јуни 3, 2009

Месечен извештај (мај 2009)

1. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

1.1. „Мерење мускули“ меѓу МВР и Министерството за правда

1.2. Писмото на Премиерот

1.3. Полицијата заплашува

1.4. Политичка (не)заложба за заштита на правата на децата

1.5. Случај Ставропигијалниот манастир Свети Јован Златоуст

1.6. Дали се санкционира физичкото насилство во училиштата

2. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ

2.1. Случај на арбитрерно, нееднакво и пристрасно постапу вање со полициски службеници

2.2. Наклонетост и пристрасност при утврдувањето на одговорноста за тортура на овластените службени лица во затворот „Скопје” – Скопје

2.3. Случај Игор Блажев

3. ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА

3.1. Случај Михајло Велјановски

3.2. Случај Емилија Костадинова

4. ПРИЛОГ

Заклучоци од Тркалезната маса на тема „Новиот Закон за внатрешни работи од аспект на правната држава“ организирана од Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ на 22. 05. 2009 година во Хотел „Арка“ Скопје

—————————————————————————————

1. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

1.1. „Мерење мускули“ меѓу МВР и Министерството за правда

Веднаш по добивањето на информацијата дека Владата на Република Македонија го доставила до Собранието предлогот на Законот за внатрешни работи, Хелсиншкиот комитет пристапи кон организација на тркалезна маса, како последна можност да се оствари јавна расправа на која експертската јавност и цивилниот сектор заедно со луѓето од правосудството и институциите на власта ќе расправаат по предложениот текст на законот. Во таа смисла и упативме писмо до Министерството за внатрешни работи поканувајќи ги да бидат коорганизатори на тркалезната маса, приложувајќи и предлог агенда со вклучени имиња на излагачи од МВР, но оставајќи ја можноста за нејзино менување во случај Министерството да го прифати овој предлог. Во писмото го замоливме МВР, доколку не сака да се вклучи во активна улога, тогаш барем да испрати свој претставник на тркалезната маса. МВР ги одби (усмено) двете можности со единствено образложение дека предлог законот е веќе во парламентарна процедура.

Комитетот ја организираше тркалезната маса и заклучоците се во прилог на месечниов извештај. По тркалезната маса, на која беа отворени суштински дилеми, особено на релацијата решенија од Предлог законот за внатрешни работи и решенијата до кои се дојде при подготовките на неколку значајни закони во сферата на кривичното право, се наметна прашањето на (не)координираност на владините структури, за што јавноста беше информирана од страна на медиумите. Но, ефектот од наметнувањето на дилемите, барем што се однесува до првото читање на законот, на ниво на собраниски комисии изостана бидејќи владеечкото мнозинство, секаде каде што можеше остана глуво за изнесените замерки од страна на експертите, медиумите и невладините организации.

Ако внимателно се прочитаат заклучоците од нашата тркалезна маса повеќе од јасно е дека судирот на концепти – оној во Предлог законот за внатрешни работи и она до што е дојдено досега во работните групи на Министерството за правда во доменот на новите закони за кривично право, во делот на местото и улогата на полицијата и особено на таканаречената „тајна полиција“ – сега се најде внатре во владините структури. А како овие непомирливо спротивставени концепти единствено ќе може да се надминат со целосно приклонување кон еден од концептите. Повеќе од излишно е да се каже дека сите прогнози говорат дека најверојатен победник ќе биде далеку полошиот концепт, оној на МВР при што полицијата (јавна и тајна) и натаму ќе остане доминантен фактор во истрагите со сето она што ја прави алатка во рацете на владеечката политичка партија без притоа да постои ефикасна општествена контрола, а од експертскиот концепт за реформи во кривичното право и елиминирањето на моќта на полицијата не ќе остане ништо. Што тоа ќе значи на планот на правната држава, владеењето на правото, имплементацијата на европските искуства и стандарди, демократизацијата… не е тешко да се претпостави.

1.2. Писмото на Премиерот

Премиерот Никола Груевски испрати писмо до Уставниот суд, во кое ги изнесе неговите ставови и мотиви во врска со екстерното оценување, инаку времено укинато од Судот до донесувањето на конечната одлука. Во додатните изјави Премиерот дообјасни дека писмото не претставува никаков притисок врз Судот, туку порака за неговото цврсто убедување за тоа, како што рече, дека е добро за младите генерации и за учениците да бидат соодветно и објективно оценети за своето знаење.

Паралелно со изјавите на Премиерот, надлежното министерство (за образование и наука) си играше „криенка-миженка“ со времената одлука на уставниот суд. Продолжи со тестирањето очекувајќи одлуката на Уставниот суд да биде објавена во Службен весник и така да стане задолжителна за нив. Уставниот суд, пак одговори со курирска достава на одлуката, по што министерството и другите органи под него немаа каде и престанаа со екстерното тестирање.

Крајно невообичаено премиер на една држава, макар и лично (иако во таквиот случај навистина е тешко да се двои личното од функцијата која се врши) да му се обраќа на уставниот суд на својата држава. Во нормални демократии тоа е прашање на политичка култура.

Не така одамна, партијата на власт и нејзе блиските, недолично реагираа на одлуката на Уставниот суд за повторно укинување на веронауката во училиштата. Владеечката партија обвини дека Уставниот суд носи темпирани одлуки во време на избори дека се става над сите власти, дека е под контрола на тогашниот шеф на државата Бранко Црвенковски… На толкувањата дека станува збор за оркестрирана хајка за замолчување на Уставниот суд, предупредувањата на странските дипломати дека „Оние што се осмелуваат да ги доведуваат во прашање одлуките на Уставниот суд треба сами да се прашаат што ќе постигнат со тоа, освен да го поткопаат авторитетот на една од најважните институции во државата“ беа организирани „спонтани“ протести пред Судот, а негодуваа и многу „наменски“ НВО.

Затоа и треба да се каже дека кога премиерот воопшто – и уште повеќе поради тоа што е политичар со највисок рејтинг во државата и лидер на политичката власт која ја контролира речиси сета власт – пишува и „лично“ писмо до Уставниот суд, тоа никако поинаку не може да се разбере освен како притисок и заплашување на органот кој секаде во светот ја има одговорноста да ја штити уставноста и законитоста и чии одлуки се конечни и извршни.

1.3. Полицијата заплашува

Крајот на мај го обележа и претресот на домот и фармата на Душко Илиевски, водачот на пелагониските млекопроизводители од страна на полициски службеници од СВР Битола.

Имено, согласно информациите објавени во медиумите, полицијата, со десетина инспектори за дрога и оружје по налог од истражен судија, извршила претрес во домот и фармата на Илиевски, поради сомнеж дека поседувал оружје без дозвола. Претресот бил извршен три дена по најавата на фармерите за нови протести закажани за 2 јуни во Скопје. Полицајците барале пиштоли и малокалибарни оружја, а пронашле само две ловџиски пушки. Едната во сопственост на Илиевски, за која поседува дозвола од 2003 година, а другата оставена од неговиот дедо.

Објаснувањето од битолската полиција е дека претресот бил направен по добиени оперативни сознанија дека е сторител на кривично дело, односно дека претходната вечер пукал во шталата со животни. Резултат на полициските оперативни сознанија, како што информирале од МВР, е што кај него бил пронајден предмет на кривично дело, поточно една пушка без дозвола, наследена од неговиот дедо, која не смеел да ја чува без одобрение.

Притоа со спроведување на претресот од соба во соба е направен неред во домот и логично Илиевски и неговото семејство со мали деца биле подложени на стрес. Но тоа не било доволно, па фармерот подоцна и неколку часа бил задржан на разговор во полицијата, каде како што изјавува тој добил закани дека против него ќе биде поднесена кривична пријава бидејќи несоодветно ги чувал пушките.

Хелсиншкиот Комитет располага со информации за предмети каде постапувањето на полицијата не е ни блиску до ефикасно поради што остануваме зачудени од брзината на реакцијата на полицијата во овој случај.

Ако се има пак предвид како полицијата, на фонот на исчезнувањето милионски суми евра од „Сведмилк“, меѓу кои и 4 на млекарите, се справи со млекопроизводителите на блокадите на патишта или како надлежните се справуваа со нередите по повод градбата на црква на скопскиот централен плоштад, како се „дисциплинираа“ просветарите за време на нивниот штрајк… или начинот на кој полицијата изведуваше некои поголеми полициски акции, заклучокот е недвосмислено јасен – полицијата едноставно повторно заплашува користејќи се што и стои на располагање.

Навистина сега се поставуваат две круцијални прашања: – Дали на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот ?[1] и – „ Дали дејствијата на полицијата во овај случај се оправдани, реални и неопходни ? “.

1.4. Политичка (не)заложба за заштита на правата на децата

Во текот на минатиот месец во Македонското собрание беа доставени предлог измени и дополнувања на Законот за заштита на децата изготвени од страна на Министерството за труд и социјална политика. Истите се разгледуваа на седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на која своето мислење го искажаа бројни експерти, претставници на народниот правобранител и локални граѓански организации, а со чии ставови Хелсиншкиот Комитет во најголема мера се согласува.

Најголемиот дел од забелешките на предложените измени на Законот за заштита на децата се однесуваа на неговата тематска организација. Имено, согласно мислењата на експертите, законот наместо да се ограничи само на тесното третирање на правата на децата тој разработува прашања од сферата на работните односи, организација на градинки, судска заштита и надлежност на суд, социјална сфера, недискриминација и слично. Со истото се создава конфузија за граѓаните што е спротивно на целта поради која се предлагаат измените, а тоа е поголема заштита на правата на децата во јасна и концизно определена процедура.

Со овие измени се предлага воведување на нов член[2] кој го обезбедува правото на детето да го изрази сопственото мислење во согласност со утврдена процедура и закон, без притоа да се прецизира во која постапка, пред кој орган и согласно кој закон?! Ваквото решение е апсолутно неприменливо во пракса и истото е уште веднаш осудено да го добие епитетот “мртво слово на хартија” наместо да претставува унапредување на правата на децата.

Во однос на дефиницијата на поимот дете, во предлог измените[3] е понудено едно несреќно решение, за кое реагираа и присутните експерти, кога за дете се смета лице до наполнети 18 години, но “лицето со пречки во телесниот и менталниот развој се смета како дете до наполнети 26 години живот”?! Нејасно е зошто е понудена ваква запрепастувачка дефиниција кога домашното законодавство познава постапка на одземање на деловната способност за кое исклучиво одлучува судски орган. Непримерно е ограничување на витално човеково право да биде направено со закон, во неопределена процедура, без овозможување на судска ревизија, дотолку повеќе што истото е во колизија со други закони.

Понатаму се предлагаат сет од нови членови во однос на заштита на децата од дискриминација. И да ја изоставиме дилемата зошто се нормира дискриминацијата поединечно во овој закон кога во тек е донесување на Закон против дискриминацијата, сепак преовлада експертското мислење дека понудените измени создаваат повеќе конфузија отколку што навистина ги штитат децата. Па така во ист член[4] се регулира забраната на дискриминацијата заедно со разни видови други забрани (верско здружување, употреба на опојни дроги, воени дејствија и сл.), за да на крај се остави можноста на секој граѓанин да пријави пред надлежен орган било каква форма на дискриминација. Повторно логично се наметнува прашањето кој е тој орган каде што граѓанинот треба да пријави и во каква постапка?!

Иако граѓанинот може да пријави било каква форма на дискриминација, сепак поединечните дефиниции на директна и индиректна дискриминација се однесуваат таксативно само на случаи на дискриминација заради расна, етничка или друга припадност[5]?!

Исто така, во предложените измени се регулира дека дискриминација во вршење на службата е основ за дисциплинска одговорност[6], и понатаму се упатува заштита да се бара во управна постапка за веќе во наредниот член да се определуваат видовите на тужби што можат да се поднесат во граѓанска судска постапка?!

Нејасностите продолжуваат и во однос на правото на детски додаток. Ако во еден дел на измените се наведува дека носител на правото е детето, веднаш во друг дел за носител се определува мајката за потоа тоа да премине на едниот родител?! За потсетување, Хелсиншкиот комитет во својата анализа во врска со воведувањето на детскиот додаток укажа на фактот дека најдобро решение е детето да биде носител на правото на додаток за истото да не биде лишено од причини што нема еден од родителите или тие не ги исполнуваат условите.

За апсурдноста да биде поголема, детскиот додаток се врзува со редовно школување или уште повеќе со постојано место на живеење на еден од родителите последните три години пред поднесување на барањето[7]?! Со ова се создава впечаток дека не е земена во предвид Конвенцијата за правата на детето, применлива и во Македонија, која стипулира дека во сите активности од примарно значење се интересите на децата кои државите членки ги обезбедуваат за секое дете под нивна јуриздикција. Во пракса, ваквото ограничување би значело дека лишени од додаток ќе останат децата на кои најмногу им е потребен, оние од маргинализираните групи или од семејства кои затечени од сиромаштијата не ги запишуваат децата во училиште.

Оваа нелогичност оди дотаму што предлагачот правото на родителски додаток за трето живородено дете го условува со редовни контроли на мајката за време на бременоста[8]. Во овој случај предлагачот како да заборавил чии права треба да ги заштити со законот, судејќи по намерата за несовесното однесување на мајката самото дете да го лишува од права што им следуваат на останатите деца?!

За напомнување е дека особено за овие одредби беше истакната загриженост од мнозинството експерти присутни на Анкетната комисија за човекови права, со кои Хелсиншкиот Комитет во целост се согласува.

Не помалку тажни се и предложените измени во прекршочните одредби, предочени од еден од експертите. Имено, со истите се регулира еднаква или поголема глоба за сторен административен прекршок отколку за психичко или физичко малтретирање, казнување или друго нечовечко постапување или злоупотреба на децата[9].

Сепак, за жал, и покрај јасното укажување на недостатоците во предложените измени од страна на експертите, наместо грижата за доброто на децата и унапредување на нивните права, на седницата на анкетната комисија преовлада егоцентричноста на политичките партии и упорноста едните да бидат спротивни на другите дури и кога во прашање се децата.

Очигледно членовите на анкетната комисија не успеаја да се апстрахираат од својата политичка провиниенција и во фокусот на своите интереси да ги стават правата на децата за кои на располагање им стојат алатки истите да ги унапредат. Така, предлогот на претседателката на комисијата стенограмите со искажаните експертски забелешки за предлог измените на законот да бидат предадени на претседателот на собранието за тој да ги дистрибуира до сите пратеници, и покрај дополнителното време за договарање и фактот дека тоа претставува само информација за пратениците, беше одбиен од мнозинството пратеници од опозицијата.

Но затоа пак, на ист принцип експресно беше усвоен предлогот од еден од пратениците на владејачкото мнозинство, предлог измените на законот и покрај суштинските недостатоци да бидат ставени на второ читање во собранието.

Овој пат, членовите на владејачкото мнозинство не понудија образложение за својата одлука задржувајќи се само на фразата дека нивната пратеничка група сметала дека предлог измените треба да одат на второ читање, очигледно заборавајќи притоа дека тие во Анкетната комисија за правата на граѓанинот не ги бранат интересите на својата пратеничка група туку како пратеници со свои сопствени мислења и убедувања се грижат за унапредување на основните човекови права на граѓаните.

До сега предлозите и мислењата на Хелсиншкиот комитет не беа прифаќани па дури ни разгледувани од Комисијата со образложение на опозицијата дека Хелсиншкиот комитет бил ставен во функција на опозицијата, но по последната седница изгледа дека и сите експерти поединци и претставници на одредени институции кои имаат било какви забелешки на решение предложено од орган на Владата се во функција на опозицијата и истите, користејќи го мнозинството гласови, по автоматизам треба да бидат одбиени

Не е потребно да се нагласува дека се додека е така и пратениците си играат игра кој на кого повеќе ќе му противречи, во Македонија ќе се носат закони кои предизвикуваат хаос во пракса, подоцна ќе паѓаат пред Уставен суд, меѓународната заедница ќе критикува, државата ќе биде тужена, а граѓаните чии права се заштитуваат, ќе трпат штета и ќе плаќаат даноци за играта да почне од почеток.

1.5. Случај Ставропигијалниот манастир Свети Јован Златоуст

До Основниот суд Скопје II Скопје на 5 Ноември 2008 година, согласно Законот за правниот статус на црквите, верските заедници и религиозни групи, поднесено е барање за упис во Единствениот судски регистар на цркви, верски заедници и религиозни групи на „Ставропигијален манастир Свети Јован Златоуст”-село Нижополе кај Битола.

По укажување на судот за дополнение на Барањето иако истиот е задолжен со Законот за правниот статус на црквите, верските заедници и религиозни групи да донесе Одлука за упис во рок од 8 дена, по истекот на повеќе од три месеци Основниот суд Скопје 2 Скопје донел Решение со кое го одбил барањето за упис во Единствениот судски регистар на цркви, верски заедници и религиозни групи.

Во продолжение се цитирани делови од Решението на Основниот Суд со кое се образложува донесената одлука, за чија нелогичност и конфузност не е потребна дополнителна правна експертиза.

Имено, во образложението на одлуката за одбивање на упис во Регистарот на барателот „Ставропигијален манастир Свети Јован Златоуст” , судот се повикува на чл.1 ст.1 од Законот за правниот статус на црквите, верските заедници и религиозни групи во кој се вели дека со истиот се уредува основањето и правниот статус на црквата, верските заедници и религиозни групи.

Понатаму, судот го цитира чл.2 од истиот закон кој ја дефинира црквата, верската заедница и религиозната група, како доброволна заедница на физички лица кои со своето верско убедување и изворите на нивното учење ја остваруваат слободата на вероисповедта соединети по вера и идентитет изразен со подеднакво извршување на богослужба, молитва, обреди и друго изразување на верата.

Основот за одбивањето на поднесеното барање Судот го наоѓа во член 16 од Законот, односно не се исполнети материјалните услови за запишување на барателот во Судскиот Регистар.

Ваквиот наод е образложен со фактот што “до судот подносителот поднел барање за запишување – регистрирање на доброволна заедница на физички лица означена во барањето како „Ставропигијален манастир Свети Јован Златоуст”, односно поднел барање за запишување на доброволна заедница на физички лица која во таква форма не е предвидена во погоре цитираниот закон.

Судот смета дека вака поднесеното барање за запишување во судскиот регистар на доброволна заедница на физички лица означена во барањето како „Ставропигијален манастир Свети Јован Златоуст”, е спротивно на чл. 1 ст. 1 и чл. 2 од Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група односно барањето е неосновано па судот како такво го одби.

Ова затоа што според наоѓањето на овој суд запишувањето на „Ставропигијалениот манастир Свети Јован Златоуст” во единствениот регистар прво би значело повреда на чл. 1 ст. 1 и чл. 2 од Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група, бидејќи овој закон ја уредува само правната положба на одредени верски субјекти – доброволни заедници на физички лица определени и наброени во законот како: црква, верска заедница и религиозна група, а не и на други верски субјекти – доброволни заедници на физички лица и второ би била повредена слободата на вероисповед загарантирана со Конвенцијата на човековите права и Уставот на РМ, на другите доброволни заедници на физички лица веќе запишани во единствениот судски регистар на цркви, верски заедници и религиозни групи и тоа во форма, положба и содржина предвидена во одредбите од погоре цитираниот Закон. “

Да биде апсурдот поголем, Апелациониот суд Скопје кој решава по жалба на Решението, наместо да донесе поинаква Одлука или барем да го удостои барателот со поинакво и сериозно образложение тој од збор до збор се повикува на образложението на Решението на првостепениот суд, констатирајќи дека истиот правилно сметал кога го одбил Барањето за упис.

Како што погоре укажавме, на ваквото судско образложение не е потребен дополнителен коментар како би се доловила неговата неоснованост, но иронично, видно од документот доставен до Хелсиншкиот Комитет, барателот во Барањето за упис во судскиот регистар недвосмислено наведува дека станува збор за Барање за регистрација на верска заедница во Р. Македонија.

Во истото наведува дека во прилог доставува и Одлука за определување на лице овластено за претставување на верската заедница, како и доказ за државјанство на основачите на верската заедница.

Во оваа смисла потсетуваме дека Законот за верски заедници беше донесен за да ги разреши дилемите во однос на регистрирање на други верски заедници, а не да се користи за изигрување на барањата за регистрација на поединечни верски заедници.

Хелсиншкиот Комитет укажува дека овој случај покрај тоа што наведува на заклучокот дека е направена повреда на член 19 од Уставот, повредена е и Европската Конвенција за човекови права. За жал, со тоа се продолжува и праксата поради која Македонија се наоѓа во извештаите на меѓународните организации за непочитување на правото на вероисповед за што поради истите причини државата е и предмет на жалба пред Европскиот суд.

Хелсиншкиот Комитет предупредува дека не е дозволена несериозност и поигрување со верските чувства на граѓаните туку напротив, од Судовите се очекува стручна работа во спроведување на законите, кои постојат за да бидат имплементирани во пракса а не да служат како параван за оправдување дека ги исполнуваме стандардите на човековите права.

1.6. Дали се санкционира физичкото насилство во училиштата?

Во текот на минатите месеци во јавноста беа обелоденети неколку различни случаи на физичко малтретирање на ученик од страна на професор. Хелсиншкиот Комитет во врска со овие немили настани се обрати до надлежните органи и тоа до директорите на училиштата каде настаните се случија, до народниот Правобранител, до Министерството за внатрешни работи и Државниот просветен инспекторат.

Во првиот случај се работи за средното училиште Моша Пијаде во Тетово, каде ученикот Б.С. бил нападнат од страна на професорот по математика кој го удирал по главата и телото. Детето било тепано од страна на професорот прво со тупаници, а потоа професорот земал и едно од столчињата во училницата и го скршил од грбот на детето. Откако детето почнало да бега, професорот почнал да трча по него и со клоци го исфрлил од училницата. После настанот, детето било прегледано во Клиничката болница во Тетово, каде било утврдено дека детето има нагмечување во пределот на главата и во пределот на грбот од левата страна и за истото му е издадено и лекарско уверение.

Во однос на нашите барања за информации во врска со овој случај од страна на Директорот на средното училиште добивме известување дека е донесено решение со кое на професорот му се одбива по 5% од платата во период од 6 месеци и ни беше доставена копија од решението и од Предлогот и записникот подготвени од страна на Државниот просветен инспекторат.

Во врска со овој настан добивме одговор од страна на Министерството за внатрешни работи – СВР Тетово, во кој не известуваат дека против професорот е поднесено Барање за поведување на прекршочна постапка.

Во Предлогот и записникот подготвени од страна на Државниот просветен инспекторат е наведено дека врз основа на остварениот увид во евиденцијата и документацијата на училиштето и разговорите извршени со присутните за време на увидот, констатирано е дека постојат докази за физичко казнување на ученикот Б.С. од страна на наставникот по математика Ш. К. Уште повеќе што и самиот наставник јавил дека го удрил ученикот, а и во решението донесено од страна на Директорот е наведено следното: “… професорот Ш. К. во првата смена влегол на час по математика, кога после него во училницата влегол ученикот Б.С. и почнал да го навредува професорот. На тоа, професорот нервозно реагирал и со ученичко столче го турнал ученикот“.

Во вториот случај станува збор за настан кој се случил во О.У„ Алија Авдовиќ“ во скопското село Батинци, за време на третиот час, кога наставникот по историја Ф. С. му удрил шлаканица на ученик од шесто одделение. Тринаесетгодишниот ученик од силината на ударот паднал на подот и се здобил со фрактура на раката. Веднаш потоа наставникот со градски автобус го однел детето во Градската болница во Скопје, а откако му била укажана лекарска помош истото било пуштено дома.

Во врска со овој настан добивме одговор од страна на Министерството за внатрешни работи – СВР Скопје, во кој не известуваат дека против професорот е поднесено Барање за поведување на прекршочна постапка поради физички напад на друго лице на јавно место. Со дописот исто така сме известени дека мајката на детето се откажува од било какво гонење против професорот, притоа заборавајќи дека Министерството за внатрешни работи не е обврзано со барање за кривично гонење од страна на оштетениот.

Дали нашите надлежни органи случајно или намерно го забораваат членот 142 од Законот за кривична постапка кој предвидува дека државните органи, институциите што вршат јавни овластувања и други правни лица се должни да пријават кривични дела за кои се гони по службена должност, за кои се известени или за кои ќе узнаат на некој друг начин.

Сите меѓународни документи поврзани со правата на децата изрично го забрануваат физичкото насилство и препорачуваат истото најстрого да биде казнето.

Хелсиншкиот Комитет најавува дека ќе поднесе кривична пријава против сторителите и очекува Јавното обвинителство сериозно да пристапи кон предметот, затоа што со несанкционирањето на овие кривични дела се дава порака дека истите се дозволени и се отвара можност тие да се повторуваат.

2. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ

2.1. Случај на арбитрерно, нееднакво и пристрасно постапување со полициски службеници

До Македонскиот Хелсиншки комитет се обрати голема група на полициски службеници – полицајци вработени на пасошка контрола на граничните премин Деве Баир и Кафасан. Против сите нив е започната , се води, а за некои е веќе е завршена кривична постапка за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, затоа што постапиле спротивно на член 146 и член 155 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, член 75 и член 76 од Законот за превоз во патниот сообраќај, член 72 став 2 од Законот за јавни патишта, односно дека полициските службеници пропуштале товарни моторни возила на влез на Македонија со товар кој ја надминува максимално дозволената тежина од 40.000 кг.

Претставници на Хелсиншкиот комитет извршија мониторирање и направија сеопфатна анализа на целокупната постапка која се води против овие лица. При тоа се констатира дека се работи за идентични случаи, доказите врз кои се заснова обвинението како и сведоците се исти за сите лица.

Иако се работи за идентични случаи постои различен, нееднаков и дискриминаторски третман во постапувањето на Јавното обвинителство со тоа што за одредени случаи е повлечен обвинителниот предлог од страна на ЈО со причина дека „ од изведените докази на главниот претерес не се докажува дека обвинетиот го сторил кривичното дело“ . Додека во другите постапки тоа не е сторено и имаат сосема друг епилог. Интересно е како Јавното обвинителство кое е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични и други со закон утврдени казниви дела применува двојни стандарди во наведениов случај, како во поглед на поведувањето на постапката кое е пристрасно и необјективно така и во целиот тек на постапката и со оглед на тоа не обезбедува еднаквост пред законот на сите . Со тоа не ги почитува и заштитува човековите права и основни слободи и не се грижи кривично – правниот систем да функционира ефикасно и навремено.

Во текот на судската постапка ставена е под прашање независноста и непристрасноста на судењето поради тоа што не е обезбедено присуство на сведоци и вештаци на главен претрес кои биле сослушани во истрага, на чие сослушување не биле присутни обвинетите и нивните бранители од причина што истражниот судија не ги известил за времето и местото на нивното сослушување. Од друга страна сведоците , исто така упорно не се јавуваа на редовно и уредно доставените покани за главен претрес, а судот упорно молчеше и не ја исполнуваше законската обврска за тоа. Оттука произлегува очигледна, груба повреда на Законот за кривична постапка.[10]

На бранителите, како и самите обвинети, не им биле доставени писмените докази приложени од јавното обвинителство, со што не им била обезбедена можноста за соодветна подготовка на одбраната.[11]

Апсурдот да е поголем , сите обвинети кои немаат бранител, се пожалија и во врска со записниците од главните претреси. Поточно судот понекогаш прашувал дали сакаат записник од истиот, како да е тоа прашање на волја, а не законска обврска за судот, а понекогаш воопшто ниту ги прашувал ниту им давал примерок од записникот. Ваквите наводи без сомнение се потврдија од мониторирањето на главните претреси од претставниците на Хелсиншкиот комитет[12].

Внесување во записник исказ кој е сосема различен од кажаниот на главен претрес на кој беа присутни претставници од Хелсиншкиот комитет, а потврдено со доставениот записник до комитетот од истиот тој главен претрес од страна на обвинетата. Особено што станува збор за искази кои одат во корист на обвинетите[13].

За дел од полициските службеници веќе се донесени првостепени пресуди со кои се осудуваат на 6, 7 или 8 месеци казна затвор со изречена условна осуда, при што казната затвор нема да се изврши доколку истите во период од 1 или 2 години не сторат друго кривично дело.

Сложеноста и нерационалноста на овај случај се гледа и во тоа што за истата работа и истите дејствија сега е започната постапка против царински службеници. Притоа никој не обрнувајќи внимание дека –„ никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе е донесена правосилна судска одлука“[14]. Апсурдно но вистинито!

Хелсиншкиот комитет смета дека вака водената постапка, не е ништо друго туку само арбитререн, нееднаков и пристрастен процес против овие полициски службеници. Иако една од функците на полициските службеници е заштита на правниот поредок, се поставува прашањето каде е сега тој за нив, каква е целта и смислата на примената на правото во овај случај?

Имајќи го во предвид фактот за правосилно завршените постапки, Хелсиншкиот комитет подготвува Апликација против Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур во однос на заштита на правото на полициските службеници на правично судење.

2.2. Наклонетост и пристрасност при утврдувањето на одговорноста за тортура на овластените службени лица во затворот „Скопје” – Скопје

Меѓународниот пакт за граѓански и политички права јасно наведува дека – „Кон секое лице лишено од слобода мора да се постапува хумано и со почитување на достоинството неделиво од човековата личност” и воедно упатува да – „Спроведувањето на казната ја опфаќа постапката со осудениците која има за цел поправање и социјална рехабилитација”[15]. Дотолку повеќе македонското законодавство уште по стриктно во Законот за извршување на санкциите наведува да – “При извршувањето на казната затвор мора да се заштити психофизичкиот и моралниот интегритет на осуденото лице и да се почитува човековата личност и достоинство”[16]. Но, за жал, многу често Македонскиот Хелсиншкиот комитет укажува на заобиколување на овие принципи и обврски во казнено – поправните установи.

Во текот на месец март комитетот со посебно соопштение ја информираше јавноста за извршената посета на “Затвор Скопје” – Скопје и констатираната тортура, нехуман и деградирачки третман над 4 (четворица) затвореници од страна на поголем број припадници на секторот за обезбедување. Во врска со случајот Хелсиншкиот комитет се обрати со писмен допис до Управата за извршување на санкции при Министерството за правда, со цел добивање податоци за мерките кои се преземени за санкционирање на виновниците. Управата за извршување на санкции во својот одговор не известува дека по добиеното сознание за предметниот настан извршиле посета во Затворот Скопје, при што разговарале со службените и осудените лица, извршиле проверка на медицинската документација и другите достапни докази и материјали и констатирале дека физичката сила спрема осудените не само што била прекумерна туку истата била во голем дел непотребна. Меѓутоа и покрај вака утврдената фактичка состојба, на раководните лица од затворот им бил даден усмен налог за поведување дисциплинска постапка за утврдување на дисциплинска одговорност за сите службени лица инволвирани во настанот. По добиената информација од затворот во целост било постапено по налогот, била поведена дисциплинска постапка спрема 8 (осум) службени лица од кои четворица биле и суспендирани од работа. Набрзо потоа, од Затворот биле известени дека дисциплинската постапка е завршена и дека учесниците се соодветно дисциплински казнети.

Хелсиншкиот комитет изразува жалење што и покрај многубројните апели и од страна на домашни засегнати страни и од страна на меѓународните фактори, и покрај зачестените пречекорувања на овластувањата, надлежните органи и понатаму ја игнорираат можноста, но повеќе и обврската за утврдување кривична одговорност на сторителите. Наместо покренување на постапка за сторено кривично дело Мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување или кривично дело Малтретирање во службата предвидени во Кривичниот законик, речиси сите случаи на утврдена прекумерна и непотребна сила употребена од овластени службени лица се прејудицираат и завршуваат со дисциплински казни за истите.

Македонските надлежни органи треба да се свесни дека овие права произлегуваат од достоинството што произлегува од човекот, доколку реално се заштитат и соодветно се санкционираат прекршителите во иднина би придонесло кон намалување на бројот на ваквиот суров, нечовечен и понижувачки начин на однесување и постапување.

Хелсиншкиот комитет апелира дека – „изрекувањето на правдата не може да запре пред вратите на затворите”[17].

2.3. Случај Игор Блажев, с. Сопот – Кавадарци

До Хелсиншкиот комитет се обрати г. Игор Блажев од с. Сопот – Кавадарци и не извести дека во моментот се наоѓа на издржување на казна затвор во траење од 3 години во Затворот во Гевгелија.

Судија за извршување на санкции при Основен суд Кавадарци на 11 Март 2008 година донел Налог за упатување за извршување на казна на име на Игор Блажев кој требал да се јави на издржување на казна затвор во Затвор Гевгелија. Г. Блажев на два пати побарал да му се овозможува одлагање на почетокот на издржувањето на казната затвор заради здравствени проблеми. Барањата му биле усвоени и почетокот на извршување на казната била одложена за шест месеци (на два наврати по 3 месеци). Со тоа, г. Блажев бил обврзан да се јави во Затворот Гевгелија на ден 22 Октомври 2008 година за отпочнување на извршување на казната затвор. Издадената наредба г. Блажев не ја почитувал.

На 4 Ноември 2007 година судијата за извршување на санкции донел Наредба за приведување на осуденикот и Потерница за пронаоѓање на истиот.

После неколку дена, поточно на ден 10 Ноември 2008 година г. Блажев повторно поднел молба за одлагање на извршувањето на казната, која судот ја отфрлил како недозволена[18]. Истото решение г. Блажев го има примено на ден 24 Ноември 2008 година. Во законски предвидениот рок од 3 дена г. Блажев има поднесено жалба до кривичниот совет на Основен суд Кавадарци, што е видно од примениот штембил на судот од 26 Ноември 2008 година. Со вложената жалба г. Блажев барал одлагање на извршувањето на казната со образложение дека му е закажано оперативен зафат при Воената Болница – Скопје, при што доставил и медицинска документација[19].

Иако веќе била закажана хируршка интервенција припадници на полицијата од ПС Карпош од болничко легло го спровеле г. Блажев на наводно 15 минутен разговор во полициската станица. Во ПС Карпош г. Блажев бил задржан до утредента од каде бил спроведен во Затвор Гевгелија на издржување на казна затвор со болки и нарушена здравствена состојба.

Кривичниот совет на Основен суд во Кавадарци на ден 10 Декември 2008 година, после цели 15 дена, донел Решение Кс. бр. 49/08[20] со кое вложената жалба ја одбил како неосновано, во согласност со член 91[21] од Законот за извршување на санкции.

Тргнувајќи од наводите на странката и добиената документација Хелсиншкиот комитет упати допис до Основниот суд во Кавадарци со барање да бидеме известени за причините поради кои не е запазен рокот од 3 дена во кој рок кривичниот совет е должен да донесе решение по вложената жалба, со појаснување дека жалбата е вложена на 26 Ноември 2008 година, а кривичниот совет на Основен суд Кавадарци одлучувал на ден 10 Декември 2008 година, што значи цели 15 дена по добивањето на вложената жалба.

На 10 Април 2009 година добиен е одговор од страна на судот во Кавадарци со објаснување дека на наведениот датум е примена жалба во судот поднесена од осуденикот Блажев, но во истата била употребена стручна терминологија која за судот била неразбирлива, па затоа судот на ден 29 Ноември 2008 година[22] се обратило до Воената болница во Скопје, кое барање болницата го добило на 3 Декември 2008 година. Воената болница во Скопје со писмен поднесок одговорила на барањето на судот на 4 Декември 2008 година, а истиот одговор судот го примил на ден 9 Декември 2008 година. Утредента е одржана седница на Кривичниот совет и тогаш жалбата на осуденикот е одбиена како неоснована.

Просто зачудувачки, од една страна имаме чисто и кристално јасна законска одредба, (Кривичниот совет е должен да донесе решение по жалбата во рок од три дена по приемот на жалбата), а од друга страна имаме изговор за непочитување на истата законска одредба. Не подготвеноста на членовите на кривичниот совет за одлучување по вложената жалба, со образложение дека користената стручна терминологија за судот била неразбирлива во никој случај не смее да се употребува како изговор за непочитувањето на правата на граѓаните, односно осудениците во конкретниот случај.

3. ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА

3.1. Случај Михајло Велјановски

Михајло Велјановски е пензионер со решение од 1 Март 1989 година. На 4 Ноември 2008 година до Фонд на пензиско и инвалидско осигурување на РМ – Стручна служба – Подрачна единица Битола поднел барање за издавање на решение за извршено месечно усогласување на пензијата. Со оглед на фактот дека во законски предвидениот рок за одлучување во управна постапка, г-дин Велјановски не добил решение, видно од документацијата доставена во прилог, на ден 30 Декември 2008 година поднел жалба поради молчење на администрацијата до Комисија на Влада на Република Македонија за решавање во втор степен по предметите од пензиско и инвалидско осигурување.

Второстепената комисија, решавајќи по поднесената жалба, на 2 Март 2009 година донела решение со кое жалбата на Михајло Велјановски се одбива како неоснована. Зачудувачки, но и истовремено загрижувачки е податокот што второстепениот орган го прескокнал основот поради кој е поднесена жалбата, а имено молчење на администрацијата без да го испита истиот, и во своето решение потенцирала дека истата е поднесена против Решение С.бр.23346 од 17 Ноември 2008 година на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Притоа, да не заборавиме дека странката никогаш, ниту чула, ниту видела такво решение, во спротивно сигурно не би поднела жалба токму поради недонесување и недоставување на првостепено решение.

Збунет од постапувањето на второстепениот орган, кој во секој случај треба да го преиспита постапувањето на понискиот орган и да ги исправи евентуалните пропусти во работењето, Михајло Велјановски се обратил до Државниот управен инспекторат, додека истовремено поднел тужба за поведување управен спор до Управен суд на Република Македонија.

Хелсиншкиот комитет се обрати со писмени дописи до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Комисија за решавање во втор степен, како и до Државниот управен инспекторат, а на кои дописи добивме одговор од Фондот и од Државниот управен инспекторат. За жал, Второстепената комисија, не се потруди да ни одговори за својот пропуст.

Државниот управен инспекторат не известува дека по извршениот инспекциски надзор во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување било констатирано дека по поднесеното барање за усогласување на пензија, Фондот донел решение во законски утврдениот рок, но истото не го доставил до подносителот. Поради тоа, управната инспекција со решение ја задолжил Подрачната единица на Фондот во определен рок да го достави решението до подносителот, по што Фондот постапил по задолжувањето. Во својот одговор, пак, Фондот не известува дека предметот на Михајло Велјановски е пратен по жалба од 28 Април 2009 година до Второстепената комисија, без да го спомене податокот за недостасувањето кој за него е занемарлив.

Се поставува прашањето, зошто Комисијата уште при поднесување на жалбата поради молчење на администрација не го утврдила пропустот на Фондот за недоставување на решението, како би можела постапката побрзо да заврши, туку останала слепа на таквиот факт и донела решение со кое потврдува непознато решение за странката.

Уште позачудувачки е фактот, како пак Државниот управен инспекторат молчел за ваквиот начин на постапување на Комисијата, кое придонело за одолговлекување на постапката, поради што сега веќе е заведен управен спор, а од друга страна Михајло Велјановски морал повторно да поднесе жалба против решението кое го примил речиси половина година подоцна од датумот на неговото донесување.

Секако и Комисијата молчи за ваквата ситуација и сега повторно ќе си одлучува по поднесената жалба и без сомнение не би требало да вложи многу труд бидејќи само треба да го промени датумот од претходното второстепено решение.

Во овој случај веќе е заборавено на одредбата од член 245 и 246[23] од ЗОУП. Од своја страна, утврдени ли се причините поради непочитување на член 80 и 82 од ЗОУП според кои доставување се врши со предавање на писменото на лицето кому е наменето и тоа органот е должен во рок од 15 дена сметано од денот кога ќе се утврди потреба од доставување да направи два обида да изврши уредно доставување со предавање до странките.

Можеме ли во блиска иднина да очекуваме одговорност на државен орган на управата за чести повреди на одредбите на управната постапка? Хелсиншкиот комитет жали што Фондот дури половина година подоцна утврдил потреба за доставување, како и поради фактот што Комисијата немала време да го утврди тој факт во корист на правата на странката. Уште повеќе, загрижувачки е молкот на Управниот инспекторат во однос на одговорноста на двата органа во постапката. Се додека државните органи постапуваат спротивно на законот без страв за било каква одговорност, не можеме да очекуваме ефикасна заштита на човековите права во управна постапка.

3.2. Случај Емилија Костадинова

Управната постапка, која повеќе или помалку се јавува како дел од секојдневието на граѓаните, се дефинира како процедура која во себе го опфаќа концептот на обезбедување материјална и формална законитост на актите донесени во оваа постапка и заштитата на правата и интересите на субјектите во овој однос. Но оваа дефиниција сама по себе изгледа како чиста идеологија, без посебен осврт на безбројните примери во реалноста кои го докажуваат/тврдат токму спротивното. Примерот на странката Емилија Костадинова претставува еклатантен пример за непочитувањето на одредбите на Законот за општа управна постапка и постапувањето на државните органи спротивно истите.

Имено, странката се обрати до Хелсиншкиот комитет за човекови права а во врска со игнорирањето и непочитувањето на јасните законски одредби од страна на Агенцијата за вработување – Центар за вработување Виница.

Лицето Емилија Костадинова на ден 7 Јули 2008 година согласно Законот за осигурување во случај на невработеност, поднела барање за признавање на правото на паричен надоместок, до Агенцијата за вработување- Центар за вработување Виница.

Центарот постапувајќи по барањето на странката носи решение бр.0309-139 на 2 Септември 2008 година со кое го одбива истото, по што таа во законски определениот рок поднесува жалба до второстепениот орган, Министерството за труд и социјална политика.

Откако законски предвидените рокови, од два месеци[24], за решавање по жалба веќе одамна одминале, странката на ден 13.11.2008 год. доставила барање за пристап до информации од јавен карактер во врска со овој случај до Центарот за вработување- Виница. На барањето на странката Центарот на ден 02.12.2008 год. одговорила дека предметот од страна на Министерството за труд и социјална политика, е вратен на преиспитување[25].

Иако странката добила известување дека решение на второстепениот орган всушност постои, и дека со истото предметот е вратен на повторно разгледување и одлучување во рамките на Центарот за вработување- Виница, до ден денес истото не и е врачено на странката, ниту пак таа има можност да се запознае со неговата содржина.

Во насока на добивање на информации за причините за недостасување на решението до странката, Хелсиншкиот комитет неколкупати писмено се обрати до Агенцијата за вработување на Република Македонија – Центар за вработување – Виница, со барање на информации за случајот, меѓутоа од страна на Центарот наидовме на молк и игнорирање на упатените барања!

Хелсиншкиот комитет следејќи го овој случај се запрашува што станува со задолжителното почитување на начелата на управната постапка, начелото на заштита на странките, на ефикасност и најважното одговорност на органите кои (не)постапуваат согласно Законот како и кој ќе ја понесе одговорноста за не придржувањето кон Законот и неговите одредби.

Овој случај говори за потребата од индивидуална одговорност на државниот орган во конкретниот случај, Агенцијата за вработување- Центар за вработување – Виница, која со своето непостапување и непочитување на Законот ги довела во прашање правата и интересите на странката.

Хелсиншкиот Комитет верува дека овој случај конечно ќе добие своја разрешница, која ќе послужи како позитивен пример кој ќе допринесе за враќање на правната сигурност кај граѓаните во државните институции.

4. ПРИЛОГ

ЗАКЛУЧОЦИ од Тркалезната маса на тема:

„Новиот Закон за внатрешни работи од аспект на правната држава“

организирана од Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ

22. 05. 2009 година, Хотел „Арка“, Скопје

1. Вовед. На тркалезната маса на тема „Новиот Закон за внатрешни работи од аспект на правната држава“ зедоа учество претставници на академските структури, Министерството за правда, судии, адвокати и јавни обвинители, Директоратот за заштита на лични податоци, Собранието на РМ, невладиниот сектор и политичките партии. Беше оценето дека новиот Закон за внатрешни работи (ЗВР) е особено важен законски проект кој е клучен за заштитата на основните уставни права и слободи.

2. Реформа на Управата за безбедност и контраразузнавање. Наспроти очекувањата дека по донесувањето на Законот за полиција во 2006 година (со што правно се уреди делот за јавна безбедност), сферата на државната безбедност конечно правно ќе се „дотера“ на начин што Управата за безбедност и контраразузнавање ќе се постави како една модерна служба по примерот на модерните европски демократии (Хрватска и Словенија имаат донесено посебни закони за државната безбедност, додека Словенија има закон за Агенција за безбедност), Предлогот на законот за внатрешни работи (ЗВР) не предвидува квалитетна промена во системот на национална/државна безбедност, напротив, останува на застарени и етатистички модели на „тајна полиција“ без јасно правно уредени надлежности, овластувања и без можности за било каква реална надворешна контрола. Имено, иако самото МВР пред повеќе години подготви солидна стратегија за модернизација на службата за државна безбедност, овие реформи беа постојано одложувани под изговор дека наводно заради постојните ризици за стабилноста на државата не е време таа служба да се реформира. Напротив, денес Република Македонија е стабилна парламентарна демократија, држава кандидат за членка на НАТО и ЕУ. Овој факт е само аргумент повеќе за потребата овој сектор да се уреди според стандардите на правната држава.

3. Преиспитување на надлежностите и овластувањата на УБК. УБК е самостоен орган во рамките на МВР кој работите мора да ги извршува согласно Уставот и законите на Република Македонија и ратификуваните меѓународни договори. При правното уредување на надлежностите и овластувањата на УБК мора да се води сметка и за Законот за јавното обвинителство (ЗЈО), Законот за кривична постапка (ЗКП), Националната концепција за безбедност и одбрана, а особено врз Препораката бр. 1402 на Советот на Европа, како и правните стандарди и правила за надзор над безбедносните и разузнавачки служби прифатени од ООН, ОБСЕ и Организацијата за економска соработка и развој.

За да се спречи арбитрерност и политичка злоупотреба на службата за цели на политичките елити на власт, и да се обезбеди владеењето на правото и почитување на човековите права, особено е важно јасно да се регулираат надлежностите на службата и овластувањата на нејзините припадници.

УБК треба да се фокусира на планирање и спроведување контраразузнавачки, информативно аналитички и прогностички, контролни и координативни активности на територијата на Република Македонија. Во таа смисла, како и другите вакви или слични служби во западните демократии, УБК треба да собира, анализира и оценува податоци и информации за дејствување на поединци, групи, организации и странски служби на територијата на Република Македонија кои се насочени против националната безбедност, а не да изигрува некаква тајна полиција од етатистички тип на поранешните источноевропски држави. Во таа смисла, потребно е целосно законско регулирање на безбедносните прашања со нов и посебен Закон за национална безбедност. И тоа, со новиот закон правно да се регулира системот на национална безбедност како целина, но и правно да бидат регулирани сите сегменти од системот, сето тоа во кореспонденција со севкупниот политички систем.

3.1. Надлежност за организиран криминал. Нема никаква ниту правна ниту реална основа УБК да делува како тајна крим-полиција за потешките дела на организиран криминал. (Патем речено, никој досега не дефинирал кој организиран криминал е тежок, бидејќи лесен организиран криминал нема.) Имено, од концепциски и организациски аспект, ЗЈО и ЗКП не предвидуваат УБК да биде дел од полицијата која под раководство на јавниот обвинител ќе работи на кривичните истраги. Концептот на Правосудна полиција подразбира тесна соработка на раководителите од организационите единици во рамките на МВР, Финансиската полиција и Царинската управа кои работат на откривање и пријавување кривични дела со надлежниот јавен обвинител, а тоа, како што знаеме, од УБК не може да се очекува. Од друга страна, Секторот за организиран криминал е најмоќниот сектор во МВР, кој впрочем подолго време остварува добра соработка со УБК и јавното обвинителство, поради што нема причина зошто оваа служба би се плеткала во апсењето криминалци и сл.

Кои тешки форми на организиран криминал МВР смета дека „потекнуваат од демократските институции“ ќе мора да образложи самиот предлагач.

Надлежноста на УБК активно да се бави со откривање и гонење криминалци (гонењето сторители на кривични дела Уставот на РМ го резервира за јавното обвинителство!) создава проблеми и во остварувањето на полициската и обвинителската соработка во рамките на Европол и Евроџаст. Ова од причини што службите за државна безбедност не подлежат на стандардите за заштита на лични податоци, кои пак се битен елемент во меѓународната полициска соработка.

3.2. Полициски овластувања за УБК. Поради сето ова, нема вистинска причина зошто УБК би требало да има полициски овластувања. Покрај тоа, законската конструкција од член 34 според која овластените службени лица од УБК „може да ги применуваат полициските овластувања на полициските службеници, на начин и под услови утврдени со Законот за полиција“, а „под услови и во обем неопходни за остварување на работите од надлежност на Управата“ не е ниту правно ниту логички издржана. Имено, полициските овластувана ЗП ги дава за активности и ситуации сосема различни од оние со кој се бави УБК, како заштита на јавен ред и мир и сл.

Натаму, законот не кажува кои се тие „посебни мерки и методи за тајно собирање податоци“ и со кој тоа друг закон тие ќе се уредат?! (чл. 23). Како што знаеме, од донесувањето на Уставот на РМ сите подзаконски акти на МВР со кои се уредуваа овластувањата на службите на државната безбедност (тајни претреси и сл.) останаа без правна сила и ? колку што ни е познато ? од тогаш УБК делува без посебни правно уредени методи! Оттука, при извршување на своите надлежности утврдени со овој закон, УБК може да собира податоци со користење на јавни извори или со примена на посебни мерки согласно на ЗКП и Законот за следење на комуникациите. Примената на мерките за тајно собирање на податоци со кои привремено се ограничуваат некои права и слободи на граѓаните може да се спроведе само за легитимни цели и врз основа на Законот за кривична постапка и само доколку податоците не може да се соберат на друг начин или нивното собирање е поврзано со несразмерни потешкотии. Во секој поединечен случај, доколку постои можност на избор во мерките за тајно собирање на податоци, треба да се избере онаа мерка со која помалку се навлегува во уставно заштитените права и слободи на граѓаните. Ако податоците собрани со тајните мерки содржат елементи на основи на сомнение за планирање, подготвување или извршување на кривично дело кое се гони по службена должност, УБК е должна да го извести јавното обвинителство, непосредно или преку Секторот за ОК.

Податоците кои не се однесуваат на националната безбедност, а кои се собрани при извршување на законските надлежности, веднаш се уништуваат за што се составува записник кој го потпишуваат лицата кои присуствувале на уништување на документот.

Владата на Република Македонија треба да донесе правилник за извршување на работите на УБК во кој поблиску се уредуваат постапките, мерките и средствата за работа, начинот на планирање, извршување, евидентирање и известување за работите од надлежноста на УБК, овластувањата и одговорноста, потребните услови за извршување на работите во УБК, правата од работниот однос и други прашања кои се од важност за работата на службата, а не се уредени со овој закон.

Да повториме: УБК мора да се ослободи од полициската и идеолошка компонената во нејзиното функционирање и да се концентирара на изворната функција на контраразузнавањето: идентификација и ефикасно и навремено спречување на заканите по безбедноста на државата преземени од странски разузнавачки служби или организации или поединци вовлечени во шпионски активности, саботажи, субверзивни дејства или тероризам, без при тоа да бидат нарушени елементарните човекови права.

Треба да се нагласи и тоа дека и Бирото за јавна безбедност (Полицијата) не ги врши полициските работи само согласно законот за полиција, туку и согласно одредбите на ЗКП и ЗЈО.

4. ЗВР не дава дефиниција на овластени службени лица, а критериумите за сложеност на работата и условите и начинот на вршење на работата се во најмала рака истрошени. Дефинирањето на посебни должности и овластувања е од особено значење, бидејќи на тоа се повикува и Законот за полиција. Идејата е дека ОСЛ е најширок поим и оттаму во овој закон мора да се утврдат посебните должности и овластувања.

Од друга страна, секоја работа има своја сложеност и услови. Наместо само да ги наброи работните места со посебни должности и овластувања, ЗВР треба да дефинира што е овластено службено лице и што се подразбира под посебни должности и овластувања. Положбата министер е исклучиво политичка функција и не треба да има статус на овластено службено лице. Другата перспектива е дестимулирање на полициските службеници за професионално вршење на работата токму заради истиот статус со другите службеници, кои се во суштина државни службеници par excellence. Овој процес одамна провејува низ МВР, а сега и конечно ќе се озваничи со закон.

Не помалку битен аспект се финансиските импликации врз буџетот од толкавиот прилив на овластени службени лица. 30% поголема плата на сериозна бројка вработени, 100% плата за боледување и бенефиции при пензионирање. Се чини дека единственото рационално објаснување на предлагачот е во бенефициите, кои не се секогаш основани.

Кои граѓански работи кои ќе останат во надлежност на МВР, треба точно да се прецизираат со оглед на трендот во ЕУ да се префрлат граѓанските работи на Министерството за правда (член 2).

5. Надворешна контрола на работата на Министерството вршат Собранието на Република Македонија и народниот правобранител. Каде е контролата од Владата, судството, јавното обвинителство, НВО, граѓани, локална заедница? Со ЗКП е определено дека судот врши оценка на законитоста на преземените полициски овластувања, зарем тоа не е контрола над МВР?

Во законот не е овозможена никаква реална контрола од собранието врз УБК. Предлогот предвидува УБК на собраниската комисија да и доставува програма и извештај за својата работа врз кои комисијата очигледно нема никакво влијание (член 41)! Освен тоа, вистински скандал е фактот што МВР во ЗВР уредува односи помеѓу Комисијата и Собранието!?

6. Иако Предлогот на ЗВР е веќе во собраниска процедура, бараме текстот на законот помеѓу две читања во Собранието да биде предмет на расправа од страна на експертската јавност и цивилното општество.

Ова дотолку повеќе што во завршна фаза е подготовка на неколку нови закони со кои се предлагаат нови измени на правната регулатива во оваа сфера, како Законот за кривичната постапка и наводно нов закон за безбедносната сфера, кој веќе некое време се навестува. Со ова се заострува проблемот на (не)координираност на реформите во секторот правда и секторот внатрешни работи, што е од голема важност за обврските на државата во сферата на евроинтеграциите.

——————————————————————————–

[1] УСТАВ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Член 25

[2] Член 3б од предлог измени и дополнувања на Законот за заштита на децата

[3] Ид. Член 5

[4] Ид. Член 6

[5] Член 9-б од предлог измени и дополнувања на Законот за заштита на децата

[6] Член 9-в од предлог измени и дополнувања на Законот за заштита на децата

[7] Ид. Член 12

[8] Ид. Член 26

[9] Член 87 од предлог измени и дополнувања на Законот за заштита на децата

[10] член 171 став 2, став 4 и став 5 во врска со истражните дејствија и член 250 став 1 од ЗКП:

– „(2) Тужителот, оштетениот, обвинетиот и бранителот имаат право да присуствуваат при увидот и сослушувањето на вештаци. (4) При сослушувањето на сведок имаат право да присуствуваат тужителот, обвинетиот и бранителот кога е веројатно дека сведокот нема да дојде на главниот претрес, кога истражниот судија ќе најде дека е тоа целесообразно или кога една од странките барала да присуствува на сослушувањето. Оштетениот може да присуствува на сослушувањето на сведок само кога е веројатно дека сведокот нема да дојде на главниот претрес. (5) Истражниот судија е должен на погоден начин да го извести тужителот, бранителот, оштетениот и обвинетиот за времето, местото на извршувањето на истражните дејствија на кои тие можат да присуствуваат, освен кога постои опасност од одлагање. Ако обвинетиот има бранител, истражниот судија по правило, ќе го известува само бранителот (член 171)“;

– „Ако сведокот кој уредно е повикан не дојде, а не го оправда изостанокот, или без одобрение или оправдана причина ќе се оддалечи од местото каде што треба да биде сослушан, може да се нареди да се доведе присилно а може и да се казни парично со казната определена во членот 75 став 1 на овој закон (член 250)“.

[11] член 74 од ЗКП:

– „(1) Поднесоците што според овој закон се доставуваат до противната странка му се предаваат на судот во доволен број примероци за судот и другата странка. (2) Ако вакви поднесоци не му се предадени на судот во доволен број примероци, судот ќе го повика подносителот во определен рок да му предаде доволен број примероци. Ако подносителот не постапи по наредбата на судот, судот ќе ги препише потребните примероци на трошок на подносителот“.

[12] член 326 став 1 и став 2 од ЗКП:

– „(1) Записникот мора да биде завршен со заклучувањето на заседанието. Записникот го потпишуваат претседателот на советот и записничарот. (2) Странките задолжително добиваат примерок од записникот и можат да ставаат забелешки во поглед на содржината и да бараат исправки“.

[13] член 325 став 1, став 4 и став 5, како и на член 327 став 3 и став 4 од ЗКП:

– „(1) За работата на главниот претрес се води записник во кој мора да се внесе суштествено целиот тек на главниот претрес. (4) Претседателот на советот може по предлог од странката или по службена должност, да нареди да се запишат во записникот дословно изјавите што ги смета како особено важни. (5) Ако е потребно, а особено ако во записникот дословно се внесуваат изјавите на некое лице, претседателот на советот може да нареди односниот дел од записникот веднаш да се прочита, а ќе се прочита секогаш кога тоа го бара странката, бранителот или лицето чија изјава се внесува во записникот“ (член 325);

– „(3) Исказите на обвинетиот, на сведоците и вештаците се внесуваат во записникот така што да се прикаже нивната суштествена содржина. Овие искази се внесуваат во записникот само доколку содржат отстапување или дополнување на нивните поранешни искази. По барање од странката, претседателот на советот ќе нареди да се прочита делумно или во целост записникот за нејзиниот поранешен исказ. (4) По барање од странката во записникот ќе се внесе и прашањето односно одговорот што советот го одбил како недозволен (член 327)“.

[14] УСТАВ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Член 14

[15] Член 10 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права (19 декември 1966 год).

[16] Начело утврдено во член 38 од Законот за извршување на санкциите

[17] ECHR, Campbell and Fell v. the United Kingdom, Appl. No.7819/77 and 7878/77, Judgment from 28 June 1984

[18] Решение Нуи. бр. 11/08 од 12.11.2008 година

[19] Дијагноза cholecystitis chr. Calculoza steatosis hepatic со препорака итна хируршка интервенција калкунозната холециска

[20] Решението странката ја добило на 17.12.2008 година

[21] Член 91 од Законот за извршување на санкции

Против решението донесено по молбата за одлагање на почетокот на извршувањето на казната затвор, осуденото лице и надлежниот јавен обвинител имаат право на жалба до кривичниот совет на судот надлежен за извршување на санкцијата во рок од три дена од денот на приемот на првостепеното решение. Жалбата го одлага извршувањето на казната. Кривичниот совет е должен да донесе решение по жалбата во рок од три дена по приемот на жалбата.

[22] Тоа е рокот кога кривичниот совет бил должен да одлучува по вложената жалба.

[23] „Во образложението на второстепеното решение мораат да се оценат сите наводи од жалбата“.

„Ако жалба изјавила странка по чие барање првостепениот орган не донел решение, второстепниот орган ќе бара првостепениот орган да му ги соопшти причините поради кои не е донесено решение во рокот“.

[24] Закон за општа управна постапка чл.247 ст.1 „ Решението по жалба мора да се донесе и да и се достави на странката, штом е тоа можно, а најдоцна во рок од два месеца сметајќи од денот на предавањето на жалбата, ако со посебен пропис ме е определен пократок рок“

[25] Закон за општа управна постапка чл.248 „ Органот што ја решил работата во втор степен го испраќа своето решение, со списите на предметот до првостепениот орган, кој е должен решението да го достави до странките во рок од осум дена од денот на приемот на решението со списите“