април 10, 2010

Месечен извештај (март 2010)

1. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

1.1. Опасни (политички) игри околу Уставниот суд, но и Уставот

1.2. Случајот на судиката Виолета Дума и Судскиот совет

1.3. НВО и Европа лаат, законот врви

1.4. Факултативен Протокол за воспоставување на процедура за жалби- Конвенција за правата на детето

1.5. Анализа на состојбата со основните човекови права во психијатриските болници во Македонија – најава за посебен извештај

2. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ

2.1. Правото на правичното судење – Случај Фуат Незири, Тетово

2.2. Ефективна казна затвор за малтретирање во вршење на службата – Случај Неџби Јашари, Тетово

2.3. Што е побитно од почитувањето на со закон загарантираните права?! Случај Васе Китановски, Кратово

______________________________________________________________________

1. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

1.1. Опасни (политички) игри околу Уставниот суд, но и Уставот

Деновиве со серија активности на лидерите на најважните политички партии се решава судбината на иницијативата за менување на Уставот на Република Македонија. Започна со идеата за промена во еден сегмент (составот на Судскиот совет), но текот на лидерските средби, веројатно и работата во работните групи, ќе доведе до идеи за пошироки промени, кои на еден или друг начин партиите веќе ги најавија. Како и да заврши пазарањето на лидерските средби (инаку „институција“ сосема непозната за поредокот на државата, но и покрај тоа со неспорно моќни ингеренции) посредно (како основа врз која делува), но можно и низ начинот на кој ќе одлучува (предлогот за внесување на принципот на Бадинтер за законите носени во парламентот со негова примена) ќе се одрази и врз Уставниот суд на РМ. Загрижен за можните резултати од политичките игри во овој правец Хелсиншкиот комитет ќе ги следи и ќе реагира на комбинаториките на политичките елити.

За овој повод остануваме на она што извесно се случи и воопшто не е добар знак за држава која претендира да се нарекува правна – притисоците врз Уставниот суд.

Положбата, составот, надлежноста и правното дејство на одлуките на Уставниот суд се посебно уредени со Уставот на РМ, додека само начинот на работата и постапката пред Уставниот суд, согласно со Уставот, ја уредува судот со свој акт – Деловникот на Уставниот суд. Мотивот на уставотворецот за таквото решение е обезбедување на автономност и целосна независност на Уставниот суд во однос на Собранието и другите државни органи, а не само – регулирање какви што изјави неодамна слушнавме.

Овој орган, како и сите други уставни органи, е институција на Уставот која основата и границата на вршењето на својата функција ја црпи единствено од Уставот и е во функција за неговото остварување. Таквата положба на Уставниот суд едновремено му обезбедува гаранција дека условите за остварување на уставно судската функција однапред се заштитени од нивното менување од страна на актуелните носители на политичката власт заради прилагодување на оваа функција на дневните политички потреби и интереси, како и дистанцирање од секаков политички авторитет, особено од оној што моментално е на власт.

Според Уставот, Уставниот суд ќе поништи или укине закон ако не е во согласност со Уставот, или ќе поништи или укине друг пропис ако не е во согласност со Уставот или со закон. Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни. Несомнено е дека Уставот на одлуките на Судот им дава неприкосновен авторитет и задолжителност за сите правни субјекти на кои тие се однесуваат и против нив не се дозволени правни средства. Нивното дејство е erga omnes.

Компаративно гледано, и уставните судови во Европа имаат јурисдикција да вршат контрола над законодавството и да го поништат доколку истото не е во согласност со уставите на државите; потоа речи си сите уставни судови предвидуваат можност, граѓаните директно да се обраќаат до истите во насока на заштита на нивните слободи и права кои се загарантирани со уставите; уште повеќе некои од нив, за разлика од Уставниот Суд во Македонија, вршат надзор/контрола над уставноста на меѓународните договори пред нивна ратификација. Она што секако е најважно, пресудите на уставните судови во Европа имаат важност res judicata од денот на нивното објавување и против нив не може да се поднесе жалба. Тие имаат дејство erga omnes односно се задолжителни за сите физички и правни лица и истите се должни да ги почитуваат. Ваква обврска се предвидува и за државните органи, локалните и подрачните (регионалните) самоуправи кои мораат да ги спроведуваат одлуките и решенијата на уставните судови.

Притисоците врз Уставниот суд од страна на извршната власт кај нас, вклучувајќи го во активна улога и Премиерот, како веќе да станаа нормална појава во нашето општество.

Најпрвин, партијата на власт ВМРО- ДПМНЕ и нејзе блиските, реагираа на одлуката на Уставниот суд за повторно укинување на веронауката во училиштата. Потоа, премиерот Никола Груевски испрати писмо до Уставниот суд, по одлуката за укинување на екстерното оценување, во кое ги изнесе неговите ставови и мотиви во врска со истото. И токму кога Претседателот на Уставниот суд пред Нова година ја кажа својата новогодишна желба во 2010 да има помалку притисоци врз работата на судот, праксата на напади продолжи на уште подиректен и бескрупулозен начин. Претседателот на Владата очигледно не водејќи грижа за поделбата на власта во демократска држва (законодавна, извршна, судска), по друга одлука која не му годеше изјави (повеќе пати во повеќе варијанти) дека во рамките на Уставниот суд влијае “друг фактор во државава, политички фактор, една друга политичка партија“, и пожали дека не можел да влијае врз работата на судиите и нивните одлуки “кои биле диригирани од власта која ги поставила“.

Следеше нареден преседан – претседателот на законодавниот дом Трајко Вељаноски, го покани Претседателот на Уставниот суд – д-р Трендафил Ивановски, да присуствува на седница на пратенички прашања и да одговара за својата работа. Уште повеќе, пратеничката Благородна Дулиќ, во духот на недемократските режими и повеќе од апсурдно смета дека не граѓаните, туку само државните институции, Владата, пратениците и локалната самоуправа да бидат тие кои ќе можат да поднесуваат иницијативи до Уставниот суд,залагајќи се и за скратување на роковите за поднесување иницијативи и за одлучување. Укинувањето на одредбите од Законот за лустрација, од страна на Премиерот беше протолкувано како „провокација“ и проследено со повторување на веќе кажаното од негова страна.

Одлуките на Уставниот суд може да се коментираат, тоа и одговара на определбата за транспарентност во работењето, но тоа мора да се прави со правни аргументи, а не со политички изјави што имаат цел да го дискредитираат Судот како институција или негови членови.

Хелсиншкиот комитет за човекови права во повеќе наврати реагираше на притисоците врз Уставниот суд, и потенцираше на потребата за почитување на независноста на судството, по што изработи и посебна анализа. Целосната верзија на анализата можете да ја симнете ТУКА

1.2. Случајот на судиката Виолета Дума и Судскиот совет

Во пораката по повод 10 декември, меѓународниот Ден на човековите права, патем ги споменавме оддолжувањето на објавувањето на веќе донесена одлука на апелационен суд и гласините дека против судиката која која требаше да ја потпише пресудата ќе биде поведена постапка за нејзино разрешување, замисла зад која директно стои Министерот за правда, како член на Судскиот совет по службена должност.

Претходно во јавноста и одолжувањето на донесената пресуда и иницијативата за смена на Дума се доведуваа во врска со два момента: дека пресудата е во полза на поранешниот премиер и министер за одбрана од опозиционите редови Владо Бучковски и лошите меѓусебни односи што судиката ги имала со семејството на Министерот за правда Михајло Маневски (читај неговата сопруга околку која се плетаат митски приказни за нејзиното влијание во скопските судови)! Шпекулациите за иницијативата за разрешување на Дума се појавија во јавноста пред да биде донесена одлуката за укинување и враќање на повторно разгледување на предметот против Бучковски, што само по себе може да се толкува како притисок врз судот. А потоа, кога министерот Маневски, во својство на член на Судскиот совет (по службена должност при што посебно е прашањето на политичкиот опортунитет членот во вакво својство да превзема вакви дејства) ја поднесе иницијативата за смена на Дума како основа за „ погрешна примена на законот при вршењето на судската функција “ беше посочен судски случај во кој Дума како судија била дел во второстепената постапка и како претседавач на совет на Апелациониот суд. Со други зборови случај за кој само таа никако не може да понесе такви драконски последици по нејзината кариера, ако станува збор за така големо судско промашување – погрешно утврден идентитет, кој патем логично е да го проверил и утврдил првостепениот суд.

Откако во јавноста со свое толкување се појави и судиката Дума (дека иницијативата на Маневски е тенденциозна, предизвикана од желба за одмазда и самозадоволување и е поднесена по истек на законскиот рок) на нејзина адреса стигна и второто обвинување – дека не се иземала во судски случаи во кои вештачел Институтот за судска медицина со кој директорува нејзиниот сопруг Алексеј Дума, кој во тоа својство ги потпишува сите вештачења на Институтот. Дополнително, повторно според медиумите, доддадени се уште два нови предмети кои наводно треба да докажат дека Дума не заслужува и натаму да биде судика. Зачин, во спротивната насока, пртставуваше ставот на државниот обвинител Љупчо Шврговски смета дека кај судијката нема вина: „Ова е кристално чист предмет и не гледам никаква дамка во постапувањето на апелационата судијка Виолета Дума, која претседавала со петчлениот Кривичен совет. Одлуката е донесена со пет гласа за и ниту еден против. Лошо ќе беше, доколку беше обратно. Ако жалбениот суд се впуштеше во утврдувањето на идентитетот на осуденото лице, дури тогаш ќе имаше основа да се бара одговорност на цел Совет“.

Судскиот совет не само што ја суспендира судиката Дума, додека трае постапката против неа, што може и да се разбере, туку и наложи, врз основа на анонимна претставка наводно на нејзини колеги, да не се појавува на работното место, барем како известија медиумите со образложение дека одела во канцаларијата на претседателот на Судот, (а овој пак, според анонимците, примајќи ја давал лош пример)!

И целата „сапунска опера“ во режија на министерот Маневски се одвива во време кога неговиот шеф, премиерот Груевски се залага за промена на Уставот на РМ во делот за составот на Судскиот совет со идеа да се зголеми бројот на членови од судската фела и да се изостави членувањето по службена должност на министерот за правда. Ако иницијативата се разбере најдобронамерно – како корекција на првичните уставни измени кои им претходеа на реформите во правосудството (во времето на последната влада на СДСМ) со кои се остави можност политиката и натаму да доминира и во Судскиот совет (особено ако парламентарното мнозинство и сета извршна власт се од една партиска опција), но и како правње „брана“ за министри од типот на Маневски – се ќе беше во ред . Но, Уставот не се менува така лесно и без дополнителни „пазари“, така што наједноставно решение, ако во тоа е маката, премиерот да го жртвува министерот за правда.

1.3. НВО и Европа лаат, законот врви

Се покажа дека беа залудни сите укажувања за фалинките на Законот за заштита и спречување на дискриминацијата од страна на невладините организации, кои со години се залагаа за донесување ваков закон, но и препораките и убедувањата од Брисел, особено околу изоставувањето на сексуалната ориентација како основ на дискриминацијата. Овдешните демохристијани на власт не потклекаа на „диктатот“ на странците и нивните платеници и така не ја потврдија тезата-наслов од новински текст („Биди педер, не Македонец“) за непринципиелната Европа.

Но, сила Бога не моли. Ако Македонија со оваа Влада сака да биде во ЕУ и покрај еуфоричното изгласување на законот, кој оние кои го гласаа го прогласија за европски, тој ќе мора да претрпи измени за да се усогласи со она што се вистински европски стандарди, како што тоа и го сторија неколку земји кандидати во текот на преговорите за членство во ЕУ. Сем се разбира, ако оваа власт нема друга цел – што подоцна е можно да станеме дел од Унијата.

1.4. Факултативен Протокол за воспоставување на процедура за жалби – Конвенција за правата на детето

Во тек е силна и растечка меѓународна кампања за зајакнување на примената на Конвенцијата за правата на детето (КПД) преку изготвување и донесување на Факултативен протокол за воспоставување на процедура за комуникации/жалби.

Процедурата за комуникации/жалби им овозможува на поединци, групи и други претставници кои тврдат дека нивните права стипулирани во Конвенцијата за правата на детето и двата факултативни протоколи се повредени од страна на одредена држава да поднесат жалба до Комитетот за правата на детето.

Конвенцијата за правата на детето е единствениот суштествен меѓународен документ кој нема процедура за комуникации. Ова значи дека децата и нивните претставници не се во можност да ги остварат во целост правата од Конвенцијата и двата факултативни протоколи. Ова претставува дискриминација на децата.

Повеќе од 600 невладини организации, институции за човекови права и други тела од сите региони ја поддржуваат оваа кампања, вклучувајќи ја и Канцеларијата на Високиот Комесар за човекови права. Комитетот за Правата на Детето ја повторува својата поддршка за таква постапка во повеќе наврати, и голем број од државите членки на КПД ја имаат дадено својата поддршка.

Во јуни 2009та година, Советот за човекови права на ОН формираше отворена Работна група да расправа за можноста за развивање на таков факултативен протокол. Оваа Работна Група ја одржа својата прва седница во декември 2009 година, и поднесе извештај за постигнатиот напредок до Советот за човекови права (HRC) на својата 13-та седница, во март 2010 година.

Нова резолуција насочена кон зајакнување на мандатот на Работната група со цел да го развие првиот нацрт од новиот Факултативен протокол, беше презентирана за време на седницата во март.

Со оглед на тоа дека поддршката од Република Македонија е важна за да се постигне оваа цел, а истата треба да придонесе и кон подобрување на остварувањето на правата на децата во РМ, Хелсиншкиот Комитет се обрати до Министерството за надворешни работи (МНР) со цел да ја поттикне Република Македонија да заземе став на поддршка за Работна група да добие мандат за изработка на Факултативен протокол за воспоставување процедура за комуникација за КПД, и да ја разгледа улогата која би ја имала во лобирањето за поддршка од останатите членки на Советот за човекови права.

По одржаниот состанок со претставниците од МНР добивме информација дека дел од нив не само што се запознати со постапката за изготвување на новиот протокол, туку Република Македонија е една од земјите кои до 2009 година активно лобирале за донесувањето на новиот Протокол.

Од страна на претставниците на МНР бевме известени дека Република Македонија ја поддржа и ја коспонзорираше Резолуцијата на формирање на отворена работна група за разгледување на можностите за подготовка на Факултативен протокол на КПД со кој ќе се прифати опцијата за жалби во однос на прекршување на правата на детето. На последната редовна, и главна 13-та сесија на HRC, Република Македонија се приклучи кон коспонзорите на Резолуцијата на HRC за продолжување на работата во поглед на подготовка на работен текст за Факултативниот протокол.

Имајќи предвид дека се работи за Конвенцијата за правата на детето, Хелсиншкиот Комитет контактираше и со одделението за правата на децата при Народниот правобранител, но и тие не беа известени за активностите кои нашето МНР ги има преземено на ова поле.

Транспарентноста на работата на државните органи, меѓу нив и на МНР е важен стожер на одржливоста на владеењето на правото. Но транспарентноста не значи селективно објавување на информации кога се чини пригодно за носителот на информацијата.

Хелсиншкиот Комитет ги поздравува активностите на Министерството за надворешни работи во врска со лобирањето за изготвување и донесување на Факултативен Протокол за воспоставување на процедура за комуникации/жалби. Очекуваме дека во иднина Министерството ќе биде потранспарентно во однос на неговата работа како во однос на другите државни органи, така и кон сите граѓани на Република Македонија.

1.5. Состојбата со основните човекови права во психијатриските болници во Македонија – најава за посебен извештај

Правата на психијатриски пациенти е тема на поголем интерес и контроверзни заклучоци, како во домашната така и во светската јавност. И покрај значајниот законски, клинички, и етички напредок во оваа област, на оваа тематика многу малку истражувања се спроведени во Македонија.

Дваесет годишниот транзициски процес во Македонија, неговите кумулативни ефекти како што се рецесии, социјални тензии и други општествени кризи, сериозно се одразија на маргинализираните и незаштитените групи на граѓани, посебно на оние кои имаат потреба од било каква институционална заштита. Во тој контекст македонскиот Хелсиншки комитет за човекови права во рамките на неговите континуирани напори за промоција, почитување, унапредување и заштитата на човековите права, согласно со неговиот мандат на почетокот на март 2010 година изврши мониторирање на трите државни психијатриски болници во Македонија, и тоа ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје” – Скопје, ЈЗУ Психијатриска болница „Демир Хисар” и ЈЗУ Психијатриска болница „Негорци”. Целта на оваа посета беше, психијатриски пациенти без пречки да ги остваруваат основните човекови права како и другите граѓани, а поради нивната ранлива состојба тие се чувствителна категорија на граѓани и имаат право и на посебни права зависно од нивните посебни потреби.

Македонскиот Хелсиншки комитет, во текот на набљудувањето се раководеше од Уставот, Законот за ментално здравје и Законот за заштита на правата на пациентите. Но секако тука се и меѓународните документи каде исто така е предвидено дека секое лице со ментална болест има право да ги користи сите граѓански, политички, економски, социјални и културни права, признати во Универзалната декларација за човекови права; Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права; Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и во други соодветни инструменти; како на пример Декларација за правата на инвалидните лица[1] и Принципите на ООН за заштита на лицата со ментална болест и за подобрување на заштита на менталното здравје[2].

Овај извештај е продукт од извршената посета на Македонскиот Хелсиншки комитет и на крајот се упатени препораки, кои се базирани од констатираните недостатоци и нарушувања на националното и меѓународното законодавство во психијатриските установи во Македонија.

Анализата деновиве ќе биде публикувана на нашиот веб сајт.

2. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ

2.1. Правото на правичното судење – Случај Фуат Незири, Тетово

Со обвинителен акт покренат од страна на ОЈО – Скопје против г. Фуат Незири е покренато обвинение за кривично дело “Земање заложници”. Обвинението во текот на 2003 година е покренато против вкупно 10 лица, кои Основниот суд Скопје 1 – Скопје со Пресуда К. бр. 394/03 од 28.09.2004 година ги огласил за виновни при што истите се осудени на вкупна казна затвор во траење од 93 години. Со истата пресуда обвинетиот Незири е осуден на казна затвор во траење од 10 години, врз основа на препознавање извршено во полициска станица врз основа на слики во фото албум.

На ден 22.06.2007 година г. Незири почнал да издржува екстрадиционен притвор во Република Италија, каде останал се до 27.3.2008 година. На ден 28.3.2008 година бил екстрадиран во Република Македонија при што притворот го продолжил во Македонија. Од страна на неговиот бранител било поднесено барање за повторување на постапката, која била усвоена од страна на судот, при што било дозволено повторувањето на кривината постапка завршена со правосилна пресуда, уште во 2004 година.

Во текот на повторувањето на постапката одбраната доставила докази дека г. Незири во времето на сторувањето на делото, кое му се става на товар, бил во Република Италија. Воедно и повиканите сведоци во текот на одржувањето на главниот претрес децидно навеле дека обвинетиот што го гледаат денес во судницата не бил присутен за време на настанот случен на ден 29.8.2002 година, односно дека г. Незири не бил присутен во групата на другите лица. Во однос на постапката за препознавањето во полициска станица сите сведоци, во текот на повторувањето на постапката навеле дека препознавањето било извршено во полиција и кај истражен судија, но истата постапка била набрзина изведена и со фото албум на слики. Дури еден од сведоци во текот на главниот претрес навел дека при препознавањето можно е да сум направил грешка, но точно е тоа што денес го кажувам, а тоа е дека обвинетиот не беше учесник во настанот ниту пак е сторител на кривичното дело.

Без разлика на дадените искази на главен претрес Основниот суд Скопје 1 – Скопје на ден 24.4.2009 година донел Пресуда со која обвинетиот Незири го прогласил за виновен и го осудил на казна затвор во траење од 6 години. Во образложението на пресудата се наведува дека судот поклонил верба на препознавањето извршено во полиција во текот на 2002 година, но не и на категоричните изјави дека сега присутното на лице место обвинет не е истото лице кое учествувало на настанот и на извршувањето на кривичното дело. Не препознавањето на г. Незири во текот на повторената постапка судот го образложува со објаснувањето дека “е поминат подолг временски период од 7 години, … па може да се должи и на промени во изгледот на обвинетиот…“.

Одбраната изјавила жалба со барање да се преиспита првостепената пресуда по сите основи предвидени во член 380[3] од ЗКП. За жал, Апелациониот суд во Скопје донел пресуда со која ги одбил вложените жалби и ја потврдил првостепената пресуда. Во образложението на пресудата се наведува потполно истото образложение кое го навел и првостепениот суд, т.е. Основниот суд Скопје 1 – Скопје.

Братот на г. Незири[4] до Хелсиншкиот комитет се упати со прашање дали е можно вакво нешто во една правна држава, како што е Република Македонија? Откако Хелсиншкиот комитет ги доби и ги разгледа доставените документи со жалење констатира дека тврдењето на странката е точно. При тоа неизбежно го поставува прашањето дали при утврдувањето на фактичката состојба судот го имал предвид членот 365[5] од ЗКП, како и фактот дека ЗКП не познава процесно дејствие препознавање според фотографии, туку само препознавање на лица. Препознавањето според фотографии извршено во полиција е незаконито бидејќи истото е извршено без присуство на истражен судија, јавен обвинител и бранител на обвинетиот.

За истото Врховниот суд на Република Македонија веќе постапувал и одлучил дека судска пресуда не може да се заснива само и исклучиво врз основа на дејствието препознавање на според фотографии, бидејќи истите не се валидни како докази.

Хелсиншкиот комитет со голема загриженост се прашува дали во Република Македонија воопшто постои правото на правично судење, доколку да дали воопшто истото се применува? После редица случаи кои Хелсиншкиот комитет до сега ги има изнесено може да се констатира дека Република Македонија има уште многу да учи за институтот правично судење, само се прашува на чиј грб ќе падне товарот, како и кој ќе го плати учењето со неколку години казна затвор.

2.2. Ефективна казна затвор за малтретирање во вршење на службата – Случај Неџби Јашари, Тетово

Случајот на Неџби Јашари од страна на Хелсиншкиот комитет беше предмет на опсервација уште од 2007 година, кога г. Јашари беше киднапиран, тепан и малтретиран од страна на припадници на полицијата.

Против еден припадник на полицијата беше покрената кривична пријава од страна на Хелсиншкиот комитет[6]. Пријавата и прелогот од страна на Основното јавно обвинителство – Тетово беа прифатени и беше водена кривична постапка против припадникот на полицијата за кривично дело “Малтретирање во вршење на службата”. Правата и интересите на г. Јашари како оштетена странката во постапката беа застапени од страна на полномошници ангажирани од Хелсиншкиот комитет.

Основниот суд во Тетово на ден 02.07.2009 година ја донесе и јавно ја објави Пресудата заведена под К. бр. 722/08 со која обвинетиот го прогласи за виновен и го осуди на казна затвор во траење од 6 месеци, која казна со алтернативна мерка – Условна осуда нема да се изврши доколку обвинетиот за време од 2 години не стори ново кривично дело.

Останувајќи незадоволен од донесената пресуда во делот на санкцијата, ОЈО – Тетово поведе жалба, која од страна на Апелационен суд Гостивар на нејавна седница одржана на ден 07.10.2009 година е уважена, првостепената пресуда е преиначена во делот на осудата, така да обвинетиот е прогласен за виновен и е осуден на казна затвор во траење од 8 месеци.

Хелсиншкиот Комитет ја поздравува и оваа втората осудителна пресуда против обвинетиот, припадник на полицијата за малтретирање во вршење на службата, но прва со ефективна казна затвор. Очекуваме дека бројот на осудителни пресуди против обвинетите полицајци за малтретирање и нечовечко постапување во иднина ќе се зголеми. Со тоа ќе се придонесе да и самата полиција ги увиде грешките на своите припадници, истите не по секоја цена да ги штити, кои иако како поединечни случаи, сепак во последно време се почесто и почесто ги има.

2.3. Што е побитно од почитувањето на со закон загарантираните права?! Случај Васе Китановски, Кратово

При обраќањето до Хелсиншкиот комитет, г. Китановски од Кратово не извести дека на ден 02.10.2007 година има поднесено Тужба за побарувања по основ на работен однос против тужениот Силекс Неметали Силекс ДООЕЛ Кратово. Тужбата е заведена под П. бр. 131/07. Основниот суд Кратово на ден 30.1.2008 година донел Пресуда со која го усвоил тужбеното барање, при што бил задолжен тужениот да на г. Китановски како тужител му исплати на име:

O разлика во плата од исплатената плата до платата која Ви следува определен износ за точно определен период

O придонеси од плата за ПИО во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на РМ на Ваше име како тужител определен износ за точно определен период

O придонес за ПИО во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на РМ за зголемено траење на стажот определен износ за точно определен период и

O надоместок за годишен одмор за 2007 година.

Останувајќи незадоволен од донесената пресуда тужениот на ден 10.2.2009 година вложил жалба до Апелационен суд Скопје. Апелациониот суд во Скопје на седница одржана на ден 28.01.2010 година донел Пресуда со која вложената жалба ја усвоил, првостепената ја преиначил со следниот диспозитив “Тужбеното барање се одбива како неосновано.“ Во образложението на второстепената пресуда стои следното образложение:

O Апелационен суд сметал дека првостепената пресуда е незаконско и ја протолкувала како “погрешно применување на материјалното право”, иако судот имајќи ги предвид Законот за работни односи донел законска одржлива и образложена пресуда, во делот на платата, утврдување на висината на платата и на не прифаќањето на доставениот Правилник за плати, кој повеќе од очигледно и со докази поткрепено бил донесен незаконски од тужениот[7]

O Првостепениот суд погрешно постапил кога утврдил дека на тужителот треба да му се исплата на регрес за годишен одмор, без разлика дали на останатите работници им е исплатено и без разлика на финансиската состојба на тужениот, наведувајќи дека “тужениот бил во лоша финансиска состојба поради потешкотите во материјалното финансиско работење и работел во загуби, … па судот смета дека на тужителот за спорниот период не му следува исплата на регресот за годишен одмор… имајќи ја предвид лошата финансиска состојба на тужениот, како и фактот дека на другите вработени исто така не им бил исплатуван регрес за годишен одмор..“ .

Хелсиншкиот комитет останувајќи зачуден од образложението на Апелациониот суд се прашува што е побитно лошата финансиска состојба на тужениот и фактот дека на другите вработени не му е исплатено регрес на годишен одмор или почитување на правата кои се таксативно наброени во Законот за работни односи, кои всушност претставуваат lex specijalis во однос на правата на работниците.

Хелсиншкиот Комитет е сериозно загрижен за погазувањето на најелементарните човекови права на здравствена заштита и непочитување на човековото достоинство и личност и апелира до надлежните за итно преземање на соодветни мерки за надминување на оваа состојба. Притоа останува да се надеваме дека случаите конечно ќе бидат испитани и ќе доведат до соодветна цел!

——————————————————————————–

[1] Declaration on the Rights of Disabled Persons Proclaimed by General Assembly resolution 3447 (XXX) of 9 December 1975

[2] UN Principles for the Protection of Persons with Mental Illness and the Improvement of Mental Health Adopted by General Assembly resolution 46/119 of 17 December 1991

[3] Закон за кривична постапка (Сл. весник бр. 15/05) од 07.03.2005 година

Основи поради кои може да се побива пресудата – Член 380

Пресудата може да се побива:

1) поради суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка;

2) поради повреда на Кривичниот законик;

3) поради погрешно или нецелосно утврдена фактичка состојба;

4) поради одлука за кривичните санкции, за одземање на имотна корист, за трошоците за кривичната постапка, за имотно-правните барања, како и поради одлука за објавување на пресудата преку печатот, радиото или телевизијата.

[4] Кемал Незири

[5] Закон за кривична постапка – Член 365

Судот ја заснова пресудата само врз фактите и доказите што се изнесени на главниот претрес.

Судот е должен совесно да го оцени секој доказ поединечно и во врска со другите докази и врз основа на таква оцена да изведе заклучок дали некој факт е докажан.

[6] За истиот предмет предлог за утврдување на кривична одговорност била поднесена и од страна на канцеларијата на Народен правобранител.

[7] Член 105 – Работникот има право на заработувачка – плата согласно закон, колективен договор и договор за вработување

Член 107 – Платата на работникот за работа со полно работно време не може да биде пониска од најниската плата утврдена според Законот и Колективниот договор.

Член 109 – Платите се исплатуваат за периоди кои не смеат да бидат подолги од еден месец. Плата се исплаќа најдоцна 15 дена по изминувањето на исплатениот период ….