Месечен извештај (февруари 2010)

март 10, 2010

1. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

1.1. Изложувањето на „столбот на срамот“ и натаму зема замав

1.2. Предлог- закон за здруженија и фондации

1.3. Ефикасното не спроведување на законите за правата на пациентите го загрозуваат нивното право на живот!

1.4. Дискриминацијата на правата од вероисповед и уверување според Уставниот суд, не се во негова надлежност?!

1.5. Правната манипулација со решенијата за плаќање на радиодифузна такса

1.6. Случај Љубен Пауновски или одличен пример како судот наместо правда тера инает или се свети во нечие име!

2. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ

2.1. Правдата во случајот на разбојништво во Про-кредит банка.

2.2. Преседан во судската пракса. Случај на Борис Иштов Стоилков.

2.3. Противправно лишување од слобода. Случај Злате Трајковски од Скопје.

2.4. Не-”ефикасноста” на системот. Случај Златко Илиевски

3. ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА

3.1. Ограничување на правото на сопственост. Случај М.А. од Скопје.

—————————————————————————————

1. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

1.1. Изложувањето на „столбот на срамот“ и натаму зема замав

Министерството за транспорт и врски во дневен весник, во платен оглас објави имиња и презимиња, заедно со лични податоци на голем број граѓани казнети прекршочно според Законот за јавна чистота. Со овој оглас Министерството за транспорт и врски го прекрши Законот за заштита на личните податоци. Огласот може да се разбере и како директна порака/закана до граѓаните и обид за нивно дисциплинирање со недемократски мерки, кои потсетуваат на едно минато време.

Таргетирањето и изложувањето на „столбот на срамот“ има земено замав и со посочување на повеќе јавни личности и активисти од различни општествени движења како „предавници и шпиони“, во обид да се замолчи нивното несогласување со различни политики на владејачките структури. Ваквото јавно посочување ги прави овие луѓе ранливи и под висок ризик за насилство врз нив, и предизвикува чувство на страв и несигурност кај сите граѓани. Надвиснувањето на заканата за јавен линч ги сече во корен пројавите на плуралност во јавната мисла и дејствување и ја издигнува на пиедестал политичката коректност кон владејачката структура, поттикнува самоцензура и ги доведува во прашање основите на демократијата. Со сето ова нашето општество влегува во фаза на крајна хипокризија, која однатре ги разјадува механизмите на демократијата и слободата.

Однесувањето на државните институции во процесот на носење на Закон за спречување и заштита од дискриминација е уште еден пример кој ја отсликува ваквата атмосфера. Јавната дебата во Постојаната анкетна комисија за правата и слободите на граѓанинот ја потврдија увереноста на граѓанскиот сектор дека мнозинството во Собранието на РМ нема намера да работи на подобрување на несреќниот текст на Предлогот за закон од страна на Владата. На иницијатива на Хелсиншкиот Комитет на дебатата дојде и пратеничката од Европскиот Парламент и портпаролка на европските Зелени, Улрике Луначек. Но, и покрај укажувањата од нејзина страна, како и од страна на експертите и активистите за човекови права дека Предлогот не ги исполнува минимум стандардите и не обезбедува ефективна имплементација, мониторинг и заштита, дијалозите за жал останаа монолози. Во обид да се одвлече вниманието од суштинските недостатоци на овој законски предлог, се злоупотребија два основи (уверување и сексуална ориентација), односно нивното бришење ја пренасочи дебатата само кон нив. Со ова и самата постапка за носење на Закон за спречување и заштита од дискриминација стана дискриминирачка. Неверојатно е да се дебатира за брак и посвојување на деца од страна на хомосексуалците (материја која се регулира со Закон за семејство), наместо да се дебатира за независен механизам кој недостига во Предлог Законот за спречување и заштита од дискриминација, или зошто дел од законот не е и говорот на омраза (целосните Забелешки од Хелсиншкиот Комитет кон предлог Законот за спречување и заштита од дискриминација можете да ги најдете на https://www.mhc.org.mk). Најголеми жртви на ваквата спинувана постапка се ЛГБТ луѓето, како и оние кои немаат религиско или верско уверување. Овие маргинализирани групи се под постојан притисок и живеат во страв од крајно стигматизирачките дејствија од претставниците на државните институции.

Во сите овие процеси на удар се и бранителите на човекови права, а и со постојана тенденција за дискредитација и маргинализирање на граѓанските организации, што е директен обид за елиминирање на еден од најважните корективи на власта.

Посебно загрижувачки е говорот на омраза присутен во медиумите и јавните настапи на политичарите во однос на „азилантската криза“. Во обид да се прикрие нарушеното уставно право на социјална сигурност и да се прикрие сиромаштијата во која живеат граѓаните во државава, се стигматизираат албанската и ромската заедница како „виновници“ за проблемот со наплив од азиланти во Европската Унија. Скоро сите кои побарале азил како основа ја наведуваат економската истоштеност, сиромаштијата во која живеат. Тоа е вистинската причина за огромниот одлив на граѓани од Република Македонија. Досега Владата не презела ефикасни мерки за надминување на сиромаштијата во државава, а со тоа е одговорна за неможноста за уживање на правото на социјална сигурност, кое е загарантирано со Уставот. За покривање на овие нарушувања во уживањето на правата, се таргетираат две етнички заедници и туристичките агенции како единствени виновници за овој проблем, кој е закана за визната либерализација. Со ваквото претставување на проблемот се нанесува штета на напорите за градење на меѓусебна доверба и соживот меѓу граѓаните со различно етничко потекло и се покрива (не)функционирањето на државата во областа на социјалната заштита и сигурност.

Хелсиншкиот Комитет со жалење констатира дека сите овие дејствија ги влошуваат условите и атмосферата за остварување на човековите права во Република Македонија. Исто така континуирано се потхранува конфликтноста во меѓуетничките и меѓуконфесионалните односи. Говорот на омраза, таргетирањето на маргинализирани групи, бранители на човековите права и граѓански организации создава услови за зголемување на стигмата и насилството кон најранливите групи и граѓани, а со процесирање на нефункционален Закон за спречување и заштита од дискриминација, државата прави обид да ја одржи таквата атмосфера на страв, недоверба и конфликтност, која резултира со повлекување на граѓаните и откажување од одбрана на своите права.

1.2. Предлог- закон за здруженија и фондации

Во Уставот на Република Македонија во членот 20 се регулира правото на слободно здружување. Согласно овој член слободата на здружување Уставот ја утврдува на тој начин што ги означува целите на здружувањето кои се изразуваат преку остварување и заштита на политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања и се определуваат организационите облици на здружување во вид на здруженија и политички партии.

Во 1998 година беше донесен Законот за здруженијата на граѓани и фондациите – ЗЗГФ („Службен весник на РМ„ бр.31/98). Примената на ЗЗГФ во годините потоа покажа постоење на одредени недостатоци и се наметна потребата од донесување нов Закон за здруженија и фондации. Исто така, неопходно беше одредбите кои го регулираат делувањето на здруженијата на граѓани и фондации да се хармонизираат со регулативите и практиките на европско ниво.

Меѓутоа, уште на почетокот се појави проблемот со транспарентноста. Предлог законот беше подготвен без широко учество на невладиниот сектор (вклучувањето на две невладини организации не претставува широко учество на невладин сектор). Предлог законот стигна до НВО дури во февруари 2010 година кога веќе беше поминат на Влада на РМ и доставен до Собранието.

Тогаш за големо зачудување, претставниците на невладиниот сектор дознаа дека уште од 2007 година во работната група се вклучени и претставници од Граѓанската платформа на Македонија (ГПМ), во чие име учествувала Фондацијата Институт отворено општество Македонија (ФИООМ) и МЦМС.

Од предложениот текст на Законот за здруженија и фондации јасно произлегува намерата на предлагачот да ги стави здруженијата под своја контрола. Законот изобилува со обврски и казни за здруженијата и фондациите, но никаде не е понудено нешто што би ја подржало нивната работа.

Одредбите во законот во стилот “Организациите со статус од јавен интерес имаат даночните и царински олеснувања во согласност со закон “ не нудат никаква поддршка на здруженијата. Ниту е одреден видот на даночните и царински олеснувања, ниту рокот и законите со кои овие олеснувања ќе бидат регулирани.

Големите најави на Министерот за правда дека овој закон е полиберален и еве сега и малолетниците можат да основаат здруженија, не тера да го потсетиме Министерот за Конвенцијата за правата на детето, каде во членот 15 е предвидено правото на детето за слобода на здружување.

Одредбата од став 3 дека за основање на здружение од страна на малолетно лице е потребна заверена изјава на нотар за согласност за основање на здружение од нивниот законски застапник, за целите за кои се основа здружението, во согласност со закон е непотребна и е во спротивност на Конвенцијата за правата на детето. Со оглед на тоа дека и во член 19 е предвидено дека основачите се членови на здружението со еднакви права и одговорности како и другите членови на здружението, тие немаат дополнителни права и одговорности и нема никаква потреба од обременување на постапката со дополнителна заверка на изјави, доколку како основач се јавува малолетно лице.

Исто така, мораме да го потсетиме Министерот, а и сите оние кои сметаат дека овој закон е подобар од минатиот, дека во стариот закон, чл. 21, е предвидено дека: Член на здружение на граѓани може да биде секој граѓанин државјанин на Република Македонија, кој доброволно ќе пристапи кон здружението на начин утврден со статутот. Значи и малолетниците можеа без посебни ограничувања да членуваат во здружение, а сега со новиот “полиберален” закон малолетно лице со наполнети 14 години, а не наполнети 18 години возраст се зачленува во здружението со давање заверена изјава на нотар на неговиот законски застапник за зачленување во организацијата во согласност со закон. Наместо напредок, ова претставува чекор назад во сферата на заштита и уживање на правата на децата.

Уште неколку члена од Предлог законот кои мора да се избришат се оние кои се однесуваат на забрана на работа на организацијата и поведување постапка за забрана на работа на организациите.

Постапката за забрана на работа на организациите (правните лица) е веќе целосно уредена со Законот за кривична постапка и Кривичниот Законик. Членот 96-а (од Кривичниот законик кој е во моментов во сила) ги предвидува казните кои може да се изречат на правното лице за сторено кривично дело и во склоп на казните се веќе регулирани привремена забрана за вршење на одделна дејност, трајна забрана за вршење на одделна дејност и престанок на правното лице.

Уште повеќе овие казни се разработени во измените на Кривичниот законик[1] од 2009 година кои ќе стапат во сила во март 2010 година, па нема никаква потреба од дуплирање на овие законски одредби и во Законот за здруженија и фондации.

Хелсиншкиот Комитет подготви кратка анализа[2] на дел од членовите на Предлог законот за здруженија и фондации кои сметаме дека итно мора да се променат или избришат.

Очекуваме Министерството за правда како предлагач на законот да ги увиди пропустите, истиот да го повлече од собраниска процедура и квалитетно да го доработи.

1.3. Ефикасното не спроведување на законите за правата на пациентите го загрозуваат нивното право на живот.

Јавноста во Република Македонија за само два месеци беше потресена со смртта на три родилки во болницата во Прилеп и една во болницата во Гостивар, еден случај на клиниката во Скопје и уште којзнае колку за кои медиумите не стигнаа да известат.

Притоа освен уверување дека “ќе се испита случајот” од ниеден од надлежните не се доби одговор што е преземено откако бил испитан случајот и се утврдени причините за истиот. Дали е утврдена одговорност кај некој од раководните структури па истиот е сменет, или е утврдена лекарска грешка па е поведена постапка против одговорниот лекар или пак е утврдена состојба на недоволна хигиена и се преземени мерки за надминување на истата?! Но, ништо од ова не се случува се до наредниот случај за кој ќе известат медиумите и кој ќе “треба да се испитува”! Така кучињата лаат, караванот си врви а луѓе умираат!

Во Македонија постои Закон за заштита на правата на пациентите кој се занимава со уредување на прашањата за приватноста и доверливоста на податоците на пациентите, нивната информираност за болеста, нивната согласност за определени интервенции, правно советување со кадар од болницата, право на поднесување на претставки и поплаки но очигледно не е ни чудно што истиот не функционира кога пациентите не можат да си го остварат ни своето основно право на здравствена заштита во хумани услови!

Во време кога во сите современи демократии се водат дебати за изнаоѓање на решенија за подобрување на веќе унапредените права со нови технологии и анализи, во Република Македонија наместо да се дискутира за правото на здравствена заштита ќе треба да се дебатира за прашањето како да се заштити правото на живот кога ќе се влезе болница!

Хелсиншкиот Комитет е сериозно загрижен за погазувањето на најелементарните човекови права на здравствена заштита и непочитување на човековото достоинство и личност и апелира до надлежните за итно преземање на соодветни мерки за надминување на оваа состојба. Притоа останува да се надеваме дека случаите конечно ќе бидат испитани и ќе доведат до соодветна цел!

1.4. Дискриминацијата на правата од вероисповед и уверување според Уставниот суд, не се во негова надлежност?!

Широко распространето мислење во јавноста во Македонија е дека поради отсуство на системски закон за спречување и заштита од дискриминација, граѓаните немаат механизам како да се заштитат од појави од ваков тип, па така луѓето или не ја препознаваат дискриминацијата или ако ја препознаат јавно не ја пријавуваат водејќи се од убедувањето дека не постои начин како да се заштитат од истата.

Сепак, изгледа дека меѓу пошироката јавност се наоѓа и самиот Уставен Суд кој понесен од вака општо прифатената невистина заборава дека токму тој е надлежен и задолжен да ги штити граѓаните од дискриминација по определени основи.

Имено, членовите 16,19 и 20 од Уставот на РМ ги гарантираат правата на вероисповед како и правото на слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата. Во исто време, членот 110 од Уставот пропишува дека Уставниот Суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слобода на уверување, совеста, мислата и јавно изразување на мислата, политичко здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Оваа надлежност Уставниот суд треба да ја спроведе преку член 51 од неговиот Деловник според кој, “секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на РМ, може да бара заштита од Уставниот Суд во рок од два месеца од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен правен акт…”.

За жал повторно праксата го покажува спротивното. Имено, согласно претходно наведеното, претставници на Православната Охридска Архиепископија (ПОА) откако им е одбиено барањето за нивна регистрација од надлежните органи, до Уставниот Суд поднеле барање за заштита на слободата на уверување и вероисповед, кое е одбиено.

Во образложението на своето Решение Уставниот суд, помеѓу другото се произнесува “Уставниот Суд на Република Македонија нема надлежност да одлучува за права и интереси на граѓани по конкретни предмети од надлежност на управни и судски органи, ниту Уставниот Суд има надлежност да постапува како инстанционо повисок суд кој ќе ја цени уставноста и законитоста на одлуките на надлежните управни органи за да утврди дали постоеле повреди на членовите 16 и 19 од Уставот, а на што меѓу другото се однесуваат во случајов наводите во барањето на овој предмет.”

Ваквиот став на Уставниот Суд е потврден и во решение со кое се отфрла барањето на Олимпијада Мижимаковска за заштита на правата кои се однесуваат на слобода на уверување и забрана на дискриминација по основ на верска припадност, а кои смета дека и се повредени во правосилна судска одлука на Основниот и Апелациониот Суд во Скопје.

Како и претходно, Уставниот Суд се прогласува за ненадлежен за одлучување за правата на граѓанинот кои претходно биле предмет на судска постапка, занемарувајќи го фактот дека токму со судска одлука се регистрира една верска заедница за да може да практикува вера, притоа судската одлука претставува поединечен акт за кој зборува Уставот.

Сепак ова не ја спречува државата пред Судот во Стразбур да тврди дека овој механизам од Деловникот на Уставниот Суд претставува ефикасно правно средство со кое граѓаните можат да си обезбедат заштита на своите права. Имено, токму ваквото тврдење на Владата во случајот на Јован Вранишкоски пред Судот во Стразбур и пропуштањето на Апликантот претходно да го искористи ова правно средство е главната причина да се отфрли неговата Апликација од страна на Европскиот Суд за човекови права.

Меѓутоа, Уставниот суд истрајува во својата конзистентност за ненадлежност и спротивно на тврдењата на Владата, и со исто образложение како и претходно, донесува Решение со кое е одбиено барањето на Јован Вранишкоски за заштита на слободата на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Поради ваквото резонирање на Уставниот Суд на РМ кој иако според Уставот и Деловникот за работа е надлежен да одлучува при дискриминација и нарушување на правото на вероисповед од страна на државата, веќе во три предмети воопшто не се впушта во разгледување на фактите на случајот прогласувајќи се себе си за ненадлежен да одлучува, Хелсиншкиот Комитет до Европскиот Суд за човекови права поднесе Барање за ревизија на Пресудата на судот во предметот на Јован Вранишкоски.

Хелсиншкиот комитет искрено се надева дека ќе се разбие фамата дека во Македонија не постои механизам за заштита од дискриминација, а Уставниот Суд што поскоро ќе се препознае во својата уставна обврска и ќе почне да постапува по барањата на граѓаните за заштита на нивните со Уставот определени права.

1.5. Правната манипулација со решенијата за плаќање на радиодифузна такса

Хелсиншкиот комитет, како и повеќето правни лица и домаќинства во Република Македонија (без разлика дали неговите сопственици се живи или мртви) во текот на летниот период од ланската година добија решенија за плаќање на радиодифузна такса. Решенијата се донесени согласно Законот за радиодифузна дејност[3].

Во доставените решенија стои следната правна поука “Против решението може да се изјави Жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението на ова решение до Управниот одбор на ЈП МРТ.”

Хелсиншкиот комитет ја искористи законската рамка и во законски предвидениот рок поднесе жалба согласно правната поука до Управниот одбор на ЈП МРТ. Вложената жалба од страна на второстепениот орган со Решение беше одбиена како неоснована[4]. Во добиеното второстепено решение стои следната правна поука “Против ова Решение може да се поведе Управен спор пред Управниот суд на РМ, во рок од 30 дена од добивањето на Решението.”

Хелсиншкиот комитет ја искористи правната поука и поведе управен спор до Управниот суд на Република Македонија. Судот на седница одржана на ден 22.01.2010 година донела Решение со кое поведената тужба за управен спор ја отфрлил како недозволена[5].

Во образложението на донесеното решение се наведува следното:

– тужбата е недозволена и треба да се отфрли;

– во конкретниот случај станува збор за тужба поднесена од страна на тужителот за поништување на акт донесен од страна на Управниот одбор на МРТ во постапка по жалба против решение кое има карактер на извршна исправа;

– во конкретниот случај на решение што има карактер на извршна исправа од страна на МРТ дадено е право на жалба до Управен одбор на МРТ, кое право ниту во Законот за радиодифузна дејност, ниту во Измените на Законот е предвидено;

– од ниту една одредба од законот не произлегува дека Управниот одбор на МРТ има надлежност да одлучува по жалба, иако членот 138 од Законот два можност овој орган да врши и други работи утврдени со закон и со Статутот на МРТ, кој статут мора да биде во согласност со законот;

– во законот и измените не е предвидено ни право да се поведе управен спор против одлука донесена од страна на Управниот одбор на МРТ.

Хелсиншкиот комитет е зачуден од можноста за правната манипулација на кои се изложени граѓаните на Република Македонија. Со ваквата хронологија на настаните граѓаните од една страна имаат право да се жалаат, односно да поведат управна постапка), а од друга страна го немаат тоа право, затоа што не по своја вина (истите претходно добиле правна поука) произлегува дека ја згрешиле постапката.

1.6. Случај Љубен Пауновски или одличен пример како судот наместо правда тера инает или се свети во нечие име!

Во судската постапка на Г-нот Љубен Пауновски, кој е осуден за кривично дело “Злоупотреба на службената положба и овластување”, се појавија бројни неправилности за кои Хелсиншкиот Комитет веќе известуваше и преку своите месечни извештаи и со посебни соопштенија за јавноста.

За жал повредите во оваа постапка продолжуваат и понатаму. И на второто поднесено барање за повторување на постапката донесено е Решение, во чие образложение е наведено дека „Во текот на првостепената постапка, со изведување и оценка на сите релевантни докази правилно ја утврдил фактичката состојба, на кое нешто укажува и пресудата на Апелациониот суд Скопје К.Ж. Бр. 1139/07 од 18 и 19 Септември 2007 година, со која првостепената пресуда е потврдена во целост, а двете пресуди биле предмет на преиспитување по повод поднесен вонреден правен лек – Барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда пред Врховниот суд на РМ, кој го одбил како неосновано…”.

Новите докази наведени и приложени кон барањето за повторување на постапката недвосмислено докажуваат дека значителна сума од 2.950.000.00 денари (во 2001 година тоа биле далеку повеќе од триста просечни плати) токму од парите кои на сметката на ХС Компани биле уплатени од Министерството за одбрана, ги присвоил З.С. кој бил сопственик на ХС Компани кога оваа фирма ги добила и склучила двата договори со Министерството за одбрана, и сето тоа без знаење и без волја на Владимир Талески и Љупчо Петковски. Оваа значителна сума првостепениот суд прогласил дека Пауновски и другите осудени ја потрошиле за свои потреби и ги задолжил да ја вратат, а од новите докази јасно се гледа дека тоа не е вистина.

Единствен начин да се проверат овие докази и да се утврди точната фактичка состојба е да се повтори судењето.

Колегите од Транспарентност Нулта корупција дадоа свој придонес во купот правни акти, укажувања, анализи со кои се докажува дека господинот Пауновски бил ускратен за елементарните права на одбрана. Во нивната анализа, како заклучок се нуди констатацијата: “Судот неточно и/или непотполно ги утврдил законските прописи, и соодветно процедурите и околностите за класификација на одредени документи, а искористени како доказ, и поради нецелосно утврдени околности од материјалното право утврдил погрешни заклучоци, втемелени во пресудата.

Поради изложеното постои оправдан сомнеж дека Судот донел пресуда со која не се оправдани и како точни утврдени сите инкриминирачки услови за постоење на кривично дело според член 353 (3) в.в. (1) од КЗ РМ, а исто така не се исклучени повреди на одредбите за правично судење и други одредби од Европската Конвенција за човекови права и основни слободи која е подеднакво валиден извор на правото во Република Македонија.”

Прашањето кое произлегува е како во услови кога сите анализи упатуваат на постоење на повреда на правото, судот не прифаќа ниту еден дополнителен доказ ниту се труди да ги провери наводите за можна повреда. Дали тука се работи за право на фер судење или за нешто друго?

2. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ

2.1. Правдата во случајот на разбојништво во Про-кредит банка

Неодамна од страна на Основен суд Скопје 1 беше изречена осудителна пресуда за обвинетите Малоку Флорим, Тахири Авдиљ, Рустеми Идриз и Тахири Бислим дека на ден 10 Април 2009 година околу 9.30 часот во Скопје во Про-кредит банка во група составена од обвинетите заедно со уште други 5 НН лица сториле кривични дела Разбојништво и Тешки дела против општата сигурност.

Хелсиншкиот комитет за човекови права испрати свои претставници да ја набљудуваат кривичната постапка за случајот, пришто од распитот на обвинетите, распитот на сведоците, изведените писмени докази, се постави прашањето дали навистина е задоволена правдата и целосно расветлен овој случај на разбојништво. Поточно се постави прашањето дали вистинито и наполно се утврдени фактите од важност за донесување на законита одлука, како и дали со еднакво внимание се испитувале и утврдувале како фактите што ги товарат обвинетите, така и оние кои им одат во корист.

Ова произлегува од следниве заклучоци при мониторингот на кривичната постапка: од исказите на поголем дел од сведоците се потврди само она што веќе целокупната јавност и без тоа го знаеше, а имено детален опис на настанот, при што ниту еден од нив не видел лик на ниту еден од сторителите; со исклучок на двајцата заштитени сведоци со прикриен идентитет кои случајно се нашле на „Самоилова“ каде сторителите се движеле при бегство со возилото кога и удриле во друго случајно возило што минувало при што еден од сторителите излегол на кратко и маската му била тргната до висина на челото па при препознавање на фотографии го препознале обвинетиот Тахири Авдиљ, чии искази се контрадикторни со исказот на сведокот – сопственик на удреното возило кој бил поблиску и тврди дека лицето што излегло цело време носело маска; од сведочењето на двајцата полициски службеници, особено на оној кој се здоби со тешка телесна повреда, се потврди само големата неажурност во работата на полицијата, кога на сред бел ден во строгиот центар на градот за целото време на разбојништвото и пукањето не можеле да дојдат на помош други полициски патроли и да интервенираат, оставајќи ги двајцата сами да се справат со десетина наоружани лица.

Судот изгледа воопшто не ги ценел исказите на неколкумината сведоци кои потврдуваат алиби на првообвинетиот Флорим Малоку и негов престој во Косово за критичниот ден, особено и печатот на патната исправа за излез од Република Македонија ден пред критичниот настан со што отворено се поставува прашањето дали судот ги заобиколил фактите кои недвосмислено одат во корист на обвинетите.

Ова дотолку повеќе што единствен доказ во кривичната постапка е вештачењето или како што вели ОЈО криминалистичко–техничка обработка извршено од страна на вешти лица – инспектори при МВР од Оддел за криминалистичка техника, чија законитост во вршењето не е наполно утврдена. Имено, бил составен записник за увид на лице место и пронаоѓање предмети со кои е извршено кривично дело, при што во самото вештачење се наспоменува дека до вештите лица од Одделението за криминалистичко-техничка обработка било доставено барање за вештачење на траги обезбедени од настанот. Поточно, истите го извршиле претресот на возилата, за кој претрес не само што немало наредба од истражен судија, и не само што не биле присутни неутрални сведоци, туку не е составен ниту записник за извршениот претрес (видно од записник од главен претрес за сослушување на вештото лице). За таа цел, од нивна страна се подигнати траги од возилата, подигнати се отпушоци од цигари во возилата, влакна од човечко потекло, извршена е изолација на истите, и анализа со споредбен биолошки материјал доставен од страна на МВР за одредени лица. Според ОЈО станувало збор за пред истражна постапка, оттука истражниот судија бил усно известен за нивно пронаоѓање, па истиот согласно ЗКП му предал на МВР т.е. на Одделот за крим техника вршење на определени работи како пружање помош, поради што истото се смета како криминалистичко-техничка обработка согласно Правилникот за вршење на полициските работи, а не како класично вештачење, што од своја страна го отвора прашањето за степенот на сериозноста во постапување на надлежните органи при прибирањето докази за вакви сериозни и тешки кривични дела.

Не навлегувајќи подлабоко во начинот на вршење на вештачењето, она што е особено симптоматично е фактот што за обвинетите Флорим Малоку и Рустеми Идриз единствен доказ е споредбената ДНК анализа во вештачењето каде е утврдено поклопување на пронајдени ДНК траги во возилата со ДНК профилите на наведените обвинети, а не се доволно испитани наводите за земање брис од усна шуплина од првообвинетиот во два наврати без наредба на судот за таа цел и тоа на ден 13 Април 2009 за друг кривично-правен настан (за кој кривична пријава е отфрлена) и на ден 29 Април 2009 кога истиот е приведен за овој кривично-правен настан. Ова особено загрижува, бидејќи доколку утврдените ДНК траги можат да бидат единствен доказ за осуда на лица за вакви тешки кривични дела, при постоење на поголем број докази кои им одат во прилог, тогаш како е можно во вештачењето, а и на главен претрес да се изјави дека од пронајдените ДНК траги утврдено е и поклопување со ДНК профилите на уште две лица А.Х и А.Е., а овие лица никаде повеќе не фигурираат понатаму во кривичната постапка.

Хелсиншкиот комитет искрено се надева дека Апелациониот суд во Скопје во текот на жалбената постапка, посериозно ќе пристапи кон испитување на законитоста на изведените докази, целовитоста и вистинитоста на утврдената фактичка состојба, особено поради фактот што станува збор за тешки кривични дела со сериозни последици, за кои секако се бара и посериозен пристап од страна на Јавното обвинителство при застапување на обвинителни акти за истите.

2.2. Преседан во судската пракса. Случај на Борис Иштов Стоилков

Согласно Уставот на Република Македонија: „Лице незаконито лишено од слобода, притворено или незаконито осудено има право на надомест на штета и други права утврдени со закон. И Законот за облигациони односи одредува дека: „…за претрпени физички болки, за претрпени душевни болки, повреда на угледот, честа, слободата или правата на личноста… судот ако најде дека околностите на случајот, особено јачината на болките и стравот и нивното траење го оправдува тоа, ќе досуди справедлив паричен надомест…”. Истото ова право е поконкретно утврдено и уредено и со Законот за кривична постапка и тоа во посебна глава под наслов постапка за надомест на штета, рехабилитација и за остварување на другите права на лица неоправдано осудени и неосновано или незаконито лишени од слобода[6].

За жал, во последно време сведоци сме на воспоставување пракса, во случај обвинетите да бидат ослободени од обвинение, а претходно издржувале мерка притвор, Јавниот обвинител да поднесе Барање за заштита на законитоста. Она што повеќе загрижува е воспоставувањето пракса Врховниот суд на РМ при одлучувањето по таквите барања, бидејќи согласно законот не може да ја измени правосилната пресуда на штета на осудениот, со деклараторна пресуда да констатира дека во постапките во кои е донесена правосилна пресуда е направена повреда на материјалното право.

Оваа пракса досега можевме да ја сметаме како мерка на судството за заштита на Буџетот на Република Македонија, со оглед на фактот што при остварување на правото на надомест на штета поради неоснованото лишување од слобода, граѓанскиот суд ја земаше во предвид ваквата пресуда на Врховниот суд како основ за намалување на висината на надоместот, бидејќи како што е општо познато во правото деклараторната пресуда има само декларативен карактер, таа ништо не менува во постоечките воспоставени односи.

Но, Хелсиншкиот комитет за човекови права беше вчудоневиден од Решение на Апелациониот суд во Штип, која несомнено претставува преседан во судската и воопшто во правната практика.

Имено, во постапката на лицето Борис Иштов Стоилков за остварување на правото на надомест на штета поради неосновано лишување од слобода, бидејќи истиот со правосилна пресуда на Апелациониот суд бил ослободен од обвинение, а поминал 98 дена во притвор, Основниот суд во Струмица сосема правилно му досудил одреден надомест за таа цел. По жалба на тужената Република Македонија – Министерство за правда неоспорувајќи го основот на тужбеното барање, туку само висината на досудениот надомест, Апелациониот суд во Штип со решение ја укинал првостепената пресуда и предметот го вратил на повторно судење, наложувајќи му на првостепениот суд да ја цени Пресудата на Врховниот суд по барањето за заштита на законитоста.

Основниот суд во Струмица, притоа, и без оглед на таквата пресуда, која не го негира правото на надомест на штета, бидејќи ослободителната правосилна пресуда е таа која останува во правна сила, повторно и законски сосема правилно досудил надомест но со помала висина од претходно досудениот.

За жал, а истовремено запрепастувачки, Апелациониот суд Штип донел Решение со кое пресудата се преиначува и се одлучува дека тужбеното барање се одбива како неосновано, од причина што тужителот немал право на надомест на штета за времето поминато во притвор бидејќи Врховниот суд со деклараторната пресуда само констатирал повреда на материјалното право.

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија останува без коментар на ваквиот преседан – деклараторна пресуда да може да дерогира правосилна пресуда и многубројни уставни и законски одредби со кои се гарантира правото на надомест за неосновано лишување од слобода. Само ќе го потенцираме став 2 од член 434 од Законот за кривична постапка според кој Ако барање за заштита на законитоста е подигнато на штета на осудениот, а судот ќе најде дека е основано, ќе утврди само дека постои повреда на законот, не засегајќи во правосилната пресуда.

2.3. Противправно лишување од слобода. Случај Злате Трајковски, Скопје

Хелсиншкиот комитет уште во текот на месец јуни 2009 година[7] веќе пишуваше за случајот на Злате Трајковски од Скопје.

Само за потсетување г. Трајковски на 23 Март 2009 година, од пред зградата на Основен суд Скопје 1 – Скопје Злате бил приведен од страна на полициски службеници без судски налог и потоа однесен во непознат правец. По одреден временски период Злате бил однесен во КПУ “Идризово” – Скопје, а по 23 дена бил префрлен во психијатриската болница во Демир Хисар со образложение дека треба да ја одлежи судски определената казна во кривична постапка заведена под К. бр. 57/00. Со истата пресуда на тогаш обвинетиот Злате Трајковски му било одредена мерка на безбедност “Задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа” во траење од 1 година. Истата мерка г. Трајковски ја има одлежано, за кое нешто има и отпусно писмо издадено од Психијатриската болница во Демир Хисар.

Од преземените мерки и дејствија уште тогаш Хелсиншкиот комитет алармираше за можноста дека г. Трајковски бил спротивно на законот лишен од слобода, затоа што добиените одговори од судот и Секторот не соодветствуваа меѓу себе во делот на преземените мерки и дејствија од страна на двете институции, односно Судот издал упатен акт, но не и наредба за спроведување, а припадниците на полицијата го привеле г. Трајковски и го спровеле во затвор.

Во меѓувреме Хелсиншкиот комитет повторно се обрати до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди и побара да биде известен за клучниот момент, односно врз основа на што – каков акт припадници на полицијата извршиле приведување на г. Злате Трајковски и негово спроведување во затворот. Со истиот допис беше побарано да бидеме известени за лицата кои учествувале во акцијата за приведувањето на г. Трајковски, какви мерки и дејствија се или ќе бидат преземени против истите, кои очигледно работеле своеволно и спротивно на законските прописи.

Хелсиншкиот комитет од страна на Секторот доби одговор (кој не соодветствува со претходниот нивен одговор[8] од 29 Мај 2009 година) дека горенаведениот ден г. Трајковски “заради проверка на оперативни сознанија, бил легитимиран, истиот не поседувал лична карта со себе, по што бил приведен во Полициска станица Гази Баба заради утврдување на идентитет и проверка на оперативните сознанија. При прегледот на лицето бил пронајден упатен акт за издржување на казна затвор каде било наведено дека истиот треба да се јави на издржување на казна затвор во траење од една година во КПУ Идризово.”

По целосното расчешлување на предметот, Хелсиншкиот комитет констатира дека има елементи да се поднесе кривична пријава за кривично дело Грабнување и Противправно лишување од слобода против припадниците на полицијата кои постапиле своеволно и противзаконито.

2.4. Не-”ефикасноста” на системот. Случај Златко Илиевски

„Стабилноста на институциите, развојот на демократијата, владеењето на правото, заштита на човековите права и слободи, хармонизацијата на домашното законодавство со acljuis communautaire и ефикасното функционирање на институциите на државата се услови кои треба да ги исполниме на патот кон пристапувањето во заедничкото европско семејство” – се вели во Стратешкиот план на Министерството за правда 2008-2010, а особено дека: „Министерството за правда како еден од клучните носители на реформските активности посебно внимание посветува на исполнување на зацртаните стратешки цели”.

За таа цел, Министерството за правда е должно да обезбеди општи услови за остварување на основната функција на правосудниот систем, негова реформа, а со цел создавање на ефикасен систем за остварување на човековите права и слободи и нивна заштита.

Понатаму, се вели во стратешкиот план: „При утврдување на своите стратешки приоритети и цели Министерството за правда пред се ги имаше во предвид утврдените стратешки приоритети на Владата на Република Македонија во 2008 година, меѓу кои се сите горе наброени: Ефикасен, независен и професионален правосуден систем, Владеење на правото, Заштита на правата на граѓаните, Зголемување на довербата на граѓаните во судскиот систем, Зголемување на ефикасноста на судовите, Воспоставување на ефикасен систем на државна управа …

За какви реформи зборуваме веќе години наназад во стратешкиве планови, имајќи го во предвид континуираното зголемување на бројот на претставки во кои граѓаните го изразуваат своето незадоволство од работата на судството, а особено поради непотребното одолговлекување на постапките по вина на судиите, но и по вина на останатите државни органи кои се должни да постапуваат по барања на податоци од судовите за потребите на постапката.

Па доколку се има предвид дека овие државни органи лежерно се однесуваат спрема ваквите барања кои ги добиваат од судовите, а на кои согласно законот се обврзани да одговорат, а од друга страна, доколку се има во предвид и лежерноста на судиите поради непостапувањето на органите по нивните барања, а сето тоа на штета на интересите на странките, сериозно се поставува прашањето дали станува збор за реални можности за пристапување кон заедничкото европско семејство, доколку ефикасноста и на судството и на администрацијата оди во надолна линија?

Така, во предметот на Златко Илиевски кој се води пред Основен суд Скопје 2 и неговите наводи за неоправдано одолжување на постапката, судот во својот одговор на дописот од Хелсиншкиот комитет не известува: последно рочиште било одржано на 16 Октомври 2008 година од причина што судот донел решение од катастарската евиденција да се побара скица од извршен премер на станбениот објект кој бил предмет на постапката. За таа цел, судот со писмени дописи од 13 Ноември 2008 и 13 Февруари 2009 година се обратил до Агенцијата за Катастар на недвижности, Центар за катастар на недвижности Скопје. Со оглед дека не било постапено по барањата, судот со писмен допис од 22 Септември 2009 година повторно се обратил, со напомена најитно да се достават бараните податоци бидејќи во тек била постапка, а во интерес на правилно утврдување на фактичката состојба и донесување правилна одлука. Воопшто не било важно што претходно судот си почекал речиси цела година за повторното обраќање и без оглед на должноста на државните органи да постапат по истото. По ова, на Агенцијата за Катастар на недвижности и требале уште дополнителни 5 месеци и на 18 Јануари 2010 година до судот ги доставила бараните податоци.

Законот предвидел дека судот ако се сомнева во автентичност на одредена исправа, да може да побара за тоа да се изјасни органот, односно институцијата од која би требало да потекнува таа[9], како и доколку треба да се прибават списи, исправи или предмети што се наоѓаат кај некој друг државен орган, орган на државната управа, орган на единица на локалната самоуправа … судот ќе нареди тие списи, исправи, односно предмети да се прибават[10]. Но не предвидел кој ја носи одговорноста при не постапување на државните органи, кои се последиците по надлежните службени лица во конкретниов случај што странката морала да чека година и половина за една скица?

Приклучувањето кон европското семејство сигурно нема да оди така лесно кога законот во секој случај ги санкционира и малите пропусти на граѓаните кои се страни во постапките дури и за случај на пропуштање на рочиште, оставајќи ги незаштитени и во оние случаи каде вината лежи во неодговорноста на државните органи и службени лица, па и на судовите. Одговорноста и изрекувањето санкции и на грбот на државните органи, а не само на граѓаните, е предуслов за зголемување на ефикасноста на целокупниот систем.

3. ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА

3.1. Ограничување на правото на сопственост. Случај М.А. од Скопје

Хелсиншкиот комитет доби писмено обраќање од страна на лицето М. А. од Скопје, која не извести дека била сопственик на недвижен имот запишан во КО Волково. Во текот на 2005 год., Фондот за магистрални патишта – Скопје до Министерството за финансии поднела предлози за експропријација – одземање од владеење. Во предлогот било наведено експропријација на земјиште и одземање од владеење сопственоста на М.А. во КО Волково заради изградба на Северната обиколница на град Скопје. Заради истото надлежниот орган во текот на 2004 и 2005 год. донело решенија за експропријација на недвижноста.

Поради несогласување со понудената цена, била заведена вонпроцесна постапка која на крајот завршила со спогодба склучен на ден 12 Јули 2006 година. М.А. била известена дека во нејзина сопственост остануваат уште 581 м2, кои на нејзино барање можеле да се доземат.

Во текот на 2008 година М.А. посакала да го продаде и преостанатиот дел од имотот, за кое нешто имал и купувач, но истото не можело да го изврши, само заради фактот, да во имотен лист стоело дека се уште е сопственик и на делот кој бил веќе претходно експроприран. Од друга страна со не запишувањето на настанатите промени во катастарската парцела М.А. е ограничена во реализација на други права предвидени во Устав и законски прописи (како на пример продажба на имотот). Заради расчистување на настанатата ситуација М.А. се обратило до Агенцијата за катастар на недвижности за регулирање на имотната состојба, односно спроведување на склучената спогодба од 2006 година, каде наводно и било кажано дека такво нешто единствено може да побара Фондот и доколку истите достават документи, а не по барање на странката.

Хелсиншкиот комитет се обрати и до Агенцијата за државни патишта од каде побара да биде известен за причините поради кои од нивна страна не се доставени склучените спогодби, кои и те како се спроведени и практично реализирани, а кое нешто сега провлекува ново ограничување на определено право кон М.А.; и до Агенцијата за катастар на недвижности од каде побаравме да бидеме известени за причините поради кои на странката не и било овозможено запишување на промените на недвижноста право законско предвидено во член 135 од Законот за катастар на недвижности.

Со дополнет допис на катастар му беа доставени дополнителни податоци, на кое добивме повратна информација да “согласно Законот[11] за катастар на недвижности, кон пријавата треба да се достави и правниот основ, а зависно од промената и геодетски елаборат ….. плаќање на соодветна такса согласно тарифникот.“ Агенцијата за државни патишта не извести дека “по службена должност ги доставува Спогодбите до катастар заради извршување на промени во катастарските книги.“

Хелсиншкиот комитет по преземените мерки и дејствија ја упати странката да се обрати до катастар за запишување на промените на недвижноста.

Останува нејасно каде е проблемот, дали во катастар или во државни патишта! Во секој случај Хелсиншкиот комитет очекува дека Агенцијата за катастар на недвижности ќе ги зема предвид доставените документи од страна на Агенцијата за државни патишта како и дополнителните документи кои ќе и бидат побарани на странката и ќе се спроведе запишување на промени на недвижноста во книгата за недвижности. Со ваквото постапување сите странки ќе бидат задоволни како краен резултат на постапката.

——————————————————————————–

[1] ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК (Сл. Весник на РМ бр.114/09 од 14.09.2009)

Споредни казни Член 96-б – „ Под услови определени со овој законик судот, кога ќе оцени дека правното лице ја злоупотребило својата дејност и дека постои опасност во иднина да го повтори делото, може да изрече една или повеќе од следниве споредни казни:

… 6. привремена забрана за вршење на одделна дејност; 7. трајна забрана за вршење на одделна дејност и 8. престанок на правното лице“.

Услови за изрекување на споредни казни Член 96-в – „ … 4) Ако при вршење на дејноста на правното лице е извршено кривично дело за кое за физичко лице е пропишана парична казна или казна затвор до три години, а од начинот на извршување на делото произлегува опасноста од повторно вршење на такво или слично дело, судот ќе изрече привремена забрана за вршење одделна дејност во траење од една до три години заедно со паричната казна. 5) Ако е извршено дело за кое за физичко лице е пропишана казна затвор од најмалку три години, а од начинот на извршување на делото произлегува опасност од повторно вршење на такво или слично дело, судот ќе изрече трајна забрана за вршење одделна дејност од дејностите што ги врши правното лице заедно со парична казна. 6) Судот ќе ја изрече казната од ставот 5 на овој член и кога е извршено кривично дело по претходна правосилна пресуда со која на правното лице му е изречена привремена забрана за вршење дејност. 7) Ако е извршено дело за кое за физичко лице е пропишана казна затвор од најмалку пет години, а од начинот на извршувањето на делото произлегува опасност од повторно вршење на такво или слично дело, судот ќе изрече казна престанок на правното лице заедно со паричната казна.

[2] https://www.mhc.org.mk

[3] член 147, став 2 а вв со членовите 146, 148 и 150

[4] Жалбата е одбиена како неоснована согласно член 138 став 1 алинеја 11 од Законот за радиодифузна дејност и член 46 од Статутот на ЈП МРТ

[5] Согласно член 26 став 1 точка 5 од Законот за управните спорови

[6] „Право на надомест на штета поради неоправдана осуда има лицето спрема кое била правосилно изречена кривична санкција или кое е огласено за виновно а е ослободено од казната, а подоцна по повод вонреден правен лек новата постапка правосилно е запрена или со правосилна пресуда е ослободено од обвинението или обвинението е одбиено“. „Право на надомест на штетата му припаѓа и на лицето, кое: 1) било во притвор а не дошло до поведување кривична постапка или постапката е запрена со правосилно решение, или со правосилна пресуда е ослободено од обвинението или обвинението е одбиено; 2) издржувало казна лишување од слобода, а по повод повторувањето на кривичната постапка, барањето за заштита на законитоста или барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда му е изречена казна лишување од слобода во пократко траење од казната што ја издржал, или му е изречена кривична санкција која не се состои во лишување од слобода или е огласено за виновно, а е ослободено од казната; 3) поради грешка или незаконита работа на органот неосновано или незаконито е лишено од слобода, или е задржано подолго во притвор или во установата за издржување на казната или мерката и 4) во притвор поминало подолго време отколку што трае казната затвор на која е осудено.

[7] www.mhc.org.mk/juni2009

[8] Секторот преку дописот не известува дека на горенаведената дата полициски службеници постапувајќи по упатен акт КП бр. 229/07 од кривичниот суд во Скопје од 22.01.2009 год. лицето Злате Трајковски го привеле во ПС Гази Баба, а потоа го спровеле во КПУ “Идризово“. Овој одговор пак не соодветствува со одговорот добиен од страна на Основен суд Скопје 1 – Скопје, кои не спорат дека било издадено упатен акт, но за судот останало нејасно зошто осудениот од страна на МВР бил спроведен во КПУ ИДРИЗОВО без да биде издадено наредба за негово спроведување.

[9] Член 215 од Закон за парнична постапка

[10] Член 217 и Член 272 од Закон за парнична постапка

[11] член 135, 143, 164 и 165