определува дека утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетиот за време од една година од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело и во рок од 10 месеци од правосилноста на одлуката и ги исплати пристигнатите обврски на име издршка на мајката.  Оваа пресуда, како новонастаната околност, била доставена до ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје, кој постапил спротивно на чл. 84, чл. 87, чл. 90 и чл. 91 од Законот за семејство. Центарот не презел мерки заради заштита на личноста, интересите и правата на детето, ниту го одзел детето од едниот и го доверил на чување и воспитување  кај  другиот родител и покрај тоа што родителот кој имал обврска да плаќа издршка за детето – таткото, три месеци по ред не плаќал издршка додека детето било доверено на чување и воспитување кај мајката, односно не го почитувал решението на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.  Со решението детето да се довери на чување и воспитување кај таткото Центарот го охрабрил таткото да не плаќа издршка и во иднина.

Согласно чл.79 ст.2 од Законот за семејство,  при определување на личните односи и непосредните контакти на детето со родителот, Центарот за социјална работа го информира детето и ги зема предвид неговите ставови и мислења во зависност од возраста и степен на развиток и го известува за можните последици од одлуките.  Согласно чл. 12 од Конвенцијата за правата на детето, на детето кое е способно да формира свое сопствено мислење му е обезбедено правото на сопствено мислење и право на слободно изразување на тоа мислење за сите прашања кое се однесуваат на детето, при тоа, на таквото мислење му се посветува должно внимание во согласност со воздраста и зрелоста. При разговор на Центарот со детето, детето кажало дека не сака да престојува кај неговиот татко поради тоа што таткото има формирано ново семејство со друга сопруга со која има 5 деца, од кои 4 во предучилишна воздраст, па во таа куќа и во тие услови Филип го нема потребниот мир за учење, бидејќи тој е на возраст од 15 години. Ценатарот спротивно на неговото мислење го донел ова Решение.

Од горе наведеното лесно може да се донесе заклучок дека Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Скопје постапил спротивно на одредбите од Законот за семејство и Конвецијата за правата на децата, па Хелсиншкиот комитет за потребите на странката поднесе барање за за вонреден инспекциски надзор до  Секторот за инспекциски надзор во социјална заштита при Министерството за труд и социјална политика, заи утврдување на неправилности во спроведување на Законот за семејство  од страна на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје.

Препорака:  Апелираме Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје во својата работа ефикасно, доследно и правилно да ги применува Законот за семејство и Конвенцијата за правата на детето, особено во носењето на решенија за доверување на деца на делумно чување и воспитување кај едниот од родителите, како би се обезбедила најдобра заштита на правата и интересите на децата.


[1] http://mhc.org.mk/announcements/505#.WJifLRsrLIU

[2] http://mhc.org.mk/announcements/488#.WFzwDfkrLIU