септември 10, 2009

Месечен извештај (јули – август 2009)

I. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

1.1. Меѓуетничките односи како индикатор

1.2. Заканите за јавно искажаниот збор се пожестоки

1.3. Министерот Маневски „мува не го лази”

1.4. Правото на приватност низ медиумите.

1.5. Конфузијата поради одлучноста по секоја цена да се воведе Веронаука без разлика под кој назив

1.6. Масовни отпуштања на просветните работници.

II. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ

2.1. Се практикува ли ограничувањето на слободата во случајот на Авдил Метај?

2.2. Што е многу, многу е! – случај Севдаиљ Ѓуреци.

III. ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА

3.1. Обесправеноста на професионални војници во АРМ.

3.2. Незавршените голготи на граѓаните во управните постапки – Случај Мирче Горанчиќ, Скопје.

______________________________________________________________________

I. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

1.1. Меѓуетничките односи како индикатор

По некое непишано правило, секогаш кога работите во државата не одат на добро, еден од клучните индикатори се проблемите во сферата на меѓуетничките односи.

Но, ако инцидентите како оној меѓу „комитите” и жителите на Нерези или проблемите при секој упис во атрактивните средни училишта, тепачките по училиштата на ученици од различни етнички заедници… станаа веќе вообичаена работа која не не’ вознемирува премногу, појавите како селекцијата на капачите во скопскиот базен Бисер на етничка основа по легитимирање(!?) можат да се третираат и како „нормален” развој на работите. Но, одвојувањето на ромските деца во посебни паралелки и училишта бидејќи тоа им е по волја на родителите на малите Македончиња е нешто повеќе и веќе „мириса” на дискриминација по етничка основа, дури и расизам. Уште повеќе загрижува писмото на загриженост кое деновиве има намера на кочанскиот градоначалник да му го упати European Roma Rights Centre од Будимпешта, и бара од нас дa бидеме ко-потписници, поради наводното насилно бркање од куќите на 18 семејства од ромската населба на 12,13 и 14 август при што нивните куќи биле демолирани. Во писмото, кое се повикува на локален монитор на Центарот, се тврди дека станува збор за 76 лица од кои најмалку 8 со возраст под 15 години.

Ромите, речи си секаде каде што живеат наидуваат на многу поголеми проблеми (читај неправди, непочитување на елементарни човекови права) од останатата популација. Сметајќи ги посочените примери како крајно сериозни Хелсиншкиот комитет ќе спроведе мисија на утврдување на фактите за двата случаи и се надева дека резултатите ќе и ги предочи на јавноста во што е можно пократок рок.

1.2. Заканите за јавно искажаниот збор се пожестоки

Новинарот Бранко Героски излезе во јавноста со информациите дека на мобилен телефон преку СМС пораки добивал закани. Не по прв пат, но овој пат заканите се однесуваат и на неговите деца. Затоа случајот го пријавил во полиција посочувајќи и на фактот дека заканите се упатени од познати броеви на телефони (на корисници од категоријата ВИП). Но, МВР се уште не се огласи по повод оваа пријава на Героски иако се чини лесно е да се утврди дали корисниците на броевите од кои се пратени пораките до Героски се замешани во праќањето на заканите или не. Геровски посочи и на јавно искажани навреди во гледана емисија на МРТВ на сметка на неговата сопруга.

За закани од овој тип на нивна сметка јавно информираа и колумнистите Жарко Трајановски и Ирена Цветковиќ. Со таа разлика што во нивниот случај за закани се користени можности кои ги пружа интернетот (блогови, интернет страници, коментари на нивните колумни…).

Заканите кон оние кои се огласуваат критички во јавноста не се ништо ново. Но, во наведените примери се оди чекор понапред од досегашната практика на споменувања имиња (дури и на членови на исто семејство – кои или се бават со истата професија или пак единствена вина им е што се во сродство со оние чие пишување на некои не им се допаѓа) што претставуваше еден вид заобиколно праќање пораки – заканите се сега крајно експлицитни („Македонија не заборава, ВМРО не простува. Предавството на Македонија се плаќа во крв, а ти ја (предаде) Македонија.”, „Правда за дотичната, или пиштол или кама нека одбере самата”, „Ова госпоѓа треба на плоштад да се пали” – наведуваме само дел од изнесените закани на сметка на Ирена Цветковиќ).

И трите автори кои во оваа прилика ги издвојуваме се познати по својот јасен критички однос кон актуелната власт изразен на цивилизиран и елоквентен начин. Не е тешко да се претпостави дека заканите упатени кон нив се пред се со намера овие „незгодни” автори да се замолчат. За тоа колку е залудни ваквите обиди, дури и во далеку помоќни авторитарни режими од овој нашиов, непотребно е да се трошат зборови. Но, вистина е и тоа дека заканите не секогаш останувале вербални, та затоа треба секогаш серозно да се сфаќаат, пред се од оние кои се надлежни за наоѓање и изведување пред суд на сторителите на вакви кривични дела. Развлекувањето на „истрагите”, свртувањето на вниманието на друга страна и слични добро познати „решенија” нема да и донесат ништо добро на државата – ваквите случаи по дефиниција и се враќаат во извештаите на познати меѓународни организации и институции кои се бават со ваква проблематика.

1.3. Министерот Маневски „мува не го лази”

На крајот на јуни Хелсиншкиот комитет врз основа на документ, чија автентичност ја провери, побара заминување на Министерот за правда Михајло Маневски, покрај другото и врз основа на изјавата на самиот Маневски во медиуми по избивањето на скандалот во која тој признава дека зел и плата и пензија за јануари 2009 година. Сметавме и сметаме дека огрешувајќи се од законот Маневски целосно го изгуби политичкиот кредибилитет како Министер за правда да се грижи за владеењето на правото како основна гаранција за заштита на човековите права и слободи во Република Македонија, дека и во сфера каква што е политиката во држава како нашата постои етички минимум под кој не се може.

Додатни аргументи за губењето на кредибилитетот на Маневски за вршење на функцијата беа серијата гафови на Маневски во јавноста со кои тој покажа дека нема чувство за потребата од правосудство независно од дневната политика, што е основна цел на реформите на правосудството во кои главна улога има токму министерството што тој го води.

По неколкудневно натегање во јавноста, владините служби и онаа на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување излегоа со „соломонско” решение – грешката е кај нив, а не кај министерот. Иако станува збор за лична обврска и одговорност на граѓанинот Маневски да го почитува законот според кој не може да зема и пензија и плата во исто време. И додека Јавното обвинителство и Антикорупциската комисија се’ уште работат на прибирање дополнителни докази околу скандалот со примањето плата и пензија, (откако ќе се добие потребната документација, ќе се утврдува дали тој има одговорност во случајот со незаконското примање плата и пензија цели четири месеци), министерот го стигна нова афера стара 20 години – шпекулациите со узурпираното земјиште до неговата куќа во Општина Бутел!

Според дневникот Вест „Најголема реформа на судството ќе биде смената на министерот за правда Михајло Маневски, го убедувале премиерот Груевски западни дипломати, опоменувајќи го дека најкатастрофален ќе биде извештајот на Европската комисија токму за состојбите во судството” Но, и покрај се Маневски „мува не го лази”. Затоа пак законите што ги носи парламентот и реформата на правосудството се такви какви што се – слика и прилика на Министерот за правда.

1.4. Правото на приватност низ медиумите

Во текот на последните неколку месеци преку медиумите (пишани и електронски) се известуваше за неколку случаи поврзани со правото на приватност од различен аспект. Една од репортажите беше снимањето на малото девојче на кое му беа потребни финансиски средства за операција, друг пример беше сликањето на дете како држи огнено оружје на прославата по повод Денот на Армијата на РМ.

Заедничко за овие известување е користењето на децата во насока на создавање на “сензационални вести”, без да се имаат предвид правата на децата.

Медиумите можат да направат многу за децата, но тоа треба да го прават на многу внимателен начин и да не забораваат дека идентитетот на детето не треба да биде откриен, не треба да се кажува целото негово име и презиме или да се покажуваат снимки и фотографии од децата, со цел да се заштитат децата од самоволно или незаконско мешање во неговиот приватен и семеен живот[1].

Иако Република Македонија долги години ја има ратификувано Конвенцијата за правата на децата, очигледно е дека истата не се почитува во целост и се заборава на чл.3 според кој „Во сите активности кои се однесуваат на децата, од примарно значење се интересите на детето “.

Кодексот на новинарите на Македонија предвидува дека новинарот не смее да интервјуира или да фотографира деца под 16 години без согласност од родителите или старателите, освен ако тоа не е во согласност со правата на детето и дека новинарот нема свесно да создава, ниту да преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи.

Сепак, при евентуална повреда на правата од страна на новинарите, истата многу слабо или воопшто не се санкционира. Иако во Законот за радиодифузија е предвидено дека радио и телевизиските програми се темелат врз принципот на негување и развој на хуманите и морални вредности на човекот и заштита на приватноста и достоинството на личноста, при евентуална повреда не се определени одредени санкции за сторителите.

За жал, неетичкото и непрофесионално новинарско известување кое длабоко навлегува во правото на приватност и достоинство на личноста ги засега и сите останати граѓани.

Имено, изминативе месеци бевме сведоци на известување од трагични сообраќајни несреќи проследени со снимки кои се вртеа и по неколку пати на телевизиите. Истите содржеа снимки од пренос на телата на починати во несреќата, за својата кулминација да ја достигнат со прикажување на слики како надлежните со лопати ги собираат остатоците од изгорените тела на жртви во сообраќајна незгода.

Хелсиншкиот Комитет потсетува дека во континуитет укажува на повреда на правото на приватност при прикажувањето на снимки од приведување на осомничени лица, несоодветното известување за случајот на новинарот Таневски и слични случаи.

Сепак, може да се заклучи дека не се само медиумите оние кои го повредуваат правото на приватност и заштита на личниот дигнитет на личноста, туку целиот систем креиран за обезбедување на овие права потфрла во својата задача.

Имено, до Хелсиншкиот Комитет се обратија студентите од архитектонскиот факултет од здружението Архибригада кои се обидоа да го изнесат својот став за изградба на црква на плоштад.

Тие наоѓајќи се засегнати од фактот што еден ТВ медиум при пренесување на веста ги објавил нивните лични податоци во смисла на презиме, име и мобилни телефонски броеви се обратиле до Дирекцијата за заштита на лични податоци барајќи заштита.

Од Дирекцијата по испитување на случајот донеле Решение со кое се уважува барањето на подносителите на претставката за утврдување на повреда на право на заштита на лични податоци, сторена од страна на односната телевизија а поради неовластено објавување на нивните лични податоци. Понатаму во образложението на решението, Дирекцијата по изведувањето на доказите утврдува дека предметната телевизија со објавувањето на веста извршила “директна идентификација на подносителите и на тој начин постапила спротивно на член 5[2] од Законот за заштита на лични податоци.”

Но, она што забележително отсуствува во Решението е известување за тоа кои мерки ќе ги преземе Дирекцијата за санкционирање на направената повреда. Законот за заштита на лични податоци а особено со неговата измена и дополнување дава широки надлежности на Дирекцијата во извршувањето на нејзината контролна функција. Таа може да издава забрана за понатамошна обработка на лични податоци[3], да врши инспекциски надзор и поведува прекршочна постапка, изрекува казни, издава задолженија да се отстранат повредите и слично, но во случајот истата се осврнала само на констатација дека е сторена повреда?!

Во сите гореспоменати случаи и слични на нив, забележително е и отсуството на реакција од страна на Советот за радиодифузија кој исто така има ингеренции во оваа сфера како и пасивноста на Здружението на новинари кое неодамна се огласи со реакција во однос на известувањето за споменатата сообраќајна незгода.

Иако се за поздравување последните чекори на медиумите кога при известувањето за приведените осомничени лица истите беа со затемнети ликови, Комитетот потсетува дека таквиот однос е потребен за сите случаи кои засегаат во приватноста и достоинството на личноста.

Хелсиншкиот Комитет апелира до сите субјекти кои располагаат со лични податоци со својот професионален однос да го почитуваат правото на приватност и достоинство на личноста како и до надзорните органи за поефикасно извршување на својата надлежност како би се подигнало нивото на заштита на човековите права во нашето општество.

1.5. Конфузијата поради одлучноста по секоја цена да се воведе Веронаука без разлика под кој назив

Хелсиншкиот комитет за човекови права во минатиот месечен извештај напомена дека во врска со најавите за воведување нов изборен предмет во основното образование на местото на Веронауката се обрати со писмен допис до Бирото за развој на образованието, на кој допис добивме одговор.

Одговорот на Бирото за развој на образованието е само уште една потврда дека Министерството за образование и наука нема реална стратегија за развој на образованието, особено за овој проект. Ваквиот заклучок неспорно произлегува од неможноста за справување и прифаќање на различните мислења, особено од конфузијата која настана во образованието поради одлучноста по секоја цена да се воведе Веронаука без разлика под кој назив.

Во одговорот се вели дека со задржување само на наставниот предмет Запознавање на религиите се нарушил концептот на изборност, бидејќи на учениците треба да им се понудат најмалку два предмета од кои секој ученик треба да направи избор согласно интересот и способностите и во согласност со родителите; дека биле одржани повеќе тематски расправи во повеќе општини во кои зеле учество сите основни училишта во РМ, претставници на родителите на учениците, училишните педагози и психолози и други заинтересирани граѓани каде била согледана потребата во основното образование да се понудат содржини од областа на религиите и етиката; дека веќе е утврден профилот на наставниот кадар за изведување на наставата, за кој по изборот на јавен конкурс ќе бидат организирани стручни семинари за планирање и реализација на наставата.

Зачудувачки, но како Бирото за развој на образованието смета дека концептот на изборност се запазува со воведување два изборни предмети од иста тематска област, каде практично децата во согласност со родителите не би можеле да пројават интерес различен од понудениот – религија со два различни назива. И повторно без образложен концепт дали станува збор за еден единствен предмет кој сумарно би ги опфаќал петте наставни теми или пак Етика во религиите, но за секоја засебно?!

Понатаму, во кои општини и кога се организирани споменатите тематски расправи? Дали на истите биле поканети да земат учество стручни лица од различни профили, како и претставници на невладини организации? Одговорот не ни е познат, со оглед на тоа дека не сме слушнале за одржување на расправа од таков вид, од каде произлегува сомнението за истото.

Повеќе изненадувачки, како резултат на севкупната неподготвеност на МОН, во дневните печатени медиуми релевантни претставници на верските заедници изјавија дека или Етика на религиите ќе се воведе како што треба и ќе ја предаваат теолози или воопшто нема да почне. Уште повеќе, тие нема да отстапеле од барањето теолози да го предаваат предметот, а годинава нека се дообразуваат, па потоа нека се воведува Етика на религии. Набрзо потоа следеше изјава на Министерот за образование и наука дека новиот изборен предмет нема да се воведе оваа учебна година во основните училишта. Имено, потребен бил дополнителен период од една година, за кој период стручњаците ќе направат потребни измени во законот за да може, конечно, без контроверзии веронауката да се најде на клупите во основните училишта. Особено, во овој период да се изнајде решение околу прашањето кој ќе го предава овој предмет.

Па се поставува прашањето како е можно еднаш да биде утврден профилот на наставниот кадар, па потоа да нема решение за овој проблем? Или можеби влијанието на верските заедници е премногу големо во смисла и на одлучување и избор по ова прашање, така што целиот процес се запира додека надлежните и ненадлежните не се договорат околу спорните прашања. При тоа да не заборавиме дека во Законот за основно образование почнувајќи од член 77 постои цела глава со наслов Наставници, стручни соработници и воспитувачи кои подробно го регулираат и прашањето за избор и засновање работен однос во основните училишта.

Неможноста, одложувањето на проектот да се разбере како конечно зафаќање со изработка на исцрпна и реална стратегија, произлезе и од промовирање на веронауката преку многуминутни ТВ реклами, спротивно на Одлуката на Уставниот суд. Што секако го отвора и прашањето за досега сторените трошоци. Дали временото спроведување на веронауката, трошоците за јавните конкурси за избор, рекламирањето и сите останати следствени активности за кои секако биле неопходни средства од Буџетот, повторно ќе бидат на штета на интересите на децата? А сето тоа од причина што непотребни чекори се преземаат без потребните анализи…

1.6. Масовни отпуштања на просветните работници

Учебната година започна, но наместо истата да биде проследена со радосни моменти, таа беше одбележана со бројни скандали. Прво, во дневните медиуми одекна скандалот за дополнителните паралелки во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов” и пазарењето меѓу родителите и Министерството за образование и наука.

Но, она што навистина ги загрижи сите се случувањата на масовни отпуштања на просветните работници во основните и средните училишта ширум Републикава. На стартот на учебната година, одекнаа информации за делење на отказни решенија и не трансформација на договорите од определено на неопределено време. Бројни беа сведочењата на наставници чии што работен однос на определено време престанал, а на нивното место биле вработени нестручни лица без положен стручен испит. Истите тврдеа дека овие случувања се со партиска позадина. Во јавноста постојано се шпекулираше за точниот број на просветни работници кои добиле отказни решенија.

Проблемите во образованието кулминираа и со физичка пресметка во гостиварското училиште „Прпарими”.

Хелсиншкиот Комитет во континуитет ги следи случувањата во образованието а во неколку наврати укажуваше на негативните последици од партизација на образовниот процес.

Законот за работни односи децидно го решава ова прашање, односно предвидува трансформација на работниот однос заснован врз договор на определено време во работен однос на неопределено време, доколку работникот продолжи да работи по истекот на рокот, 5 години, предвиден со самиот Закон. Но, очигледно е дека ваквата законска формулација е искористена и злоупотребена од страна на надлежните органи, кои ги поделиле отказните решенија пред исполнувањето на законскиот рок.

Медиумите известуваа и за просветни работници кои својот работен ангажман го извршувале врз основа на „Договор за дело”. Иако Комитетот неколкупати наспоменуваше дека регулирањето на работниот однос со „Договор за дело”[4] не е согласно Законот за работни односи, очигледно е дека оваа практика и понатаму се применува.

Друг проблем кој се провлекува во образовниот процес е присуството на притисоци од страна на политичките партии. Подолго време во образованието отсуствува оцена на квалитетот и стручноста на просветните работници односно се поголема важност им се даваат на другите „предиспозиции” на кандидатот, притоа не размислувајќи сериозно за последиците кои би настанале поради не компетенциите на наставничкиот кадар.

Во целиот процес најзбунувачки е фактот што Министерството за образование и наука буквално се иззема од одговорноста и вината ја префрла на локалните власти, притоа не земајќи ги во предвид своите законски надлежности[5].

Од друга страна пак нејасно е дали локалните власти се оние кои си поигруваат со законските одредби или пак истите своите одлуки ги донеле во соработка со Централната Власт – МОН, како што предвидува Законот за локална самоуправа[6].

Хаосот во образованието, каде просветните работници од една страна бараат некој да ги заштити нивните права и законот да биде испочитуван, се продлабочува и со пасивноста на СОНК и надлежните институции од друга страна.

Хелсиншкиот Комитет изразува загрижување поради практиката на масовите отпуштања во речиси сите училишта кои иницираат на партизација на образовниот процес, случаи во кои надлежните органи не ги спроведуваат Законските одредби на дело а сето тоа ги доведува во прашање правата на просветните работници.

Комитетот апелира до надлежните институции да ги преземат сите неопходни мерки кои се во нивна надлежност за решавање на проблемот, односно својот фокус да го насочат кон подигнување на квалитетот на образованите услуги со вработување на стручен кадар, од кој бенефит ќе почувствуваат самите ученици.

II. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ

2.1. Се практикува ли ограничувањето на слободата во случајот на Авдил Метај?

Правото на слобода на личноста подразбира физичка слобода на лицето и ова право во демократското општество има за цел да обезбеди на никого да не му се одземе слободата на ‘произволен начин.’ Иако правото на слобода не е апсолутно право, лицето може да биде лишено од слобода само врз законски основи, а законските основи мораат да бидат во согласност со прифатените европски стандарди. Дали е тоа така и во случајот на Авдил Метај?

Имено, Авдил Метај кој е македонски државјанин, а од 1990 година живее и работи во Кралството Шведска, на 16 јули 2007 година пристигнал во Македонија во посета на неговото потесно семејство. На влезот во Македонија од страна на овластените лица на Министерството за внатрешни работи, бил приведен на самата граница со цел да преземе процесно дејствие препознавање на лица под претпоставка дека е извршител на кривично дело Обид за Убиство кој се случил на 9 јуни во Скопје.

Препознавањето започнало истиот ден на 16 јули 2007 година во 11 и 30 часот во полициска станица со присуство на овластено службено лице и оштетениот, а завршило во 14 и 45 часот истиот ден. Според записникот за препознавање, а кој е составен дел на кривичниот предмет К.бр.2593/09 на Основниот Суд Скопје I Скопје, оштетениот како лице кое го вршело препознавањето не препознал ни едно од лицата кои му беа покажани вклучувајќи го и Авдил Метај, а за кои се сметало дека се лица кои пукале на него.

Авдил Метај потоа бил ослободен од полициската станица и без никакво ограничување се движел и излегувал од Македонија. После завршување на својот годишен одмор во 2007 се вратил и продолжил да живее и работи во Кралството Шведска.

На 2 јули 2009 година повторно на Авдил Метај при влез во Македонија, за истото кривично дело му е ограничена слободата, но сега му е определена мерка притвор од 30 дена врз основа на Решение XИИ КИ бр. 1467/07 на истражен судија од 13 септември 2007 година.

Причинско – последична врска меѓу лишувањето од слобода на 16 јули 2007 година и притворањето на 2 јули 2009 година е иста, и се работи за сосема истото кривично дело за кое веќе е превземено процесно дејствие препознавање и е утврдено дека лицето Авдил Метај не е извршител. Но, сепак Авдил Метај е се уште во притвор!

Разгледувајќи го прашањето дали постојат околности кои ја загрозуваат слободата на Авдил Метај, Хелсиншкиот Комитет тргнува од прашањето: Дали мерката притвор во овој случај е основана и нејзиното исполнување е неминовно потребно и дали околностите се такви што ниту еден друг начин на осигурување на нејзиното исполнување е разумно изводливо?

Хелсиншкиот комитет смета дека во наведениов случај не се прави разлика помеѓу веќе утврдени факти и превземени дејствија, важноста на правото на слобода и изречената мерка притвор. Воедно и апелира до македонските власти за експедитивно и без било какво и да е одлагање или доцнење, да осигурат итно разрешување на овај случај со оглед на тоа што се работи за ‘право на слобода’.

Хелсиншкиот комитет од страна на странките беше известен дека конечно обвинителството увидело дека во конкретниот случај нема место за прогон, ниту пак дека имало потреба од предлагање на мерката притвор при што го повлекло обвинението против Метај. Судот истото со Пресуда го потврдило, односно го одбило обвинението.

Во конкретниот случај уште еднаш се потврди апсурдноста и непотребноста на определувањето на мерката притвор, кое судските органи пречесто како од ракав ја определуваат без притоа законски да ја образложат и да ја увидат потребноста на истата, а паричните последици ги плаќаат граѓаните на државата!

Хелсиншкиот комитет ја упати странката да поведе постапка за надомест на штета за времетраењето на мерката притвор кој очигледно беше неоснован и непотребен.

2.2. Што е многу, многу е! – случај Севдаиљ Ѓуреци

На 3 јули 2007 година во населбата Ѓорче Петров, Севдаиљ Ѓуреци бил вербално и телесно нападнат од лице вработено во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија. По барање на лицето вработено во МВР, странката застанала со возилото, а осомничениот кој се легитимирал како припадник на специјалните единици при МВР-Алфи вперил пиштол во него и почнал да му нанесува повреди мавајќи го по главата со кундакот од пиштолот, а потоа и со тупаници и клоци по целото тело. Подоцна, лицето вработено во МВР било идентификувано како граничен полицаец.

Од медицинската документација на Севдаиљ Ѓуреци, видливо е дека претрпел повреди во главата, потрес на мозокот и на телото, односно отоци во пределот на носот, вилицата, абдоменот, градниот кош и белите дробови. Ѓуреци бил испишан од Клинички центар на 5.7.2007 година.

Според вака поставената фактичка состојба, постојат сериозни индиции дека припадникот на МВР ги злоупотребил своите овластувања надвор од вршењето на должноста и постапил спротивно на правната регулатива, на начин што идентификувајќи се себеси како службено лице и употребувајќи го службениот пиштол се претпоставува дека извршил малтретирање, насилство со нанесување телесни повреди, загрозување со опасно орудие при тепачка или караница со што ја загрозил сигурноста на останатите присутни лица.

Хелсиншкиот комитет се обрати до Полициската станица во Ѓорче Петров каде бил пријавен случајот и до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди. Од страна на Секторот ни беше доставен одговор бр.11.3-1108/4 од 6 Август 2007 година со кој не известуваат дека против сторителот, односно овластеното службено лице е поднесена кривична пријава за кривично дело “Насилство” по член 386 од Кривичниот законик на РМ, и поднесен е предлог до Комисијата за отказ за покренување постапка за утврдување на одговорност.

Хелсиншкиот Комитет по добивањето на одговорот во 2007 год. известуваше за овој случај и го наведе како позитивен пример каде Министерството за внатрешни работи експедитивно и презема законски дејствија против сторителот.

За жал 2 години подоцна истиот овој случај се уште стои на истото место. Јавниот обвинител ниту има поведено кривична постапка, ниту ја има отфрлено кривичната пријава.

На барањето на Хелсиншкиот Комитет во однос на добивање информации за постапката, од страна на Основното јавно обвинителство на 28 јули 2009 год. добиен е одговор дека од страна на обвинителството било поднесено барање за спроведување истрага на 5 септември 2007 год., а на 18 март 2008 година бил поднесен предлог за дополнување на истрагата.

Имајќи предвид дека се поминати точно 2 години од поднесеното Барање за спроведување на истрага, Хелсиншкиот Комитет јавно апелира до обвинителството и судот за поефикасна работа во однос на предметот. Сметаме дека рокот од 2 години колку што се работи на овој предмет е сосема недопуштен и претставува повреда на правата на оштетениот.

III. ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА

3.1. Обесправеноста на професионални војници во АРМ

Во изминатиот период Хелсиншкиот Комитет беше запознат со состојбата на професионалните војници во АРМ која произлегува од регулативата за нивното вработување определено со Законот за служба во армијата.

Имено, согласно истиот закон[7] професионалните војници се вработуваат во АРМ со склучување на Договор за вработување со Министерството за одбрана за времетраење од три години, кој во зависност од покажаните резултати може да се продолжи најмногу уште три пати. Со ваквата законска одредба вработувањето на професионалните војници однапред се ограничува на времетраење од најмногу 12 години без разлика на остварените резултати или професионалната подготвеност.

Без сомнение ваквото решение е директно спротивно на Законот за работни односи според кој Договор за вработување може да се склучи на определено време со прекин или без прекин до пет години, но доколку работникот продолжи да работи по истекот на тој рок работниот однос се трансформира во работен однос на неопределено време, а не како во случајот 12 години работа со договор на определено и потоа престан на работниот однос.

За жал, ова не е единственото ограничување на работниот однос на професионалните војници. Тие, согласно Законот за служба во армијата[8] доколку имаат склучено договор за работа продолжуваат со службата до истекот на договорот со можност за негово продолжување до навршување на 38 години, по што им престанува работниот однос.

Од ваквата регулатива очигледна е нееднаквата положба на професионалните војници во однос на другите работници, што се дефинира како дискриминација по основ на возраст.

Не е потребно да се нагласува дека дискриминација на работно место како директна така и индиректна по било кој основ (меѓу кои спаѓа и возраста) е експлицитно забранета и со Законот за работни односи кој пак се темели на член 14 и протокол 12 од Европската Конвенција за човекови права, како и на сите базични документи за човековите права.

Меѓутоа имајќи ги во предвид карактеристиките и особеностите на работното место – професионален војник во армија, може да се прифати дека ваквата дискриминација е оправдана затоа што е опфатена со исклучокот кој се дефинира согласно посебните барања, услови и цели на одредени професии. Ваквите исклучоци освен во Законот за работни односи[9] се применети и во Конвенцијата против дискриминација на работно место на Светската организација на трудот[10] и особено во Директивата на Европска Унија за рамноправен третман при вработувањето[11].

Сепак, она што не е прифатливо е начинот на кој е регулиран работниот однос на професионалните војници откако ќе наполнат 38 години или уште позачудувачки откако ќе отслужат 12 години дури иако се помлади од 38години?! во кој случај тие остануваат без работа.

Потсетуваме дека според Уставот Република Македонија е социјална држава која се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност, па во случај на дозволена дискриминација на вработени во Армијата и тоа поради специфични барања на професијата која е во служба на безбедноста на државата и на сите граѓани кои живеат во неа, сметаме дека истата држава најмалку што може да направи е да ја исполни уставната обврска и да го обезбеди социјалниот статус на професионалните војници.

Дотолку повеќе што и самиот Закон за работни односи предвидува обврска за работодавачот за стручно оспособување обука, преквалификација или доквалификација за работа кај истиот или кај друг работодавач пред прекинување на договор за вработување.

Од овие причини, Хелсиншкиот Комитет укажува на потребата од итна измена на Законот за служба во армијата и решавање на статусот на професионалните војници со нивна преквалификација и распоредување на друго работно место по престанување на условите за работа како професионални војници.

3.2. Голготи на граѓаните во управните постапки

– Случај Мирче Горанчиќ, Скопје

И во претходниот месечен извештај Хелсиншкиот комитет посочи случај на долгогодишната преписка со државните органи и жртва на непочитување на законските одредби на управната постапка од страна на службените лица, при што посочи дека во следните извештаи попродлабочено и поединечно ќе ги изнесе во јавноста.

Согласно член 1 од Закон за општа управна постапка предвидено е дека според истиот закон се должни да постапуваат министерствата, другите органи на државната управа, организации утврдени со закон и други државни органи, кога во управните работи, непосредно применувајќи ги прописите решаваат за правата, обврските или правните интереси на физички лица, правни лица или на други странки (во натамошниот текст: странки).

Со член 15 став 1 од истиот закон предвидено е дека против решение донесено од прв степен странката има право на жалба. Истото право е и уставно загарантирана категорија, стипулирано во член 15[12] од Уставот на Република Македонија.

Господинот Мирче Горанчиќ (во натамошниот текст барателот) од Скопје преку поднесено писмено барање не извести дека на ден 11 јули 2008 година вложил жалба до Агенција за вработување на РМ – Центар за вработување на град Скопје, за кое нешто како доказ го има и архивскиот број под кој е заведена примената жалба. И покрај временскиот период од скоро девет месеци барателот не добил повратен одговор од страна на државниот орган.

На 31 Март 2009 година Хелсиншкиот комитет упати допис до Центарот за вработување на град Скопје и побара да биде известен дали наводите на барателот се точни, доколку истите се точни тогаш кои се причините поради кои и после протокот на временскиот период од неколку месеци се уште државниот орган се нема произнесено по вложената жалба, а притоа имајќи го предвид членот 247 став 1[13] од Законот за општа управна постапка (каде е предвиден дециден рок од два месеци за донесување на решение по жалба).

На 18 мај 2009 година добиен е одговор со кој не известуваат за податоци кои воопшто и не беа побарани од наша страна, односно дека барателот бил избришан од редовната евиденција поради ненавремено пријавување од негова страна. Воедно бевме известени дека мерката забрана на барателот му истекувало заклучно со 31 мај 2009 година, а од 1.6.2009 година истиот можел да се пријави на редовна евиденција во Центарот за вработување на град Скопје, како невработено лице.

Но, со добиениот допис Хелсиншкиот комитет сепак остана кус во одговорот во делот на жалбата. Заради истото, на ден 4 јуни 2009 година повторно е упатен допис до надлежниот раководител на Центарот и е побарано да бидеме известени дали по вложената жалба[14] е постапено или се уште по истата не е постапено. Ако по вложената жалба било постапено, тогаш да бидеме известени за причините поради кои барателот не бил известен и не му било доставено одлуката по истото.

На ден 7 јули 2009 година од страна на Центарот добиен е повратен одговор со кој не известуваат дека не располагаат со копија од вложената жалба и од нас е побарано да доколку располагаме да им доставиме копија од Решението и примерок од жалбата се со цел да постапат, да ја утврдат правата состојба и благовремено би не известиле за преземеното по истото.

Хелсиншкиот комитет останувајќи зачуден од добиените одговори бара да надлежните во Центарот за вработување на град Скопје по службена должност извршат внатрешна контрола и надзор се со цел да се најде вложената жалба, која очигледно е дека е примена во установата, бидејќи постои архивски број со печат и штембил на установата и истата не може туку така да се изгуби од просториите на Центарот, а воедно да се казни службеното лице кој ја изгубил истата.

Воедно повторно ја повикуваме и државната управна инспекција да согласно член 2, 9 и 11 од Законот за управна инспекција изврши надзор и увид за примената на законските одредби за управната постапка и во зависност од констатираното да преземе законски мерки, да поднесе кривични пријави, барања за поведување на прекршочна постапка или иницијатива за покренување на дисциплинска постапка против службените лица или вработените.

——————————————————————————–

[1] Чл.16 – Конвенција за правата на детето

[2] Член 5, Законот за заштита на лични податоци

Личните податоци се: – обработуваат во согласност со закон; собираат за конкретни, јасни и со закон утврдени цели и се обработуваат на начин што е во согласност со тие цели. Натамошната обработка на податоците за цели на историски, научни или статистички истражувања нема да се смета дека не е во согласност со првичните цели за собирање на податоците доколку се превземени соодветни заштитни мерки во согласност со закон; соодветни, релевантни и не преобемни во однос на целите заради кои се собираат и обработуваат; точни, целосни и ажурирани, при што ќе се избришат или корегираат податоците што се неточни или нецелосни, имајќи ги предвид целите заради кои биле собрани или обработени… За квалитетот на личните податоци согласно со ставот 1 на овој член е одговорен контролорот.

[3] Член 41, Законот за заштита на лични податоци

[4] Закон за облигациони односи член 619

[5] Закон за организација и работа на органите на државната управа чл. 23

„(1) Министерството за образование и наука ги врши работите што се однесуваат на:

– воспитанието и образованието од сите видови и степени;

– организацијата, финансирањето, развојот и унапредувањето на воспитанието, образованието и науката;

-надзорот од негова надлежност…..

[6] Закон за локална самоуправа член 22 ст.1 точ.8 „Образование – основање, финансирање и администрирање на основни и средни училишта, во соработка со централната власт…..”

[7] Член 35, Закон за служба во армијата

Со професионалните војници на служба во Армијата, Министерството за одбрана склучува договор за работа. Договорот за работа со професионалните војници се склучува за времетраење од три години.

Во зависност од покажаните резултати и потребите на соодветниот род, односно служба, договорот за работа со професионалните војници може да се продолжи најмногу уште три пати.

[8] Член 259 а, Закон за служба во армијата, Сл.весник на РМ бр.134 од 06.011.2007

[9] Член 8, Исклучоци од забрана на дискриминација од Закон за работни односи

[10] Ц111 Конвенцијата против дискриминација на работно место од 1958

[11] Директива 2000/78/ЕЗ од 27 Ноември 2000

[12] Член 15 – Устав на Република Македонија

Се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

[13] Рок за донесување решение по жалба – Член 247

Решение по жалбата мора да се донесе и да и се достави на странката штом е тоа можно, а најдоцна во рок од два месеца сметајќи од денот на предавањето на жалбата, ако со посебен пропис не е определен пократок рок.

[14] Примена на 11 Јули 2008 година, видно од архивскиот број 03-1811/2001